Социјална помош, но пред сè без зголемување на платите. Ова може да послужи како наслов на законот за куповна моќ, предложен од владата назначена од Емануел Макрон и изгласан во јули од пратениците на претседателското мнозинство, десничари, речиси сите од партијата на Националното собирање (78 од 89). Доаѓајќи од функционери кои никако не престануваат да ја пцујат социјалната држава и го имаат само зборот „работа“ на усните, идеолошкиот пресврт не е без пикантерии… барем по изглед.
Со инфлацијата која се зголеми високо (6,8 отсто очекувано за оваа година), особено за основните потреби, со куповната моќ на платите која падна за 3 отсто годишно[i] и со движењето на „жолтите елеци“ во сите сеќавања, претседателот Макрон не можеше да остане неактивен.
Тој можеше да го започне својот втор петгодишен мандат со значаен гест, барајќи од Парламентот да ја врати индексацијата на платите, дозволувајќи им да се зголемуваат со иста стапка како и цените. Инициран во 1952 година од Антоан Пинај – десничар – законот што ја воспоставуваше оваа практика траеше до 1982 година, кога Франсоа Митеран и мнозинската социјалистичка влада го фрлија во кошот. Не беше совршено и често на платата и требаше долго пред да биде покачена. Но, генерално, ги заштити вработените. Економистот Ален Кота, познат експерт и промотор на ортодоксната економија, исто така, ќе го опише неговото укинување како „Дон Делор“ (од името на моќниот министер за економија) за работодавците.[ii] Ова убиство ќе звучи како почеток на нова распределба на произведеното богатство, во корист на профитот и на штета на платите. Учеството на второто во додадена вредност падна од 74,1% во 1982 година на 63,5% во 1998 година. Потоа, ќе доживее мали поместувања нагоре и надолу, но никогаш нема да се врати на врвот од 1982 година и ќе достигне 65,4% во 2019 година.[iii]
Наместо тоа, Макрон претпочиташе кошница со мерки со кои се избегнуваше секаков општ раст на платите. Единствен исклучок се државните службеници, чиј индекс за пресметување на нивните плати е зголемен за 3,5 отсто. Ревалоризацијата, далеку под инфлацијата во годината, треба да се релативизира; особено овој индекс е блокиран од 2010 година (освен кратко за 2016-2017 година). Земајќи го предвид порастот на цените, таа изгуби 17,6 отсто од својата вредност за 22 години.[iv] Со други зборови, државен службеник кој добил 1.000 евра во 2010 година сега добива само еквивалент од 820,40 евра. Затоа, изненадува што веќе нема доволно медицински сестри или наставници во Франција – кои се меѓу најниско платените во Европа.
Се чини дека Франција не може да стори нешто повеќе. Министрите и колумнистите нѝ објаснуваат – со точниот износ на интонација во нивните гласови за да ја пренесат огромната сума вклучена – дека ова „историско“ зголемување ќе чини неверојатни 7,5 милијарди евра. Чудно, ниту еден глас не е кренат за да се дознае што значи, на пример, намалувањето на даноците за производство за претпријатијата објавено од страна на премиерката Елизабет Борн за време на нејзиниот општ политички говор пред Националното собрание на 6 јули 2022 година: 8 милијарди евра. И никој не се запрашува за користењето на овој неочекуван финансиски подарок.
Претседателскиот пакет затоа вклучува некои тарифни „штитови“ (кирии, гас и сл.). Владата наметнува намалување на цената на бензинот за литар за 30 центи до крајот на октомври и 10 центи намалување за следните два месеци, но владата не ги допира индиректните даноци индексирани за цените на пумпата, ниту пак супер-профитите собрани од нафтените компании. Го ограничува зголемувањето на тарифите за електрична енергија на 4% до крајот на годината, но го принудува Електростопанството на Франција (ЕДФ) да снабдува 40% од своето евтино производство на своите конкуренти, наместо да го пренесува на крајните корисници.
Ги зголемува за 4% основните пензии кои изгубиле 1,1% од куповната моќ само во 2019 година, како и општествената одговорност на претпријатијата главно платена од локалните власти. Што се однесува до персонализираната социјална помош за домување (ПХА), таа се зголемува за 3,5 отсто, но ова не ги надоместува – далеку од тоа – „10 милијарди евра заштедени на штета на најсиромашните,“ откако Макрон дојде на власт, како што потсетува фондацијата Абе Пјер во својот годишен извештај за домувањето на сиромашните.[v]
За останатите, Макрон ја обновува операцијата од 2018 година, на крајот од движењето на „жолтите елеци“, охрабрувајќи ги работодавачите да платат бонус – сега убаво наречен „споделување на вредноста“. Високо профилираното соопштение за неговото тројно зголемување (3.000 евра) многу наликува на погрешно рекламирање; просечниот износ што всушност го добиле 15-те милиони вработени (од вкупно 27 милиони) кои го искористиле ова социјално право во 2019 година не надминал 542 евра, нешто повеќе од половина од износот што тогаш бил одобрен. Одлуката за дополнително продолжување на даночното ослободување за прекувремена работа и за работни часови наместо намаленото работно време е исто толку само една мистификација.
Очигледно, кога се соочувате со тешкотиите на крајот од месецот, може да бидете во искушение да си кажете себеси дека „тоа е подобро од ништо“. Сепак, овие мерки маскираат едно ново социјално назадување. Најочигледната се однесува на слободното време, бидејќи сега вработените се охрабруваат да ги разменат своите слободни денови за малку пари. Не е потребен нуклеарен физичар, за да се сфати дека оваа „монетизација“ првенствено ќе ги погоди работниците со слаба плата, кои честопати се оние кои ги извршуваат некои од најтешките физички работи. Вака суптилно се заобиколува законот за 35-часовна работна недела, кој никогаш не го свариле работодавачите, а со Макрон претставувајќи се како „претседател загрижен за малите луѓе“.
Уште поподмолно е систематското користење на бонусите. Официјално, овие мерки не можат да бидат замена за зголемување на платите. Во реалниот живот, тие ги заменуваат. Сепак, тие зависат од добрата волја (или способноста) на работодавачот и затоа не се одржливи. За вработените, тие не создаваат никакви права и се исклучени од пресметката на боледување или породилно отсуство, старосни пензии или надоместоци за невработеност. Истите претставуваат значителна загуба на приходи за системот за социјално осигурување и за самата државата. Тоа покажува дека може да се биде загрижен за долгот, а сепак да се одржуваат дефицити.
Ова важи и за бонусите за споделување на профитот (без придонеси, по дефиниција), а кои сега можат да ги распределат малите и средни компании. Не заборавајќи, се разбира, на прекувремената работа чии социјални и даночни ослободувања постојат од 2019 година, а Макрон ја врати мерката воведена од претседателот Никола Саркози (2007-2012) и отстранета од неговиот наследник Франсоа Оланд. Оваа „великодушност“ на грбот на јавната каса имаше за цел да маскира уште еден подарок понуден на работодавачите неколку месеци порано, за време на „работните уредби“: пониското наградување на прекувремената работа чие зголемување падна на 25 отсто, па дури и на 10 отсто по договорот со компанијата, наместо на 50 отсто (за првите осум часа). Системот е сè уште на сила, но, дополнително, олеснувањето се однесува и на придонесите платени од работодавачот.
Ова е глупава зделка за огромното мнозинство од населението бидејќи овие повторени ослободувања, проширени годинава на самовработените, ги зголемуваат дефицитите на системите за социјално осигурување и осигурување во случај на невработеност. „Дупки“ кои ќе бидат надоместени со намалувањето на бенефициите со непресметливи последици за семејствата, особено за оние со најниски примања. Накратко, владата утре ќе си го земе назад она што го признава денеска.
Тенденцијата трае веќе подолго време. Првите ослободувања од давачките за работодавачите се појавија на сцена уште во 1993 година, благодарение на многу конзервативниот Едуар Баладур, тогашен шеф на владата. Оттогаш, единаесет премиери и четворица претседатели на Републиката – лево и десно – се наредија на своите функции. Иако некои се откажаа, сепак никој не го промени трендот. Дотолку повеќе што од сега, работодавачот веќе дефинитивно не плаќа никакви придонеси за минималната плата како таква, со исклучок на осигурувањето од незгода на работно место, чиј износ зависи од секторот. Затоа, слободно може да се заклучи дека зголемувањето на овие плати – нема да ги остави претпријатијата без работа. Тоа никако. Како и претходните тринаесет, и четиринаесеттиот извештај на „комитетот на експерти“ (кој не вклучува синдикалист или дури и малку неортодоксен економист) заклучува – дека ова ќе ја загрози француската економија. Подобро, во овие времиња на инфлација, предлага да се стави крај на „автоматскиот механизам на индексација“ на минималните плати, единствениот кој сè уште постои како таков. Предвидувајќи бран на „сиромашни кои работат“, тој сугерира да се смета на бонусот на активноста. Уште една, измислена мерка од Оланд, за „официјално да ги охрабри луѓето да прифатат или да задржат работа“, дури и ако е нископлатена. Пред сè, ги охрабри работодавците да понудат екстремно ниски плати и нетипично работно време, што првенствено ги погодува жените.
Засега, минималната плата останува, за среќа, индексирана според цените и нивото на просечната плата. Сепак, ова е многу слабо во споредба со многу европски земји со споредлив бруто домашен производ. Во април 2022 година (последната европска статистика), на ниво од 1.603 евра бруто, беше под онаа на Луксембург (2.257 евра), Ирска (1.775 евра), Холандија (1.725 евра), Белгија (1.658 евра), па дури и Германија (1.621 евра), која воведе минимална плата само пред неколку години.[vi] Таа се зголеми незначително на 1 август, но останува пониска од онаа на Обединетото Кралство, малку познато по својот социјален напредок.
Згора на тоа, газдите се чувствуваат толку силни покрај ослабените синдикати што воспоставија скали за плати со основни индекси (т.н. конвенционална минимална плата) под минималната плата. Во 2020 година, 16% од професионалните гранки биле во ваква ситуација. Во 2022 година, тие се дури 70%! Точно е дека работодавачите не можат да плаќаат плата под минималната плата, но тие блокираат каква било еволуција (поврзана со стаж или мала квалификација), додека промените на индексот не дозволат да се достигне нивото на минималната плата. На тој начин, сведоци сме на непочитување на хиерархијата на платите: од дното со договорните минимуми кои се премногу ниски и од врвот, ако може да се напише, со неуспехот да се пренесе еволуцијата на минималната плата на целата скала.
Вкупно, половина од вработените во приватниот сектор и јавните претпријатија заработуваат помалку од 2.005 евра нето месечно, а 80 отсто помалку од 3.000 евра нето – сите се предмет на намалување на придонесите од работодавачите, со што се намалува до 2,4 пати минималната плата.[vii] Затоа работодавачите преферираат да не го надминуваат овој праг.
Оваа стапица за ниски плати има очигледни социјални, како и економски последици. Ова е потврдено со индустрискиот пад во Франција во најсовремените технологии и тешкотиите во вработувањето во виталните сектори на услуги за стари лица и деца, на пример. Соочена со недостигот, владата назначена од Макрон најде два лека: реформирање на осигурувањето за невработеност за да ги принуди барателите на работа да прифатат каква било работа, дури и ако тоа значи развој на бонуси за активност и намалување на професионалните услови за одредени позиции. Со уредбата од 4 август 2022 година објавена во Службен весник, на тој начин се овозможува вработување на неквалификуван персонал во градинките преку „отстапување од условите за диплома или искуство“.
И оваа мрачна слика само ги опишува платите. Тоа мора да биде дополнето со состојбата на речиси два милиони самовработени претприемачи (кои во просек заработуваат помалку од 900 евра месечно) кои често се предмет на изведувачи (платформи, услужни компании итн.).
Логиката на овој расцепкан и исцеден пазар на трудот? Намалување на „цената на трудот“ за одржување или зголемување на цената на капиталот.[viii] Колку помалку се плаќа трудот, толку повеќе добива крајниот акционер. А тоа се прави преку дерегулација, даночно ослободување, „дефиниција“ за социјална заштита и… бонуси за сè да биде помалку или повеќе подносливо.[ix] Приходите недостасуваат, бенефициите се намалуваат. Користењето на приватно осигурување (заемно осигурување, дополнителни пензии и сл.) ќе биде неопходно… за оние кои можат да си го дозволат. Средните слоеви ќе се снајдат. Сиромашните ќе мора да се задоволат со производи од ниска класа, купони за попуст во хипермаркетите или за добротворни цели. Така, францускиот модел, заснован на колективна солидарност и корпоративна општествена одговорност, е нападнат од внатре. Малку по малку се распаѓа и се заканува да пукне одвнатре, како што се случи со јавното здравство, која сега е во напредна фаза на распаѓање. Иднината на следните генерации многу посигурно зависи од одбраната и обновувањето на овој модел – отколку од товарот на јавниот долг.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] Jérôme Hananel, « Évolution des salaires de bases dans le secteur privé. Résultats provisoires du deuxième trimestre 2022 », Dares indicateurs n° 38, ministère du travail, du plein emploi et de l’insertion, 12.08.2022.
[ii] Види: Serge Halimi, « Ne rougissez pas de vouloir la lune : il nous la faut », Le Monde diplomatique, VII/2011.
[iii] « Indicateurs économiques et sociaux de la CGT », Confédération générale des travailleurs, Montreuil, 06.04.2022. Види: Sophie Piton et Antoine Vatan, « Le partage de la valeur ajoutée : un problème capital », in L’Économie mondiale 2019, La Découverte, Paris, 2018.
[iv] Céline Mouzon, « Rémunération des fonctionnaires : un dégel ne fait pas le printemps », Alternatives économiques, Paris, 30.06.2022.
[v] Guillaume Jacquot, « La réforme des APL a fait plus de perdants que de gagnants, selon un rapport du Sénat », Public Sénat, 26.11.2021.
[vi] « Salaire minimum dans les pays de l’Union européenne en 2022 », Eurostat, 21.04.2022.
[vii] Insee première, n° 1898, Paris, IV/2022.
[viii] Види: Laurent Cordonnier, « Coût du capital, la question qui change tous », Le Monde diplomatique, VII/2013.
[ix] Michael Zemmour, « La ”prime Macron” creuse volontairement le déficit de la Sécurité sociale », Le Monde, 20.07.2022.