Како што покажа неодамнешниот 20. Конгрес на Комунистичката партија на Кина (КПК), претседателот Си Џинпинг има амбиција да се искачи на нивото на Мао Цедунг, ако не, дури и да го надмине. Според некои коментатори, тој дури би бил и „новиот Сталин“.[1] Во време кога кинеско-западните тензии продолжуваат да растат, Западот продолжува да гледа на оваа земја низ призмата на Студената војна, при што Кина го зазема местото на поранешниот Советски Сојуз како главен глобален противник, покрај тоа што се смета и за еден од најважните претставници на автократските сили во светот.
Оваа визија ги трансформира кинеските мислители во еквиваленти на руските дисиденти и сличните обесправени кои ризикуваат да бидат испратени во Гулаг само за поседување забранети книги, а Кина во свет без вистински интелектуален живот надвор од приватната сфера (или затвори). Така, иако земјата стана втора најголема сила во светот, единствените кинески интелектуалци познати на Запад се дисиденти како уметникот Аи Веивеи или професорот по право Ксу Жангрун.
Но, денешна Кина не е толку како Русија на Сталин; таа е повеќе како Јапонија од ерата Меиџи (1868-1912), кога Јапонија направи свој продор како велесила на светската сцена на крајот на 19. век, во сликата на она што Кина го постигна од 1980 година, по реформите на Денг Хсијаопинг. Сличностите се наоѓаат и на интелектуално ниво, бидејќи со отворањето кон остатокот од светот, двете земји ги прифатија, секоја на свој начин, западните идеи, оставајќи ја настрана „традицијата“ – феудална во случајот на Јапонија, маоистичка во случајот на Кина. Во двете нации, ова доведе до општествено раздвижување, па дури и до плуралистички интелектуални сцени… до одреден степен.
Во Кина, овој плурализам беше извонреден, во годините што му претходеа на почетокот на првиот мандат на Си (март 2013 година), до точка, без сомнение, да го притисне да бара заострување на идеолошката контрола што ја спроведуваат партијата и државата. Сепак, и покрај сите негови напори, претседателот не беше целосно успешен, бидејќи интелектуалниот свет се чини дека задржува одредена независност, дури и релативна.
Во изминатите десет години спроведував истражувачки проект фокусиран на „кинеските јавни интелектуалци“, односно оние кои објавуваат во Кина и на националниот јазик, кои ги почитуваат правилата на играта како што ги дефинира претседателот Си и државната партија, без да бидат бранители на режимот или пропагандисти.[2] Навистина постои некаква „Литерарна Република“, која најчесто поминува незабележано, потисната од заглушувачката партиска врева на режимот; дотолку повеќе што дебатите се водат само на кинески, а што не од помош. Сепак, со развојот на земјата, дебатите ја оживеаја оваа разновидна и плуралистичка заедница. Навистина, постои една Кина која мисли и зборува јазик различен од оној на официјалните лица, без разлика што Си и други велат во партиските весници.
Од 2000 година, најважните дебати се вртат околу три фундаментални и меѓусебно поврзани прашања: Дали Кина е уникатна и ако да, во која смисла? Каква е, или каква треба да биде нејзината улога во светот? И како „добро да ја раскажете својата приказна“ – што подразбира претходно да знаете каква е историјата на земјата што ќе ја раскажете?
Два големи настани ги агитираа кинеските интелектуалци: распадот на Советскиот Сојуз и очигледниот пад на Западот – особено на САД – по кризата во 2008 година. Додека Кина продолжува да расте, а нејзините големи ривали пропаѓаат или се распаѓаат, идејата дека Кина е – и отсекогаш била – уникатна, речиси природно се задржа. И како резултат на тоа, нејзиното историско чувство на супериорност повторно се појави по еден век странско понижување и неколку децении револуција.
Еден од гордите бранители на оваа теорија, Жанг Веивеи,[3] официјален преведувач кој станал истражувач, ѝ посветил трилогија помеѓу 2008 и 2016 година: Кина го допира светот (2008), Кинескиот бран: Подемот на цивилизациската држава (2012) и Кинескиот хоризонт: Славата и сонот за цивилизациска држава (2016).[4] Овие книги се една папазјанија од (често корисни) статистички податоци за напредокот на земјата во споредба со другите, проникливи објаснувања на националните практики кои можат или не можат да бидат уникатни (високо централизираната влада дозволува локално експериментирање за важни економски прашања) и донекаде тавтолошки афирмации во стилот, населението е „посебно“ или „јазикот е уникатен“.
Привлечноста на овие дела лежи во поимот „цивилизациска држава“ кој се појавува во поднасловот на последните две дела од неговата трилогија. Според него, другите земји во светот се само „национални држави“ исковани во тешките моменти на модерното искуство, додека Кина е и цивилизација и национална држава, што ја прави… „уникатна“. Авторот се умилкува на КПК и ако неговите книги се бестселери, тоа во голем дел им го должи на членовите на партијата и владините кадри, кои се поттикнуваат и да ги купат. Тој и не е многу баран од другите интелектуалци, поради две причини: Жанг проповеда главно на конвертитите, а неговите последни две книги се силно инспирирани од книгата на британскиот новинар Мартин Жак од 2009 година, Кога Кина владее со светот, каде тој ја развива идејата за „цивилизациска држава“ за Кина. Книга за уникатноста на земјата, што копира странска книга на истата тема – покренува многу сомнежи…
И подобрите научници се заведени од истата идеја, како што се Џијанг Чинг[5] и Чен Минг,[6] кои ја поврзуваат уникатноста на нивната земја со конфучијанството. Ова води кон контроверзни заклучоци. Чен смета дека „републиканската револуција од 1911 година [која доведе до абдикација на последниот кинески цар и воспоставување на Републиката] била непотребна грешка, бидејќи Кина веќе била на добар пат да воспостави уставна монархија“. Или дека „поголем дел од дваесеттиот век била трагична грешка бидејќи [Пекинг] постојано барал западни решенија за кинеските проблеми“. Сепак, без оглед на умешноста што овие нови конфучијанисти ја користат за да ја споредат КПК со „добронамерните монарси“ од минатото, комунистите не можат а да не забележат дека овие писатели го осудуваат марксизмот како туѓ – поента што не може да биде почувствителна.
Кинеската т.н. Нова левица која, на крајот на милениумот, се залагаше за регулирање на капитализмот, борбата против нееднаквоста и дефинирање на поинаков тип на демократија, исто така се обиде да игра на оваа карта на сингуларност. За личности како Ванг Ху[7] и Ванг Шаогуанг,[8] подемот на Кина како глобална велесила покажа дека таканаречените „универзални вредности“ на Западот – всушност и не биле толку универзални. Земјата успеа преку значителни иновации, на пример со создавање на „реактивна демократија“ (во која Партијата одговара на потребите на народот) супериорна во однос на „претставничката демократија“ на Западот (парализирана од кронизам и политики на заедницата, како што се феминистичките движења, одбраната на мултикултурализмот…) – и со развивање на „улогата на државата“.
Оваа „реактивна демократија“ има чудна сличност со „масовната линија“[9] на Мао Цедунг, велат либералите кои, како и историчарот Сју Џинлин, предупредуваат дека предвоена Јапонија и Германија развиле слични култови на државата, кои завршиле со војна и пораз. Тие, сепак, се согласуваат дека Кина мора да понуди своја визија за модерноста и на тој начин да придонесе за различноста на универзалните вредности: „Кинеската цивилизациска традиција не е националистичка, туку повеќе се заснова на универзални и хуманистички вредности“, пишува Ксу.[10]
Додека интелектуалците наклонети кон надворешната политика честопати ги повторуваат слоганите на режимот за „заедничката судбина“ и „договорите без поразени“, многумина истражуваат различни верзии за тоа како би можел да изгледа мултиполарен свет. Џијанг Шигонг, еден од универзитетските професори[13] на кинеската Нова левица, на тој начин ја презема идејата за кинеска империја составена од региони „обединети“ преку политиката на Новите патишта на свилата. Сепак, повеќето трошат многу повеќе време за да ги осудат различните манифестации на американската хегемонија отколку да зборуваат за моменталниот став на Пекинг на меѓународната сцена.
Некои веруваат дека светот бил подобар кога Кина била втора виолина во светот предводен од Америка, кога имала „низок профил“, како што тогаш се кажувало. На овие истражувачи им било многу полесно кога Пекинг и Вашингтон се однесувале како стара брачна двојка, чии повремени расправии не ја доведувале во прашање фундаментално силна врска.
Неколку од нив се сомневаа во широко распространетата идеја дека високите стапки на раст би биле доволни за да се надмине американската моќ. Социологот Сун Липинг дури го смета ова и за опасно:[14] „Што се однесува до развојот, во моментов сме соочени со вистински избор: дали ќе продолжиме да го одржуваме курсот и да ги подобруваме условите за живот на населението или одиме на сè? Треба да разбереме дека се соочуваме со исклучително тешки проблеми за егзистенција, од кои најголемиот е нашиот екстремно низок наталитет“. Тој не е единствениот што алармира. Либералот Ши Жан напиша цела книга за да покаже[15] дека не треба да се дозволи да надвладее „популистичкиот национализам“ и дека лидерите мора да признаат дека Кина никогаш нема да доминира со морињата, бидејќи премногу соседи се противат на ова. Во секој случај, инсистира Ши, самата природа на моќта се менува: платформите и вештачката интелигенција што ќе ја обликуваат економијата на иднината – се во голема мера надвор од контролата на државите.
Конечно, уште една тема со која се занимаваат кинеските интелектуалци: како да се „раскаже приказната“ за земјата? Државната партија ги повикува да го сторат тоа, но и без такво поттикнување, многу од нив се опседнати со прашањето, не толку поради неговата пропагандна вредност – опсесијата на КПК – колку со надеж дека ќе постигнат добро разбирање за она што нивната земја е и ќе биде и за Кинезите и за светот. Бидејќи и покрај целата културна гордост и националистичка реторика, прашањето останува нерешено и е предмет на многу дебати.
Се разбира, речиси сите важни теми се дискутирани од страна на интелектуалците, понекогаш повторувајќи ги чувствата на населението, како што е „заедничкиот просперитет“, што многу ги плаши богатите луѓе и претприемачите, Новите патишта на свилата (и изборот на странски инвестиции), од неодамна справувањето со Ковид-19 и строгите рестрикции, кои имаа свои критичари.
Но, тоа е враќање кон самата историја што предизвикува понекогаш жива дебата околу ова чудно прашање: дали историјата на Народна Република Кина (НР Кина) треба да се подели на „два периоди од по 30 години“ или на „еден период од 60 години“? Суштината на прашањето е дали ерата на Мао треба да се смета за грешка што Денг Хсијаопинг ја поправи со отворање на Кина за пазарните сили. Сè уште има комунисти кои мислат дека направил грешка со напуштањето на маоизмот, додека многу либерали веруваат дека тој не го прифатил пазарот колку што требало. Поголемиот дел од нив се некаде помеѓу. Партијата, не е за изненадување, одлучи дека историјата на НР Кина треба да се гледа како целина, што загрижува некои интелектуалци, бидејќи се чини дека Си позајмува премногу од маоистичкиот „учебник“.
Всушност, многу либерали ја раскажуваат приказната на следниов начин: револуцијата (од 1949 година) беше неопходна за да ја разбуди земјата од нејзината милениумска хибернација и да генерира енергија потребна за промена. Маоистичката Кина направи многу грешки, но планската економија и присилната модернизација ги поставија темелите за полетување за време на периодот на реформи и отворање кон светот (од 1979 година). Оваа политика ги ослободи претприемачките сили. Кина сега е прилично богата земја во глобализираниот свет, а пораката за „класната борба“ проповедана за време на револуцијата и маоистичкиот период веќе не е релевантна. Многу интелектуалци – дури и оние кои ја бранат партијата и држава – сметаат дека марксистичко-ленинистичко-маоистичкиот јазик на кој КПК продолжува да се изразува е застарен, дури и малку збунувачки, бидејќи нема вредност надвор од земјата и малку држи внатре. Непотребно е да се каже дека ако пазарот на недвижности крахира како што се стравува денес, размислувањето на Си нема да ја спаси ситуацијата.
Секако, постојат исклучоци. Правникот од Новата левица Џианг Шигонг објави долг есеј во 2019 година, каде го прикажува претседателот како херој кој пристигнал во последен момент за да ја спаси НР Кина од истата судбина како Советскиот Сојуз – хаос, релативна сиромаштија и безначајност.[16] Благодарение на него, Кина ќе биде светилникот кој ќе го води остатокот од светот низ опасностите и замките на американскиот неолиберализам. Текстот на Џианг е амбициозен, бидејќи се обидува да одговори на сите прашања кои тежат на актуелниот наратив на националната историја, во обид да се смени она што стана де факто интелектуален плурализам во земјата.
Во поново време, напорите на економистот Јао Јанг да го развие „конфучијанскиот либерализам“,[17] за да се решат голем број проблеми што ја мачат земјата и светот – се импресивни. Според него, западните демократски режими не функционираат правилно, фатени се меѓу акцентот на индивидуалните вредности и барањата за апсолутна еднаквост и повеќе не служат како извор на инспирација. Во Кина пазарните и политичките реформи се во застој, а ризикот од „левичарски“ мерки да им наштетат на претприемачите и со тоа да го намалат богатството и моќта на земјата – е повеќе од кога било присутен. Во исто време, објаснува економистот, Западот одбива да го признае легитимитетот на кинескиот подем, гледајќи го само како жолта опасност на комунизмот, што само ги охрабрува кинеските лидери да станат уште повеќе… „комунисти“. Добрите стари времиња од ерата по Студената војна бледнеат.
Што да се прави? Јао Јанг го предлага својот конфучијански либерализам кој толерира одреден степен на социјална нееднаквост што се смета за неизбежен и одреден меритократски елитизам, но кој резултира со влада способна да обликува консензус и затоа „правилно да управува со работите на народот“. За Јао, на Запад, државата е премногу слаба, поткопана од популистички струи, додека во Кина е премногу силна и ризикува да ги игнорира потребите на луѓето. Неговиот предлог има доблест да ги гледа Кина и Западот како дел од иста планета.
Свесен дека западниот свет не го слуша, Јао Јанг главно им се обраќа на кинеските либерали кои ја губат довербата во универзалните вредности. И ова има влијание врз општеството. Тој можеше да си дозволи да објави на 2 јули 2021 година, ден по комеморацијата со голема помпа, на стогодишнината од основањето на КПК, во престижното списание Пекиншки културен преглед, една долга статија со наслов „Предизвиците со кои се соочува КПК и реконструкцијата на политичката филозофија“. Тој не само што ги игнорираше главните теми кои се скандираа на прославата и инсистираше на потребата да се „синицизира марксизмот“ со враќање кон конфучијанизмот, туку не го спомна ниту претседателот ниту неговите Мисли. Што е невообичаено во едно вакво елитно кинеско списание. За Јао, како и за многу јавни интелектуалци, „доброто раскажување на приказната за Кина“ значи и интегрирање на оваа приказна во онаа на другите, бидејќи тие се гледаат себеси како граѓани на светот, кои имаат способност и одговорност да разговараат со своите колеги насекаде.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] Chloé Froissart, « Chine : la crispation totalitaire », Esprit, Paris, n°491, XI/2022.
[2] Reading the China Dream, www.readingthechinadream.com
[3] “It is entirely possible to tell the story of Chinese politics in a more accurate and exciting way”, Reading the China Dream, 20.06.2021.
[4] Последните две се преведени на англиски јазик: China Wave, World Century Publishing Corporation, Shanghai, 2012, и: The China Horizon, World Century Publishing Corporation, 2016.
[5] Jiang Qing, A Confucian Constitutional Order, Princeton University Press, 2012.
[6] Chen Ming, “Transcend left and right, unite the three traditions, renew the party-State: A Confucian interpretation of the China dream”, Reading the China Dream, 17.03.2015.
[7] Wang Hui, China’s Twentieth Century: Revolution, Retreat and the Road to Equality, Verso, London, 2016; The Rise of Modern Chinese Thought, Harvard University Press, Cambridge, треба да се објави во VII/2023. Wang Hui, « Les Asiatiques réinventent l’Asie », Le Monde diplomatique, II/2005.
[8] Wang Shaoguang, China’s Rise and its Global Implications, Palgrave Macmillan, London, 2021.
[9] Заб. на уред. Теоријата на Мао Це Тунг имаше за цел да ја обедини идеолошката авангарда, која предводи, и барањата на масите.
[10] Xu Jilin, « The new tianxia: Rebuilding China’s internal and external order », Reading the China Dream, 2015.
[11] Zhao Tingyang, Tianxia, tout sous un même ciel, Éditions du Cerf, Paris, 2018; Régis Debray, Du ciel à la terre, Les Arènes, Paris, 2014.
[12] Заб. на уред. Суми или подароци дадени на царот во знак на верност од региони или земји како Кореја, Виетнам, Јапонија.
[13] Jiang Shigong, “The internal logic of super-sized political entities: ‘Empire’ and world order”, Reading the China Dream, 06.04.2019.
[14] Sun Liping, “2021: What Kind of World Will We Face?” Reading the China Dream, 23.01.2021.
[15] Shi Zhan, Sortir du cocon : isolement, confiance et avenir, Hunan Wenyi Chubanshe, Changsha, 2021 (не е преведено на кинески).
[16] Jiang Shigong, “Philosophy and History”, Reading the China Dream, 2018.
[17] « Yao Yang on “Rebuilding China’s Political Philosophy” », Reading the China Dream, 2021.