Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Од моето време

Она што го разбирам е нејасно. Јас сум дел од моето време – каде што велам алгоритам без да знам што зборувам. Современото човештво се разликува од сите свои претходни инкарнации по бројот на зборови или нешта со кои тековно манипулира – а без да ги разбере како такви.


Од Франсоа Бегодо*
*Писател. Автор на: Boniments, Amsterdam, Paris, 2023, од каде е и преземен овој текст.


Фото: furkanfdemir/pexels

Ние, постарите, мора да ја исполниме нашата должност на пренесување. Да сведочиме на младите дека планетата Земја без мобилен телефон – сепак, била возможна.

Деликатна мисија. Ќе биде потребно посебно убедување на овие модерни дигитални домородци, една антрополошка категорија осудена на истребување кога сите живи суштества се раѓаат под дигитален режим, за да се замисли дека предметот не секогаш ги проширил горните екстремитети на луѓето. Дека сега ова е еден вид на  трансплантација. Дека 99,9999% од нашите сограѓани кои поминале низ овој свет – не уживале во оваа алатка пратена од Господ. Долго време, имаше само раце. Понекогаш не знаевме што да правиме со нив. Засрамени, ги стававме во џебовите.

И така сиромашни, поминавме низ вековите, пловевме низ морињата со бродови на едра, ја измисливме играта со карти покер, напишавме еден Магбет, дури и палевме вештерки. Тогаш го замисливме телефонот. Потоа замисливме безжична верзија што ние сенилните луѓе сè уште ја нарекуваме – мобилен телефон, во однос на претходните стандарди.

Што се случи со нас? Нашите сеќавања се магливи. Се одвиваше многу брзо. Во 1992 година никој го немаше, а десет години подоцна сите го имаа. Буквално сите. Целиот свет.

Не знаеме што нѝ се случило, но можеме да се заколнеме дека не сме сакале. На мојот внук му велам, рака на срце, дека во 1992 година никогаш не се сретнал човек кој тропајќи со забите, свиткан на два дела, извикувал дека нема мобилен телефон. Добро нѝ одеше. Немавме ни идеја. Понудата се наметна без барање.

Мојот внук останува скептичен: толпата не можеше толку бесно да се фрли на нешто за што никогаш не почувствувала потреба. Твојата приказна не е за верување, вујче. Можеш дури и да ми кажеш дека во тоа време си спиел, токму со Курт Кобејн.

Не попуштам – пренесување, должност. На оваа мала будала ѝ тврдам дека овој фетиш предмет има посебност да не биде додаден на други предмети, туку да ги замени. Во становите имаше наеднаш помалку предмети, а повеќето од нивните функции сега ги презема овој мал, семоќен уред на неодредено полнење – сѐ до програмираната застареност и моменталната замена со друг. Да се остане глув за понудата – беше да се лишиме од овие услуги од кои мобилниот телефон го презеде монополот. Немавме избор.

Знаеш, внуче мое, либерализмот и не е многу либерален.

Подложно на компанијата која го наметнува конектираниот телефон како посредник помеѓу мене и неа, љубезно сум повикан да набавам еден таков уред од компанијата. Без конекција, не можам да се консултирам со банкарската сметка што ми ја наметнува истата компанија. Без интернет не можам да го остварам или да барам вработување кое начините на распределба на парите ме тераат да го остварам или да го барам. Без мобилен телефон, не можам да бидам достапен во секое време – бидејќи работодавачот од кого зависи мојата егзистенција, бара од мене да го направам тоа. Мобилниот телефон го уништи тоа што се викаше, во деновите кои мојот 20-годишен внук не може ни да ги знае, класичен, планиран распоред на нештата.

Телефонскиот кабел не исчезнал; кабелот само се дематеријализирал во еден сеопфатен бран. Сега, целосно сум конектиран. Отворен сум 24/7.

Овој предмет, кој заменува толку многу други, ми овозможува да ги стекнам оние неколку што не ги заменува. Тој е и купен предмет и предмет кој служи и за купување на други работи – исто  како и неговиот соучесник – компјутерот. Невиден двоен капацитет. И многу практично. Сега можам да јадам насекаде и во секое време.

Но, тоа не било секогаш така. Ние постарите мора да бидеме сведоци на една епоха кога секоја вечер, по неколку часа, консумирањето беше невозможно. Епоха кога понекогаш сè беше затворено во градот, каде што не беше дозволено да се нарача во 4:13 часот наутро и со три клика – една серија чорапи за трчање, на пример.

Смартфонот не е само симбол на интегралниот капитализам, тој е негов централен оператор, бидејќи ги спојува работното време и слободното време, ги спојува производителот и потрошувачот, ги спојува дење и ноќе. Моќен уред е. Многу е силен уред, разбираш ли, внучко мој? Сега разбираш зошто бевме толку слаби?

Демек застарен, јас сум од моето време. Ги купувам билетите за воз преку интернет, ја чекам новата сезона и епизодите на серијалот Блек Мирор, знам како да препознам пет видови дрвја во најдобар случај, среќавам само домашни животни, имам само виртуелни односи со поголемиот дел од моите врски – велам алгоритам.

Бидејќи не задржав ништо како тебе од илјада часови математика, вистинското значење на алгоритмот е нејасно за таквите како мене, како што е и слаба врската помеѓу она што го разбирам и дефиницијата дадена од пријателот по име Гугл – консултиран токму сега.

Она што го разбирам е нејасно. Јас сум дел од моето време – каде што велам алгоритам без да знам што зборувам. Современото човештво се разликува од сите свои претходни инкарнации по бројот на зборови или нешта со кои тековно манипулира – а без да ги разбере како такви. Тоа што треба да ги објаснам алгоритмите ме остава невешт, небаре како од мене да се бара детално да ја опишам работата на уредот со кој ги пишувам овие редови. Јас пелтечам дека алгоритмите – зошто оваа множина? – се пресметки на машината – која машина? – кои го поврзуваат овој линк со ова интернет пребарување, ми сугерираат да го продолжам слушањето на дел од овој другиот, ми го нудат овој инпут – кога пишувам дефиниција на алгоритам. Ги опишувам ефектите без никаква идеја за причините или принципите.

Моето непознавање на работава не ме спречува да формирам мислење. Ова гледиште е изненадувачки негативно. Никогаш не сум толку многу од моето време – колку што го критикувам своето време. Алгоритмите се генеричкото име што го користам, кое го позајмувам, за да го означам збирот на процедури што ја означуваат мојата навигација на интернет, копајќи естетски, идеолошки, културни, етнички шаблони, од кои повеќе не можам да излезам. Алгоритмите ме заклучуваат во меур од панк-рок и предавање од радикални левичарски интелектуалци.

Го осудувам ова мое гушење – од страна на алгоритмите. Како ултра свесен граѓанин, совршено добро знам дека сум идентификуван и дека тоа ме прави таргет на интернет маркетинг. Но, да се каже така, ја намалува исповедта. Со тоа, сакам да сугерирам дека се исклучувам себеси од процесот; дека алгоритмите што ме таргетираат – не ме погодуваат; сепак, знам дека не сум измамен. Дека избегнувам од стапица за која сепак тврдам – дека е апсолутна.

Таа е апсолутна, навистина, и јас сум фатен. Се гордеам што знам, а ништо не знам. Навистина не знам ништо. На заплетот на времето и просторот каде што еволуирам, реалното е изгубен модалитет. Од алгоритамската стега – имам само нејасно чувство. Навистина не го чувствувам тоа.

Знам дека моите податоци се собираат. Велам податоци, позајмувам податоци на другите, позајмувам податоци, и особено големите податоцина големите фармацевтски мултинационални корпорации. Сум видел и прочитал десетици извештаи за ова, сервирани од алгоритми во замена за моите податоци, за кои не знам ништо во контекст на комерцијалната употреба. Јас сум вознемирен. Па, и не сум толку вознемирен. Што ми е гајле ако овие податоци се претвораат во таргетирани реклами, бидејќи овие реклами, во ретки прилики кога ги гледам, не стимулираат ништо кај мене? И ако сум стимулиран без мое знаење, тоа е токму без мое знаење. Безболно.

За да ми се зголеми спокојството во хаосот, познато е дека и овие податоци се користат, не за манипулација со мене, туку за мое исполнување. Сега, без двоумење, мојот екран ме информираше за 50% попуст на летовите Роаси-Манчестер во јануари. Првин, и не забележав. И тогаш помислив дека ќе одлетам за Манчестер на натпревар на клубот што ми се допаѓа – и тие го знаат тоа.

Тие се однесува и на алгоритмите и на лицата со очила кои ги кодираат – пишувам код без да разбирам што пишувам.

Тие не можат да го игнорираат тоа што често се распрашувам за развојот на резултатот на натпреварот со Манчестер Сити. Тие ја продадоа оваа информација на комерцијални субјекти кои речиси веднаш ја ставија промотивната понуда пред мене, т.е. на екранот пред мене. Ете, јас, кој никогаш не мислев на такво патување, сега мислам на тоа. Приликата го прави спротивното од крадецот: купувачот.

Прашувам за хотели во близина на стадионот, само за да видам – знам дека тие ме гледаат, ги тријат рацете, јас ја гризнав јадицата. Потоа навреме за почетокот на натпреварот Манчестер-Ливерпул – на 23 јануари. Потоа на сè уште слободните места на стадионот – ете, си честитаат едни на други. Мојата истрага ми одзема добар час од книгата во тек, нешто кое ги собира задоволствата со кои сме нападнати. Ја водам на оваа машина што ми ја донесе веста за оваа комерцијална понуда како брза реакција на моето истражување за истегнатото колено на фудбалерот Кевин Де Брујн, познатиот плејмејкер на Сити.

Три месеци подоцна, поминувам убава сабота, во авионот, на стадионот, во хотелот. Им ги дадов моите податоци; тие ги претворија во среќа. Алгоритмите, всушност, ги сакаат моите пари.

Во меѓувреме, тие ми нудат да се запознам, на интернет, со едно интервју со Жан-Лук Ле Тенија, па некој си соул хит од 1960-тите што ме натера да паднам од столчето, потоа со едно урнебесно американско ток-шоу, и со некоја малку позната личност на рускиот анархизам, како и богатство од архиви и интервјуа – за зајакнување на моето критичко размислување. Од таму, што да се прави со нив? Да ги поштедиме би било грев, да ги казниме би било неблагодарно.

Преведено од: Дарко Путилов

 

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW