Една од темите кои доминираа во новинарската активност на Карл Маркс во годините 1853-1858 беше Кримската војна, нејзините реперкусии врз надворешната политика на големите сили и врз внатрешната политика на Британија. Неговите написи за воената тактика и стратегија за време на опсадата на Севастопол беа особено значајни.
Фасцинацијата од оваа војна денес е тешко да се разбере. Ако сè уште евоцира нешто, тоа е најмногу песната на Алфред Тенисон, „Нападот на лесната бригада“, додека самите воени операции, кои беа започнати за мистериозно „Источно прашање“ на периферијата на европскиот свет и кои завршија без голем резултат, изгледаат исто толку дискутабилни колку што се и лишени од интерес.
Но, овој настан беше првата конфронтација меѓу големите европски сили по конечниот пораз на Наполеон во 1815 година. Наполеоновите војни доведоа до распространет и целосен конфликт, и генерално се претпоставуваше дека новата воена конфронтација нема да заврши со ограничени борби помеѓу Русија и Франција и Англија на брегот на Црното Море, туку ќе се прошири и ќе стане конфликт на целиот континент, во кој ќе учествуваат сите сили.
За револуционерите во егзил, таквата перспектива имала посебно значење. Уште во 1830 година, водачот на полските политички бегалци, грофот Адам Јержи Чарториски, се надеваше на војна меѓу либералните сили, Англија и Франција и конзервативната сила, Русија, за доминација врз ослабената Отоманската империја, чиј сегашен и иден статус го сочинуваа она што беше познато како т.н. Источно прашање. Таква војна, мислел тој, ќе доведе до ослободување на Полска од царското угнетување.[1] Маркс ги споделувал надежите на грофот за политичкиот потенцијал на војна против царска Русија.
Во 1848-49 година тврдоглаво повикувал на револуционерна војна против Русија. Тој го гледал ова главно како продолжување на Француската револуција, способна да воспостави револуционерна Франција, помогната од бунтовниците од другите европски земји, против сите други големи сили, обединети во една контрареволуционерна коалиција.
Со оглед на сè поголемите надежи на Маркс, Кримската војна би можела да му донесе само огромно разочарување. Не беше предводена од револуционерна влада, туку од авторитарниот режим на Наполеон III и од коалициска британска влада составена од аристократи-виговци[2] и умерени конзервативци. Таквите сили не би се вклучиле во конфликт од големи размери, а камоли во една револуционерна војна.
Кога избувна војната во октомври, Маркс ги критикуваше Британците и Французите дека навистина не се бореле, туку дека барале мир преку австриско посредништво кое, во суштина, би ги гарантирало барањата на Русија и би го оставило нивниот турски сојузник на неговата судбина во рацете на царот. Тој и Енгелс упорно тврделе дека ако западните сили не го прошират конфликтот надвор од регионот на Црното Море, силите на царот, далеку надмоќни, ќе им нанесат огромен пораз. Во летото 1855 година, кога британската и француската војска што го опсадувала Севастопол веќе зазела дел од надворешната линија на утврдувањата, Маркс и Енгелс продолжиле да нагласуваат дека позицијата на Русија и изгледите за победа се подобри.[3]
На некој начин, воените написи на Маркс се приклучиле на општиот бран на англиското јавно мислење. Некомпетентното распоредување на британските експедициски сили на Крим предизвика парламентарна истрага во Лондон и потоа оставка на владата. Следната влада вети поефикасно водење на војната. Таа го одржала зборот: Севастопол, под опсада, паднал во октомври 1855 година; Русите побарале мир следната година.
Во овој момент, Маркс се издвоил од мнозинското британско мислење. Тој станал сè поубеден дека зад надворешнополитичките трикови и фингирања на владата на Неговото Величество се крие скандал: водачот на виговците и премиер лорд Палмерстон, всушност, според него, бил агент платен од рускиот цар. По многу долго проучување на парламентарните документи, Маркс одредува дека активностите на лорд Палмерстон како агент на Русија датираат од најмалку четврт век и дека неговата политика за време на претходните мандати како министер во владата, била насочена кон предавство на интересите на руските противници ширум светот, од Полска до Авганистан. Читањето на старите памфлети во Британскиот музеј го навело до заклучок дека Палмерстон не бил првиот предавник од висок профил, дека корумпирањето на политичарите-виговци од страна на Русите била практика која траела повеќе од еден век. Тој ги изнел овие обвинувања во серија написи од дванаесет епизоди објавени во 1856-1857 година од два весника, еден во Шефилд и еден во Лондон, и двата наречени „Слободен печат“. По неговата смрт, овие статии, кои претставувале само дел од еден подолг и недовршен авторски труд, биле собрани од неговата ќерка Елеонор и повторно објавени под наслов Тајната историја на дипломатијата во 18. век.[4]
Антирускиот став бил централен елемент во позицијата на Маркс пред и за време на револуцијата во 1848 година. Овој став бил на линијата на повеќето радикали од средината на 19. век во Европа. Оние кои се обидоа да го нарушат статус квото, сакаа војна против Русија. Пишувајќи во име на Маркс, Енгелс го развил овој аргумент за американските читатели во април 1853 година, бидејќи тензиите околу источното прашање брзо ескалирале: од 1789 година, „навистина постојат само две сили на европскиот континент: Русија со својот апсолутизам, револуцијата со демократијата. (…) Ако Русија ја освои Турција, нејзината сила ќе се зголеми за половина и таа ќе биде посилна од цела Европа обединета во коалиција. Таквиот настан би претставувал ужасна несреќа за револуционерната кауза. Одржувањето на турската независност или – во случај на постојано распаѓање на Отоманската империја – неуспехот на руските анексионистички проекти, се прашања од најголема важност. По ова прашање, интересите на револуционерната демократија и Англија се тесно испреплетени.“[5]
Целта да се спротивстави на Русија со зачувување на Отоманската империја беше пред сè во умот на Маркс, па дури и ги засени неговите симпатии за револуциите. Кога грчките жители на Етолија и Епир се кренаа против турската власт во почетокот на 1854 година, Маркс ги осуди востаниците како „планински бандити“ чие движење беше само резултат на „руските интриги“ извршени од „московските агенти“, чудна изјава од авторот на Комунистичкиот манифест, кој прокламираше дека комунистите ќе го поддржат секое револуционерно движење. Маркс, исто така, ги отфрли предлозите за реформа на Отоманската империја изнесени од страна на англиските либерали, кои предвидуваа еднаквост помеѓу христијаните и муслиманите и воспоставување на секуларна турска држава. Според него, сето тоа не било ништо повеќе од фантастични и непрактични апели.
Ако анимозитетот на Маркс кон Русија беше во согласност со позицијата што ја усвоија и англиските политичари и континенталните европски противници во егзил, неговото убедување дека лордот Палмерстон е царски агент беше уште почудно. Репутацијата на Палмерстон за патриотизам била универзално призната, и тој вообичаено бил нарекуван „најанглискиот министер“. Овој патриотизам одеше рака под рака со поддршката за уставните и либералните влади на континентална Европа и силната посветеност на ограничувањето на моќта на Русија, која беше карактеристична за овој период. Од сите министри на функција за време на Кримската војна, Палмерстон беше најмногу склон да се залага за цврсти мерки, па дури и размислуваше за продолжување на војната, како што сакаше и самиот Маркс.
Обвинувањата за предавство против Палмерстон не беа добро примени. Енгелс одржуваше дискретен молк, но Фердинанд Ласал, единствениот политички придружник на Маркс кој остана во Прусија, отворено го изрази својот скептицизам. Откако ги прочитал доказите на Маркс, тој му рекол на својот политички ментор дека овој англиски политичар бил голем поддржувач на воената опција: „Дипломатите што ги познавам, а кои се во контакт со [Палмерстон] веќе десет до петнаесет години, воопшто не го сомничат за корупција и го сметаат за навистина антируски настроен“.[6]
Маркс не навлегувал во теории на заговор, но сепак безрезервно ги прифаќал. Тој имал прочитано многу официјални документи и записи од парламентарните дебати, сите дневни изданија на лондонски Тајмс, како и жолтите булеварски политички памфлети од 18. век што ги нашол во читалната на Британскиот музеј. И токму со толкувањето на овие читања во светлината на неговите теории за социјалната класа и политичката моќ од една страна, и околностите на реакционерната ера од друга страна, тој дошол до еден ваков заклучок.
Сметал дека големите земјопоседници – под влијание на периодот на просветителството, за кои верувал дека се една од двете групи што управуваат со Велика Британија, тврделе дека се пријатели на народот додека донесувале реакционерно законодавство. Виговците го покажале истото лицемерие и недостаток на принципи во доменот на надворешните работи. Поинаку и не би можело да биде, со оглед на нивната класна положба на големи латифундисти кои во моментот управуваат со буржоаско капиталистичко општество. Маркс го сметал водачот на оваа група за лицемерен предавник, демек човек познат по својот патриотизам, а кој во реалноста ги добивал своите инструкции од царот.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] Hans-Henning Hahn, Aussenpolitik in der Emigration. Die Exildiplomatie Adam Jerzy Czartoryskis 1830-1840, Oldenbourg Verlag, Munich, 1978.
[2] Заб. на уред. Членови на англиската партија Виг, како либерали, биле за парламентаризам и непријателски настроени кон кралскиот апсолутизам.
[3] Marx-Engels-Gesamtausgabe (MEGA), Akademie Verlag, 1981.
[4] Види: MEGA, op. cit.
[5] « The real issue in Turkey », New York Daily Tribune, 12.04.1853.
[6] Correspondance Marx-Lassalle, 1848-1864, Presses universitaires de France, Paris, 1977.