Според турскиот шеф на државата, тоа претставува „катастрофа на векот“. Со десет погодени провинции, десетици илјади мртви, вклучувајќи илјадници невозможно да се идентификуваат, речиси два милиони бездомници, од кои некои останаа без помош и неколку дена, цели населби уништени и многу јавни инфраструктури тешко оштетени, двојниот земјотрес од 6 февруари навистина е катаклизма од невидени размери. Но, надвор од хуманитарната вонредна состојба, оваа катастрофа го покренува и прашањето за политичката одговорност на претседателот, како и за идното дипломатско влијание на неговата земја. Неколку месеци пред клучните законодавни и претседателски избори, овие избори сега добиваат една сосема друга димензија.
На власт уште од 2003 година и со голема желба, некако да добие уште еден мандат, Реџеп Таип Ердоган ги има сите причини да се плаши од пораз. Повеќе од кога и да е, тоа ќе го доведе реисот и неговите блиски соработници на одговорност за бројните повреди на правната држава извршени во текот на изминатите десет години, заедно со обвинувањата за изборна измама и висока корупција. „Ако изгуби на изборите, Ердоган многу добро знае дека ќе мора да се соочи со Високиот суд на правдата за предавство и малверзации“, анализира Бајрам Балчи, научен соработник во Центарот за меѓународни истражувања (ЦЕРИ).
Пред 6 февруари, и покрај неколкуте анкети кои му предвидуваа пораз од неговите главни ривали, Републиканската народна партија (ЦХП, центар-лево, секуларна), сè не испадна толку лошо. Секако, поради економската криза и годишната инфлација која достигна повеќе од 80 отсто, неговите ветувања пропаднаа. Ветувањата вклучуваат издигнување на Турција на една од првите десет економии во светот во 2023 година и до 25.000 американски долари по жител според бруто домашниот производ (БДП), кој падна за 1.903 американски долари во текот на изминатата деценија на 9.327 американски долари, додека Турција сега е само 20-та најголема економска сила во светот. Но, Ердоган сè уште може да се надева дека ќе изнесе неколку аргументи во своја корист. Со обврската во септември 2022 година да изгради 500.000 социјални станови, а потоа четири месеци подоцна да го објави зголемувањето на минималната плата за 50%, тој доби неколку дополнителни поени на анкетите. Друга популарна мерка е укинувањето на ригидната законска старосна граница за пензионирање, која досега ги спречуваше речиси два милиони турски работници, кои целосно ги платиле социјалните придонеси, да го остварат своето право на пензија.
Критикувана од западњаците, неговата агресивна надворешна политика, на Кавказ или во Африка, заедно со бомбардирањата во северна Сирија против курдските автономистички милиции, сепак претставуваше еден широк консензус во Турција, вклучително и со опозицијата – за исклучување на Народната демократска партија (ХДП, лево, курдски автономисти). Консензуална беше и одлуката да се вратат дома илјадници сириски бегалци, вчера „гости“ – a сега сосема непожелни.[i] Конечно, во контекст на војната меѓу Москва и Киев, Анкара одбива да примени санкции против Русија и го користи тоа за да добие пазарен удел во оваа земја на големо задоволство на турскиот гласач.
Играта можеби беше комплицирана, но до земјотресот, Ердоган можеше да верува во своите шанси.
И сега што? Двојниот земјотрес веќе има катастрофален ефект врз турското општество. Тринаесет милиони луѓе претрпеа директни последици во погодените провинции, додека целото турско население остана залепено за телевизиски канали со пренос во живо, и 24 часа на ден, со операции за пребарување и спасување, како и апели за донации.
Два дена по катастрофата, претседателот на Републиканската народна партија (ЦХП, опозиција, центар-лево), Кемал Киличдароглу, објавува мрачно и формално видео – во кое го изразува своето „сочувство“ за жртвите, ја осудува „неспособноста“ на властите да управуваат со земјата и нивната практика на „дезинформации“. „Ако има едно големо лице одговорно, тоа е Ердоган“, заклучува тој. „Дваесет години оваа влада не ја подготвуваше земјата за земјотрес.“ Овој фронтален напад е радикална промена: лидерот на ЦХП отстапува од принципот на национално единство што неговата партија систематски го применуваше во последниве години по повод нападите, надворешните турски воени операции, неуспешниот пуч од 15 јули 2016 година, како и исфрлањето на курдските пратеници на ХДП од турскиот Парламент.
„Со започнувањето речиси веднаш на дебатата за справувањето со кризата, хиперцентралноста на системот, фаворизитизмот и бавноста за испраќање војска, опозицијата беше многу реактивна“, забележува географот и турколог Жан-Франсоа Перус. „Екрем Имамоглу, градоначалникот на Истанбул, веднаш излезе на терен. Во местото Хатај, ограноците на ЦХП од другите градови кои веднаш дојдоа да помогнат на своите настрадани локални членови – покажаа примерна ефикасност, тие речиси ја заменија државата за да го организираат спасувањето и да ја вратат инфраструктурата во работна состојба.“
Во затвор повеќе од пет години, поранешниот копретседател на Народната демократска партија (ХДП, лево,[ii] курдски автономисти), исто така, го обвини турскиот претседател за оваа голема трагедија. Селахатин Демирташ го обвини Ердоган дека ја прикрива сеопфатната и опасна политика на брза и лесна урбанизација кога ги прекрши антисеизмичките норми утврдени со законот донесен во 2007 година.
Предизвикот за актуелниот претседател сега е да се обиде да ја заборави својата политичка одговорност, за да се појави како „спасител“, „голем организатор“ на помошта и реконструкцијата на земјата. Само тогаш може да се надева дека ќе победи на следните избори. И тоа е оската на неговата војна на комуникација во која тој ги мобилизира сите средства на државата.
На теренот, тој прво ја евоцира раката на судбината, фаталноста против која поединецот не може да направи ништо, пред да препознае „празнини“ во одговорот бидејќи „невозможно е да се биде подготвен за таква катастрофа“. Потоа, набрзина беа издадени налози за апсење против неколку градежни инвеститори и изведувачи на работите, во импровизиран обид – да се обвинат другите за големата трагедија. Всушност, не е едноставно да се утврди ова и може да се бара на локално ниво што ги дозволило овие слаби градби. Додека 40% од станбениот фонд изграден по 2000 година бил наполно уништен, според Перус, зградите изградени од турската Дирекција за колективно домување (ТОКИ, според турскиот акроним Toplu Konut İdaresi Başkanlığı), владината агенција задолжена за социјални станови, издржале доста добро.
Паралелно со овие апсења, турскиот претседател најави распределба на додаток од 10.000 турски лири (494 евра) на секое засегнато семејство и испорака на нови станови „во рок од една година“ на оние чија куќа е уништена. Нереално ветување, според неколку набљудувачи, вклучително и Сунан Улген, директор на ЕДАМ, независен аналитички центар со седиште во Истанбул, кој смета дека е невозможна „замена на 250.000 погодени објекти“ за толку кратко време.
И покрај организацијата на националната кампања на донации, која многу ја објавуваа јавните канали, Анкара брзо реши да апелира за итна меѓународна солидарна помош. Одговорија повеќе од осумдесет земји, меѓу кои САД и неколку европски земји, но и Грција, Ерменија и Израел со кои односите се напнати.
„Тоа е психолошки курцшлус што го доживува турското јавно мислење, дотогаш хрането со мегаломанскиот наратив кој ја претставува големата и моќна Турција, маргинализирајќи ја Франција во Африка, играјќи ја улогата на посредник меѓу Западот и Русија и која, сега, преку ноќ, зависи од меѓународната помош“, забележува Жил Доронсоро, професор по политички науки, на универзитетот Париз 1 Пантеон-Сорбона.
Само малку аналитичари веруваат дека оваа отвореност за меѓународна помош ќе предизвика импулс поволен за Ердоган. Набљудувајќи ја посетата на американскиот државен секретар Антони Блинкен на Турција на 19 февруари, поранешниот амбасадор Мишел Дуклос ќе забележи: „Турција е ослабена, па ќе мора да вложи дополнителни напори. Вашингтон може да побара од неа, на пример, да престане да ја игра играта на Русија.“ САД, исто така, би можеле да ѝ предложат на Анкара да интервенира кај Азербејџан за да ја укине блокадата на коридорот Лачин, што ја поврзува Ерменија со спорниот регион на Нагорно Карабах. Всушност, без разлика дали се работи за ситуацијата во Либија или во Егејското Море, списокот е долг на точки на фрикција кои, сега, дипломатијата на „депрем“ (земјотресот) и новата рамнотежа на силите што таа ја подразбира, би можеле да помогнат да се решат.
Европската унија најави донаторска конференција која, иронично, ќе биде организирана во рамките на шведското претседателство со ЕУ, земја-кандидатка за НАТО, чие пристапување Турција го блокира, на огромно задоволство на Русија. Нормализацијата на односите со Сирија, за која Владимир Путин наголемо го притиска својот турски колега, може добро да ја плати цената. Сепак, аналитичарот Герет Џенкинс советува да не се избрзува со заклучоци: „Агресивната надворешна политика на Ердоган направи пауза поради земјотресот, што не значи дека тој дефинитивно се откажал од истата како таква“. „Не заборавајте дека Ердоган е шампион на мултиполарното поврзување, на „неформалната брачна заедница“ што го заменува „традиционалниот дипломатски брак“, анализира Бертранд Бади, редовен професор на универзитетот Сианс По. „На тој начин тој ги има потребните ресурси за управување, толкување и водење на политиката за меѓународна помош на кој е изложен.“
Катастрофата од големи размери сè уште ги отежнува вербалните ескалации со Израел или Грција. Ипсо факто, оценува Улген, „изборната кампања ќе се фокусира многу помалку на меѓународната, а многу повеќе на внатрешната ситуација“. Бидејќи перспективите за избори се таму, како опседнатост за Ердоган, чиј втор мандат завршува веќе во јуни 2023 година. Дали тие ќе бидат предвидени за 14 мај, како што најави самиот турски претседател – но пред земјотресот? Или ќе се одржат на првично закажаниот датум за 18 јуни? Може ли да ги одложи изборите за една година, како што некои од неговите блиски соработници, сега го советуваат? Опозицијата е цврсто против. Уставот го дозволува ова само во случај на војна – но по одобрување од парламентот. И, во секој случај, уставната реформа од 2017 година му забранува на реисот да се кандидира за трет мандат, освен ако Националното собрание не се распушти пред јуни… за што би биле потребни 360 гласови, многу повеќе од 335-те на кои може да смета самиот Ердоган.
„Не е во негов интерес, премногу да се одложува датумот на изборите“, оценува аналитичарот Балчи. „За неколку месеци ќе видиме уште повеќе неуспеси во справувањето со кризите, пропусти исто така и неможност да се задоволат сите“. Уште повеќе што и онака лошата економска ситуација не се очекува да се подобри. Овој двоен земјотрес веќе би предизвикал земјата да загуби 84 милијарди долари и би требало да ја чини турската економија два поени раст. Но, експертите, како Бади, сметаат дека претседателот е способен да се опорави: „Тој може да ја направи оваа катастрофа повод за самопромоција, за да тврди дека не смееме да го менуваме капетанот кога бродот прима вода. Тој совршено знае како да ја одигра оваа улога, да изгледа сочувствително, да ја препознае својата слабост, и да ги казни виновните. И лојалниот, народен и популистички електорат на Ердоган може да биде доста чувствителен на вакво нешто.“ Доронсоро, од своја страна, не верува во ефикасноста на патриотскиот наратив: „Турција е вратена на нејзините проблеми, со инфлацијата надвор од контрола, со неефикасна држава, со дослух на властите со градежните изведувачи. Ниту Ердоган, ниту неговиот политички сојузник МХП (екстремно десничарски националисти), не изгледаат способни да профитираат од националистичкиот бран. Запомнете дека и опозициската коалиција може добро да игра на ова карта!“
Ердоган можеби е во искушение да ги одржи изборите во услови на вонредна состојба, и покрај фактот што стотици илјади луѓе кои живеат во областите погодени од двата земјотреси немаат пристап до гласачко место или ги изгубиле своите лични карти. Тој веќе воспостави голема изборна машинерија способна да го фаворизира. Во егзил, Ченгиз Актар, професор на Универзитетот во Атина, зборува за назначувањето на единаесет прорежимски судии во Врховниот изборен совет (ЈСК) и други судии не помалку пристрасни да претседаваат со изборните комисии; можноста за одбивање во последен момент на кандидатите, оставајќи одредени изборни единици без кандидат; постапката за забрана на партијата ХДП; отворањето на судски процес против градоначалникот на Истанбул, од партијата ЦХП, Екрем Имамоглу, главниот ривал на претседателот на Турција. За пребројувањето на гласовите, заклучува професорот Ченгиз Актар, „Изборниот совет соработуваше со компанија која припаѓа на Фондацијата на турските вооружени сили, специјализирана за одбрана и софтвер, Хавелсан; и нема да има можност за поднесување жалба на одлуките на Советот.“
Оваа рамка и мобилизацијата на безбедносниот апарат – полицијата и локалните исламско-националистички милиции, а не армијата – можат да направат Ердоган повторно да биде избран. Но, трите столба на неговиот политички проект, сепак, се потресени од земјотресот: кредибилитетот на државата, агресивната надворешна политика и економскиот успех.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] Ariane Bonzon, « Ces indésirables réfugiés syriens », Le Monde diplomatique, V/2020.
[ii] Selahattin Demirtaş, « L’homme qui se prend pour un sultan », Le Monde diplomatique, VII/2016.