Le Monde Diplomatique – Македонско издание

За потеклото на конфликтите во Закавказјe (јужен Кавказ)

Од империи до национални држави

Голема омраза, сосема различни историски приказни: војната во Нагорно Карабах е судар помеѓу два народа, кои се чини се различни во сé. Но, сепак, Ерменците и Азербејџанците долго време  живееа заедно во рамките на руската, османлиската, односно персиската империја. Во просторот на мешани народи на југот од масивот Голем Кавказ, основањето на држави на етно-религиозна територијална основа го запали бурето полно барут.

Од Етјен Пејрат
Предавач по современа историја на Science Po Lille, автор на Histoire du Caucase au XXe siècle, Фајард, Париз, 2020 година.


Фото: mana5280 / Unsplash

Со помош на ботаниката, најдобрата наука за класификацијa, еден студент од Универзитетот во Тарту (Естонија, Руска империја во тоа време), Николаус (Николај) фон Сајдлиц, започна во 1850-тите, со откривањето на кавкаските граници на царската империја. Потоа се преселува да живее во Баку, денес главен град на Азербејџан, и во Тифлис – денес Тбилиси, главен град на Грузија. Сајдлиц, руските власти за брзо време го поствиле за управител на  Заводот за статистика на Кавказ. Благодарение на оваа функција во 1881 година тој ја објави првата голема етнографска карта на регионот (видете следна страна). После неколку години, тој не ја признава  истата преку серија публикации, кои уште повеќе помагаат да се расветли денешниот конфликт  во Нагорно Карабах.

Мапата уште на прв поглед делува импозантно, со оглед на нејзините димензии. На скала од 1:1080 000 (1 сантиметар на картата за 10,8 километри земја), таа го прикажува целиот простор од Црното Море до Каспиското море гледано од исток кон запад1. Ако споредиме со денешните сфаќања, овој приказ на земјата не потсетува дека вицекралството на Кавказ, формирано од цар Николај Први во 1844-1846 година, зафаќало огромен простор, и тоа се протегало од север, започнувајќи од рамнините покрај Дон па се до југ, односно до границите на персиската и османлиската империја. Целиот регион е впечатлив заради разнобојноста на картата. Ова произлегува од желбата да се прикаже „етнографската“ разновидност на овој озлогласен мешовит регион. Оваа разновидност, која многу се разликува од состојбата денес, е наследство од историјата, регионот се наоѓа на раскрсницата на три империи, но тука се и  преселбите во антиката кога се пресретнаа на мал простор- понекогаш во иста долина или во исто село – етнички различни јазични и верски групи.

Ова дело е само едно од големиот број обиди на западниот свет да се преброи населението користејќи комбинирани алатки за физичка антропологија, лингвистика и географија кон крајот на 19 век. Овие обиди кулминираа во Русија со првиот голем царски попис, кој беше спроведен во 1897 година и окри колку многу е тешко да се направи вистинска слика за границите на империјата2. Мапата е направена, врз основа на  неколку тома објавени книги од страна на  Сајдлиц во 1871 година со наслов Зборник со податоци за Кавказ. Статистичката табела прикачена на мапата се однесува на идентификуваните главни категории кои биле попишани.

Ако терминот „раса“ е модерен, јазикот тогаш бил главниот критериум за класификација. Јужно од географската граница формирана од високите планини на Големиот Кавказ, се појавуваат три големи групи: Ерменци, Грузијци и „азербејџански Татари“, најчесто име во тоа време за да се именуваат муслиманите кои зборуваат турски (обично шиити) од Закавказје. Додека Грузијците и Татарите заземаат релативно хомогени области на исток и запад, муслиманското население е расфрлано се до брегот на Црното Море, додека пак Ерменците ги има низ целиот регион; без да се бројат оние кои биле дел од Отоманската империја во тоа време и кои биле побројни. Сепак, деншниот набљудувач мора да биде претпазлив и да не го толкува таквиот соживот како соживот на сосема засебни идентитети, на што се навикнала поновата историја. Формирањето на идентитетот постепено се кристализира. Во меѓусебна конкуренција се географски, јазични или социјални елементи кои честопати имаат исто значење за идентитетот и ги комплицираат првите обиди за класификација.

Картата на Сајдлиц нуди визуелен вовед во сложените замрсени општествено-политички процеси на Кавказ на крајот на царската ера. Потсетува на едно време кога, далеку од тоа дека одговарале на моделот нација – држава, овие територии биле населени со мозаик од народи; и опстоиле се до дваесеттиот век како еден извонреден конзерваториум на малцинства. Но, иако картата од 1881 година покажува статистичка репрезентација на населението во Кавказ, регионот всушност е во фаза на трансформација, со големи миграции, поврзани со земјоделски, рударски и индустриски активности, како и изградба на големи инфраструктурни проекти и експолатација на нафта  која го раздвижила  градот Баку.

Во 1905 година, првата руска револуција ги изнесе на виделина социо-економските, религиозните и политичките разединости во регионот, во комбинација со антицаристичкото револуционерно движење и големото  насилство помеѓу турските Татари и Ерменците. Сите овие раздвижувања создадоа со  месеци хаос во регионот и зачестени бунтови во градовите, погроми и судири во селата. Распадот на царската империја во пресрет на револуциите во 1917 година и прогласувањето независност на три републики во пролетта 1918 година, честопати се земаат како почетни точки на територијални спорови кои траат и денес. Иако е вистина дека појавата на Грузија, Ерменија и Азербејџан во 1918 година ја трансформираше природата на регионалните тензии, причините за нивното појавување за време на периодот на независност на Кавказ (до 1920-1921) беа родени  уште поодамна.

Новите републики се судираат со постојано користење на карти и статистички податоци направени во претходните години, за време на обновените дебати во 1915-1916 година за време на реформата на провинциската автономија (реформа на земствата) во Закавказје. Ова повторно ги активираше прашањата во врска со територијалната поделба на регионот и разгледувањето на приливот на ерменски бегалци после геноцидот во Отоманската империја.

Карабах брзо станува една од клучните точки во судирот меѓу Азербејџан и Ерменија. Додека, во јануари 1919 година, Азербејџаните – во договор на Британците – назначија еден голем земјопоседник, Хосров Бек Султанов за генерален гувернер на регионот, Ерменците од Карабах не го прифатија оваа преземање на власта. Серија насилства избувнаа во месеците што следуваа, со тоа што независната Ерменија тивко го поддржуваше локалниот иредентизам. Слабоста на двете држави, соочена со економскиот и политичкиот колапс во регионот, не дозволуваше ниту една од нив да победи. Додека се чекаше арбитражата на сојузничките сили, советизацијата на Јужен Кавказ, која започнува од пролетта 1920 година, означува веќе почеток на нова фаза.

За време на судирите  есента 2020 година во Карабах, многумина зборуваа за улогата што Јосиф Сталин  ја имаше во воспоставувањето на автономниот регион Нагорно-Карабах во рамките на Азербејџанската Советска Република во раните години на советската моќ. Грузискиот Сталин, навистина, секогаш бил присутен во кавкаските прашања, иако зааради неговата работна позиција како комесар за националности на болшевичка Русија мора да решава тешки прашања поголемо од оние за ривалствата од неговиот роден регион.

Наместо свесна примена на стратегијата „подели и владеј“, создавањето на Нагорно Карабах ги рефлектира тактичките движења на советската моќ комбинирајќи идеолошки принципи и политички реалности на еден терен кој може да се распламти во секој момент.  Советизацијата на Азербејџан (април 1920 година), потоа на Ерменија (декември 1920 година), не стави крај на меѓуетничките тензии на границите на двете републики. Азербејџанските и ерменските болшевички елити се судираат за контрола на регионите Накичеван, од Зангезур, чиешто население е мешано и Карабах, чијшто високи предели се претежно населени од Ерменци.

Првично, канцеларијата на партијата во Кавказ – која ги обединува главните болшевички лидери во регионот – се определува Карабах да биде соединет  кон Ерменија, со цел да ги задоволи ерменските национални чувства, иако во исто време,  населението се повеќе се бунтува на територијата на републиката. Така гласи одлуката донесена на 3 јуни 1921 година, но е поништена еден месец подоцна од друга, донесена на 5 јули во присуство на Сталин. Ако архивите не покажуваат која била вистинската причина за овој пресврт, главното објаснување се чини дека е загушување на бунтовите во Ерменија од страна на Црвената армија, во моментот кога азербејџанските лидери ја користат целата своја моќ за да го  заземат регионот3.

Далеку од тоа да застане во 1921 година, историјата на Нагорно-Карабах претрпе низа случувања за време на Советскиот период, кои останаа претежно невидливи, што можеби го поттикна чувството на нивно неразбирливо воскреснување кон  крајот на осумдесеттите години. Дефинирањето на границите на тој начин се прошири до средината на 1920-тите, поставувајќи трнливи прашања за споделување на земјиштето, но и за доделување на етничката припадност. Курдите кои живеат во регионот Келбаџар – меѓу Република Ерменија и Карабах – го привлекуваат вниманието на етнолозите. Тие се предмет на зголемени напори за јазична и културна асимилација од страна на властите во Баку, кои сакаат да ја консолидираат својата контрола над областа.

На долг рок, и далеку од универзалистичките идеали, советскиот режим има тенденција да ги зголемува претензиите на секоја доминантна национална група на нејзината територија, без разлика дали станува збор за република, автономна република или само регион. Она што можеше да се квалификува уште во 1920-тите, како „заеднички стан на заедницата4“ кој ја зајакна логиката на хомогенизација, како што се покажа во текот на дваесеттиот век со падот на мултиетничност во неколку територии од областа.

Тбилиси, кој сè уште броеше 35% Ерменци и 16% Руси во 1926 година, забележа дека грузиското население се зголемува постојано, достигнувајќи 48% во 1959 година, 57% во 1970 година и 66% во пресрет на падот на Советскиот Сојуз. Во Накитчеван, ексклавата одделена од Азербејџан со ерменскиот регион Зангезур, процентот на Ерменци започна да се намалува на крајот на меѓувоениот период, паѓајќи од повеќе од 10% во 1939 година на 1,5% во 1979 година. Селските буни од летото 1930 година и сталинистичкиот терор од крајот на 30-тите години на минатиот век се повод, на повеќе места, да се забрза падот на малцинствата со депортација на одредени групи, особено на Грците, Ерменците, Турците и Курдите од Грузија; маневар што се повторува по Втората светска војна5.

Сепак, се појавуваат неколку моменти. Така, на крајот на 40-тите години од минатиот век, Григориј Артјомович Аритјунов (Грикор Арутиојаниан на ерменски) и Мир Jафар Багиров, први секретари на ерменските и азербејџанските комунистички партии, соодветно, одреден краток период разгледуваа размена на население и територии во врска со нивните соодветни желби за проширување на сметка на Турција и Иран. Напуштањето на советските територијални претензии кон овие две земји, сепак, доведе до повлекување на овие проекти кон крајот на 1940-тите.

Исто така, во шеесетите и седумдесетите години од минатиот век, се појавија низа барања околу Карабах, предизвикувајќи загриженост кај властите во Баку6. Ерменската дијаспора во западните земји, критички настроена кон советскиот режим, исто така отворено го поддржува повторното обединување на Карабах со Ерменија, прашање често поврзано со комеморацијата на геноцидот во 1915 година, со што се случија и  првите големи демонстрации во април 1965 година. Азербејџанските власти го искористија економскиот развој на нивната република за да ја зајакнат интеграцијата на Карабах со населување на азербејџанско население и се обидоа да ја ограничат размената на автономниот регион со Ерменија.

Ако земеме мапа на Јужен Кавказ изработена еден век по таа на Зајдлиц, можеме да ги видиме главните случувања во регионот. На крајот на Првата светска војна, како и во СССР седумдесет години подоцна, претензиите на новите држави да ја засноваат својата моќ и врз територијален принцип и врз етно-религиозен суверенитет делумно ја објаснуваат се поголемиот број на тензии со малцинствата (азгари, лезгини, талечијци) и отворени конфликти: Јужна Осетија, Абхазија и Карабах, без да ги броиме оние од Северен Кавказ, во рамките на Руската Федерација.

Масовното насилство што го означи почетокот на 20 век беше наследено со потивки форми на етничка и културна хомогенизација. Затоа, во овој историски период  кога разновидноста беше најмала, мора да се постават конфликтите кои се појавија за време на периодот на перестројката (1985-1991), кога опаѓачката моќ на централните советски органи остави слобода да се појават националните судири и ги поставува темелите за независни држави создадени со „помош на оружје7“.

 

Преведено од:  Маја Малиновска


Фусноти: 

  1.  « Carte ethnographique du Caucase par le rédacteur principal du comité de statistique du Caucase », 1881, Gallica, Bibliothèque nationale de France, www.gallica.bnf.fr
  2.  Juliette Cadiot, Le Laboratoire impérial. Russie-URSS, 1860-1940, CNRS Éditions, Париз, 2007.
  3.  Arsène Saparov, From Conflict to Autonomy in the Caucasus : The Soviet Union and the Making of Abkhazia, South Ossetia and Nagorno Karabakh, Routledge, Abingdon – Њу Јорк, 2014.
  4.  Yuri Slezkine, « The USSR as a communal apartment, or how a socialist state promoted ethnic particularism », Slavic Review, vol. 53, n° 2, Урбана (Илиноис), été 1994.
  5.  Claire Pogue Kaiser, Lived Nationality : Policy and Practice in Soviet Georgia, 1945-1978, докторска теза по историја, Универзитет во Пенсилванија, 2015.
  6.  Cəmil Həsənli, Azərbaycanda Sovet liberalizmi. Hakimiyyət. Ziyalılar. Xalq (1959-1969), Баку, Канин, 2018.
  7.  Taline Papazian, L’Arménie à l’épreuve du feu. Forger l’État à travers la guerre, Картала, Париз, 2016.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW