За неа се вели дека е слаба, поделена, неефикасна, дури и непостоечка. Асоцијација на земјите од Југоисточна Азија (Анасе, или Asean на англиски јазик) е една од оние регионални организации за кои се чини дека се надвор од дипломатскиот радар, иако таа обединува десет земји (Бурма, Брунеи, Камбоџа, Индонезија, Лаос, Малезија, Филипини, Сингапур, Тајланд и Виетнам) и 652 милиони луѓе. Впрочем, нејзиниот 37-ми самит во Ханој, беше отворен на 12-ти ноември без да му се придаде особено внимание. Но, за да три дена подоцна, истиот заврши бомбастично: со потпишување договор за слободна трговија, Регионално сеопфатно економско партнерство (ПЕРГ; на англиски: Regional Comprehensive Economic Partnership, RCEP) со Австралија, Кина, Јужна Кореја, Јапонија и Нов Зеланд.
Во време кога релокацијата на производствата, „купувањето локални производи“ и заштитата на пазарите би требало да послужат како основа за еден нов начин на развој, главните азиски земји (со исклучок на Индија која, стравувајќи од конкуренција од своите соседи, се повлече од преговорите) своите надежи ги полааат на проширувањето на полето на глобализацијата. Кинескиот премиер, комунистот Ли Кечијанг, си честиташе за „победата на мултилатерализмот и слободнатата трговија“, додека неговиот јапонски колега, либералот Јошихиде Суга се одзва поздравувајќи го овој „историски ден, по осум години преговори“, и повикувајќи на спроведување на договорот „во најкус можен рок“. Слободни трговци од сите земји, обединете се! Триесет проценти од произведеното богатство во светот, 28% од светската трговија и 2,2 милијарди луѓе: ПЕРГ е најзначаниот договор од ваков вид кој некогаш бил потпишан. И тоа без Вашингтон! Значаен пресврт во историјата е да се види како Кина величествено царува во оваа Југоисточна Азија која до вчера беше толку непријателски расположена.
Всушност, Анасе е основана во 1967-та год., среде Студената војна, а нејзина главна цел беше да го додржи комунизмот. Тогаш едно јадро на „сигурни земји“, кои често ги гонеа „црвените“ (или оние за кои се претпоставувало дека се такви) на нивна сопствена територија, како цврсти сојузници на Соединетите држави, во кои спаѓаат Индонезија, Малезија, Филипини, Сингапур и Тајланд, се обединија за да го спречат „злото“. Но, со текот на времето и распадот на Советскиот Сојуз, идеолошките расправии згаснаа. Азиската криза во периодот помеѓу 1997-та и 1998-та год., која го косеше регионот додека кинеската економија беше во својот полет, го стори и следново: дамнешните непријатели преговараа, Анасе се консолидираше. Потоа се прошири со создавање на она што беше наречено Анасе Плус, со трите азиски гиганти (Кина, Јужна Кореја и Јапонија), како и со низа организации со променлива геометрија, како што се Регионалниот форум на Анасе, кој брои дваесет и седум членки (вклучувајќи ги и оние на Анасе+3, САД, Северна Кореја, Русија, Индија и Европската унија) и Средбата на министрите за одбрана на Асеан Плус (Asean Defense Ministers Meeting Plus), кој обединува осумнаесет земји (оние од Анасе+3, Австралија, САД, Индија, Нов Зеланд и Русија).
Без многу врева, Анасе исткаја големо дипломатска платно што несомнено спречи дегенерирање на територијалните конфликти во Кинеското море, без, притоа, да успее истите да ги реши. Во 2018-та год., таа со Пекинг подготви Кодекс на однесување (COC) за да послужи како основа за преговорите меѓу сите оние што бараа право на суверенитет над островите Парацел и Спартли: Кина, безмилосно, ги бара и двата; Виетнам, Филипини, Малезија, Брунеи и Индонезија се помалку алчни, но националните барања ќе се испреплетат. Две години подоцна, COC замира, при што инцидентите се умножуваат, а лутината расте.
Сепак, тензиите не го спречија потпишувањето на ПЕРГ, кој ги обединува вторите и третите по големина економски сили во светот – Кина и Јапонија, околу истиот текст. Договорот од 521 страница (на англиски јазик), 20 поглавја, 17 анекси и временски распоред за пристап до националните пазари има за цел „да ги елиминира правата за царинење и квотите за стоките“, се вели на веб-страницата на Анасе. Тој опфаќа и неколку пречки кои не се однесуваат на тарифирањето (кои се однесуваат на стандардите), дел од размената на услуги, е-трговија и прашања за интелектуалната сопственост, но го остава настрана битното за земјоделските производи. Искрено кажано, се чини дека правилата не се многу ограничувачки: стоката, произведена од материјали што потекнуваат од една од петнаесетте земји потписнички, по автоматизам ќе бидат одобрени кај останатите. Што, патем, ќе има последици за Европската унија, која потпиша договори за слободна трговија со неколку земји кои се дел од ПЕРГ (Виетнам, Јужна Кореја, Јапонија). Ќе биде сѐ потешко, ако не и невозможно, да се пронајде потеклото на производите, кои така ќе можат да профитираа од третманот за европски повластици.
ПЕРГ не задржува никакви еколошки, здравствени или социјални критериуми. Секако, договорите под американско или европско покровителство, и покрај нивните убави формули, не придонесуваат ништо повеќе – ако ги прифатиме социјалните клаузули како што се минималната плата или правото на штрајк воведени во 2018-та год., при ревизијата на Северноамериканскиот договор за слободна трговија (Алена). Од друга страна, ПЕРГ не содржи никаква клаузула што им дава моќ на мултинационалните компании да ги напаѓаат државите кога не се задоволни од нивните мерки. Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови (ИЦСИД), овој исклучителен суд кој е над националните закони, тука не игра никаква улога.
Генерално, потпишувањето договор за слободна трговија доведува до претерани ветувања (никогаш исполнети) за растот, вработеноста или трговијата. Овој пат, дури и најлибералните економски експерти се претпазливи и очекуваат во најдобар случај зголемување на растот од 0,2 до 0,4% во просек. Всушност, повеќето од засегнатите земји веќе имаат билатерални договори за слободна трговија, секоја засебно со големите три земји, додека специјалните економски зони (без оданочување) се цел еден легион во регионот: ги има 700-тина во југоисточна Азија. и повеќе од 2.500-тини во Кина.
Ограничени, очекуваните промени нема да бидат ниту идентични ниту корисни за сите, иако ПЕРГ е официјално насочен кон фаворизирање на „азиската економска интеграција“. Анасе останува разновиден собор на земји со многу различни нивоа на богатство. Сингапур, која се наоѓа на врвот на табелата, со приход по глава на жител од 64.567 долари, нема ништо заедничко со Бурма и нејзините 1.440 долари. Во Брунеи, 78% од населението живее во градовите, додека во Камбоџа само 23%. Нивните потреби и нивните способности за издржливост не се од истиот ранг. Во потрага по нови земји со ниски плати, мултинационалните компании од регионот и остатокот од светот уживаат во тоа. Виетнам отсега ќе има корист од преместувањето на фабриките порано лоцирани во соседна Кина. Токио усвои план за повлекување од Кина, и им помогна на јапонските групации да се преселат на островот или да инвестираат во Виетнам, Бурма или Тајланд. Јапонија, чија економија важи за една од најекстравертните, е водечки извор на средства во Азија: нејзининот уддел изнесува 13,7% од странските директни инвестиции (СДИ) што влегуваат во Анасе, наспроти 7% за Кина. ПЕРГ треба да доведе до прераспределба на картите внатре во зоната, но секако не и до пресврт.
Основниот интерес на овој договор лежи во неговите стратешки димензии, бидејќи тој оди во прилог на геополитичката централност на Кина. Првично лансиран од Пекинг, како противудар на Транспацифичкото партнерство (ТПП, TPP на англиски јазик) осмислено од г. Барак Обама кога тој беше претседател на САД за да го спречи зголемувањето на кинеската моќ (и напуштено од страна на г. Доналд Трамп ), ПЕРГ осум години тапкаше во место. „Кооперативната дипломатија“ на Анасе, како што вели поговорката, и кинеската волја за успех, на крајот доведе до негово потпишување.
Секако, ова е „трговски договор на ниско ниво“, смета поранешниот сингапурски дипломат и професор по јавна политика, Кишор Махбубани. Како и да е, според него, тој означува „голема пресвртница во историјата на светот, што би било погрешно да се потцени“. Досега, ни вели тој, „имаше најмалку три потенцијални визии за соработка во Азија: Азија-Пацифик, Индо-Пацифик и Источна Азија. ПЕРГ покажува дека доминантна визија ќе биде онаа на Источна Азија. Азија-Пацифик, промовиран од Соединетите држави, најпрво во рамките на Азиско-пацифичкиот форум за економска соработка [АПЕК], а потоа во рамките на ТПП, беше задушен од г. Трамп. Што се однесува до Индо-Пацификот, тој е во мирување со самото тоа што Индија се повлече“.
Овие повлекувања на Индија и САД се само привремени, а Кина нема за долго да остане сама. Но, таа нема да биде изолирана – од што таа најмногу стравуваше. „ПЕРГ [ѝ] обезбедува проширување на нејзината економска моќ, објаснува американскиот економист и политиколог Дејвид П. Голдман, кој го истакнува нејзиниот капацитет „да ги привлече земјите од Југот со својот економски модел, со помош на технологијата и трговската организација. Ова нема никаква врска со извозот на нејзиниот политички модел. Напротив, моќта на кинескиот пристап кон светот лежи во фактот дека таа има намера да ја трансформира економијата со капиларност, и тоа одејќи повеќе од долу нагоре, отколку од горе надолу “.
Западните земји ја користат повеќе политичката и воената мапа. Трамповата Америка повторно го отпочна Квадрилатералниот безбедносен дијалог (QSD, познат и како Quad), кој ги обединува Токио, Њу Делхи и Канбера и Вашингтон, со јасно изразена цел за формирање антикинеска коалиција; тој воспостави поблиски воени врски со Филипините и Индонезија, чијшто министер за одбрана со голема помпа го пречека својот американски колега; таа се приближи до Виетнам, Тајван… Сето тоа придружено со продажба на оружје со одржливо темпо и со „изобилие на демонстрации на американските и кинеските сили во Кинеското море “. Со сите ризици што истото ги носи од погрешни маневри и недоразбирања што може да доведат до најлошото.
Така, конфронтацијата добива изглед на двојна уцена: нема безбедносна заштита без верност кон Вашингтон, вели првиот; нема (или поточно, има помалку) економска размена без прифаќање на кинеските правила, предупредува другиот. Секој партнер е повикан да избере своја страна… или, во секој случај, да не ја избере спротивната. На Австралија, која отворено се усогласи со Соединетите Американски Држави, повикувајќи на истражна комисија за потеклото на Ковид-19 и отфрлајќи ги договорите со Хуавеј за 5Г мрежата, Пекинг ѝ испрати список со „четиринаесет укори“, со следново предупредување: „Доколку од Кина направите непријател, Кина ќе биде ваш непријател. „Следствено, вината се високо оданочувани, по јагленот, говедското, јачменот… Споровите ќе бидат решавани пред Светската трговска организација (СТО). Австралиските производители веќе трпат штета.
Сепак, повеќето азиски влади го отфрлаат овој дискурс на големите сили. Махбубани предупредува на погрешно толкување: „Загриженоста кај соседите поради зголемувањето на моќта на Кина не значи дека тие се спротивставуваат на овој подем“. Некои, како Сингапур или Јужна Кореја, гледаат дури и одредена рамнотежа во тоа; сите очекуваат да бидат почитувани од страна на двата гиганти.
Како што Венди Катлер, потпретседателка на Институтот за општествен развој и политика во Азија од Њујорк, соодветно го сумира тоа, „петнаесет земји избраа да се обединат, без оглед на нивните разлики и несогласувања“. И, пред сè, додава таа, овој договор нè потсетува дека „нашите азиски трговски партнери ја стекнаа меѓусебната доверба неопходна за заедничка соработка, без да имаат потреба од САД“. Дали ова ќе има трајни геополитички последици? Прерано е да се каже.
Во меѓувреме, поттикнат од својот успех, Ши Јинпинг си го дозволи луксузот да објави дека Кина е подготвена да се приклучи на ТЕЦ-11, новата верзија на Договорот за транс-пацифичко партнерство спроведен од Јапонија по трамповото повлекување. Тоа е повеќе политички удар отколку економски ангажман. Кинескиот претседател сака да стане шампион во слободната трговија, под услов државата, сепак, да остане главниот играч. Не сум сигурен дека сите го делат истиот став.
Преведено од: Жаклина Илиевска
Сите права се задржани. Преземањето на содржината е забрането без претходна писмена согласност од редакцијата на Le Monde Diplomatique – Македонско издание.
- Фусноти:
- Соодветно China Daily, Пекинг, 16ти ноември 2020та год., и интернет страницата на Министерството за надворешни работи, Токио, 15ти ноември 2020та год.
- Прочитајте Жан Гијву, „Индонезија: како воениот режим владее преку терор“, и Патрис де Беер, „Демократија на исклучоци” во Сингапур“, Le Monde diplomatique, соодветно февруари 1977ма год., и октомври 1971ва год.
- Прочитајте Дидје Корморан, „И за неколку камења повеќе“…“, Le Monde diplomatique, јуни 2016та год.
- Прочитајте Лори М. Валах „Првите прекршувања во тврдината на слободната трговија“, Le Monde diplomatique, ноември 2018та год.
- Прочитајте Беноа Бревиј ет Мартин Булар, „Судови за ограбување на држави“, Le Monde diplomatique, јуни 2014та год.
- „World Investment Report 2019 – Special Economic Zones“, Конференција на Обединетите нации за трговија и развој“ (Cnuced), Женава, јуни 2019та год., www.unctad.org.
- Од сите статистички податоци за Анасе доаѓаат од Годишниот статистички дневник на Анасе 2019та год., Џакарта.
- „апонија започнува да им плаќа на фирмите за да се намали зависноста од кинеските фабрики“, Bloomberg News, 18ти јули 2020та год.
- Cf. Кишор Махбубани, Дали Кина победи? PublicAffairs, Њујорк, 2020та год.
- Дејвид П. Голдман, „Погрешна телеграма на Стејт департментот“, Asia Times, Хонг Конг, 18ти ноември 2020та год.
- Аристио Риска Дармаван, „ Прабобо откупен во окото на Вашингтон среде ривалство меѓу Кина и САД“, The Interpreter, 20ти октомври 2020та год, www.lowyinstitute.org
- Даниел Шефер, „ Кина – САД – Јужно кинеско море и крајбрежни територии: Чекајќи го Бајден“, Asie21, септември 2020та, www.asie21.com
- Џонатан Кирсли, Ерик Багшоу и Ентони Галовеј, „“ Ако направите од Кина непријател, Кина ќе ви биде непријател”: Свежа закана од Пекинг за Австралија“, The Sidney Morning Herald, 18ти ноември 2020та год.
- Венди Катлер, „Договорот за ПЕРГ: Уште еден повик за будење на САД за трговијата», Asia Society Policy Institute, Њујорк, 15ти ноември 2020та год.