„Жена, живот, слобода!“, „Нема да дозволиме да се повтори!“, „Смрт за диктаторот!“… Овие слогани што се слушаат на улиците на Техеран и во повеќе од осумдесет градови во земјата ја сумираат решителноста на демонстрантите, кои одлучија да се борат со власта. Сè започна на 13 септември. Агентите на полицијата за морал (Гашт-е Ершад) ја испрашуваа младата 22-годишна жена со курдско потекло, Махса Амини, за вел за кој тие оценија дека не е соодветен. Ова е вообичаена поплака на која секојдневно се подложени илјадници Иранки. Амини почина три дена подоцна во болницата каде што беше префрлена во кома, а нејзиниот погреб во нејзиниот роден град Сагез, во ирански Курдистан, беше проследен со експлозија на гнев што се прошири низ целата земја.
Насекаде, ѕидот на стравот се урива и жените преземаат значителен ризик пркосејќи му на режимот на улиците. И покрај исклучувањето на интернетот организирано од страна на владата, социјалните мрежи пренесуваат слики од жени кои ги палат своите шамии во гест што морничаво потсетува на американските знамиња што некогаш беа запалени на истите улици од толпата[1]. Во Сагез, семејството на жртвата ја оспорува официјалната верзија на смртта – смрт поради медицинска историја – и се сомнева дека бруталноста на полицијата за морал е одговорна за смртта на оној кој сега се смета за „маченик“.
И покрај сè пожестоката репресија, при што полицијата понекогаш пукаше со боева муниција, фокусот на протестот брзо се прошири. Првично, главното прашање беше преиспитувањето на моќта доделена на полицијата за морал и обврската за носење вел, која беше на сила од 1983 година. Но, многу брзо, токму основите на режимот беа нападнати, за што сведочи слоганот „Исламската Република, не ја сакаме! Не ја сакаме!“. И покрај тоа што Иран доживеа неколку бранови на народни протести во минатото, ниту еден не беше од ваков обем ниту имаше толку голема публика меѓу населението и во странство. Во јуни 2009 година, „зеленото движење“ го отфрли реизборот на претседателот Махмуд Ахмадинежад, осудувајќи го полнењето на гласачките кутии[2]. Слоганот „каде е мојот глас?“ ја мобилизираше високата средна класа, но тешко стигна до руралните области. До крајот на 2017 година, различни социјални групи од најзагрозените средини се мобилизираа посебно за да протестираат против намалувањето на субвенциите и зголемувањето на горивото и неколку основни прехранбени производи. Конечно, во 2019 година, истите економски мотиви ги мобилизираа работничките класи и ситната буржоазија, особено во малите градови и сиромашните периферии на големите урбани центри. Секој пат, немилосрдната репресија на улиците и илјадниците апсења ги разбиваа овие движења.
Овој пат, режимот треба да се справи со изразувањето на широко распространето незадоволство и силната вклученост на жените и младите во земјата. Речиси 51% од Иранците се на возраст под 30 години од населението (три четвртини од тоа е урбано) од 86 милиони. Овие млади луѓе повеќе не можат да поднесат да живеат на попречен начин каде што сè што може да изгледа нормално на друго место – како што е едноставно слушање музика со пријателите на улица – е извор на компликации[3]. „Човековото достоинство е во центарот на ова движење. Како луѓето да сакаат да ја вратат изгубената младост и да ја изразат својата желба за нормална и достоинствена егзистенција“, вели социологот Асеф Бајат. На ова се додава и географскиот опсег на протестите, кои не се ограничени само на урбаните центри, туку допираат до далечни региони. Најжестоки судири се во Курдистан и Балучистан, особено во градот Захедан.
Лошата економска ситуација е главен фактор за гневот на Иранците кои се оптоварени со инфлација од околу 40%. Едно од изборните ветувања на г. Ебрахим Раиси беше да преземе акција за подобрување на секојдневниот живот на своите сограѓани. Но, малку се промени од неговиот избор за претседател на Исламската Република во јуни 2021 година. Владата дури усвои низа мерки за штедење со намалување на одредени субвенции за основните прехранбени производи, повикувајќи се на санкциите наметнати на Иран за да го спречи да ја развие својата нуклеарна програма. „Куповната моќ на Иранците драстично опадна, тие имаат потешкотии да ги задоволат основните потреби, потрошувачката на месо, јајца и млечни производи е намалена за 50 %“, забележува економскиот дневен весник „Jahan-e-Sanat“ минатиот мај, кој објави дека околу 45% од Иранците живеат под прагот на сиромаштија и дека 10% од нив немаат што да јадат[4].
Покрај влошените економски тешкотии, населението треба да се справи и со ендемичната корупција на која се чини дека нема крај. И покрај ветувањата од властите, fessad („корупција“) и reshveh („мито“) управуваат и со секојдневниот живот и со бизнисот во земја каде што повеќе од две третини од бруто домашниот производ (БДП) зависи од јавните или полу-јавните претпријатија и агенции. На крајот на август, официјалниот печат објави парламентарен извештај во кој се осудува проневера во износ од три милијарди долари во рамките на раководството на најголемиот производител на челик во Иран, Фулад Мобараке. Последователно, акциите на производителот на челик беа суспендирани на берзата во Техеран, но на социјалните мрежи корисниците на интернет имаа малку илузии за можните правни последици од овој случај…
Друга карактеристика на востанието е недостатокот на политичко лидерство или признаена координација. Овој хоризонтален карактер, кој е типичен за другите движења во светот, може да се објасни со репресијата и фрагментацијата на политичките опозициски сили во земјата и стравот од репресалии. Тоа, исто така, го повторува недостатокот на јасност во односите на моќта што продира во иранската влада. Конечно, публиката на движењето немаше да биде иста без активната улога на медиумите кои зборуваат персиски, финансирани од западните земји или монархиите од Персискиот залив и кои служат како преоден дел за емитување видеа од протестите. Во 2018 година, „The Guardian“ тврдеше дека многу активниот телевизиски канал Iran International (II) бил финансиран од Саудиска Арабија[5]. Тврдење одбиено од страна на Iran International.
Дури и кога економската ситуација се влошуваше, режимот се определи, неколку месеци пред бунтот, за општествено зацврстување со враќање на сила на улиците на моралната полиција, апсење на режисери или членови на верското малцинство Бахаи. Во овој контекст, протестот тешко му користи на реформистичкиот табор, бидејќи демонстрантите се обединети во нивното отфрлање на системот како целина. „Реформистичката и фундаменталистичката поделба која ја окупираше официјалната политичка сцена уште од раните години на револуцијата, заврши со последниот мандат на претседателот Хасан Рохани во 2021 година. Сега целосно го изгуби својот ефект и народот ги отфрла овие два табора“, смета социологот Јусеф Абазари[6].
Ова отфрлање е уште посилно затоа што режимот не изгледа склон да се менува во согласност со барањата на улицата[7]. Додека во земјата беа организирани контра-демонстрации за поддршка на режимот, претседателот Раиси, по враќањето од Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк на 23 септември, ги повика силите на редот да дејствуваат „цврсто против оние кои ја поткопуваат безбедноста и мир на земјата и народот“. Од своја страна, г. Голамхосеин Мохсени Еџеи, на чело на судството, ја истакна важноста на „бескомпромисно справување со главните и организациски елементи на немирите“ за време на ненадејната посета на штабот на силите против немири на 25 септември. Ајатолахот Али Хамнеи, водачот на револуцијата, во својата вообичаена реторика, рече дека „немирите и несигурноста се дело на Соединетите Американски Држави и узурпирачкиот ционистички режим“ и дека прашањето за велот, според него, е само изговор за ја дестабилизираат земјата. Тој додаде дека „многу жени во Иран не носат совршено вел и се жестоки поддржувачи на Исламската Република“. Водичот, исто така, одбива да даде задоволство на реформистичката фракција која бара чисто и едноставно повлекување на обврската за носење хеџаб („превез“ на фарси).
Сепак, режимот презеде некои помирувачки мерки, особено создавањето „слободни домови на дијалог“ од страна на Врховниот совет на културната револуција. Во една од нив дури се одржа средба со присуство на деведесет рачно избрани универзитетски професори. Но, оваа очигледна подготвеност за дијалог не треба да го прикрие фактот дека до средината на октомври, репресијата доведе до апсење на повеќе од две илјади луѓе и смрт на најмалку двесте демонстранти, вклучително и околу дваесет малолетни лица. Привремен биланс кој не ги земал предвид жртвите од судирите во затворот Евин во Техеран. „Бастилја“ во која се интернираат обични криминалци, но и политички затвореници и странски државјани обвинети за шпионажа, како што е француско-иранската истражувачка Фариба Аделхах.
До каде може да оди ова движење? Премногу прашања засега остануваат неодговорени. Сè уште не се знае дали економските актери ќе го следат примерот на демонстрантите. Вистина е дека работниците во петрохемиската локација Асалује штрајкуваат, но нивното движење сè уште не се проширило. Слично на тоа, протестите на наставниците остануваат во малцинство, додека трговците од чаршијата во Техеран – чија улога беше одлучувачка во забрзувањето на падот на Шахот во 1979 година – бавно изразуваат отворена солидарност со демонстрантите. Конечно, каков ќе биде ставот на режимската база и на Револуционерната гарда, кој ќе биде одлучувачки? Во време на застој во преговорите за иранското нуклеарно прашање и нагласеното приближување на Техеран со Москва – Иран стана постојана членка на Шангајската организација за соработка на 15 септември – голема е веројатноста дека радикалното крило на режимот ќе тврди дека ситуацијата не е една од големите отстапки. Во знак на времето, ајатолахот Хамнеи на 20 септември ги отпушти од „Советот за расудување на врховниот интерес на режимот“ личности кои се сметаа за премногу поволни за Западот, меѓу кои и поранешниот претседател Рохани.
Без оглед на судбината на ова движење, неговите достигнувања веќе изгледаат важни. Иранската младина, а особено младите жени, бараат промени. Можно е полицијата на моралот да биде разбиена, или барем да ја изгуби способноста да нанесува штета. Покривањето со вел можеби повеќе не е задолжително, но не постои гаранција дека ќе се преземат чекори кон поголема политичка отвореност.
Преведено од: Павлина Димовска
Фусноти:
[1] Прочитајте Florence Beaugé, « Les Iraniennes ne désarment pas », Le Monde diplomatique, февруари 2016 година.
[2] Cf. Ahmad Salamatian et Sara Danie, Iran, la révolution verte. La fin de l’islam politique?, Делавила, Париз, 2010 година.
[3] Прочитајте Thelma Katebi, « Être chanteur en Iran », Le Monde diplomatique, август 2020 година.
[4] 12 мај 2022 година.
[5] « Concern over UK-based Iranian TV channel’s links to Saudi Arabia », The Guardian, Лондон, 31 октомври 2018 година.
[6] Naghd Siasi, 26 септември 2022 година.
[7] Прочитајте Shervin Ahmadi et Philippe Descamps, « Espoirs et simulacres du changement en Iran », Le Monde diplomatique, мај 2016 година.