Двојно изненадување на 10 март 2023 година: прво, Саудиска Арабија и Иран, регионални ривали од 1960-тите, го објавија обновувањето на нивните дипломатски односи прекинати во 2016 година по егзекуцијата на шиитските достоинственици од страна на Ријад, проследено со нападот врз амбасадата на Саудиска Арабија во Техеран. Потоа, Кина, за која се тврдеше дека е изолирана на меѓународната сцена, направи значителен пробив во „Големата игра“ на Блискиот Исток со спонзорирање на овој договор – постигнат по две години тајни преговори и пет неуспешни рунди. Секако, не смее да се преувеличува опсегот на ова ракување под небото на Пекинг: останува уште многу да се направи за мирот да стане ефикасен, особено во Јемен, каде што Иранците и Саудијците ја спроведуваат својата поделба преку поттикнување на локалната граѓанска војна таму. Но, западните лидери би згрешиле да го потценат настанот на начин на кој американскиот претседател Џо Бајден уверува дека „нема ништо ново, мои пријатели“,[1] пред неговата администрација да признае дека е добро да се има каков било напредок на овој план.
Од своја страна, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи избра скромност. Текстот е „победа за дијалогот и за мирот“, изјави тој на својата редовна неделна прес-конференција. Сепак, ова е прв пат Пекинг официјално да организира еден меѓународен договор со трети страни. Ова е, исто така, прв пат Кина да се меша во работите на Блискиот Исток, стратешки простор во кој доминираат САД повеќе од 70 години, и покрај приоритетот што ѝ го дава на Азија од почетокот на векот. Досега, Пекинг внимателно избегнуваше да се меша, до степен да предизвика иритација на поранешниот претседател Барак Обама, кој го сметаше за „слеп патник“ на американската политика, претпоставувајќи ја, како што рече, „безбедноста на регионот“.[2]
Всушност, оваа кинеска промена и нејзиниот успех се должат на дипломатската вештина на Пекинг, како и на поврзаноста на неколку феномени: желбата на Саудиска Арабија донекаде да се ослободи од туторството на Вашингтон – особено поради неподготвеноста на САД да го одбранат кралството по терористичките напади врз неговите нафтени постројки во 2019 година – како и загриженоста на Иран за економската криза, социјалните протести и заканите од израелски напад врз неговите нуклеарни инсталации. Да не зборуваме и за долгорочната работа што ја преземаат кинеските лидери во регионот и општата клима во земјите од Југот, сè помалку чувствителни на западниот наратив. Одбивањето, во мај 2022 година, да се поддржат санкциите против Русија по нејзината инвазија на Украина – сведочи за тоа.[3] Шест месеци подоцна, на самитот на ОПЕК + (Организацијата на земјите извознички на нафта плус десет други земји, вклучувајќи ја и Русија), Ријад остана глув на инсистирачките повици на Белата куќа да го зголеми производството на нафта и гас – за да се намали цената на барелот.
Кина успеа да ги искористи овие можности, бидејќи беше и подготвена за нив. Применувајќи го принципот на Денг Хсијаопинг, „сокриј ги своите таленти и почекај го своето време“, таа не била забележана… до големиот успех на 10 март. Но, таа не остана неактивна во изминатите три децении, далеку од тоа.[4]
Од отворањето на економијата и започнувањето на реформите на крајот на минатиот век, кинеските лидери се фокусираа на воспоставување дипломатски односи со секоја од земјите во регионот – од Саудиска Арабија (која беше силно антикомунистичка) во 1990 година, до Израел (и покрај маките на Палестинците) во 1992 година, вклучувајќи го и Иран во 1990 година. Ниту еден претседател на Републиката нема да се сомнева во овие врски. Сите тие ќе се развиваат, дури и ако тоа значи да се потпираат на големите принципи на интернационалистичката солидарност.
Се разбира, жедта за нафта и гас во регионот ќе ги олесни декларациите на љубов: Саудиска Арабија стана водечки снабдувач на нафта; следеа Катар за природен гас и Обединетите Арапски Емирати за нафта. Покрај тоа, кинеските компании бараат можности за нивно производство и соработка во новите технологии. Ако во 2004 година се создаде Форум за соработка меѓу Кина и арапските држави (ФЦЦЕА), сепак, трговската и економската размена експлодира по иницирањето на новите Патишта на свилата (во 2013-2014 година, особено во градежништвото, инфраструктурата, телекомуникациите, 5Г…). Помеѓу 2002 и 2022 година, кинеските директни инвестиции во Саудиска Арабија достигнаа фантастични 106,5 милијарди долари, во Кувајт скоро 100 милијарди долари, а во Обединетите Арапски Емирати повеќе од 64 милијарди долари.
Оваа т.н. „портфолио-дипломатија“ се исплатува политички: ниту една од овие земји нема да го даде својот глас во Советот за човекови права на Обединетите нации во јули 2020 година за да ја осуди репресијата на Ујгурите (муслиманите) во Кина. И, реципрочното е исто така точно. Две години претходно, атентатот врз новинарот и противник на судискиот режим Џамел Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул, не го поттикна Пекинг јавно да го критикува принцот престолонаследник – и моќник на саудиското кралството – Мохамед Бен Салман. За разлика од САД, кои долго време јавно го избегнуваа пред да ги продолжат разговорите со него, кога претседателот на САД Џозеф Бајден го посети Ријад во јули минатата година. Посета без големи изливи на емоции, која беше во спротивност со онаа на претседателот на Кина Кси Џинпинг во декември, кога беше дочекан со голема формална помпа.
Во најмала рака, на кинеските лидери им се припишува одредена конзистентност: „Без мешање во внатрешните работи“, нанесувајќи, така, удари на американската политика, и потврдувајќи ја, сè повеќе и повеќе, сопствената геополитичка визија. Тие велат дека сакаат да водат дијалог на рамноправно ниво, засновано на взаемно почитување, нешто кое Западот отсекогаш го одбивал. Тие се надеваат дека ќе предводат дел од Југот, во потрага по капитал и… признание. Ништо не навестува дека ова ќе успее. Она што е точно е дека Кина, опседната со распадот на Советскиот Сојуз, има малку желба да стане лидер на еден блок. Таа отфрла секој политичко-воен сојуз што би имплицирало „вкоренет блоковски менталитет“ и одржување екстремно скапа „клима на студена војна.“ [5]
Лидерите им даваат приоритет на билатералните односи додека промовираат мултилатерални организации каде земјите не се согласуваат, понекогаш дури и се во конфликт, но сакаат да одржуваат дијалог на овие форуми, па дури и да соработуваат за прашања кои не се проблематични. Како, на пример, Шангајската организација, или организацијата БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка) во која сакаат да се приклучат и Саудиска Арабија, Египет, Емиратите, Турција, Алжир… триумф каде Пекинг ја обезбедува, сепак, улогата на диригент на оркестар!
Кинезите го додадоа на нивниот тапет и предлогот за „заедничка, сеопфатна, кооперативна и одржлива безбедност“. Она што Кси го нарекува „Глобална иницијатива за безбедност“ (ГСИ) дефинирана уште во 2014 година, прочистена оттогаш и која послужи како основа за документот од дванаесет точки за мировни преговори меѓу Украина и Русија. Западните коментатори го третираа текстот со голем презир, но тоа не беше случај во остатокот од светот.[6] Претходно, во декември 2022 година, претседателот Кси ги претстави контурите на ГСИ пред Советот[7] за соработка во Заливот за време на неговата посета на Ријад, повторувајќи ја идејата дека „безбедноста на едниот не може да се добие на сметка на безбедноста на другиот“. Помалку од една недела по иранско-саудискиот договор, Кси патува во Москва за да се сретне директно со Владимир Путин, додека претходно имал телефонски контакт и со Володимир Зеленски. Ова е знак, дека Пекинг дефинитивно одлучува да биде повеќе вклучен во изнаоѓањето решение за војната во Украина.
Претседателот Кси, кој се залагаше за поагресивна дипломатија за време на неговиот втор мандат (2017-2022), затоа се чини дека сака да го започне третиот мандат со попријателски пристап кон преговорите, вклучително и барајќи да ги вклучи оние што Западот ги исклучува. „Заедно можеме да ја направиме глобалната градина на цивилизациите шарена и енергична“, изјавува тој на една конференција. Во меѓувреме, на Кина не ѝ смета да се претстави и како миротворец. Дури и ако, како што пишува геополитичкиот експерт Елен Нуеј, „Кинезите не се чувари на слободата на другите“,[8] а и не сакаат да бидат. А, далеку е, од една размена на амбасадори – до изграден и траен мир.
Навистина, ништо не кажува дека иранско-саудискиот договор ќе ги преживее геополитичките тензии што го дестабилизираат регионот. Првиот тест за неговата ефикасност ќе биде безбедноста на Саудиска Арабија во однос на ситуацијата во соседниот Јемен. Ако Пекинг успеа во своето посредување, тоа е затоа што Иранците, спротивно на претходните рунди, прифатија Али Шамхани, поранешен ирански министер за одбрана и пред сè секретар на Врховниот совет за национална безбедност на Иран (СНСЦ), да биде директно вклучен, а со цел да им ја даде потребната заслуга на заложбите на Техеран за регионална стабилност. Беа исполнети две саудиски барања: прекин на нападите врз нафтените постројки на Саудиска Арабија и крај на испораката на оружје од Иран за бунтовниците Хути во Јемен. Тие го поздравија договорот, но веројатно нема да го положат оружјето против јеменските владини сили поддржани од саудиското вахабиско кралство.
Во контекст обележан со мултиплицирање на внатрешните јеменските конфликти – со, меѓу другото, силно враќање на сепаратистичкото движење на југот на Јемен – Иран и Саудиска Арабија ќе треба многу да направат, за да го зачуваат нивното помирување. Тоа ќе зависи и од трет актер, Обединетите Арапски Емирати, сојузник на Ријад, кој сега си свири своја партитура. Абу Даби му претходеше на саудиското кралство со повторното отворање на својата амбасада во Техеран, уште во септември. Но, постојат важни разлики меѓу двете арапски монархии во врска со иднината на Јемен, особено неговиот јужен дел, чии сецесионистички амбиции директно се поддржани од Емиратите. Во новиот трипартитен дијалог (Саудиска Арабија – Обединетите Арапски Емирати – Иран) за овој конфликт, разликите меѓу Ријад и Абу Даби ќе тежат толку многу, колку и нивната заедничка превенција на амбициите на Техеран.
Силата на иранско-саудискиот договор ќе се процени и според еволуцијата на меѓусебните односи со Тел Авив, кој го смета овој договор за многу опасен за иднината на самиот Израел. Спротивставувајќи се на каква било нормализација на односите со Израел, Техеран редовно ги критикува потписниците на Абрахамските договори чии најактивни промотори се токму Обединети Арапски Емирати. Но, ова не го спречува Абу Даби да одржува силни економски односи со својот голем сосед. Ангажирана во неформални преговори под покровителство на САД, Саудиска Арабија, од своја страна, не ја затвора вратата за воспоставување дипломатски односи со Тел Авив, туку ги поставува своите услови, вклучувајќи ги и оние поврзани со создавањето палестинска држава. Доаѓањето на власт на екстремно десничарската коалиција во Израел, им дава силни аргументи на оние од опкружувањето на саудискиот принц Мохамед Бен Салман, кои претпочитаат да ја одложат нормализацијата. Ова е доволно за да го задоволи Иран, кој нотира дека неговите два арапски соседи не сакаат израелски напад врз него. За Техеран, барањето е едноставно: монархиите од Заливот можат да ги одржат односите со Израел, но под услов да одбијат да се приклучат во каква било воена акција против неговите стратешки објекти. Ако Тел Авив, кој сега е изолиран по ова прашање, го спроведе својот познат „План Б“ – вклучувајќи и едностран напад врз Иран – Ријад и Абу Даби ќе мора да ја убедат Исламската Република дека тие не се ниту соучесници, ниту поддржувачи.
Покрај тоа, Либан може да стане бојно поле што ја загрозува одржливоста на иранско-саудискиот договор. Навистина, како резултат на американската инвазија во март 2003 година, Саудиска Арабија потврди дека Ирак сега е дел од задниот двор на иранската моќ. Но, дали Ријад, исто така, ќе прифати претседателот на Либан да биде личност која е близок пријател на Хезболах? Ако, случајно, либанската политичка криза се реши во наредните недели, тоа би значело дека Техеран и Ријад најдоа компромис за ова трнливо прашање кое го загрозува либанскиот граѓански мир.
Во секој случај, обновувањето на дипломатските односи со Иран претставува успех за принцот Бин Салман. Прво, затоа што продолжува да ја потврдува својата автономија од Вашингтон. Второ, внатрешно, бидејќи ја потврдува својата способност да ги наметне своите ставови на сунитските свештеници кои отсекогаш биле непријателски настроени кон зближувањето со шиитската власт. Конечно, затоа што го зајакнува својот статус како лидер на арапскиот свет. Во наредните месеци – останува да се прецизира точниот датум – во Саудиска Арабија треба да се одржи 32. самит на Арапската лига. Во оваа прилика, Ријад треба да дозволи враќање на Сирија на форумот од кој беше исклучена уште во 2011 година. Враќање кое нема да пропушти да го поздрави и еден Иран, големиот сојузник на Дамаск. Спротивно на тоа, договорот спонзориран од Пекинг ќе треба да се докаже – пред Техеран да биде меѓу почесните гости на најавениот арапски самит.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] Nahal Toosi et Phelim Kine, «U.S. officials project calm as China stuns world with Iran-Saudi deal », Politico, Arligton, 13.03.2023.
[2] Интервју со Thomas L. Friedman, “Obama on the World,” New York Times, 08.08.2014, nytimes.com
[3] Alain Gresh, « Quand le Sud reject de s ‘aligner sur l’ Accident en Ukraine », Le Monde diplomatique, V/2022.
[4] James Reardon-Anderson (sous la dir.), The Red star and the crescent. China and Middle East, Hurst Publishers, London, 2018.
[5] Прес-конференција на портпаролот на Министерството за надворешни работи, Пекинг, 14.04.2022 година.
[6] Claude Leblanc, « Effet Pschitt ? L’initiative de paix chinoise illustre à quel point le monde est fracturé », L’Opinion, Paris, 26.02.2023.
[7] Основан во 1981 година, Советот за соработка во Заливот (ГЦЦ) ги вклучува: Бахреин, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
[8] « Xi proposes Global Civilization Initiative, stressing inclusiveness », Global Times, Pékin, 15.03.2023.