Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Невозможниот руско-украински мир

Додека логиката на оружјето продолжува да преовладува, Русија настојува да и одземе на Украина секаква стратешка вредност. Изгледите за анексија на нови територии од страна на Москва дополнително ја намалуваат надежта за договорено примирје помеѓу завојуваните страни. Од своја страна, западните сојузници на Киев остануваат нејасни во врска со нивните цели и без решение за кризата.


Од Игор Деланое*
*Заменик директор на Француско-руската опсерваторија, доктор по историја.


Фото: Markus Spiske/Pexels

Речиси шест месеци откако Кремљ ја започна инвазијата на Украина, неговата „специјална операција“ се заплетка по линијата на фронтот што се протега од предградието на Харков, на исток, до степите на украинските брегови на Црното Море со Донбас – како епицентар на борбите. Додека логиката на оружјето преовладува, изгледите за прекин на непријателствата изгледаат далечни. Од самитот во Истанбул на 29 март о.г., на кој руските и украинските преговарачи се состанаа за да разговараат за нацрт-мировниот договор, дипломатскиот аспект на кризата е во застој и позициите се зацврстија.

Кога двете страни ќе се сретнат во Истанбул на 29 март, Москва доаѓа на самитот со најголеми очекувања кои беа изразени на подготвителниот состанок на 10 март во турското приморско одморалиште Анталија. Со цел да се склучи прекин на огнот, Кремљ очекува Украина да го признае суверенитетот на Русија над Крим и независноста на двете самопрогласени сепаратистички републики Луганск и Донецк, кои Владимир Путин официјално ги призна на 21 февруари по долго телевизиско обраќање. Покрај тоа, Киев мора да се откаже од секоја амбиција за влез во НАТО и со тоа да се усогласи со статусот „надвор од блокот“, кој ќе бара измена на украинскиот устав, каде што се врежани евроатланските аспирации на Киев. Русија, исто така, повикува на забрана на ултра-националистичките и „неонацистичките“ партии, организации и здруженија, како и укинување на законите што ги глорифицираат историските личности кои Кремљ ги оспорува. Конечно, рускиот јазик мора да биде признат како втор државен јазик. Телеграфски кажано: Москва очекува Украина да се предаде. Од своја страна, Киев бара итен прекин на борбите, како и повлекување на руските сили од целата украинска територија, вклучувајќи го и Крим.

Во Истанбул руско-украинските разговори траат три часа. Руската делегација е оптимист. И тоа со добра причина: украинската страна предаде работен документ од 10 точки кој поддржува форма на вооружена неутралност. Со горчливото истакнување на претседателот Володимир Зеленски дека не може да смета на директна воена вмешаност на НАТО, а камоли на украинското рано пристапување во НАТО, Киев рече дека е подготвен да усвои „вонблоковски и ненуклеарен статус“. Украина, исто така, се обврзува да нема трајно да биде домаќин на странски бази или војници на нејзина територија. Сепак, за возврат, таа бара „меѓународни безбедносни гаранции“. Според точка 1, тие можат да бидат донесени за неа од страна на постојаните членки на Советот за безбедност на ОН (вклучувајќи ја и Русија), на што би можеле да се додадат Турција, Германија, Канада, Италија, Полска и Израел. Овие гаранции не се однесуваат на Крим или Донбас (точка 2), така што потенцијалните земји-гаранти не се одвраќаат да ја преземат оваа улога, што би ги ставило на пат на конфронтација со Русија.

Сè уште постои одредена неизвесност што е опфатено со концептот на безбедносни гаранции. Зарем Украина нема да се обиде да вметне клаузула за колективна одговорност и, накратко, да добие обврска за автоматски воен одговор на секоја хипотетичка агресија, споредлива со член 5 од Атлантската повелба на НАТО? Зашто, овие гаранции замислени од Киев мора да овозможат, во случај на „агресија или вооружен напад врз Украина“, спроведување на низа поединечни или заеднички мерки одлучени од гарантите, вклучувајќи „испорака на оружје и употреба на вооружена сила“ (точка 4). Текстот наметнува и други проблеми за руската страна. Точка 7 се однесува на одржување на референдум со цел одредбите од договорот да бидат одобрени од страна на Украинците. Но, што би се случило ако договорот биде одбиен? Конечно, точка 8 предвидува Крим да биде предмет на дискусија помеѓу двете страни веќе петнаесет години: за Москва, темата е дефинитивно затворена од присилното присоединување на полуостровот во пролетта 2014 година.

Гледано од Кремљ, отстапките на Киев се недоволни. Сепак, украинската делегација беше дезавуирана, кога масакрот во Буча беше откриен неколку дена подоцна. Во Москва, како и во Киев, победува партијата на војната, а од почетокот на април е во застој дипломатската динамика. Од руска страна, се повикува на влијанието на „британските и американските куратори“ кои би му рекле на Зеленски да не потпишува ништо и да ја фаворизира воената опција. Од украинска страна се осудува „ултимативниот јазик“ усвоен од руска страна. По Истанбул, преговарачите ќе се состанат само онлајн, на ниво на подгрупа, за да се подготват за спорадична размена на затвореници и тела на загинати војници, и за поставување хуманитарни коридори.

Оттогаш војната влезе во нова фаза. Говорејќи на 30-ти јуни во Ашхабад, Туркменистан, Путин рече дека „специјалната операција ќе продолжи до целосно ослободување на Донбас и воспоставување на соодветни безбедносни услови за Русија“, без временско ограничување, за да не се создаде очекување кај поширокото јавно мислење. Стратегијата на Русија е да се фокусира на фронтот и да ги концентрира воените напори на него. Истовремено, во длабочините на украинската територија се вршат бомбардирања врз воени цели и инфраструктура со цел да се исцрпат економските ресурси и моралот на земјата. Комбинацијата од овие дејства треба да овозможи отсекување на територијата на Украина, со цел создавање услови кои на крајот ќе ја наведат украинската влада да ја прекине борбата и да започне сериозни преговори за условите поставени од Русија. Ако тие не бидат вклучени или не успеат по преземањето на Донбас, Москва би можела да започне нова воена фаза, чија цел ќе биде преземањето на украинскиот брег на Црното Море, почнувајќи од Миколаев, речно пристаниште кое се наоѓа на устието на Буг. Друга можна оска за нови воени операции е завршувањето на освојувањето на регионот Запорожје. Ова сценарио беше покренато на 22 април од страна на руски воен претставник, кој потсети на целта за воспоставување копнен коридор помеѓу Русија и Приднестровје.[i] Иако се чини дека е тешко да се спроведе од страна на руските сили во сегашната состојба на рамнотежа на силите, реализацијата на ова сценарио дефинитивно ќе ја остави украинска држава без излез на море, која повеќе нема да има контрола над излезот на Днепар на Црното Море.

Од украинска страна, стратегијата е да се исцрпат руските воени ресурси со спротивставување на отпорот во Донбас и да се избегне, колку што е можно, тој целосно да падне во рацете на Русија. Падот на Лисичанск на почетокот од јули, сепак, им овозможи на руските и проруските сили да го завршат освојувањето на регионот Луганск. Нешто помалку од половина од Донецката област, вклучувајќи ги и градовите Бакмут, Славјанск и Краматорск, сè уште е под нивна контрола. Истовремено, приливот и акумулацијата на западната воена опрема – вклучувајќи ги и топовите Цезар испорачани од Франција, американските повеќекратни ракетни фрлачи ХИМАРС и германските хаубици ПзХ 2000 — треба да овозможат да се подготви контра-офанзива која се очекува на Херсон. Веќе најавена пролетва од Алексеј Арестович, главниот украински комуникатор, за крајот на летото, сепак, се чини дека е одложена. Која и да е нејзината цел, на Киев политички му е потребна оваа контра-офанзива за да биде победничка со цел да му покаже на своето јавно мислење и на Западот – дека победата е можна и дека финансиските и воените напори не се залудни. Овој фактор е уште поважен со приближувањето на зимата, кога цената на санкциите сè повеќе се чувствува и во самата Европа. Конечно, целта на какви било преговори за Украинците останува да ја принудат Москва да ги повлече своите трупи на позициите што ги имаа на 24 февруари, со минимални отстапки како што е прифаќањето на статусот на вооружена неутралност во замена за безбедносни гаранции.

До денес, ниедна од завојуваните страни не сака прекин на огнот. Иако се чинеше дека е можно на крајот од март во Истанбул да се добие повлекување на руските војници од регионите Херсон и Запорожје за возврат на украинските отстапки, сега изгледа илузорно Русија да ги врати овие територии. Опцијата за создавање „народни републики“ за новоосвоените територии се чини дека е напуштена, бидејќи, за Кремљ, овој „модел“ се покажа како неуспешен, бидејќи Киев никогаш не ги примени договорите од Минск – кои предвидуваа нивна автономна реинтеграција во една нова федерална рамка на Украина. Процесот на апсорпција веќе започна под раководство на Сергеј Кириленко, шеф за внатрешна политика во кабинетот на рускиот претседател, кој неколкупати ги посети териториите на Украина контролирани од Русија во текот на пролетта и летото. Рубљите се користат во овие региони од крајот на мај, додека постапката за доделување руски пасоши на населението е поедноставена со претседателски декрет. Во моментот на пишување, во тек се подготовките за одржување референдум во двата региони, најверојатно наесен, можеби на 11 септември, кога ќе има голем број избори во Русија.

Од страната на Донбас, руска делегација ја посети областа Луганск на 12 август за да се подготви за изборите за приклучување кон Русија. Од друга страна, во регионите на Донецк и Харков, кои се нецелосно контролирани од страна на руските сили, одржувањето на референдум се чини прерано во оваа фаза. Ако овие региони бидат апсорбирани од Русија, што ќе се случи понатаму во случај на украински напади врз нив? Москва веќе посочи дека каква било употреба на западна артилерија против руските територии или териториите кои Кремљ ги смета за такви – веднаш ќе доведе до директни напади врз украинските центри на моќ (парламентот или претседателската палата, на пример), кои досега, сепак, беа поштедени.

Еволуцијата на конфликтот во следните месеци во голема мера зависи од задниот дел на фронтот. Убедени дека и двајцата се на вистинската страна на историјата, завојуваните страни исто така веруваат дека времето е на нивна страна. Но, за колку долго? Украинците сметаат на демонстрацијата на ефектот на санкциите што се натрупаа врз Русија од 24 февруари, исто како и на новите испораки на оружје од Запад. Москва, од своја страна, очекува економски колапс или дури и политичка имплозија во Украина, како и ерозија на западната финансиска поддршка. Во услови на зголемена инфлација во Европа, по западните ембарга, Москва повеќе не се двоуми да го влоши недостигот, со усвојување рестриктивни мерки за нејзиниот извоз на гас и нафта во Европа, особено преку гасоводот Северен тек 1 во Балтичкото Море. Украинците, од своја страна, остро ги критикуваат Германците во врска со бавното испраќање на ветената економска и воена помош.[ii] Зеленски во април рече дека на неговата земја и се потребни 7 милијарди долари (6,75 милијарди евра) месечно за да функционира, [iii] но неговиот економски советник, Олег Устенко, во јули рече дека се потребни дури 9 милијарди долари (8,9 милијарди евра).[iv]

Продолжувањето на патот на вооружена конфронтација со соседот денес дефинитивно е основното сценарио за Русија, која овој конфликт го доживеа како неизбежен. Погоден од санкциите и убеден дека тие ќе останат на сила што и да се случи – на 21 февруари Путин предупреди дека ќе има нови санкции, но дека тие сепак и така ќе биле воведени, бидејќи тие, според него, биле дел од логиката на економската војна што Западот ја води против Русија – Кремљ секако чувствува дека нема ништо да добие од запирање на операциите во оваа фаза од конфликтот. Во Украина, партијата на војната веројатно верува дека е можно да се врати состојбата на квази отворена конфронтација која владееше во периодот од 2014 до 2022 година со моќниот руски сосед, со дополнителни безбедносни гаранции. Во Киев, како и во Москва, денес се чини дека никој не е отворен за идејата за мир изграден врз отстапки со преговори. Завојуваните страни повеќе се потпираат на мирот наметнат од оружјето, и покрај ризикот од нестабилност и одмазда, со цел да се стави крај на овој конфликт на начин за кој сметаат дека е во нивен интерес: територијален интегритет и безбедност за Киев, неутрализација на Украина, а исто така и безбедност за Москва.

Колку целите на војната во Киев се совпаѓаат со оние на земјите на НАТО кои обезбедуваат воена помош за Украина, без која Украина не би можела да се спротивстави досега? Финансиската и воената помош обезбедена од Западот има за цел да го спречи падот на украинската армија и влада. Но, која е конечната барана состојба? Додека Белата куќа сугерираше, пред да биде повторено од Стејт департментот, дека се работи за промена на режимот во Русија,[v] Пентагон објаснува дека сака да види руската моќ да се истроши на украинското бојно поле.[vi] Лондон, од своја страна, настојува да изгради „источна бариера“, од Северното до Црното Море, со цел да ја одврати Русија, обновувајќи ги на тој начин принципите на „рамнотежата на моќта“ која ја структурира вековната британска дипломатија кон Европа.[vii] Европејците се поделени меѓу земјите од Источна Европа, кои сакаат непоколеблива цврстина кон Москва, и државите од „старата Европа“ – вклучително и Франција – кои се повеќе склони да не ја „туркаат Русија“. Едно е сигурно: решавањето на украинскиот конфликт ќе биде чекор кон воспоставување на нов безбедносен поредок во Европа и тој поредок е веќе во изработка.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[i] Kommersant, Moscow, 22.04.2022.

[ii] « EU Stalls on Ukraine Aid as Fears Spike of Gas Crisis at Home », Bloomberg, 14.07.2022.

[iii] « Zelenskiy says Ukraine needs $7 billion per month to make up for losses caused by invasion », Reuters, 22.04.2022.

[iv] « Allies sound alarm over plight of Ukraine’s public finances », Financial Times, London, 13.07.2022.

[v] « Biden says he is not calling for regime change in Russia », Reuters, 28.03.2022.

[vi] « U.S. wants Russian military ‘weakened’ from Ukraine invasion, Austin says », The Washington Post, 25.04. 2022.

[vii] « Boris Johnson is using Ukraine crisis to launch a British comeback in Europe », The Guardian, London, 15.05.2022.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW