На свиокот на мало дрво, среде ниви, се појавува зелена купола. Погонот за биогас на Жоел и Седрик Лавердет, фармери и одгледувачи на свињи на западот од Лот, работи уште од 2012 година. Шталското ѓубриво од стоката испушта метан, гас со огромен ефект на стаклена градина кога ќе избега во атмосферата. Целта на метанизацијата е да се поврати овој гас за производство на електрична и топлинска енергија или, по прочистувањето, да се користи како гориво во мрежите за природен гас, плинските боци за домашна употреба и во сите приспособени возила. Процесите вклучуваат течна или цврста ферментација на различни материјали наречени инпути во медиум без кислород. Микроорганизмите ја разградуваат органската материја со емитирање на неколку гасови: метан, јаглерод диоксид итн. Преостанатиот „дигестат“ потоа се аплицира на нивите како ѓубриво. Како и Жоел Лавердет, поголемиот дел од земјоделците се одлучија за континуирана течна постројка за биогас, погодна за инпути со помалку од 20% сува материја, како што е шталското ѓубриво.
Накитено со пофалби во разни документи, производството на биогас сепак наидува на сè поголема локална опозиција. Покрај лошите мириси кои мобилизираат многу соседи против нив, употребата на дигестати не е без влијание врз животната средина, особено врз реките. Но, надвор од начините за да справиме со повеќекратните непријатности, се спротивставуваат две визии на секторот: од една страна, екосистем со мали постројки за биогас, кои го консумираат и произведуваат она што му е потребно на локално ниво, во обем на фарма; од друга страна, продуктивистички систем заснован на огромни фабрики за биогас, централизирајќи го шталското ѓубриво од десетици фарми, и кој има за цел да произведе големи количини енергија што ќе се дистрибуира преку национална мрежа или ќе се продава во странство, со поголеми електрани, но кои повеќе не се задоволуваат да рециклираат и мора да се снабдуваат со производство, а со што ќе се монополизира дел од земјоделското земјиште.
Во 2010 година, Франција имала само 44 вакви инсталации кои користеле земјоделски ресурси, со 38 биопогони на фармата и 6 централизирани. Сè уште малку познат, процесот остана на иницијатива на земјоделците. Овие биопогони го претворија метанот во електрична и топлинска енергија користејќи т.н. когенеративни мотори, кои претставуваат 200 гигават часови (GWh) произведена енергија, или потрошувачката направена од околу 80.000 жители годишно. Други видови инсталации за биогас постојат подолго време за третирање на тињата од пречистителни станици (СТЕП), индустриски и отпад од домаќинствата. Тие главно произведуваат топлинска енергија за индустриите и општините. Секој производител потпишува договор за откуп на електрична енергија на 15 години по цена за MWh во опсег од 86 до 122 евра – во зависност од видот на договорот и инсталацијата за биогас. До денес, овие тарифи не се зголемени и покрај војната во Украина, но Ањес Паниер-Рунашер, министерка за енергетска транзиција на Франција, во јули о.г. го најави претстојното објавување на уредби на оваа тема.
Од 2015 година, датумот на примена на законот Гренел 2 и уредбите, со кои се утврдуваат условите за купување на биометан, секторот почнува да се соочува со промени. Владата ги фаворизира погоните кои директно произведуваат биометан што треба да се вбризга во мрежата. Овие проекти бараат поголеми инсталации, како што сведочи Жан-Кристоф Гилбер, кој ја изгради првата единица од овој тип во Бретања со партнери: „Нашата единица првично беше наменета да произведе 150 киловат часови (kWh) во когенерација. Со инјектирањето, беше неопходно да се промени големината на проектот за да биде профитабилен. Сега вбризгуваме еквивалент на 930 kWh. Моравме да го зголемиме производството на гас, особено затоа што Гасоводната дистрибутивна мрежа на Франција (ГРДФ) нè натера да платиме дури 100 000 евра годишно, само за да може да пристапиме до националната гасоводна мрежа“.
На крајот на 2021 година во функција се повеќе од илјада единици за метанизација на земјоделството. Во текот на годината, тие произведуваат 1,4 терават часови (TWh) електрична енергија, 3,9 TWh биогас инјектиран во мрежата и околу 3,51 TWh во форма на топлина.[1] Помеѓу 2015 и 2021 година, капацитетот инсталиран со инјектирањето беше помножен – дури со 22. Дополнително, 940-те тековни проекти дополнително ќе го зголемат овој капацитет за четири пати. Владата има за цел производството преку инјектирање да биде од околу 14 до 22 TWh во 2030 година.[2]
Оваа амбиција енормно ги зголемува апетитите на индустријалците. На почетокот на 2021 година, Тотал Енерџис ја купи главната компанија во секторот, Фонрош Биогаз, и нејзините седум погони за добивање метан, со што се здоби со производствен капацитет од 500 GWh годишно, речиси 8% од националниот капацитет.[3] „Во 2030 година, планиравме да произведеме околу 6 TWh“, ни изјави Оливие Герини, заменик-претседател на деловната единица за биогас во Тотал Енерџис. „Ова одговара на приближно 100-150 погони за метанизација во светот, од кои дури една третина се во Франција“. Во Данска, наведена како пример од страна на фирмата Тотал, единиците се четири до пет пати поголеми од оние во Франција или Германија. Данската компанија Нејчер Енерџи стана позната во Франција преку џиновскиот проект Коркуе-сур-Лорњ, кој се очекува да свари 498.000 тони инпути годишно.
И покрај силното противење на жителите, еколошките здруженија и асоцијациите на фармерите, големите проекти наидуваат на огромен интерес меѓу инвеститорите. „Со овие големи погони за метан, ние произведуваме двојно поевтино од малите биопогони на фармата“, појаснува Герини. “Претходниот систем на поддршка на малите инсталации целосно ја исцрпи државата што ги субвенционира. На крајот од 2020 година, владата и државните агенции мораа да го запрат финансирањето – бидејќи беше премногу скапо. Имаше застој, кога не вбризгувавме ни 1% „зелен гас“ во мрежата“.
Бидејќи повластените тарифи постепено ќе се намалуваат за когенерацијата, покривањето треба да достигне 624,7 евра милиони во 2022 година. Од друга страна, ќе се зголемат оние за инјектирање, со јавни трошоци од 712,9 милиони евра во 2022 година, три пати повеќе отколку во 2020 година и многу повеќе од она што е донесено од даноците на промет.[4] Сепак, овие проекти ќе бидат од корист за поголемите претпријатија, како што е Тотал, кои имаат значителни инвестициски капацитети.
Оваа динамика ги истиснува малите производители, како што покажа студијата за 53 фармери и 44 институции.[5] „Техничките и стратешките ограничувања специфични за инјектирањето имаат тенденција да ги фаворизираат големите проекти кои бараат голем обем на инпути“, објаснува Паскал Груез, виш предавач по економија на Универзитетот Сите во Париз. „Овие ограничувања им дозволуваат само на производителите на житни култури или на погоните за биогас да се позиционираат на овие проекти, отворајќи го својот капитал за неземјоделските акционери. (…) Иако се малцинство, тие би можеле да наметнат употреба на неземјоделски супстрати на фармерите, менувајќи го квалитетот на дигестатот“. Меѓу земјоделците, тој истакнува дека на најбогатите – житопроизводителите – им оди навистина добро. Оние кои почнале пред 2015 година успеваат пристојно да живеат од метанизација, додека тоа веќе не е секогаш случај за оние кои подоцна почнале.
„Сите на пазарот сфатија дека треба да се заработат пари и сите ги зголемуваат своите цени“, продолжува професорот Паскал Груез. „Трошоците за формирање биопогон се зголемуваат секоја година“. Покрај тоа, неколку фармери беа погодени од неодговорноста на некои градежни компании и лошата координација помеѓу консултантските фирми, градежниците и проект-менаџерите. „Некои се обидуваат да ги оптимизираат приносите со вклучување на повеќе метаногени инпути (житна прашина, масти, сурутка, итн.) што не ги произведуваат самите, туку мора да ги купат од задруги или индустријалци“, појаснува Паскал Груез. Во исто време, директната помош падна, како и откупната цена на електричната енергија. Од 2017 година, регионот на Бретања дури одлучи повеќе да не ги финансира погоните за метанизација.
Сега, на биопогоните кои се лоцирани на самата фарма – не им оди толку добро финансиски. Некои дури станаа и големи загубари. Според професорот Паскал Груез, секторот сега станува премногу зависен од пазарот на отпад. „Сегашната еволуција на секторот кон поголема индустријализација ги турка фармерите да ја напуштат автономната логика што преовладуваше во првите години и да мобилизираат повеќе платени работници, да соберат повеќе капитал“, додава тој. „Овој развој на инјектирање, од своја страна, ја зајакнува индустријализацијата на секторот, а доминантната логика е самоодржлива“. Сепак, малите биопогони се најавтономни во однос на инпутите и енергијата со когенерација: „60% од топлината се користи за сушење на тревата што се дава на кравите, за дрвата, оревите, семињата“, прецизира Жул Шармој, од Шармс ен Дордоњ. „Околу 20-30% го одржува резервоарот на метанаторот на одредена температура. Остатокот се користи за загревање на две куќи до фармата.“
„На метанизацијата се гледа како начин да се компензираат ниските земјоделски приходи“, исто така е загрижен и Пјер Дуфур, од Конфедерацијата на фармери од Лот. Откупната цена овозможува да се има гарантиран приход, стабилен со текот на времето. „Пред сè, тоа обезбедува сигурност“, потврдува Жоел Лавердет. „Имаме фиксна цена за петнаесет години, видливост. Да ја имав само свињарската фарма, мојот син Седрик немаше да се среди, и за 10 години, фармата ќе пропаднеше. Откупната цена овозможи барем да се обезбеди оперативниот дел и да се овозможи инсталација. Денес, живееме пристојно“. Неговиот син Седрик додава: „За време на состаноците на национално ниво, гледам многу места каде што метанизацијата го спасила сточарството, честопати млекарите, луѓето кои биле на работ на колапс“. Меѓутоа, овие сведоштва покренуваат еден парадокс: дали би можеле да го спасиме индустриското земјоделство кое се оддалечува од сè понапредната индустријализација, а чиишто штетни последици за животната средина ја загрозуваат дури и самата иднина?
Ваквото брзање го попречува и намалувањето на емисиите на стакленички гасови. Неколкуте анализи на животниот циклус (биланс на состојба земајќи ги предвид сите текови на производниот систем) спроведени од ИНРАЕ за ГРДФ, сигурно укажуваат дека фармите со сопствен биопогон испуштаат помалку стакленички гасови од другите фарми. Но, овие студии остануваат во рамките на големото, индустриско производство на земјоделско-индустриските комбинати, без да се процени што би било едно земјоделство со многу помалку добиток и животни кои пасат, без употреба на хемиските ѓубрива – големи емитувачи на стакленички гасови. Тие, исто така, ги истакнуваат и негативните ефекти на метанизацијата врз здравјето на луѓето, интензивната употреба на вода и загадувањето. Недостигаат и студии и мониторинг на емисиите на метан кој „бега“ во атмосферата, кои се проценуваат на 0,1 до 5% од производството, во зависност од изворот.
Низ цела Франција, граѓански групи и други активисти се мобилизираат против колатералната штета од метанизацијата и дигестатите. Дали овие остатоци аплицирани на полињата – се лоши за самата почва? Сегашните научни докази не се доволни за да се донесе заклучок. „Многу е комплицирано да се каже дека дигестатите имаат одредено влијание врз микробиологијата на почвата“, заклучува Софи Садет Бургето, авторка на студија за ова прашање.[6] „Постојат многубројни протоколи, никогаш не се шири истиот дигестат, а и почвите се многу разновидни. Времето на аплицирање варира, и не се користат секогаш истите техники. Дебатата е полна со емоции, но заснована на малку докази”. Иван Каповиц, истражувач во ИНРА, потврдува: „Не постои еден дигестат, туку астрономски количини, а со тоа и променливи квалитети… Многу е тешко да се има јасна изјава: дигестатот ќе има таков и таков ефект врз почвата. На местото за тестирање во близина на Тур, најдовме помеѓу 0,5 и 2% од црвите мртви на површината, по аплицирање на дигестат. На уште една проба во Колмар, имаше нула смртни случаи. На среден и долг рок веќе нема никакво влијание врз смртноста. Бидејќи, како што органските материи сè уште се внесуваат, 6 месеци или 2 години подоцна, популациите на црви се зголемуваат.“
Квалитетот на дигестатот зависи од обезбедените инпути. Сепак, производите кои доаѓаат од земјоделско-прехранбениот сектор не се невини. Дури има и причина да се изненадите. До јамата на Жоел Лавердет, на пример, се откриваат парчиња пластика што лебдат наоколу – остатоци од компоти во поединечни кеси. Споредбата дадена од фармерот нè прави скептични: „Тоа е исто како тињата од канализацијата… Тие се премногу распространети на полињата“.
Од агрономска гледна точка, се водат жестоки дебати. Повеќето експерти за земјоделска метанизација тврдат дека, со дигестатите, се намалува употребата на минералните хемиски ѓубрива. Извештајот Металае, спроведен помеѓу 2015 и 2018 година од страна на здружението Солагро (кое се залага за агроеколошка транзиција, особено преку развојот на метанизација) на 46 фарми, сепак, го потврдува овој пад.[7] Но, тоа покажува зголемување на ѓубривата, како минерални, така и органски – на ниво на поединечна фарма. По две години метанизација, повеќето од набљудуваните фарми (за овци, кози и живина) значително го зголемија вкупното количество на азот, фосфор и калиум што се применува на обработуваното земјиште. Ова количество стагнира за фармите за млечни производи и многу малку се намалува за фармите за говедско месо, фармите за свињи и фармите за житни култури. Сепак, во извештајот се истакнува дека последниве фарми имале „висок азотен притисок“. Со други зборови, имало премногу апликации.
Метанизацијата го трансформира органскиот азот од течно шталско ѓубриво во минерален азот кој може да се користи директно од растенијата – но и полесно да се исцеди како таков. Затоа, дигестатите се сметаат за добри ѓубрива; тие содржат повеќе азот отколку ѓубриво, исто така затоа што биопогоните централизираат други инпути: „Мораме да обрнеме внимание на сите овие дополнителни инпути во споредба со отпадните материи од добитокот“, објаснува Сабина Хоуот, истражувачка директорка во Националниот истражувачки институт за земјоделство, храна и животна средина (ИНРАЕ). „Вкупниот инпут на азот секогаш ќе биде малку поголем со надворешни инпути на отпад. Освен што можеме подобро да ја контролираме минералната форма“. Идеално, количеството на азот доставено до земјоделските култури би можело подобро да се управува бидејќи се мери во дигестатот. Сепак, во реалноста, сè уште се користи премногу азот. „Во споредба со 1980-тите, ние сме подобри во пресметувањето на нашите инпути за потребите на биопогонот, но во овие пресметки сепак го земаме предвид фактот дека ќе има загуби. Намалувањето на азот често доведува до пад на приносот“, истакнува Етиен Матијас, агроном и шеф на одделот за земјоделство во Интерпрофесионалниот технички центар за проучување на атмосферското загадување (ЦИТЕПА). Намалувањето на приносите не е нешто што повеќето земјоделци се подготвени да го прифатат… дури и да направат поквалитетни производи.
Иако азотот во дигестатите заменува дел од азотот во хемиските ѓубрива, ова, сепак, не ги решава проблемите со загадувањето. Со повеќе од десет илјади единици на биогас во функција во 2019 година, Германија се соочи со превисока содржина на нитрати во 36% од подземните води и фосфор во 77% од површинските води. Едно решение, вели Кристина фон Бутлар, членка на Здружението на земјоделски и еколошки инженери во Гетинген, би било да се извезува дигестатот од региони над одреден праг на азот.[8] Во Франција, по шест релативно неефикасни „нитратни планови“, Генералниот совет за животна средина и одржлив развој (ЦГЕДД) признава дека „резултатите во однос на содржината на нитрати во површинските и подземните води остануваат многу далеку од целите и се чини дека веќе не се подобруваат“.
Друг проблем со метанизацијата е тоа што таа не овозможува зголемување на количеството на јаглерод донесен на почвата. Бидејќи на живата почва и требаат јаглерод, бактерии, габи, растенија… Содржината на јаглерод во почвите во многу француски региони постојано се намалува со децении поради интензивирањето на земјоделските практики и трансформацијата на постојаните пасишта во земјоделски култури.[9] „За азот и јаглерод да се фиксираат во хумусот на почвата и да придонесат за плодноста на почвата, потребен е сооднос од девет јаглеродни единици со еден азот (сооднос C/N од 9), како што е во хумусот“, објаснува Марк Дуфумие, почесен професор по агрономија во Институтот за технологија за живот, храна и еколошки науки во Париз. Сепак, повеќето дигестати имаат низок сооднос на помалку од пет, генерално. Колку е помала содржината на јаглерод во инпутите, толку механички ќе биде полош соодносот C/N. На пример, биопогонот Биокерси на фирмата Тотал Енерџис, со своите инпути на ѓубриво од патки и отпад од кланица, има рекорден сооднос C/N од 1,6 во просек за 2020 година. Некои земјоделци поставуваат други, т.н. меѓукултури помеѓу главните засадени култури, што ја подобрува почвата. Но, сепак многу малку ги имаат развиено ваквите меѓукултури, а некои го прават тоа без да остават и доволно растенија на самото место.
Во извештајот за 2018 година, Агенцијата за управување со животната средина и со енергијата (АДЕМЕ), проценува дека би било можно да се постигне 100% производство на гас од „обновливи извори“ до 2050 година со интегрирање на драстично намалување (поделба со четири) во потрошувачката и трансформација на употребата на гас.[10] АДЕМЕ го зема предвид намалувањето на добитокот и масовниот развој на меѓукултурите ставени помеѓу две главни засадени земјоделски култури. Така, земјоделците би можеле да преминат од производство од 2 милиони тони (Mt) на вакви суви меѓукултури во 2017 година, дури на 42 Mt во 2050 година. Половина може да се искористи за правење метан, а другата половина останува на почвата.
Сепак, реалноста е посложена. Во капиталистичкиот систем, каде што фармерите тешко заработуваат од нивната професија, конкуренцијата за инпути веќе постои: „Градежниците се повеќе заинтересирани за преголеми биопогони“, објаснува Џими Герин, претседател на асоцијацијата Младите фармери од Ил-е-Вилен. „Откако ќе биде пуштен во работа, мора да работи цело време со 100% од својот режим. Ова понекогаш ги натера фармерите да купат дополнителни инпути за правење метан. Овие луѓе можеа да купат пченкарен фураж, во сушна година, на пример, по повисока цена отколку што ќе можеа да одгледуваат животни.“ Малку е веројатно дека ова ќе се подобри. Со цел да се избегнат зголемените трошоци за отпад и насилната конкуренција од големите компании способни да вршат притисок, некои фармери или групи размислуваат за развој на спомнатите меѓукултури, додека други веќе го достигнаа плафонот од 15% за прехранбените култури – лимит поставен од државата за да се избегнат ексцесите доживеани во Германија – каде што локалните фармери веќе почнаа да одгледуваат растенија исклучиво за потребите на нивниот биопогон за правење метан, на штета на храната или добиточната храна. Додека здружението Солагро води кампања за целосна забрана на прехранбените култури за употреба за биопогоните, други би сакале да го зголемат сегашниот праг од 15% или дури тој да експлодира. Анкетната комисија на францускиот Сенат за метанизација ја заврши својата работа во октомври 2021 година во врска со потребата од појаснување на видовите култури кои можат да се користат за оваа намена.[11]
Наспроти тоа, триесетина организации повикуваат на агроеколошка револуција.[12] Да се излезе од овој систем со создавање на помали фарми кои одговараат на човечките димензии, со разновидни производства кои ја фаворизираат автономијата на самите фармери и се помалку штетни за животната средина. Истовремено, земјоделството станува се поконцентрирано. Бројот на фармери продолжува да се намалува, додека големината на фармите продолжува да расте, од просечни 30 хектари во 2000 година – дури на 69 хектари во 2020 година.[13] Според Конфедерацијата на фармерите, ќе бидат потребни дополнителни еден милион фармери да се постигне самодоволност со храна. За да ги поделиме нашите емисии на стакленички гасови со четири до 2050 година, се чини дека е неопходно да се трансформира земјоделството како такво. „Во нашето сценарио за Афтерс, велиме дека треба да ја преполовиме популацијата на добитокот. Фармерите навистина треба да ја усвојат стратегијата „помалку и подобра“, забележува Кристијан Кутурие, генерален директор на Солагро. Ова може да биде можност да се развијат фарми со многу поразновидни производства, но со помала површина. Сепак, се чини дека ова не е компатибилно со големи или многу големи сточарски или житни фарми – кои се одржуваат преку процесот на метанизација.
Јавните субвенции можеа да поттикнат метанизација што ќе овозможи автономија на фармите и самопроизводство на мали површини. Ова го предлага група земјоделци со микро, па дури и со пико-метанизација. Во Аријеж, Жоел Дупуј и други сточари, заедно со Здружението за развој на земјоделски и рурални вработувања во Окситанија (АРДЕАР), развија сув и дисконтинуиран биопогон, кој може, по потреба, и да се запре на неколку месеци. „Нашите три биопогони, секој со површина од 90 м3, ќе работат вкупно четири месеци“, прецизира Дупуј. „Ова овозможува да се користат нашите 600 тони шталско ѓубриво во текот на зимата, но без потреба да се става како инпут, нешто друго кога животните пасат на отворено до крајот на годината“. Друга важна поента за овие фармери е пристапноста на овие биопогони за добивање метан. „Една од замките на големите погони за добивање метан, денес е да се презентираат проекти со минимална вредност од еден милион евра, а често и многу повеќе. Економски е само профитабилно – еколошки импактот е огромен. Ќе се обидеме да имаме помала финансиска конструкција, меѓу 200.000 и 500.000 евра. Нашите планови и технички податоци се исто така ослободени од авторски права, така што секој може да постигне мала метанизација речиси сам“.
Во департманот на От-Пирене, Пјерло Шерер и неговата сопруга Сандрина сакаат нивната фарма да биде самодоволна во енергија. Во последните три години, тие го хранеле својот мал биопогон за метан со својот годишен тон отпад од овошјето и зеленчукот што самите го произведуваат и преработуваат. Нема транспорт на материјал, ниту за инпути ниту за отпад. „Пред сè, нашата идеја беше да извлечеме максимум од сè што имаме на фармата“, прецизира Шерер. „Нашиот дигестат се враќа во посевите. А тоа обезбедува 75% од 12-те плински боци што печката ги троши за преработка. Ние сме пробна локација, па сè уште експериментираме. Нашата цел е да постигнеме 100% од потребите за нашата потрошувачка на гас“.
Овие фармери сонуваат за друг модел: фарми со човечки димензии, што е можно поавтономни, кои ги задоволуваат локалните потреби за храна, им дозволуваат да живеат достоинствено и да ги користат ресурсите што ги поседуваат за да ја произведат енергијата што им е потребна – само на нив и на околните жители. Во моментов, метанизацијата насочена кон големи структури едноставно нѝ овозможува да му вдахнеме нов живот на индустрискиот земјоделски модел – кој се чини дека е дојден во ќорсокак. Се разбира, тоа е само една алатка, која може да се користи и за подобро или за полошо. „Не се бара метанизација сама да го промени земјоделскиот систем“, инсистира Кристијан Кутурие. „Прво, мора да постои волја за промени”. Можеби проблемот и лежи таму.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] « Tableau de bord : biogaz pour la production d’électricité, quatrième trimestre 2021 », Services des données et études statistiques (SDES) d’après gestionnaires de réseaux. « Tableau de bord : biométhane injecté dans les réseaux de gaz, Quatrième trimestre 2021 », SDES d’après gestionnaires de réseaux.
[2] « Stratégie française pour l’énergie et le climat. Programmation pluriannuelle de l’énergie. 2019-2023, 2024-2028, ministère de la transition écologique et solidaire, 2020.
[3] « Total énergies et la FNSEA s’associent pour accompagner la transition énergétique du monde agricole ». Communiqué de presse commun du 04.03.2022.
[4] Programmation pluriannuelle de l’énergie, op. cit.
[5] « Une analyse de filière des dynamiques de revenus de la méthanisation agricole », Pascal Grouiez, NESE n° 49, VII/2021.
[6] « Que sait-on vraiment de l’impact des digestats de méthanisation sur la qualité biologique des sols agricoles ? », Sophie Sadet-Bourgeteau, Pierre-Alain Maron et Lionel Ranjard, Revue AE&S 10-1, Agronomie et méthanisation, VI/2020.
[7] «Methalae. Expertise agronomique. Résultats. Novembre 2018 » de Emeline Tignon et « La méthanisation, levier de l’agroécologie, synthèse des résultats du programme MéthaLAE », ADEME, Solagro, 2018.
[8] « Comment utiliser des digestats sans risque de pollution des eaux par les nitrates et le phosphore : Enseignements issus de l’expérience allemande » Christine von Buttlar, Conférence, Colloque Apivale, 2019.
[9] « L’état des sols de France », Groupement d’intérêt scientifique sur les sols, 2011.
[10] « Un mix de gaz 100 % renouvelable en 2050 ? » Étude de faisabilité technico-économique, Ademe, I/2018.
[11] « Méthanisations ; au-delà des controverses, quelles perspectives ? » Rapport sénatorial, de Pierre Cuypers et Daniel Salmon, X/2021.
[12] « 30 organisations environnementales, citoyennes et paysannes dénoncent l’instrumentalisation de la guerre en Ukraine par les tenants d’une agriculture productiviste », 10.03.2022, www.greenpeace.fr
[13] « Recensement agricole 2020 », Service de la statistique et de la prospective (SSP), Agreste Primeur n° 2021-5, XII/2021.