Среде здравствена криза, индиската влада издаде три уредби/барања кои се заложуваат за брутална дерегулација на јавниот прехранбен и аграрен систем. Од нивното усвојување од страна на Парламентот кон средината на септември 2020 година, овие закони предизвикаа невидени протести низ целата земја. Тие означуваат крај на моралниот пакт помеѓу владата и селаните.
Од крајот на ноември 2020 година, стотици илјади селани се населија пред портите на индискиот главен град Њу Делхи, решени да ја обвинат владата. Ова не е прв пат земјоделците да го заземаат централно место во медиумите и политиката во Индија; понекогаш поради трагедии како што се бројните самоубиства, понекогаш поради нивната борба против генетски модифицирани организми (ГМО) па дури и против експропријација1. Сепак, овој пат, нивниот број, нивната решителност, начинот на дејствување и собирањето на голем дел од општеството кое е спротивно на политиката на премиерот Нарендра Моди се борат за да им дадат на овие собири несекојдневен карактер.
Усвојувањето на три закони, предложени од владата на почетокот на јуни и гласани од страна на парламентот во средината на септември, го разгори секторот кој веќе е намален во голема мера. Неговиот удел кај работното население премина од 70% во 1951 година на 48% во 2011 година. Ако, за Ашок Гулати, признат индиски експерт и поддржувач на овие реформи, станува збор за поставување на „темелите за модернизација на земјоделството2“ во земјата, за оние кои првично се засегнати, овие закони означуваат почеток на уништувањето на земјоделската и прехранбената политика спроведена во годините 1960-1970.
Ова се базира на минимална ценовна поддршка што се применува директно во една третина од земјоделската трговија, главно за земјоделците кои се занимаваат со ориз и житни култури во северо-западниот дел на земјата, но кои ги определуваат цените на другите производи. Реколтите се продаваат на пазарите на големо (mandis), надгледувани од секоја држава, меѓутоа тие исто така можат да бидат купени на крај од страна на националната агенција за храна, Food Corporation of India со цел потпомагање околу цената. Залихите кои се останати потоа се доставуваат до државните агенции за прераспределба за најсиромашната популација.
Првиот закон, познат како „промоција и олеснување на трговијата и размена на земјоделски производи3“, им овозможува на земјоделците да продаваат надвор од пазарот на големо. Овој закон првично формиран да ја намали моќта на посредниците, наскоро беше доминиран од многудетните семејства. Де факто локални монополи – честопати одговараат на правилото на кастите – формирани за откуп, размена и транспорт на земјоделски производи.
Наместо да ги реформира овие пазари на големо, централната влада има намера да промовира поконкурентни „алтернативни пазари“. Имајќи го предвид искуството на државата Бихар, која ги укина во 2006 година, селаните стравуваат од постепено истребување на пазарите на големо и секоја регулатива. Од сега натаму, „земјоделците [од Бихар] се оставени на милост и немилост на трговците кои бескрупулозно поставуваат дури и пониски цени [отколку на пазарите на големо]4“. За Рича Кумар, истражувач од Индискиот институт за технологија во Њу Делхи, законот ја запечати „слободата“ на чинителите во агроиндустријата да „купуваат насекаде“ (односно надвор од регулираните пазари)5.
Вториот закон, познат како „договор за цена“, се обидува да ги охрабри договорите помеѓу селаните и откупувачите според одредена рамка и цените договорени пред реколтата. Тука повторно, владата ја нагласува „слободата“ на земјоделецот да избере каде сака да продава. Но, дали таа може да се измери со гигантската прехранбена индустрија и големата дистрибуција? Покрај ова, се ризикува да се поттикне интензивна шпекулативна монокултура наместо агро-еколошка измена на земјоделските култури.
Третиот текст, познат како „амандман за основните производи“, ги отстранува маслото, кромидот или компирот од листата на прехранбени производи кои досега подлежеа на јавна регулатива. Ова би значело крај на набавките од страна на државните агенции каде што селаните би посакувале да имаат нивно масовно ширење. Наведената цел е да се привлечат приватни инвестиции во модернизацијата и развојот на инфраструктурата за складирање, при што државните агенции честопати се обвинети за трошење поради лошите услови за складирање. Ова обложување сепак се чини ризично во отсуство на било каква централна регулаторна интервенција, иако нивото на сиромаштија во земјата останува високо : 14% од населението е не исхрането6. Сиромашните стравуваат од ризик, додека пак другите потрошувачи од повисоки малопродажни цени. „Овој закон не работи само против селаните, туку и против „обичниот човек“ на оваа држава. Тоа е зелено светло за инфлација “, нагласи главниот министер на државата Делхи и лидер на Партијата на обичниот човек, г. Арвинд Кејривал за време на говорот на 14 декември7. Неговата партија ја поддржува мобилизацијата на селаните, исто како и Конгресната партија и Комунистичката партија на Индија (марксистичка).
Овие три закони вклучуваат исто така и низа одредби кои ги намалуваат користечките можности на граѓаните од администрацијата во случај на конфликт со кој било приватен чинител. Конечно, тие не се однесуваат на социјални и еколошки трошоци на моделот наследен од „зелената револуција8“. Ниту пак, се грижат за земјоделските работници без земја, кои во зависност од регионот, формираат до една четвртина од руралната работна сила.
Преку намалувањето на јавни субвенции, тие формираат разумна целина, што го доставува земјоделството до моќните групи за агробизнис и дистрибуција. Оттука доаѓа и гневот на селаните, кои возвратија во јуни 2020 година, под знамето на регионалните синдикати. На 9 август, денот на 78-годишнината од движењето Quit India („Напуштете ја Индија“), против британската колонизација, насекаде се појавија демонстрации : палење на законски текстови, блокади на улиците, паради на мотоцикли или трактори, седенки, презентации на меморандуми… Утврден е национален сојуз на повеќе од петстотини локални организации, кои повикуваат на „обединета мобилизација на селаните“ (Sanyukt Kisan Morcha), независна од политичките партии.
Движењето првично започна од северните држави – Пенџаб, Харајана и Утар Прадеш – каде што селаните, сопственици на нивната земја и честопати сметани за победници на „зелената револуција“, од 1990-тите ја сочинуваат поделбата на земјоделскиот свет што има најголема тешкотија при обезбедување на нејзина социјална репродукција. Ако, во Пенџаб, каде што е силна мобилизацијата, задржаните површини достигнуваат во просек 3,6 хектари, тие едвај надминуваат 1 хектар на национално ниво. Забележувајќи го одбивањето од владата – доминирана од страна на Bharatiya Janata Party (Индиска народна партија, БJП, хиндуистички национализам) – за да преговараат, тие започнаа повик за марш кон Њу Делхи. Пристигнувајќи пред портите на главниот град, тие се потпреа на тесната мрежа на хиндуистички храмови и „gurudwaras“, места за богослужба на Сикиите, што ја олеснија организацијата. Всушност, многу брзо, пристапните патишта до главниот град беа делумно блокирани со воспоставувањето на кампови. Шаторите се поставени; Опремени со вреќи за спиење, извори на вода, перални за перење на алишта, пунктови за консултации и медицинска нега, колективни кујни. Поставени се и трибини со гигантски екрани и пренос во живо на говорителите на социјалните мрежи.
Репертоарот на колективно дејствување продолжи да се зголемува. На 8 декември, организациите на селаните повикаа на национален штрајк, што доби значителна поддршка од синдикатите на работниците и студентите, женските движења, па дури и некои трговци, кои требаше да бидат први корисници на овие земјоделски закони. Беше спроведен штрајк со глад како одговор на тешкото угнетување – солзавец, водени топови и неколку стотици апсења, според синдикатот „ All India Kisan Sabha“. На 20 декември, приливот на нови сили од Раџастан го блокираше патот Делхи-Џајпур. 23 декември беше прогласен за „ден на земјоделците“, и беше испратено засилување од неколку држави до границите на главниот град. Неколку илјади селани од ниска и средна класа од запад и од центарот на земјата, главно членови на синдикатите инспирирани од комунистите, се собраа, формирајќи караван со џипови.
На 26 декември, беше покрената кампања за бојкот против „производите и услугите на Амбани и Адани“. За возврат на ударот, специфичен за хинди и неговите јазични комбинации, селаните искористија две вистински имиња: оние на милијардерите Гаутам Адани и Мукеш Амбани, чии конгломерати обележуваат симбол на „сјајна Индија“ (Shining India, слоганот на БЈП во – изгубените избори од 2004 година) и одредена идеја за предаторството на руралната економија. Г. Амбани, првиот богат човек во државата според „Forbes9“, ја предводи групата „Reliance Industries“, чиишто активности се движат од петрохемиски производи до телекомуникации, вклучувајќи ја и масовната дистрибуција, транспорт и складирање на житни култури.
Веднаш после него, г. Адани е исто така на чело на голема група присутна во рударството, недвижностите, управувањето со пристаништата и сè повеќе и повеќе во прехранбената индустрија (тој ја произведува најголемата марка „нафта во државата“). Двата се помеѓу блиските пријатели на г. Моди. На 27 декември, радио шоуто што се емитува месечно на премиерот Ман Ки Баат („Разговор од срце до срце“) беше нарушено од земјоделците што тропаа на метални плочи за симболично да го покријат неговиот глас и да го означат нивното спротивставување на неговата политика. Организациите на селаните повикаа да се вратат сим картичките на мобилните телефони од марките Reliance (Амбани) и Jio (Адани).
Квази воената организација на движењето ја покажува тесната поврзаност на „jawan“ (војникот) и „kisan“ (селанецот). Ова се однесува на политички слоган кој е стар исто колку и независноста: „Jai Jawan, Jai Kisan“ („Слава на војската, слава на селаните“). Накратко, ако армијата ги брани границите, селаните ја обезбедуваат внатрешната безбедност, односно безбедноста за храна. Во името на овој морален пакт, селаните имаа корист од заштитата која беше загарантирана од страна на државата; денес, овој пакт е прекршен.
Во прво време, демонстрантите кои доаѓаа од север беа квалификувани од БЈП и медиумите како „анти-национални“ охрабрени од страна на Кина или Пакистан, дури третирани како „терористи“ и „сепаратисти“, во врска со сецесионистичкото движење кој го окупираше Златниот храм во 1984 година пред да биде репресиран во крв по наредба на премиерката Индира Ганди (убиена неколку месеци подоцна од телохранителите на Сиките). Исто така обвинети дека биле изманипулирани од крајно левичарските сили на naxalites, тие формираат, како што некои пратеници или новинари на БЈП, блиски до власта ја нарекуваат „ tudke tudke gang “, односно „бандата насилници на национално единство“.
Сепак, тоа е сосема обратно: коалицијата на селаните зазеде цврст став против самоволното заклучување на некои активисти за човекови права и против контроверзниот закон за државјанство од 2019 година, кој ги дискриминира муслиманите10. Меѓу другото, биле организирани дистрибуции на храна зготвена од Сиките помеѓу другите демонстранти, но исто така и полицијата и паравоените формации испратени да ги „обезбедат“ патиштата. Фотографии кои кружат многу помалку во „godi-medias “ (буквално, „медиумите што седат на колена на моќта“), како што ги нарекуваат селаните.
„Ние сме селани, а не терористи“, тврдат демонстрантите. Тие го создадоа весникот „ Trolley Times“, кој е независен и организиран одговор на медиумските офанзиви. Тие исто така инвестираа многу во социјалните мрежи и беа во можност да ја следат во живо серијата дискусии на нивните претставници со министрите за земјоделство, трговија и индустрија, како и со потрошувачката, прехранбена индустрија и дистрибуцијата. Соочени со моќ што одбива да ги повлече трите закони, селаните продолжуваат да бараат проширување на минималните цени за поддршка на целиот земјоделски сектор и нивно признавање како право утврдено во законот.
На 26 јануари, годишнината од стапувањето во сила на Уставот на Индија по независноста, се очекува да се собере долга парада на трактори во Делхи. Но, ништо не кажува дека ова ќе биде доволно за да го поколеба г. Моди, кој се до денес се покажа како немилосрден владетел.
Преведено од: Павлина Димовска
Фусноти:
- Прочитајте Palagummi Sainath, « Vague de suicides et crise de l’agriculture », dans « Réveil de l’Inde », Manière de voir, n° 94, август-септември 2007 година ; Mira Kamdar, « L’Inde résiste à la séduction de l’agroalimentaire américain », Le Monde diplomatique, март 2010 година.
- Ashok Gulati, « On farm bills, government must get its act together, but Opposition is misguided », The Indian Express, Њу Делхи, 28 септември 2020 година.
- Овој закон (« The Farmers’ Produce Trade and Commerce (Promotion and Facilitation) Bill 2020 ») е достапен, како и другите два закони, на веб страната на Парламентот, www.prsindia.org
- Himanshu, « Lessons from Bihar’s abolition of its APMC system for farmers », Mint, Њу Делхи, 24 септември 2020 година
- Paridhi Sinha, « If the mandi is gone, there is no buyer of last ressort – Richa Kumar, Associate Professor, IIT-Delhi », The Blue Letters, 2 ноември 2020 година, https://theblueletters.com
- « L’état de la sécurité alimentaire et de la nutrition dans le monde », édition 2020, Organisation des Nations unies pour l’alimentation et l’agriculture, Рим, 13 јули 2020 година.
- « “Calling farmers terrorists attempt to defame them” : Arvind Kejriwal », New Delhi Television (NDTV), 14 декември 2020 година, www.ndtv.com. Доаѓа на власт во регионот во 2015 година, l’Aam Aadmi Party настана со антикорупциското движење во 2011 година.
- « Degraded and Wastelands of India : Status and Spatial Distribution », Indian Council of Agriculture Research, Њу Делхи, јуни 2010 година.
- « India’s 100 richest people », Forbes India, Jersey City (Њу Џерси), 7 октомври 2020 година.
- Aminah Mohammad-Arif, Jules Naudet et Nicolas Jaoul (sous la dir. de), « The Hindutva turn: Authoritarianism and resistance in India », South Asia Multidisciplinary Academic Journal (Samaj), n° 24-25, Париз, 2020 година.