Февруари 2019 година. Млазни авиони се пробиваат низ чистото небо на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), мала федерална држава лоцирана помеѓу Персискиот Залив и Арапското Море. Удобно сместен, опкружен со странски водачи, престолонаследникот на Абу Даби1, силен човек на федерацијата и влијателна личност на арапскиот свет, г. Мухамед бен Зајид ел Нахјан (познат како „МБЗ“), лично присуствува на отворањето на International Defence Exhibition (IDEX). Овој саем за вооружување, ценет од сите светски имиња во овој сектор, започнува со воена претстава во природна големина, во која дефилираат теренските емиратски возила „Nimr“, американски оклопи и француски тенкови. Холивудска продукција која одговара на воените и геополитичките амбиции на „малата Спарта“, како што американскиот генерал Џејмс Матис ги нарече ОАЕ во 2011 година, кога беше на чело на Централната команда на САД2.
Затоа што ОАЕ, петтиот најголем увозник на оружје во светот3, не глуми дека војува. Тие ја водат, ја провоцираат или одржуваат, водена од „регионалната стратегија на влијание и моќ“, како што објасни Ема Собиер, истражувач на Институтот за арапски заливски држави во Вашингтон. Од март 2011 година, за време на „арапската пролет“, тие интервенираа со воени сили во Бахреин, со Саудиска Арабија, за да се стави крај на народното востание против монархијата Ал-Калифа4. Во Јемен, од 2015 година каде тие сè уште управуваат со Ријад, антихутистичката коалиција, тие се обвинети – како и нивниот сојузник од Саудиска Арабија – за кршење на меѓународното право, но и за работење кон поделба на земјата5. Во Либија, игнорирајќи го ембаргото за оружје, тие го поддржуваат маршалот Калифа Хафтар во неговата борба против владата на национално единство. Од една страна, сценариото ; од друга страна, одбивањето на војна : две страни на истата паричка, онаа на монархијата што зборува за својата „модерност“, истовремено придонесувајќи за влошување на тензиите во арапскиот свет. Абу Даби беше и движечката сила на регионалната забрана за Катар во 2017 година.
Како да се објасни еволуцијата на оваа земја која ќе ја прослави својата педесет годишнина во декември и каде 90% од 10 милиони жители се странци? За да го направиме ова, треба да се вратиме во 1971 година, година на конституирање на федерацијата, во која Бахреин и Катар од страв да не бидат под власта на Абу Даби одбија да се приклучат. Со моќни соседи како Саудиска Арабија, Ирак и Иран, седумтте емирати и нивниот владетел, шеикот Зајед Ал-Нахијан, веднаш се соочуваат со прашањето за нивната безбедност. Мали и имајќи мала армија, ОАЕ многу брзо побара поддршка од Западот, почнувајќи од Соединетите Американски Држави, кои би играле улога и на заштитник и на снабдувач на оружје. „За Вашингтон, кој исто така беше загрижен за ризикот од проширување на советското влијание, персискиот залив беше начин да се обезбеди енергетскиот пазар“, се сеќава Кристијан Улрихсен, истражувач од Институтот James Baker од Хјустон. Со значителни ресурси на јаглеводороди, федерацијата може да мобилизира колосални финансиски ресурси за да потпише масивни договори за вооружување. Со што би се задржале западните заштитници. „Во седумдесеттите и осумдесеттите години , овие набавки на оружје исто така помогнаа да се потврди престижот. Способноста на ОАЕ да го искористи престижот остана ограничен“, забележува Питер Веземан, истражувач на Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (Sipri).
Во 1990 година, ирачката армија го нападна Кувајт, чии воени сили, исто така богато обдарени, не беа во можност да одолеат на оклопните возила на Садам Хусеин. Оттогаш, работите се менуваат. ОАЕ ја консолидира нивната стратегијата: Набавките за одбрана и партнерствата продолжуваат, но тие се придружени со зајакнатата национална армија. Односот со Вашингтон станува „столб на војската на ОАЕ“, објснува Абдул Халик Абдулах, професор по политички науки на Универзитетот во ОАЕ. „МБЗ“, еден од синовите на шеикот Заид, тогашен началник на штабот на вооружените сили преку воена вежба станува командант на воздухопловните сили. „Тој е човек кој преку својата воена обука, негува визија во која дисциплината и вооружената моќ се доволни за да се реши скоро сè“, проценува истражувачот Јалел Харшау. Покрај него, американскиот полковник Џонсон Вилијам Мекгинис служи како воен советник од 1991 година. Во воздушната база Ал-Дафра, јужно од Абу Даби, САД го зајакнуваат своето присуство во однос на воените лица и материјалите. Тие изведуваат обуки и вежби6 со своите домаќини, учествувајќи при изградбата на воено-воздушните сили, кои сега се сметаат за најдобри во Заливот.
Деценија подоцна, учеството на двајца Емирати во нападите од 11 септември 2001 година, сепак, ги менува односите со Вашингтон. „За да ги увери своите партнери, МБЗ започна војна против Авганистан“, објаснува Улрихсен. Секако, учеството е доцна и скромно, со двесте војници распоредени од 2003 година, но, за Вашингтон, симболот е силен: арапска и муслиманска земја учествува во коалицијата против талибанците. „ОАЕ исто така сфати дека треба да го смени својот изглед“,продолжува истражувачот. Монархијата советувана од баталјон на англосаксонски службеници за комуникација, изгради за себе слика на модерна и визионерска држава. Во 2006 година, сомнежите на Вашингтон исчезнаа и генералот Питер Пејс, претседател на Комитетот на здружени началници на штабовите на САД, ја пофали силата на партнерството помеѓу двете земји7.
Во средината на 21 век, на власт дојде една млада генерација. Во 2004 година, г. Калифа Бен Зајед го наследи својот татко како претседател на федерацијата и на чело на емиратот во Абу Даби – неговиот престолонаследник стана неговиот брат „МБЗ“ – додека во 2006 година, г. Мухамед Бен Рахид Ел-Мактум ги презеде управите на емиратот Дубаи. Овие нови лидери имаат за цел да ја намалат зависноста на федерацијата од нафта. За да го направат тоа, тие се потпираат на повеќе извештаи што имаат перспектива („Vision 2020“, „Vision 2030“) и кои покажуваат светла иднина8. Трговијата, туризмот, слободно време, урбанизам и новите технологии стануваат темели на новата политика прогласена за „urbi и orbi“.
Создавањето на воена индустрија е дел од оваа динамика на економска диверзификација. ОАЕ се потпираат на ова преку принципот на „индустриска компензација“ (или „offsets“): во замена за продажба на оружје, странските добавувачи мора да учествуваат во развојот на локалната инфраструктура. На пример, американскиот Lockheed Martin, кој во 2000 година победи на продажба на осумдесет борбени авиони Ф-16, или кој го постави својот антиракетен одбранбен систем Thaad во 2013 година, се вклучи паралелно со фонд на ОАЕ во заедничко вложување, Ammroc , посветен на одржување на авиони. Во рамките на оваа компанија, присуството на многу вработени во иселението треба да го олесни развојот на вештините на локалните вработени и да овозможи трансфер на технологија. Се создадоа огромен број на јавно-приватни компании за одбрана како Ammroc, кои од 2019 година се здружени под ентитетот Edge.
Оваа стратегија за возврат и овозможува на федерацијата да извезува воена опрема, особено во други арапски земји – Алжир, на пример, купи двесте оклопни возила Nimr во 2012 година. Неколку години подоцна, во декември 2020 година, групацијата „Edge“ се рангира меѓу првите дваесет и пет воени снабдувачи во светот9, додека официјалниот дискурс може да се пофали со познавањето на Емиратите. Но, резервите и критиките се многубројни. Веземан прво сака да направи разлика помеѓу комуникацијата и реалноста : „Да се изгради одбранбена индустрија толку брзо не е лесно. ОАЕ е слабо транспарентна земја и останува многу зависна од синџирите на снабдување, но и од странските работници.“
Кај г. Тони Фортин од Опсерваторијата за вооружување, здружение кое се бори за разоружување, ситуацијата е поалармантна. „Абу Даби е центар за трговија со оружје, кој го снабдуваат илјадници иселеници помагајќи им на ОАЕ во градењето на нејзината воено-индустриска автономија“, загрижено истакнува. „Hub“, односно дом на голем број западни компании привлечени од предностите што ги нуди оваа регионална изложба. Затоа што од ОАЕ, „пристапот до нови пазари е олеснет со помалку ограничувачки правила за извоз отколку на Запад“, рече Веземан. Канадската групација Streit основала компанија во 2008 година од која со оклопни возила го преплавуваат африканскиот пазар, вклучително и во Либија. „ОАЕ беа вклучени во бројни трансфери на оружје (…), како за бунтовниците, така и за силите на ОАЕ со седиште во Либија10, со кршење на ембаргото за оружје“, осудува холандското здружение Pax for Peace11. За оваа организација, „високиот“ ризик за испорака на оружје само на земјите под ембарго би го оправдал запирањето на извозот во Абу Даби. „ОАЕ денес служи како сомнителна воздушна зона во индустријата за вооружување“, рече Фортин.
Многу повеќе од кратката интервенција во Бахреин во 2011 година, војната во Јемен им овозможи на ОАЕ да се соочат со реалноста на војната и да ги стават на тест својата опрема и луѓе. Управувани од „МБЗ“ со ударот на својот брат Калифа во 2014 година, федерацијата е првиот придонесувач во земјата која е во формирана коалицијата од Саудијците. Од 2014 година, армијата на ОАЕ имаат корист од воспоставување на задолжителна воена служба и имаат собрано повеќе од 60 000 војници.
Оваа важна бројка сепак мора да биде релативизирана. „Во ОАЕ, војската е начин за давање работа – и затоа има прераспределба на дел од нафтата – на граѓаните, особено на оние во посиромашните емирати на северот на земјата“, објаснува Харчауи. Но, таму ризикувањето на нечиј живот во борба е прилично неприродно.“ Сепак, некои ќе мора да се изложат на тоа. На јеменско тло, „од јули 2015 година, ОАЕ обезбеди (…) околу илјада воени лица, вклучително и четиристотини специјалци“, проценува белешка од октомври 2018 година на Француската управа за воено разузнавање (ДРМ) објавена на интернет страницата Disclose12.
Во летото 2015 година започнува времето за победа, со поразот што нанесен на Хутите од страна на коалиционите сили во повторното заземање на пристаништето Аден. „ОАЕ е сè уште прилично млада земја. Денес сме сведоци на изградба на национална држава која ја гради својата воена легенда“, истакнува Собриер. Сепак, смртта на 45 национални војници во штрајкот на Хутите во септември 2015 година брзо го намали првичниот ентузијазам и го истакна јавното мислење. Според белешката на ДРМ, помеѓу 2015 и 2018 година, своите животи би ги загубиле помеѓу 105 и 170 ОАЕ во борбите против Хутите.
Овие загуби кои се важни во поглед на демографијата на земјата, предизвикаа тензии во федерацијата. Во 2018 година, принцот на емиратот Фуџаира, г. Рашид Бен Хамад Ал-Чарки, го обвини Абу Даби за прикривање на реалниот број на жртви13. На емиратите помалку богато обдарени од оној на Абу Даби – и од кој тие зависат според финансискиот план – кружи гласина што ја нарушува националната кохезија : сите најекспонирани војници доаѓаат од најсиромашните емирати. Оттука произлегува одредената неподготвеност со која се гледа како земјата се вклучува во други конфликти.
„Но, за да ги постигнат своите геополитички амбиции, емиратите имаат потреба од трупи кои ќе ги испратат на фронтот“, коментира Харчауи. Затоа, тие мора да се обратат до „одговорните лица“.Веќе во 2011 година, New York Times извести за населување на стотици од овие платеници – вклучително и Колумбијци14 во близина на Абу Даби. Во тоа време, федерацијата имаше за цел да се заштити од надворешни закани, вклучително и од оние на Иран, отколку во случајот да располага со арапските странци кои живеат на нејзино тло и би имале лоша идеја да ги имитираат демонстрантите од Каиро или Тунис. Операцијата е координирана од компанијата Reflex Responses (R2), поврзана со г.Ерик Принс, милијардер и основач на американската платежна компанија Blackwater. „Саудиска Арабија и ОАЕ користеа и платеници од Судан, Чад, Сомалија или Еритреја“, додава историчарот Валтер Брујер-Остелс.
Додека ОАЕ во 2019 година официјално се повлекоа од јеменскиот конфликт, оставајќи ги Саудијците сами на терен, тие не ги напуштаат сопствените цели, особено продолжувајќи да го окупираат гасното пристаниште Балхаф и островот Сокотра. „Стратегијата на влијанието на ОАЕ вклучува создавање на трговски и воени пристанишни шалтери што се протегаат од Африканскиот рог до Медитеранот“, објаснува Собиер. Во исто време, тие ги поддржуваат јеменските фракции, како што е самиот сецесионистички јужен преоден совет (ЦТС). „Таму веќе не ни требаат сопствени сили. Ние финансираме, обучуваме и опремуваме илјадници јеменски војници кои ја пополнуваат празнината“, анализира Абдула.
Или друга форма на платеници, според Брујер-Остелс. Абу Даби, исто така, користи насилници во она што го опишува како војна против „тероризмот“ – за што Собиер се присетува дека го вклучува и „Муслиманското братство“. Во 2018 година, сајтот „Buzzfeed“ го документираше обидот за убиство на лидерот на Ал-Ислах, јеменска партија поврзана со братството, од страна на мажи од американската компанија „Spear Operations Group“15. „ОАЕ ангажираа американски платеници да водат кампања за атентат во Јемен (…) што доведе до смрт на десетици политичари и јавни личности во последните пет години“, во септември 2020 година ги осудија невладините организации Rights Radar for Human Rights и Institute for Rights and Development (ИРД) пред Советот за човекови права на ООН. Тело кое, во својот извештај од септември 2020 година, немаше доволно груби зборови за да ги опише размерите на јеменската катастрофа, набројувајќи ги повеќекратните повреди на човековите права извршени од сите страни, сето тоа во „ендемска неказнивост“16. Помеѓу нив, мрежа на тајните затвори на ОАЕ, каде што наводно биле извршени акти на тортура. Овие ужаси се сокриени од пошироката западна јавност, која останува фасцинирана од туристичките атракции на Дубаи : емиратот продолжува да пречекува илјадници западни туристи. Додека валканиот атентат врз новинарот Џамал Кашогџи во октомври 2018 година ја потсети јавноста на суровоста кон режимот на Саудиска Арабија, акциите на ОАЕ во моментов се под радарот. „ОАЕ имаат многу активна лоби-кампања во Соединетите Држави (…) што и овозможи на монархијата да изврши значително влијание (…), притоа оставајќи ги своите незадоволства во голема мера во сенка“, пишува истражувачот Бен Фримен во извештајот од 2019 година17.
Но, ситуацијата се менува. Многу блиску до Вашингтон за време на мандатот на г. Доналд Трамп – близина што доведе до нормализирање на нивните односи со Израел, преку договорите на Абрахам од 15 септември 2020 година, ОАЕ сега мора да сметаат на нивната демократска администрација која е помалку поволна. На крајот на јануари, САД објави „привремена суспензија“ за преглед на испораките на оружје во Саудиска Арабија и ОАЕ, вклучително и продажба на Стелт авионите Ф-35 ветени на военото воздухопловство на ОАЕ по нормализацијата со Тел Авив. На почетокот на февруари, Вашингтон, а по него и Италија, одлучи да престане со секоја логистичка или техничка поддршка за коалицијата ангажирана во Јемен. Навреда за Абу Даби и голем тест за неговата подготвеност да дејствува независно во регионот. „Повеќе не ни треба зелено светло, ние доволно стекнавме независност за да дејствуваме сами“, рече Абдула. Поголемата решеност од нејзиниот американски партнер може, сепак, да ја принуди „малата Спарта“ да ги намали своите амбиции.
Преведено од: Павлина Димовска
Фусноти:
- Создадена во 1971 година, федерацијата на Обединетите Арапски Емирати ги обединува Абу Даби, Аџман, Шарџа, Дубаи, Фуџаира, Рас Ел-Хајма и Ум ел-Кајвајн. Градот Абу Даби е истовремено главен град на истоимениот емират и на федерацијата.
- Централната команда на САД (US Central Command, Centcom) е одговорна за воените операции на Блискиот исток, Централна Азија и Јужна Азија. Погледнете Rajiv Chandrasekaran, « In the UAE, the United States has a quiet, potent ally nicknamed “Little Sparta” », The Whashington Post, 9 ноември 2014 година.
- Според базата на податоци на Sipri за периодот 2010-2019 година; www.sipri.org
- Прочитајте Marc Pellas, « Bahreïn, la dictature “excusée” », Le Monde diplomatique, февруари 2013 година, www.monde-diplomatique.fr
- Прочитајте Pierre Bernin, « Fiasco saoudien au Yémen », Le Monde diplomatique, јануари 2021година.
- Погледнете Kenneth Katzman, « The United Arab Emirates (UAE) : issues for US policy », Congressional Research Service, Вашингтон, 4 септември 2020 година.
- David S. Cloud, « US sees Emirates as both ally and, since 9/11, a foe », The New York Times, 23 февруари 2006 година.
- Прочитајте Akram Belkaïd, « Le Golfe par ses mots », Le Monde diplomatique, август 2013 година.
- « Global arms industry : sales by the top 25 companies up 8.5 per cent ; big players active in Global South », Sipri, декември 2020 година, www.sipri.org
- Писмо од Панелот на експерти за Либија основано во согласност со резолуцијата 1973 година (2011 година) адресирана до претседателот на Советот за безбедност, 29 ноември 2019 година.
- « Under the radar : the United Arab Emirates, arms transfers and regional conflicts », Pax for Peace
- Белешка од 3 октомври 2018 година за безбедносната состојба во Јемен од Дирекцијата за воено разузнавање (ДРМ), откриена во Cartographie d’un mensonge d’État », Disclose, 15 април 2019 година, https://made-in-france.disclose.ngo
- David D. Kirkpatrick, « Emirati prince flees to Qatar, exposing tensions in UAE », The New York Times, 14 јули 2018 година.
- Погледнете Mark Mazzetti et Emily B. Hager, « Secret desert force set up by Blackwater’s founder », The New York Times, 14 мај 2011 година.
- Aram Roston, « A Middle East monarchy hired American ex-soldiers to kill its political enemies. This could be the future of war », BuzzFeed News, 16 октомври 2018 година, www.buzzfeednews.com
- « Situation of human rights in Yemen, including violations and abuses since September 2014 », rapport du groupe d’experts sur le Yémen, Conseil des droits de l’homme de l’ONU, 29 септември 2020 година.
- Ben Freeman, « The Emirati lobby – How the UAE wins in Washington : report », Center for International Policy, Вашингтон, октомври 2019 година.