Брод го преминува устието на Лоара. На негово чело е претседателот на републиката. На 22 септември 2022 година, во близина на брегот на Сен-Назер, Емануел Макрон ја отвори првата фарма на ветер во француското море. Пред камерите, тој се фали со проектот кој „ја отелотворува амбицијата на Франција“ да постигне „еколошки суверенитет“. Но, од друга страна, мала магла ги опфаќа силуетите на оџаците. Порамнети по течението на реката, ги лоцираме: рафинеријата Тотал, терминалот за ЛНГ Еленжи, електраната на јаглен Кордме, како и фабриките на производителот на облоги за аеронаутика Раба Протек, прехранбениот гигант Каржил или светскиот лидер во хемиски ѓубрива Јара. Во регионот на Лоара-Атлантик, повеќе од 260 индустриски локации претставуваат ризик од еколошко загадување или несреќи. Девет од овие инсталации, класифицирани за ризик по животната средина (ИЦПЕ), се од типот „Севезо“ (ризик од големи несреќи).[1]
Една од нив е фабриката на фирмата Јара. Секоја година се произведуваат 600.000 тони вештачко ѓубриво врз основа на азотна киселина и амониум нитрат – супстанцата одговорна за големата експлозија на пристаништето Бејрут во Либан, во август 2020 година. Министерството за еколошка транзиција ја впиша фабриката лоцирана во Монтоар-де-Британи на листата на тринаесет индустриски локации ставени под „засилена будност“. Само во 2022 година, таа ослободи 60 тони азот и фосфор во Лоара и повеќе од 200 тони токсична прашина во воздухот. Регионалната дирекција за животна средина, развој и домување (ДРЕАЛ) на регионот на Лоара, ја повика компанијата Јара, да ги намали своите емисии на загадувачи дури единаесет пати од 2020 година. Без успех.
Во јануари 2023 година, префектот на Лоара-Атлантик издаде нов декрет, на иницијатива на министерот за еколошка транзиција, Кристоф Бешу: тој бара од компанијата да плаќа 300 евра дневно, доколку не се усогласи со стандардите, што се во сила. Смешно мала казна, кога знаеме дека мултинационалната компанија остварила повеќе од 2,7 милијарди евра профит на глобално ниво – само во 2022 година. Пред сè, „декретот на префектурата нуди нови рокови за индустријалецот“, се жалат Мари-Алин и Мишел Ле Клер. Овие членови на Асоцијацијата на ризични области со седиште во Доњ (АДЗРП), укажуваат на „отсуството на итни одлуки во лицето на индустриска компанија која ги загрозува своите вработени, населението и животната средина“. Индустријалец кој сепак верува дека е оправдано да се жали на „несразмерни забрани“ и „административна немилосрдност“ во жалбата, што ја поднесе пред управниот суд на Нант против одлуката на државата.
Долго време оваа иста држава ги водеше стратешките индустрии. Но, почнувајќи од 1986 година, десницата, повторно на власт, започна невиден бран на приватизации, од Сен-Гобен до националниот петрохемиски сектор. Со повлекувањето од капиталот на своите компании, државата се откажува од своите овластувања за контрола на истите. Исто така, промовира склучување поддоговори и несигурност кои придонесуваат „да се направат невидливи професионалните и еколошките ризици во индустриското производство“, нѝ објаснуваат истражувачите Рено Беко, Мари Гис и Ан Маршан. Овие приватизации, додаваат тие, се придружени со офанзива од страна на работодавачите против фабричките синдикални комитети за здравје и безбедност на работа, кои досега „играа одлучувачка улога во циркулацијата на знаењето и развојот на критичките одредби за организацијата на производството“.[2] Еден од таканаречените декрети на „Макрон“ од 2017 година – ќе ги укине овие комитети.
Во истиот период, големите индустриските компании извезуваат најголем дел од ризикот во земји со помалку строги регулативи и поатрактивно оданочување, како Саудиска Арабија и Бразил во случајот со петрохемиските активности на фирмата Тотал, на пример. Како последица, има глобално губење на еден милион работни места во периодот од 2000 до 2016 година[3]. Иако сегашноста ги оправдува огромните јавни субвенции за приватни групи за да се согласат да се преселат или да останат на националната територија – Инвестицискиот план за Франција 2030 предвидува огромни 54 милијарди евра како помош во текот на пет години; тоа, исто така, подразбира и удвојување на напорите за спречување на регулативите или на нивната преголема ревност да ги обесхрабрат индустријалците да работат во Франција.
На 11 мај о.г., Макрон дури и повикува на „пауза“ во развојот на европските еколошки регулативи, поради зачувување на бизнисите на Стариот континент. Овој говор предизвика многу бурни реакции, но, како што истакнува историчарот Томас Ле Ру, „државата веќе дваесет години ја става заштитата на индустриските интереси пред интересите на јавното здравје и животната средина“. Под притисок на работодавците, забележува тој, последователните влади работеа на „административно поедноставување“: воведување во 2009 година на процедура за регистрација на ИЦПЕ – среден режим помеѓу овластувањето и декларацијата, со што се намалува за една третина бројот на фабрики кои подлежат на процедури за авторизација; намалување на периодот на жалба за трети лица и еколошки здруженија од четири години на само четири месеци; проценка на животната средина резервирана за одредени објекти во 2016 година, а потоа поедноставување на постапките за јавна анкета во 2018 година[4]…
„Индустриската неказнивост“ евоцирана од Томас Ле Ру, исто така, произлегува од практиката на државните служби. Кога операторите на една фабрика ќе направат прекршок, инспекторите на ДРЕАЛ можат да препорачаат административна санкција, според дискреционото право на регионалниот префект, или да го известат јавниот обвинител со цел за кривична пријава. Но, судовите се затнати со други, тековни предмети, а ентузијазмот не се цени. Упорните инспектори се изложуваат на критика од повисоката хиерархија, која повеќе се занимава со вработување отколку со јавното здравје или животната средина. „Сите сакаме добро да си ја завршиме работата. Но, иако можеме да ги ставиме и сите средства што ги имаме на располагање, сепак, ако префектот не реагира – станува бескорисно“, се жали инспектор од ДРЕАЛ, кој претпочита да остане анонимен. „Кога политиката и индустријата се поврзани, станува невозможно.“
Националниот синдикат на индустриски и рударски инженери (СНИИМ), ја нагласува потребата да се довери индустриската контрола на автономен орган, додека многу од неговите членови го осудуваат притисокот од префектите врз инспекцијата, во контекст на регионалното економско закрепнување во Франција. „Постои јасно соучесништво меѓу државните службеници и индустријалците“, изјавува Матијас Тавел (ЛФИ), пратеник за 8-та изборна единица на Лоара-Атлантик. „Економскиот интерес е пред јавното здравје. Ризикот е дека никој повеќе не ја сака индустријата во својот регион. Но, нам ни треба индустријата и треба да ја преселиме. Но, условите за живот и основање на фирми, треба да се подобрат. Сепак, овој регион има средства да стане модел за енергетската транзиција.“
Досега, стимулативните планови на владата, наместо тоа, „го зголемија притисокот од администрацијата да ги забрза студиите на случај и притисокот од индустријата за доделување овластувања“, вели инспекторот од ДРЕАЛ. Катастрофи – како онаа што се случи во 2001 година во Тулуз кога експлодираше фабриката АЗФ – сигурно може да доведат до зголемување на фреквенцијата на инспекции; но или има тенденција да се намали потоа – СНИИМ броеше 28.500 контроли во 2007 година и само 18.200 во 2018 година; или, во отсуство на дополнителни ресурси, целта за зголемување на бројот на контроли – утврдена на повеќе од 50% од Министерството за еколошка транзиција по експлозијата на фабриката Лубризол во Руан во 2019 година, се претвора во намалување на времето за контрола.
Нешто повеќе од 1.600 еколошки инспектори се потребни за следење на 500.000 еколошки ризични објекти. „Ги следиме поголемите објекти на фирмата Севесо“, објаснува поранешен еколошки инспектор, „но оние со средна големина се напуштени од директна контрола, особено оние што се предмет на декларација, како што се бензинските пумпи“. Во пракса, објаснува таа, контролата на опремата што е предмет на декларирање е прилично делегирана на приватните тела како подизведувачи или на самите засегнати компании. „Принципот на самоконтрола – нема смисла. Ако не пријават, не можат ни да бидат фатени. Ги наоѓате само кога има еколошки катастрофи“. „Локациите кои поминаа низ режим на едноставни декларации се надвор од радарот“, додава инспекторот на ДРЕАЛ. „Сепак тие се одговорни за најголемото резидуално загадување. Тоа се оние кои ќе имаат најголемо влијание во однос на јавното здравје. Предизвикот е да се ребалансира спречувањето на случајниот ризик и хроничниот ризик, оној на загадувањето. Ова значи да се биде во можност да се справиме со локации, кои не се во согласност со законот. Но, нашите санкции се премногу слаби. Тоа е прашање на политички приоритет. Сè уште сме Министерство за животна средина…“
Висок функционер додава: „Во моментов има вистинска тешкотија: забележуваме многу повреди на Законот за животна средина, но кога индустријалците се надвор од дофатот, министрите повеќе не го кажуваат тоа, поради внатрешен мир во владата“. Интервенцијата – повеќе формална – на Бешу во јануари за случајот со фабриката на Јара, би можела да сугерира желба за поголема тежина. Но, повеќегодишните Стратешки насоки за инспекција на класифицирани инсталации 2023-2027, објавени од неговото министерство, ослободуваат некои од индустријалците од нивните финансиски одговорности: документот иззема некои од нив од донесување интерни компаниски правилници за ризик од дефект, мерка која сè уште е предвидена со Законот за животна средина на Франција (во неговиот член R. 516-1), но премногу „скап за операторите“ и „претставува значителни административни оптоварувања за инспекција на класифицирани инсталации“.[5]
По голем пожар, дури 70% од бизнисите не закрепнуваат[6]. Затоа, можеме да ја замислиме големината на трошоците за локалната заедница за ризици преземени од приватни компании: јавната база на податоци за индустриски инциденти Ариа идентификуваше 1.571 „настани“ во ИЦПЕ во 2021 година; несреќи, инциденти или деградирани ситуации предизвикуваат неколку смртни случаи и многу повреди секоја година. Но, пред сè, бројот на нови случаи на рак годишно се зголеми во Франција од 170.000 во 1980 година на 382.000 во 2018 година, додека бројот на контролирани супстанци може да претставува мал дел од оние, од кои се ослободуваат индустриите.[7]
Во септември 2019 година, извештајот објавен од Регионалната опсерваторија за здравје на регионот Лоара покажа дека во басенот на Сен-Назер има 28% повисока смртност од националниот просек кај луѓето под 65 години, главно поврзана со рак и респираторни заболувања[8]. Вишокот на смртност кај мажите достигнува 38%, во регион кој има две третини од активни работници и веќе плати висока цена за азбестот. Заменикот-префект на Сен-Назер, Мишел Берг, веднаш се обиде да ги дисквалификува резултатите од студијата, осврнувајќи се на лошиот начин на живот на населението со скромни примања во басенот на Назер: „Не е индустриското загадување, кое предизвикува рак. Тоа се тутунот и алкохолот“, вели тој[9]. „Извештајот исто така потврдува, дека дури 30% од локалните деца – имаат сериозни респираторни инфекции. Дали и тие пушат и пијат?“, прашува сенаторот од Лоара-Атлантик (ПС), Јаник Вогренар.
Упорноста на локалните активисти пренесена од неколку пратеници, доведе три години подоцна до реализација на студија за област пред епидемиолошка истрага, и покрај противењето на заменикот-префект. На 16 декември 2022 година, по пат на отворање на консултативната вежба, вториов го упати обвинението против здруженијата, обвинувајќи ги дека го преплавиле со прашања и за попречување на демократската вежба со одбивање на претставниците на фабриката на фирмата Јара да учествуваат на седницата. „Во Сен-Назер, социјалното ткиво е многу гласно и наметливо. Тие вршат важна работа на будност“, коментира Вогренар. „Тоа ги нервира државните функционери, кои не се навикнати да им се контрира“. Веќе на 14 октомври 2022 година, пред арондисманот Сен-Назер, можеше да се прочита на табла: „Јара бега, државата бега, ние остануваме“. На тој ден, министерот за еколошка транзиција го промовираше денот „Сите отпорни наспроти ризикот“. „Отпорноста ја префрла одговорноста за ризикот врз граѓаните и ги ослободува компаниите“, објаснува Мари-Алин Ле Клер. „Мораме да се заштитиме од ризици, за кои не сме одговорни.“[10]
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] D’après les données du site Géorisques, https://www.georisques.gouv.fr
[2] “Pour un décloisonnement scientifique de la santé au travail et de la santé environnementale”, Sociétés contemporaines, Paris, 2021/1.
[3] “Les politiques industrielles en France – Évolutions et comparaisons internationales”, France Stratégie, Paris, septembre 2020.
[4] Thomas Le Roux, “L’industrie du risque” dans Antony Burlaud, Allan Popelard et Grégory Rzepski (dir.), Le Nouveau Monde. Tableau de la France néolibérale, Éditions Amsterdam, Paris, 2021.
[5] https://www.ecologie.gouv.fr
[6] Luc Laborde, “Prévention du risque incendie : enjeux et principes”, Hygiène et sécurité du travail, Paris, VI/2019, n° 255.
[7] Anne Thuret, Christine De Peretti et Isabelle Grémy, “20 ans de santé publique. Évolution de l’état de santé depuis 20 ans : l’évolution de la surveillance épidémiologique des maladies chroniques au cours des vingt dernières années”, Actualité et dossier en santé publique, Paris, n° 80, septembre 2012. “Cancers: key figures”, National Cancer Institute, 13.2.2023, https://www.e-cancer.fr
[8] “La santé des habitants de la Carene. Communauté d’agglomération de la région nazairienne et de l’estuaire”, Observatoire régional de la santé des Pays de la Loire, Nantes, IX/2019.
[9] “Saint-Nazaire. Pour le sous-préfet, ‘‘ce n’est pas la pollution qui cause le cancer’’” Presse Océan, Nantes, 6.12.2019.
[10] Evelyne Pieiller, “Résilience partout, résistance nulle part”, Le Monde diplomatique, V/2021.