На 7 ноември Алжир официјално објави дека аплицира за приклучување кон БРИКС, групација која ги вклучува Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка и чии економии придонесуваат за 40% од светскиот бруто домашен производ (БДП). Идејата веќе беше спомната во јули од претседателот Абделмаџид Тебун, за кого ова барање, кое веќе доби поддршка од Москва и Пекинг, „ќе го заштити Алжир, пионер на принципот на неврзаност, од фрикциите меѓу двата пола“. Надвор од економските размислувања околу оваа кандидатура – алжирските аналитичари се поделени во однос на нејзината важност – моментот избран од Алжир не е безначаен. Тоа е очигледно дел од дипломатскиот пристап кој има за цел да ја искористи меѓународната криза што произлегува од руската инвазија на Украина. Официјално, Алжир е неутрален, во согласност со својот принцип на немешање во работите на другите. Во реалноста, оваа позиција е повеќе двосмислена и има за цел да се доближи уште повеќе до рускиот партнер. Од март, алжирската дипломатија се воздржа од сите резолуции на ОН во кои директно се обвинува Русија. Понекогаш дури и гласа против ваквите документи на ОН, како што беше случајот со резолуцијата од 8 април со која Русија беше исклучена од Советот за човекови права на ОН.
Алжирските дипломати што ги интервјуиравме инсистираат на тоа дека апстиненцијата „не значи и слепа поддршка за Русија“ – за разлика од земјите како Северна Кореја, Сирија, Белорусија и Еритреја кои постојано ги отфрлаат резолуциите на ОН што ја осудуваат Москва. Но, во исто време, Алжир, како и многу африкански земји, одбива јавно да ја осуди Русија. Во мај 2022 година, двете страни ја обновија за дваесет години стратешката соработка потпишана во 2001 година меѓу претседателите Владимир Путин и Абделазиз Бутефлика. Во воената област овој однос е најинтензивен, кога Алжир историски се обрати кон СССР за купување на одбранбена опрема веднаш по својата независност. Во 2021 година, овие воени нарачки достигнаа износ од дури 7 милијарди долари, ставајќи ја земјата како трет најголем увозник на руска опрема во светот – веднаш по големите Индија и Кина. Во 2022 година, контактите на високо ниво се мултиплицираа во контекст на новите преговори за сума од 11 милијарди долари, особено во врска со купувањето на најмодерните борбени авиони од типот Сухој СУ 75, наменети да ја заменат веќе старата флота на МиГ-29. Големи набавки што му овозможуваат на Алжир да ги зајакне своите капацитети во контекст на голема тензија со својот марокански сосед и ривал.[i]
Во време на западните напори против руската армија во Украина, заедничките руско-алжирски воени маневри стануваат се почести. Во септември, вакви маневри се одржаа во Восток во Сибир – во присуство на кинески и белоруски војници. Во октомври руските воени бродови се закотвија во пристаништето во Алжир, а во ноември, се одржа и заедничка воена обука наречена „Пустински штит“, недалеку од мароканската граница, со мешана алжирска пешадија и руски специјални сили за симулирање, меѓу другото, на „откривање и елиминација на инфилтрирани терористички групи“.
Оваа воена блиска соработка очигледно не им се допаѓа на западњаците. Од првите недели на војната во Украина, неколку американски и европски функционери, вклучувајќи го и државниот секретар на САД Антони Блинкен (30 март) и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан (13 април), заминале во Алжир за да се обидат да ја променат алжирската позиција.[ii] Во ноември, група од 17 европратеници испратија писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, барајќи од неа да го преиспита Договорот за асоцијација потпишан во 2005 година помеѓу Алжир и Европската унија (ЕУ). Според овие функционери, алжирско-руските воени односи и воздржувањето на Алжир при гласањето во ОН – за Европа се извор на „длабока загриженост“. Истото важи и за САД, каде писмо потпишано во септември од 27 видни демократи и републиканци, вклучувајќи го и Марко Рубио, потенцијален републикански кандидат на претседателските избори во 2024 година, бара од владата на Бајден да воведе санкции за Алжир – поради купување оружје од Русија.
На алжирската страна, вообичаениот аргумент за суверенитет во прашањата на одбранбените одлуки, се користи за да се отфрлат овие западни обвинувања. „Западњаците кои одат во Алжир дефинитивно нѝ зборуваат за Украина, но, истовремено, ги имаат предвид и нафтата и гасот. Ова нѝ овозможува да најдеме рамнотежа меѓу нашите интереси, особено воените, и подготвеноста на Западот да се впушти во конфликт што воопшто не нè засега како таков“, објаснува еден алжирски дипломат. Затоа што главната предност на Алжир е да може да надополни дел од нафтата и гасот, а кои Европа повеќе не сака да ги купува од Русија. Италија е првата земја што ја презеде иницијативата со потпишување на Договор за увоз на алжирски природен гас на крајот на јули 2022 година преку гасовод. Оттогаш, француски, шпански, па дури и германски емисари, исто така, тргнале по патот кон Алжир – за да се обидат да ги зголемат своите резерви на нафта и гас. Комесарот за енергија на ЕУ, Кадри Симсон, во октомври, дури ѝ предложи на алжирската влада воспоставување „долгорочно стратешко партнерство“ за компензација на „неповратно прекинатите“ односи со Русија. Иронично, на крајот на 2000-тите, Алжир и ЕУ се судрија околу прашањето за цените на нафтата и гасот, при што Брисел одби да ја спои одржливоста на увозот со одредувањето на долгорочните откупни цени – во име на потребата да се почитуваат пазарните механизми.
Мароко ја одржува истата официјална потврда за неутралност во однос на конфликтот во Украина. Многу поблиску до Западот од неговиот алжирски сосед, кралството сепак се издвои на почетокот на кризата со тоа што евидентно одби да учествува во гласањето на различните резолуции против Русија. Преку својата ‚политика на празно столче‘ при гласањето, која мароканските власти не се обидоа да ја оправдаат, едноставно потсетувајќи на нивната „силна посветеност на почитување на територијалниот интегритет, суверенитетот и националното единство на сите земји-членки на ОН“. На многу начини, равенката е симетрична за двете големи земји на Магреб. Ако Алжир, близок со Русија, внимава да не го налути Западот, со тоа што им гарантира пристап до своите резерви на нафта и гас, Мароко, стариот сојузник на Европејците и САД, мора да ја поштеди Русија од две главни причини. Првата е економска. Со исклучок на вооружувањето, кралството е најголемиот трговски партнер на Москва на африканскиот континент. Само десет дена по почетокот на војната во Украина, Артем Цинамџвришвили, трговскиот претставник на Руската Федерација во Мароко, посочи дека обемот на трговската размена меѓу двете земји е зголемен за 42% во 2021 година – со пораст од 11% за извозот и 60% за увозот за кралството, додека Русија бележи голем билатерален трговски суфицит од 778,4 милиони долари. Посветена на процесот на диверзификација неколку децении, мароканската економија сепак продолжува да зависи од земјоделството (14% од БДП и дури 70% од работните места во руралните области). Особено, од Русија Рабат добива инпути и минерални и органски компоненти неопходни за берба. Ова исто така важи и за метали потребни за индустријата, како што се автомобили, комерцијални возила, прехранбени производи (тестенини, мед, говедско месо), апарати за домаќинство и пулпа. Јасно е дека Мароко не може да ја испушти Русија – без значителна економска штета.
Другата причина е стратешка. За Мароко, важно е да се спречи Русија целосно да се усогласи со алжирските позиции за Западна Сахара. Додека Рабат го потврдува својот суверенитет над оваа африканска територија порано колонизирана од Шпанија, Алжир бара да се почитува правото на самоопределување на народот Сахарави и ја поддржува борбата за независност на Фронтот Полисарио. Русија, иако блиска до Алжир, зазема средна позиција по ова прашање, нешто што го задоволува Рабат. Москва официјално го поддржува мировниот процес спонзориран од ОН и правото на самоопределување на народот Сахарави. Но, во исто време, руските дипломати не пропуштаат да потсетат дека „мирно решение“ може да се најде преку директни преговори меѓу инволвираните страни. Во октомври Русија дури и се воздржа од гласање за нова резолуција на ОН за едногодишно продолжување на мандатот на Мисијата на ОН во Сахара (МИНУРСО). Резерва која е спротивна на нејзината декларирана поддршка за мировните напори на ОН. Токму оваа мешана руска позиција Рабат не сака да ја промени, свесен за фактот дека, без оглед на санкциите, Русија, сепак, останува членка на Советот за безбедност на ОН.
Во контекст на студениот мир обележан со прекинот на дипломатските односи меѓу Алжир и Мароко во 2021 година, Москва се смета за доверлив соговорник и од двете страни. За Алжир, воениот сојуз со Русија е гаранција за постојана поддршка во случај на марокански воен напад поддржан од Израел, потписник на т.н. Абрахамски договори со Мароко. Оваа теза за напад е уште посериозно сфатена во Алжир, бидејќи Рабат и Тел Авив ја проширија својата соработка во воената сфера во ноември 2021 година. За време на официјалната посета на Казабланка на 12 август 2021 година, Јаир Лапид, тогашен израелски министер за надворешни работи, зборуваше за својата „голема загриженост за улогата на Алжир во регионот, неговото зближување со Иран и неговата кампања против приемот на Израел како набљудувачка членка на Африканската унија“.
За Рабат, каде што нема желба да се нападне соседот, Русија се појавува како единствениот актер кој најверојатно ќе ги ублажи воинствените импулси на Алжир. Висок дипломат потсетува дека Русија не е против нормализација на односите меѓу арапските земји и Израел, а која и самата има добри односи со Тел Авив. Затоа Рабат не треба да го провоцира гневот на Русија – со тоа што целосно ќе се усогласи со барањата на Вашингтон и на Европејците по прашањето за Украина. Реалност што не му избега на украинскиот претседател Володимир Зеленски кој го разреши својот амбасадор во Мароко (30 март) затоа што беше прогласен за виновен за неуспехот да ја одбрани подобро украинската кауза кај кралот и мароканските лидери.
Официјално неутрални, но штедејќи ја Москва од свои сопствени причини, Алжир и Мароко имаат силно проруско чувство меѓу нивното население. Каква и да е социјалната средина, Путин не е херој, туку државник способен да се спротивстави на диктатот на Западот. Треба да се признае, бруталната инвазија на Украина често се претставува како нешто за кое се жали, особено поради зголемените цени што ги предизвикува на глобално ниво. Понекогаш дури и се осудува, но многу брзо преовладува критиката за улогата на НАТО. Заливската војна од 1991 година и никогаш неисполнето ветување на САД за „нов меѓународен поредок“, неоснованата и базирана на лаги инвазија на Ирак во 2003 година и бомбардирањето на Либија во 2011 година до падот на режимот на Моамер Гадафи – сè уште се свежи во колективната меморија на обичниот локален арапски народ. Без разлика дали се работи за телевизиски дебати, особено на приватни канали кои се помалку склони кон озборувања од нивните државни колеги, дискусии на социјалните мрежи или дури и написи во печатот, овие епизоди се разгоруваат кога се дискутираат концепти како меѓународното право или правдата. Тие, исто така, овозможуваат да се обвини НАТО, кој се смета за најодговорен за кризата. Во исто време, идејата за руски воен застој, па дури и пораз, се брише и за вакво нешто се обвинува западната пропаганда. „Западњаците веќе немаат никаква одбрана пред најавениот успех на војната на Путин во Украина. Тие сè уште имаат новинарски екстраполации и маневри на нивните тајни служби за да го скријат или ублажат својот флагрантен пораз“, ударно пишува на својата прва страница алжирскиот франкофонски весник Ле Соар, на 13 април.
Недостатокот на влијание на Украина во Магреб, како и во остатокот од арапскиот свет, не придонесува за излив на симпатии кон неа. Од својата независност, Киев посвети малку ресурси за да го подобри својот имиџ, иако неговите универзитети примија неколку стотици студенти од Магреб кои не можеа да се запишат во Западна Европа поради немање на виза. Медиумската сеприсутност на Зеленски, а од неодамна дури и на неговата сопруга, се покажува контрапродуктивна. Фален на Запад, особено од личности кои се залагале за инвазија на Ирак или кои жестоко го поддржуваат Израел, тој затоа се смета за сомнителен од многу алжирски и марокански интелектуалци. На социјалните мрежи, неговото именување за „Личност на годината“ од американскиот магазин „Тајм“ се исмејува како доказ за неговата слепа верност кон НАТО и САД. Речиси една година по почетокот на конфликтот, ниту еден алжирски или марокански лидер немал директен контакт со украинскиот претседател.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] Lakhdar Benchiba et Omar-Lotfi Lahlou, « Bras de fer entre le Maroc et l’Algérie », Le Monde diplomatique, I/2022.
[ii] « Maghreb-Ukraine. L’Algérie et le Maroc refusent de choisir », Orient XXI, 19.05.2022.