Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Невидливата рака на пазарот или државна интервенција

Што би се случило теоретски доколку се остави “невидливата рака на пазарот” да го реши економскиот проблем, наспроти државната интервенција. Доколку државата во целост се повлече од помагање на економијата, погодените сектори и компании ќе имаат кратко време за преструктурирање, менување на бизнисите и пронаоѓање на решение за тековниот проблем (кое што и беше успешно извршено во многу компании во 2020-та година).

Од Сергеј Зафироски
Генерален менаџер на “Инсајдер ИД” и главен уредник на “Le Monde diplomatique – Македонско издание”


Фото: Sagar Dani/ Unspalsh

Историјата е во најголемиот дел напишана од изучување на изненадувачки и нелогични настани кои не биле предвидени. Сепак, многу често економистите ја користат истата таа историја како неприкосновен водич за иднината. – Психологија на Парите, Морган Хоусел

Моментално со кризата предизвикана од COVID-19  го гледаме истиот модел. “Учиме да не се повтори”, но и самите знаеме дека ќе се повтори. Пред само 4-5 години кризата од 2007 ја нарекувавме поголема од “Големата депресија” од 1927, сега тековната ја нарекуваме уште поголема од претходната во 2007-та. Бараме паралели во минатото за да дефинираме акции за иднината, а очигледно не можеме ваквите сценарија да ги предвидуваме и кои што со сигурност ќе дојдат и ќе поминат. Се разбира, определени движења кои можат да бидат слични во различни временски периоди, економски правила и аксиоми кои, сепак, економијата е пред се наука а според мене и уметност. Секоја ситуација е уникатна без разлика дали е на ниво на компанија или економија, особено моменталната криза која што прилично во се сé разликува од сите претходни. Честа е споредбата со епидемијата на „шпанскиот грип” на почетокот од минатиот век, но ниту општеството, ниту економијата ниту пак менталниот склоп на човекот не е на истото ниво денес како пред еден век.

Моменталната криза е бел лист со сиви нијанси. Кризата е уникатна и неспоредлива со било која претходна, бидејќи не може јасно да се дефинира што треба државата да направи и кога да стимулира за да го постигне потребниот ефект. Кризата не е на страната на побарувачката ниту во понудата, а потребно е да се стимулираат двете страни паралелно за реално да има ефект дадената помош. Појаснето, понуда има но граѓаните ги чуваат парите или ги инвестираат во недвижен имот или акции за да ги сочуваат во надеж задржување на заштедата или иден профит, додека компаниите не инвестираат или дека немаат продажби или пак шоковите во побарувачката влијаат на намалување на побарувачката. Од економска перспектива живееме не во една туку во огромен број на иднини со голема веројатност за исполнување, а секоја од нив значајно ќе го промени текот на светската историја особено економијата. Што означува големиот раст на криптовалутите? Преценетоста на берзата во САД? Промена на моќта на валутите и најава на некои држави за пласман на криптовалути? Големите и неодржливи јавни долгови? Зголемување на нееднаквоста? Повикувања и поттикнување од ММФ и меѓународните институции за зголемување на трошењето на државата за стимулирање на домашните економии? Брзото закрепнување на Кина? Уште многу други прашања кои се меѓусебно зависни и можат да произведат последици кои што ќе ја однесат светската економија во различни правци.

Најважното прашање на економистите е дали е потребна голема државна поддршка или пак е „попаметно” да се остави невидливата рака на пазарот да ги земе работите во „свои раце”. Иако поголемиот дел од јавноста а и економистите се пристапници на првиот модел, на долг рок оставање на пазарот сам да ги реши проблемите е долгорочно посоодветно. Кога самите компании под притисок на ситуацијата и пазарот ќе се приспособат кон новите услови, тоа приспособување е одржливо и посоодветно отколку давањето на државна помош која што ќе го одложи и притисокот кој што повторно ќе биде присутен сега кај Државната каса, но дополнително ќе има голем број на веќе нефукнционални бизниси. Според досегашните реакции на државите, ниту една не се осмелува да остави се на „невидливата рака на пазарот”, па поради тоа се вгризгуваат големи количини на капитал за спасување на економиите, но што всушност се спасува?

Генерално, размислувањето на најголем дел од економиите моментално е често кажаното „Државата ќе ја спасува економијата на краток рок, а економијата државата на долг” со што се оправдуваат огромните државни расходи и дефицити кои што од со примери од блиското минато како Грција и Италија може да се заклучи дека многу тешко се контролираат и финансираат. Моментално не се размислува многу на оваа парадигма а и како ќе биде спроведено тоа спасување на државата на долг рок. Различни држави применуваат различни мерки, што можеби за нивната средина и економија се возможни и реални, но не функционални за друга пример македонската. Домашната економија не може да се споредува со ниту една од ЕУ, САД ниту со тие на Кина или пак Русија. Поддршката е различна, економијата е различна, работната култура е различна што посочува дека користените модели можат да користат како основа но не и најсоодветен пристап за справување со кризата.

Како вработен во полето на истражувања и бизнис аналитика, сеуште со резерва гледам во падот на економијата. Да, со сигурност ќе има пад во прилично поголем број од економиите во светот додека определени сектори ќе се соочат и со затварање на краток рок како туризмот и угостителството, но други или имаат идентична како во 2019-та или пак имаат подобри резултати дури и во претходно посочените сектори. Според проекциите на Европската Комисија за БДП на 2020-та, забележливо е дека економиите кои што се повеќе насочени кон туризмот и угостителството ќе имаат и значајно повисоки стапки на пад како Шпанија од -12.4%, Португалија од -9.3% или Италија со -9.9%. Од друга страна државите кои се насочени повеќе кон производство падот е значително понизок како Германија со -5.6% или Шведска -3.4%. Кина отстапува од сите и се очекува дури и да има раст на БДП од 2.2% во 2020-та. Кина, Германија и Шведска ќе имаат и побрзо закрепнување каде враќањето на економијата пред 2019-та се очекува во најдоцна до 2022 или на крајот од 2021. Спротивно, Италија, Шпанија и Португалија е дискутабилно дали до крајот на 2022 ќе ја вратат економијата од пред COVID-19 периодот, бидејќи се надеваат на намалување на рестрикциите со што повторно би се вратиле туризмот и угостителството во нормала, а моментално не е познато до кога ќе има рестрикции во движењето.

Сè уште е рано точно да се потврди, но според иницијалните бројки кризата ќе биде во туризмот и угостителството поради очигледните причини за рестрикции во движењето и кај компаниите кои и така пред кризата имале проблем, додека кризата ги донела поблиску до целта (80% од бизнисите пропаѓаат во првите 3 години од постоење). Ако една компанија после 1 месец не може да ги исплати своите вработени, дали воопшто треба да постои? Во тој случај што се финансира со државните пари?

КВАЗИ НЕВИДЛИВА РАКА НА ПАЗАРОТ

Што би се случило теоретски доколку се остави „невидливата рака на пазарот” да го реши економскиот проблем, наспроти државната интервенција. Доколку државата во целост се повлече од помагање на економијата, погодените сектори и компании ќе имаат кратко време за преструктурирање, менување на бизнисите и пронаоѓање на решение за тековниот проблем (кое што и беше успешно извршено во многу компании во 2020 година). Доколку не го најдат решението брзо ќе бидат приморани да ги затворат бизнисите. Бидејќи е криза на ниво на цела економија, згаснувањето на бизнисите ќе придонесе за зголемување на бројот на невработени, зголемување на неликвидноста кај дел од компаниите, намалување на приходите од даноци за државата а со тоа и способностите на јавните институции да ги извршуваат тековните активности. Иако последиците од ваквиот либерален пристап се на изглед негативни, „прочистувањето” на економскиот систем, индустриите и компаниите ќе овозможи зголемување на можностите за секторите и компаниите кои што се отпорни на кризи, приспособливи и отпорни на кризи. Компаниите кои што ќе се приспособат ќе овозможат преземање на дел од невработените од други сектори, ќе овозможат поголема додадена вредност, поголеми инвестиции и порационално искористување на расположливите ресурси.

Иако е во прашање видот на капитализам кој е во Кина, мерките кои ги презема по „COVID-19” кризата се поблиски до слободниот пазар отколку државен протекционизам. Бескаматните кредити за компаниите, кои и впрочем се понудени и за македонските компании, се можеби и најголемата мерка преземена од кинеските власти за справување со кризата, а со исклучок на ригорозните мерки за движење  можеби и единствената економска. Парите не се „поклонети” во вид на грантови или неповратна помош туку едноставно треба да бидат вратени на банките и да се земат под услови како и секој друг кредит, што повторно го „филтрира” нефукнционалното ткиво во економијата. Со користење на посочената мерка, дури и средствата да се позајмени од странски кредитори, единствената финансиска штета е каматата која би била платена кон кредиторите, бидејќи главницата ќе биде во поголем дел вратена. Кина меѓу другото е и единствената поголема економија која што ќе бележи раст во 2020, бележи најбрзо опоравување, а веќе во 2021 се очекува да го надополни растот и за претходната година, а во најголем дел економијата се базира на производство.

Иако, од аспект на држава во моменти на криза, оставање на слободниот пазар да ги реши проблемите е тежок за менаџирање, односно нема менаџирање освен поставување на нови правила на игра, а и не би имал голема поддршка од страна на јавноста, како аналитичар сметам дека има голем број на социоекономски предности. Во економиите на денешницата, целосното исклучување на државната интервенција е невозможен бидејќи државата треба да ги помага социјално-ранливите категории на граѓани кои навистина се погодени од кризата. Сепак, намалувањето на поддршката или доколку е веќе решено да се помага на компаниите пренасочувањето на средствата за економијата во сектори кои што покажуваат отпорност на кризата и остваруваат солидни резултати е многу посоодветно и одржливо. Во анализа трудот со наслов „Методологија за дефинирање на индустриите со најголем потенцијал за зголемување на приватната потрошувачка за време на криза” анализиравме дека вложените пари во различни сектори може да придонесат за многу различно влијание на економијата. Пример, вложените пари во ИТ индустријата споредбено со било која друга имаат различни резултати. Дури и доколку државата е насочена кон промовирање на социјални мерки кон граѓаните, вложувањето во стабилни и индустрии со сериозен потенцијал за раст дури и во период на криза ќе дозволи финансирање на истите мерки.

РАЗМИСЛУВАЊЕТО ЗА СОЦИЈАЛНА ДРЖАВА ВО COVID-19 КРИЗАТА

Бидејќи многу често се споменува „социјалната држава” од страна на јавноста, би било најсоодветно да се започне со нејзината дефиниција. Како форма на уредување предвидува да државата ги штити и ги промовира економската и социјалната благосостојба на граѓаните, се базира на принципите за еднаквост и еднакви можности, фер дистрибуција на националното богатство и промовира јавна одговорност за граѓаните кои не можат самостојно да заработат за нормален живот. Дополнително и историјата на овој регион кој имал социјалистичко уредување по кој поголем дел од популацијата сè уште е носталгично и секојдневно се присетува, дополнително влијае на индивидуите и нивните барања да државата биде главниот двигател на социо-економскиот живот.  Под идејата за социјална држава, постојаниот притисок од јавноста за зголемување на пензиите и социјалните трансфери е логичен чекор, но уште пологичен претходен чекор е обезбедување на даноци односно приходи за покривање на тие расходи.

Растот на богатството кај мал процент на луѓе во истиот период на пандемијата, каде милијардерите само во САД го имаат зголемено богатството за 637 милијарди долари во 2020-та, додека индексите на Америчките берзи S&P500 пораснале за 462% во последните 11 години со што тој мал процент се здобил со големо богатство, дополнително го подгреа незадоволството од се поголемиот јаз помеѓу богатите и сиромашните. Помеѓу останатите мерки за постигнување на “социјалната праведност” најгласни се барањата за употреба на данокот како средство за “земање од богатите и давање на сиромашните”. Сепак, едноставното зголемување на даноците особено на лицата со повисок месечен доход и сопственици на бизниси, на кое толку се повикува јавноста, но и државниот апарат, нема да вроди многу со плод, бидејќи, како прво даночната евазија се зголемува а како второ бизнисот на 21. век не познава граници. Едноставно активностите ќе се префрлат во друга држава каде има посоодветни услови за водење на бизнисот, а истото важи и за физичките и правните лица.

Моменталната криза дополнително ги вади на виделина сите недостатоци во државното регулирање и интервенција во креирање на социо-економската политика. Здравствените и образовни системи се покажаа како најслабите алки не само на дома туку во држави кои што се сметаат за многу поразвиени од нашата. Забележливо е дека бирократијата која треба да се „грижи” за социјалниот добробит на општеството е премногу ригидна, додека искористувањето на ресурсите е далеку од оптимално.

Од почетокот на пандемијата во март 2020 до денес, забележливи се сé повеќе барања на граѓаните на многу држави за вклучување на државата во решавање на економските проблеми, кое што моментално навидум е логично, но од капиталистички аспект неодржливо. Дури и од аспект да државата биде по социјално ориентирана е неодржливо бидејќи давањето на неповратна финансиска помош или носење на избрзани економски мерки повторно ќе бидат вратени во државната каса преку даноци и издатоци кои што компаниите и граѓаните ќе ги платат.

МАКЕДОНСКИОТ ОДГОВОР НА КРИЗАТА

Доаѓаме до моментот на домашната македонска економија, односно нејзината поставеност кон кризата. Критика е нешто наједноставно кое може да се даде, кога давателот на критиката не ги носи последиците при нејзино имплементирање. Поради тоа текстот ќе биде повеќе насочен кон објективен осврт на мерките како задавање на конструктивни предлози или промени за таму каде што постои таква можност. Во македонското секојдневие сериозно државната интервенција и помош е изразена и инволвирана во приближно секој домен на живеење додека „невидливата рака на пазарот” е само термин кој се употребува во економскиот речник. Како приврзаник на либералната економија, сметам дека вклучувањето на државата во голем дел од секојдневното особено економскиот сегмент е контрапродуктивно и придонесува за нерационално искористување на ресурсите. Државата треба да ги постави правилата и тие правила да важат за сите вклучени во социо-економскиот живот но и да ги приспособува кон новите околности (заштита на животна средина, климатски промени, социјално ранливи групи) но тоа да биде „единствената интервенција”.

Економските мерките кои што се преземаат од страна на македонската држава за справување со кризата не се разликуваат многу со тие претставени во другите земји во Европа каде има значајно вклучување на државата во економскиот живот. Висината на помошта, да, се разликува, но мерките се тие. Јавниот долг уште во 2020 ја помина границата од 60% од БДП, буџетот за тековната година предвидува уште поголемо задолжување со цел стимулирање на домашната економија кое според проекциите може да достигне и 70% од БДП. Вредноста на сите мерки за КОВИД-19 во 2020 и 2021 ќе изнесуваат приближно 1 милијарда евра или 10% од БДП. Според ЕБРД, македонската економија ќе се намали за -5% во 2020-та, додека и проекцијата опоравувањето во 2021 не е оптимистичко. До сега, државата има предложено 70 мерки за справување со кризата, од кој што најголемиот дел се насочени кон давање на финансиска помош кон сектори или граѓански групи кои се сметаат за погодени од истата.

Јавноста извршува голем притисок за зголемување на помошта кон физичките и правните лица, моментално без многу визија и идеа за последиците кои што би ги предизвикала таа помош во иднина, особено за блискиот момент кога парите ќе треба да се вратат. Едноставно се очекува „државата да помогне” со надеж дека таа помош ќе биде еднонасочна без потребата да се врати во државната каса.

Идентично е и размислувањето во однос на мерките за компаниите, државата да овозможи помош, додека никој не ги анализира последиците кога тие средства ќе е потребно да се вратат. Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат економиите па и Македонската во давање на поддршката за стопанските субјекти е помошта на “зомби компаниите” кои што во услови на слободен пазар и без поддршка би се затвориле и би прекинале со работа. Иако постојат индикатори и критериуми многу тешко се определува која компанија треба да се финансира а која не. Во тековната криза нивниот опстанок се пролонгира се додека постои и државната поддршка а со тоа се вложуваат значителни средства во компании кои се непродуктивни и би можеле да бидат искористени во многу посоодветни цели. Како пример македонските компании кои ја имаат злоупотребено државната поддршка за исплата на плати со првиот пакет мерки во 2020-та, се дел од нив. Ако компанија после 1 месец криза не може да опстои и да даде плати на своите вработени, голема е веројатноста дека и без криза ќе била затворена во период не подолг од 2 месеци. Дали таква компанија треба да се поддржи финансиски? Овозможувањето на државна помош за такви компании не само што не е одржливо туку и целосно непродуктивно бидејќи истите средства насочени кон здрави индустрии ќе придонесат многу повеќе. Другиот проблем е дека и компании кои немаат потреба од финансиски средства ги земаат финансиите само поради фактот што е укажана можност за истото, но за потврда на истото е потребна анализа на работењето во 2020-та кое што ќе биде возможно по мај 2021.

Една од карактеристиките на капитализмот е токму филтрација на послабите компании и просперитет на тие кои се со подобри перформанси. Само на тој начин може да се постигнат и повисоки социјални цели и посоодветна дистрибуција на даноците, бидејќи само здрава економија која ќе плаќа даноци може да го финансира социјалниот развој на државата. Сè уште под влијание на социјалистичката практика, економијата и јавноста најчесто проблемите но и решенијата за сопствената несолветност или нефукционалност ја посочуваат токму како последица на државата. Со давањето на грантови и неповратни средства кон компаниите се „заштитува” нефункционалната економија, која што и во иднина ќе има потреба од државна поддршка за да опстојат.

ШТО СО МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА ПОСЛЕ КОВИД-19?

Најважното прашање е што после Ковид-19? Враќање во целост во пред-ковид време од социо-економски аспект нема да се случи во скоро. И под услов да се вакцинира целото население, сеуште ќе постои размислувањето „Што ако се разболам во странство и останам таму?” кое што прашање е уште повеќе изразено кај бизнисите во вид на „Што ако повторно има ваква криза?”.

„Хеликоптер парите” се кои што државата ги дава за стимулирање на приватната потрошувачка а со тоа и поддршка на бизнисите за многу кратко ќе биде потребно да бидат вратени кон кредиторите. Без разлика на политичката опција или идеологија која ќе биде на власт во следните неколку години, начините и алтернативите за враќање на тие пари ќе бидат приближно исти. Потребно ќе биде намалување, контрола и оптимизација на државните расходи од една страна и зголемување на приливот во државната каса потенцијално и преку зголемување на даноците за пополнување на дополнителната дупка креирана во вид на камати и други издатоци. За македонската ситуација важен е и еден друг податок во однос на сивата економија. Според Државниот завод за статистика во објава во 2012-та година, но и повеќе извештаи од организации и институции, „сивата” економија изнесува помеѓу 25% – 45% од официјалниот БДП или помеѓу 2.5 – 4.5 милијарди евра годишно. Нивното оданочување би значело дополнителен приход за државната каса, кој што потенцијално може да ја намали потребата за користење на други начини како зголемување на фискалните давачи, даноци или проширување на даночната основица. Паралелно со тоа ќе е потребно и стимулирање на компаниите но и граѓаните во зголемување на инвестициите како и потрошувачката за да се „заврти” тркалото и да се започне новиот циклус на раст. Поради контрадикторноста во мерките кои што ќе треба да бидат на сила, имајќи ја во предвид и карактеристиката на македонските граѓани за аверзија кон ризик и инвестиции, дискутабилен ќе биде крајниот резултат на целата ситуација, но теоретски изгледа возможно и донекаде е единствената реална алтернатива.

Ефектот врз македонската економија допрва ќе „пристигне” кога средствата кои се дадени ќе биде потребно да се вратат назад. До тогаш, ќе треба да се анализира дали дадените средства го постигнале ефектот и влијаеле на некој начин во зголемување на приватната потрошувачка.

Најважно од се, е да се разбере дека следи период кој ќе биде непријатен за сите вклучени во економијата, од вработен, сопственик на бизнис до самата држава. Во случајот со македонската економија, пандемијата ги исцрпи и последните ресурси кои што државата ги имаше на располагање, што па ќе не втурне во единственото сценарио во кое ќе ги „засукаме ракавите” на подолг период и ќе ги сработиме парите бидејќи друга алтернатива нема. На домашната економија и треба преструктуирање кое ќе биде повеќе насочено кон едукација и приспособување на компаниите да работат во пазарна економија. Само со одржлива економија и независни пазарно ориентирани компании може да има напредок за државата, а кризата ни овозможува да се преориентираме и да ја постигнеме таа цел.

Најважниот факт со кој што е потребно да се соочиме е дека кризи имало, има и ќе има во иднина, од кои што многу нема да можеме да ги антиципираме. Со сигурност ќе има уште поголеми во иднина за кои што компаниите е потребно да бидат подготвени, бидејќи државата нема да биде секогаш во можност да ги финансира.

 


[1] Economic performance by country | European Commission (europa.eu)

[2] China Is the Only Major Economy to Report Economic Growth for 2020 – WSJ

[3] China’s path to normalisation in the aftermath of the COVID-19 pandemic (europa.eu)

[4] Како државата треба да ја стимулира економијата во кризни услови? – ResPublica

[5] Economic liberalism – Wikipedia

[6] The EBRD in North Macedonia: overview

[7] Економски мерки на Владата за справување со кризата од КОВИД-19 | Влада на Република Северна Македонија (vlada.mk)

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW