Колона од луксузни лимузини, утврдена цитадела, многу дипломати, рој новинари: црно-белите архивски слики застануваат за момент на големата пура на Винстон Черчил и белиот шешир на Френклин Рузвелт. На 15 септември 1944 година, втората воена конференција во Квебек е во полн ек, а двајцата западни лидери се осврнуваат на една тешка тема: што да се прави со поразената Германија? Со триумфалниот напредок на Црвената армија на Источниот фронт и сојузничкиот поморски десант во Нормандија, прашањето повеќе не е апстрактно. Се зборува за неминовен колапс на армиите на Рајхот – кој во реалноста, сепак, ќе трае многу месеци.
На крајот од состанокот, Рузвелт и Черчил тајно парафираат неочекуван меморандум: „Програма за елиминирање на индустријата за оружје во Рур и Сар, со цел да се трансформира Германија во суштински земјоделска и пасторална земја“. Зад сцената, еден човек се радува: Хенри Моргентау, американски министер за финансии, близок пријател и сосед на Рузвелт. „Тоа беа најинтересните и најрадосните четириесет и осум часа од мојот живот“, им рече тој на своите соработници[i]. На прашањето „што да се прави со Германија“, овој поранешен фармер, специјализиран за одгледување новогодишни елки, со недели му шепоти на увото на американскиот претседател едноставен одговор: уништете ја еднаш засекогаш. На 13 септември, за време на вечерата, Рузвелт побарал од Моргентау да им ги претстави на Черчил и неговиот министер за надворешни работи Ентони Идн – главните црти на неговиот проект. Прво, демилитаризација со „комплетно уништување на целата индустрија за вооружување и елиминирање или уништување на други клучни сектори од суштинско значење за воената моќ“, како што се хемикалиите, металургијата и производството на електрична енергија. Потоа, распарчувањето на Германија, што ќе ги инволвира Полска, СССР и Франција, кои ќе анектираат одредени територии, а остатокот ќе биде поделен на две земји, едната на север, другата на југ.
Во регионот од Рајнска област до Кил и вклучувајќи го и Рур, „срцето на индустриската моќ и војните“, детално објаснува планот, сите фабрики ќе бидат демонтирани и понудени за поправка во земјите опустошени од војната, додека преостанатите гранати и опрема ќе бидат уништени со динамит или „исечени за старо железо“, а потоа сето ова ќе биде ставено под меѓународен мандат. Амбициозната операција за социјален инженеринг ја комплетира оваа мировна програма: „сите техничари и квалификувани работници и нивните семејства, ќе бидат охрабрени трајно да ја напуштат оваа област“. Интелектуалниот авантуризам уште помалку ќе го привлече преостанатото население бидејќи „за повторното отворање на високообразовните институции може ќе треба и подолго време“. Моргентау конечно предвидува и тотална денацификација: секој кој е на списокот на големи воени злосторници утврдени од Обединетите нации ќе биде застрелан на лице место; воените трибунали ќе го осудат на смртна казна секој што предизвикал смрт од политички, расни причини или од побуди на воено злосторство. Поранешните членови на СС, Гестапо и други нацистички формации ќе бидат испратени на принудна работа во соседните земји[ii].
Додека министерот за финансии на САД го објаснува својот план, Черчил и Еден, вџашени, престануваат да џвакаат. „Ниските шепоти и страничните погледи ми кажуваат дека премиерот не е меѓу моите најодушевени слушатели[iii]“, се сеќава тој. Човекот со пурата критикува „насилно и на најгруб можен јазик“. Оваа „сурова и антихристијанска“ програма ќе доведе до „врзување на Англија за германскиот леш“. „Не можете да обвините цела нација!“ извикува тој. Следниот ден, неговите скрупули исчезнаа: Моргентау штотуку му вети на искрвавеното Обединето Кралство дополнителна помош од 6,5 милијарди долари. Додека британското Министерство за надворешни работи сметаше на брзо рестартирање на германската економија со цел да се соберат воените репарации, влијателниот советник Лорд Червел – кого Черчил го нарече „професорот“ – опортуно му сугерираше на вториов дека Велика Британија ќе ги добие и контролира пазарите на скршениот Рајх при неговата економска обнова. Британскиот премиер попушта. „Ќе го бараат“, мрмори тој. И, пред преплашениот министер Идн, самиот го диктира меморандумот. Но, британските дипломати тврдоглаво ќе се спротивстават на претворање на Германија во аграрна држава.
Маршалот Јосиф Сталин, од друга страна, не гледа проблем со ова. Согласувајќи се по конференцијата во Техеран (28 ноември – 1 декември 1943 г.) со Черчил и Рузвелт за распарчување на Рајхот, тој сепак побарал големи воени репарации. Советскиот Сојуз продолжува да ги трпи најголемите материјални и човечки загуби: за секој Американец кој го загубил животот, на крајот од конфликтот ќе има тринаесет убиени Германци и… дури седумдесет Совети. При посетата на Кремљ во средината на октомври 1944 година, Черчил ентузијастички му го презентираше планот, изготвен од Моргентау, на Сталин. Уште поповолен за деиндустријализацијата на поразениот непријател, бидејќи има намера да заземе фабрики и машински алати, советскиот лидер, исто така, ја цени дијалектичката димензија на планот: „Германија мора да биде лишена од каква било можност за одмазда. Во спротивно, нова светска војна би ја истребила помладата генерација на секои 25 или 30 години. Од оваа гледна точка, најтешките мерки ќе се покажат како најхумани“. Кога Сталин сугерира дека „одмаздата може да погоди повеќе од милион и пол Германци“, Черчил се спротивставува на предвидливата неподготвеност на британското јавно мислење и го привлекува вниманието на својот домаќин на „потребата да се убијат што е можно повеќе Германци, ама на бојното поле“.
Овој чуден хуманизам не го плаши тогашниот американски претседател Рузвелт. Кратко образован во Германија, во Бад Наухајм, каде што неговиот татко следи терапија на термални кури во познатото германско лекувалиште, младиот Френклин на возраст од девет години веќе ги квалификува своите соученици како „минус“, кога не ги смета жителите за „одвратни“. Во текот на летото 1944 година, министерот за финансии Моргентау немал проблем да го убеди својот претседател. „Мора да бидеме доста строги кон Германија, а јас зборувам и за населението, а не само за нацистите. Мораме или да го кастрираме германскиот народ или да го третираме на таков начин што нема да може да продолжи да репродуцира луѓе кои ќе дејствуваат како што правеле во минатото.“ Само масовното превоспитување применето без милост по капитулацијата, може да се спротивстави на овие воинствени предиспозиции. „Самиот факт дека тие се поразена нација, колективно и поединечно, мора да биде толку силно втиснат врз нив, што ќе се двоумат да започнат нова војна“, му вели тој на својот министер за надворешни работи Кордел Хал.
Моргентау, од друга страна, смета дека неговиот план сè уште е премногу попустлив. „Јас сум прво за уништување: потоа ќе се грижиме за луѓето како такви“. Неговиот радикализам е вкоренет во неговиот ужас од истребувањето на Евреите – тој потекнува од семејство на германски еврејски имигранти – но и во искуството на неговиот татко: американскиот амбасадор во Турција во 1914-1915 година, Хенри Моргентау постариот го осуди ерменскиот геноцид и соучесништвото на водачите на Рајхот. Хенри Моргентау помладиот, прилично ортодоксниот и незабележителен министер за финансии на САД, не беше едногласно примен во Вашингтон. Хари Труман, кандидатот на Рузвелт за потпретседател на САД за изборите во ноември 1944 година, деликатно тврди дека „Моргентау не може да направи разлика помеѓу човечки измет и желе од јаболка“. И истакнатиот демократски донатор Гледис Штраус го обвинува Рузвелт што го одбрал „единствениот Евреин во светот кој не разбира пари“ – за да го назначи дури за министер за финансии на САД. Секојдневно, министерот Моргентау се потпира на својот главен асистент: Хари Декстер Вајт, брилијантен економист кој е со него веќе една деценија и висок функционер во Министерството за финансии. Во јули 1944 година, Вајт беше ко-организатор на познатата конференција во Бретон Вудс, каде ги наметна своите ставови за идниот меѓународен монетарен систем, наспроти оние на познатиот економист Џон Мејнард Кејнс. Ова е во главни црти, т.н. План Моргентау. Неговиот интерес за планирање и неговата желба да ги види СССР и САД како соработуваат во меѓународните институции, му донесоа обвинувања за шпионирање за Советите за време на Студената војна. Во меѓувреме, Хенри и Хари уживаа во резултатите добиени во Квебек.
Нивниот успех фрла светлина врз поделбите во тогашната американска влада. Наспроти идеите на Моргентау, министерот за војна на САД Хенри Стимсон и неговиот колега за надворешни работи Кордел Хал го примија меморандумот потпишан од Черчил и Рузвелт – како голема шлаканица. „Тоа е дивјачки семитизам во потрага по одмазда“, „злосторство против самата цивилизација“, со огорчување вели првиот, додека вториот го осудува „планот за екстремна глад“. Додека Хал „работел стотици часови“ за иднината на Германија, еден неспособен министер за финансии, од перспектива на Хал, навлегува во неговата област на одговорност. Дипломатите потсетуваат на бруталните услови од Версајскиот мировен договор од 1919 година, на кој Кејнс му го припишува подемот на нацизмот. За Хал, Моргентау греши: „најдобриот начин да се смири Германија е – да се американизира“. Секако, неопходно е „дефинитивно да се елиминира економската доминација на Европа од страна на Берлин“, но пред сè да се елиминираат воинствените предиспозиции во поширокиот контекст на глобалните меѓународни односи. „Германската воена автаркија мора да биде заменета со економија интегрирана со меѓусебно зависни светски пазари“, се вели во документот на Министерството за надворешни работи на САД, од 14 август 1944 година. Против поделбата, Хал се залага за федерализам: против деиндустријализацијата, треба да има реконверзија и интернационализација, за Германија да може да ги плати целосните репарации. Набргу по Квебек, тој цврсто го предупредува Рузвелт: планот на Моргентау не само што ќе предизвика очаен отпор од нацистите и ќе ја осиромаши цела Европа, туку ќе предизвика масакр: „Само 60% од германското население може да се издржува од расположливото аграрно земјиште: останатите 40% ќе умрат“, или околу 28 милиони луѓе…
Загрижен, Рузвелт решава да почека. Планот протекува кон крајот на септември во печатот и републиканците за време на изборната кампања го инструментализираат скандалот. Неповолни ветришта дуваат против Моргентау: британското Министерство за надворешни работи и новиот американски министер за надворешни работи ги мултиплицираат нападите врз неговиот проект; Јозеф Гебелс го експлоатира; дури и самиот Адолф Хитлер ќе го спомене ова во својата новогодишна порака. На конференцијата во Јалта (4-11 февруари 1945 г.), веќе не станува збор за пасторализација на повоената Германија. Министерот за финансии на САД се задоволува со вметнување на некои од неговите опсесии во директивата за американската воена управа на окупираната Германија. Документот, потпишан од Труман на 10 мај 1945 година, прокламира дека „Германците не можат да избегаат од одговорноста за она што самите го предизвикале“ и бара од американските воени администратори „да не преземаат никакви мерки насочени кон економското закрепнување на поразената Германија“.
Планот Моргентау не ја преживеал смртта на претседателот Рузвелт на 12 април 1945 година. Со него исчезнува визијата скицирана од Хари Декстер Вајт за советско-американската соработка заснована на меѓународни институции. Историчарот Габриел Колко дури ќе ја протолкува идејата за уништување на Германија како план наменет за промовирање на „деболшевизацијата и реинтеграцијата на СССР во новата капиталистичка светска економија[iv]“. Но, новонастанатата Студена војна ја заменува германската закана, сега со новата советска закана. „Најголемата опасност за безбедноста на САД е можноста за економски колапс на Западна Европа и последователно доаѓање на власт на комунистичките елементи“, наскоро алармира американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА). Повторно да се индустријализира и реинтегрира Германија во срцето на добро вооружена Западна Европа, да се спротивстави на Советскиот Сојуз новиот меѓународен блок за слободна трговија: ова ќе биде амбицијата на уште еден голем проект – Маршаловиот план.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] “Report on Quebec conference”, 19.9.1944, Morgenthau Diaries, cahier 772, 15-19.9.1944, FDR Library’s digital collection, http://www.fdrlibrary.marist.edu.
[ii]„Suggested Post-Surrender Program for Germany“ е достапно на оваа адреса: https://history.state.gov/historicaldocuments/frus1944Quebec/d86
[iii] Цитатите во овој напис се преземени од следниве извори: John L. Chase, „The Development of the Morgenthau Plan Through the Quebec Conference“, The Journal of Politics, Chicago, vol. 16, n° 2, V/1954; Warren F. Kimball, Swords or Ploughshares? The Morgenthau Plan for Defeated Nazi Germany. 1943-1946, J. B. Lippincott Company, Philadelphia, 1976; Michael Beschloss, The Conquerors: Roosevelt, Truman and the Destruction of Hitler’s Germany. 1941-1945, Simon and Shuster, New York, 2003; Ted Morgan, FDR. A biography, Simon and Schuster, New York, 1985; Cordell Hull, The Memoirs of Cordell Hull, Macmillan Company, New York, vol. 2, 1948;
John Dietrich, The Morgenthau Plan. Soviet Influence on American Postwar Policy, Algora publishing, New York, 2013; Jean Edward Smith, FDR, Random House, New York, 2007; Benn Steil, Le Plan Marshall, Les Belles lettres, Paris, 2020.
[iv] Gabriel Kolko, The Politics of War. The World and United States Foreign Policy. 1943-1945, Pantheon Books, New York, 1968.