Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Латинска Америка и Џулијан Асанж

Џулијан Асанж и неговите колеги, сепак, не ги објавија своите публикации со единствена цел да ги посрамотат САД. Откритијата на Викиликс, сепак, го погодија целиот свет. Некои од нив, исто така, предизвикаа одредена непријатност во редовите на латиноамериканската левица.


од Мерием Лариби*
*Новинар


Фото: markus-spiske/pexels

Има една Америка што го прогонува, има друга Америка што го поддржува. Уште во 2010 година, кога Викиликс ја потресе планетата објавувајќи низа доверливи документи, Фидел Кастро верува дека Џулијан Асанж „морално ги клекнал САД на колена.[i]Тој покажува дека најмоќната империја во целата историја може да биде предизвикана“, напиша кубанскиот лидер. „Морам да им честитам на луѓето од Викиликс за нивната храброст и решителност“, изјавува венецуелскиот претседател Уго Чавез, кој потенцира и дека „се плаши за животот“ на австралискиот укажувач.[ii] „Тој ја разоткри дипломатијата која изгледаше недопирлива“, изјавува и Луис Инасио „Лула“ да Силва. „Виновник не е оној кој ги објавува дипломатските телеграми, туку оној кој ги пишува.[iii]  Еквадор на Рафаел Кореа му дава азил на Асанж во својата амбасада во Лондон. Тој ќе остане скриен таму од 2012 до 2019 година.

Дури и денес, голем дел од јужноамериканските влади го поддржуваат новинарот, кој речиси четири години се наоѓа во затвор со високо обезбедување во Лондон, во очекување на одлуката за негова екстрадиција во САД, која сè повеќе се заканува да се реализира. Асанж се соочува да биде осуден дури на 175 години американски затвор. Додека различните американски влади и нивните разузнавачки агенции го малтретираат финансиски, физички и правно веќе тринаесет години, десет латиноамерикански шефови на држави сега бараат негово ослободување: Ксиомара Кастро (Хондурас) и Андрес Мануел Лопез Обрадор (Мексико), Даниел Ортега (Никарагва), Мигел Диас-Канел (Куба), Николас Мадуро (Венецуела), Густаво Петро (Колумбија), Луис Арсе (Боливија), Алберто Фернандез (Аргентина), Габриел Бориќ (Чиле) и Лула (Бразил). Последниот дури и предложи Асанж да биде награден со Нобелова награда за „фрлање светлина врз нелегалните активности на ЦИА“ (РТ, 6 јануари 2023 година). Од своја страна, мексиканскиот претседател, според неговите изјави, му понудил „заштита и азил“.[iv] Во јавно писмо до претседателот на САД Џозеф Бајден, тој се изјасни: „Асанж не изврши никакво сериозно кривично дело, не предизвика смрт на никого, не повреди никакви човекови права. Тој само ја искористи својата слобода и неговото апсење би било постојана навреда за слободата на изразување“.[v]

Чилеанската новинарка Даниела Лепин тврди дека „повеќето лидери немаат што да изгубат, бидејќи нивните односи со САД не се флуидни“. За Рената Авила, адвокат од Гватемала и пријател на Асанж, латиноамериканската позиција е „достоинствена и егалитарна“. Постапките за поддршка на основачот на Викиликс претставуваат „механизам на одговорност кон САД, кои продолжуваат да им посочуваат со прст на земјите од Латинска Америка за прашања поврзани со слободата на изразување, во огромна недоследност и без да ги набљудуваат сопствените постапки“. „На некој начин, ако не беше Латинска Америка, Асанж веќе ќе беше во затвор, во САД“, потврдува оваа Лепин.

„Она што ме изненади во Латинска Америка е дека не треба да убедувам никого во тоа што ЦИА е способна да го направи кога станува збор за мешање, киднапирање и политички атентат“, јавно изјави Кристин Храфнсон, главен уредник на Викиликс. Телеграмите на американската дипломатија објавени од Викиликс во 2010 година го потврдуваат она што латиноамериканската левица долго време го осудуваше: избезумениот интервенционизам на Вашингтон во неговиот „двор“. Објавените документи покажуваат дека во 2004 година, американскиот дипломат во Каракас, Вилијам Браунфилд, ја резимираше, во пет точки, стратегијата на неговата амбасада против владата на Уго Чавез: „1) Зајакнување на демократските институции, 2) Пробивање на политичката база на Чавез, 3) Создавање внатрешни поделби во чавизмот, 4) Заштита на виталните американски бизниси и 5) Изолирање на Чавез на меѓународен план“.[vi]

Американските телеграми за Боливија, исто така, доста говорат сами по себе. Кога Ево Моралес беше избран за претседател на Боливија во 2006 година со ветување дека ќе се бори против сиромаштијата и неолиберализмот, американскиот амбасадор му направи една необична посета. „Тоа можеше да биде сцена од „Кум“, велат Ден Битон и Александар Мејн од Центарот за економски и политички истражувања (ЦЕПР). Ако Боливија сака да продолжи да има корист од меѓународните заеми, мора да покаже дека и заслужила. „Кога мислите на Интерамериканската банка за развој (ИДБ), треба да мислите на САД“, директно му порача американскиот амбасадор на новиот боливиски претседател. „Ова не е уцена, ова е едноставната реалност.“ Соочен со индиферентноста што ја покажува Моралес, Стејт департментот тогаш работи на зајакнување на боливиската опозиција преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). За да го направат ова, локалните организации кои се спротивставуваат на Моралес се полнат со долари од САД, според допис од 2007 година објавен од Викиликс. Една година подоцна, избувна бунт, при што загинаа најмалку дваесет поддржувачи на претседателот. Друг документ открива дека Вашингтон разгледува различни сценарија за соборување, па дури и атентат врз Моралес. Дипломатските телеграми покажуваат дека слични постапки биле користени во периодот 2000-2010 година – и во Никарагва, Еквадор, Аргентина. Како што истакнуваат двајцата аналитичари на ЦЕПР, овие телеграми треба да бидат „задолжително четиво за студентите по американска дипломатија и оние кои сакаат да разберат како  всушност функционира американскиот систем на „промоција на демократијата.“

Џулијан Асанж и неговите колеги, сепак, не ги објавија своите публикации со единствена цел да ги посрамотат САД. Откритијата на Викиликс, сепак, го погодија целиот свет. Некои од нив, исто така, предизвикаа одредена непријатност во редовите на латиноамериканската левица. На пример, кога Венецуелците дознаваат дека кубанските тајни служби директно го советуваат претседателот Чавез под носот на СЕБИН (Венецуелската разузнавачка служба). Или кога министерот за одбрана на бразилскиот претседател Лула, Нелсон Жобим, ќе им се довери на американските дипломати дека Моралес има канцероген тумор во носот (информациите, потоа, ги демантираше боливискиот претседател). Во истата серија на откритија на доверливи дописи, се дознава дека Чавез го „охрабрил“ Моралес да ги национализира боливиските сектори на нафта и гас во 2006 година, што потоа довело до тензии со Бразил, мерка која се однесува на 26 странски компании, вклучувајќи ја и големата бразилската групација за нафта Петробрас.

„Треба да се подигне статуа во чест на Викиликс“, нагласува Фидел Кастро за време на откривањето на тајните документи, во 2010 година. Пет години подоцна, од неговиот азил во еквадорската амбасада во Лондон, Асанж го спореди својот третман со оној на Куба: „Кога некој ги чита тајните документи на Белата куќа и Советот за национална безбедност на САД, разбира дека тоа и не беше толку за самата Куба; САД и не се грижеа толку многу за Куба во реалноста. Но, тие се грижеа за примерот на Куба во контекст на остатокот од Латинска Америка. Ако другите земји видеа дека некој може (…) неказнето да води борба за независност од САД, тие ќе го сторат истото и тоа ќе создаде голем проблем за САД. Истото важи и за Викиликс. САД не го сакаат овој пример на отежнување на работата на американското разузнавање, војската и дипломатскиот служба. Оттука и желбата на САД да се одврати секој – да не го следи нашиот пример“.[vii]

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[i] « L’Empire au banc des accusés », série de « Réflexions », 14.12.2010, www.fidelcastro.cu

[ii] Venezolana de Televisión (VTV), 29.11.2010.

[iii] AFP, 09.12.2010.

[iv] Прес-конференција од 04.01.2021 година.

[v] Прес-конференција од 18.07.2022 година.

[vi] Alexander Main et Dan Beeton, « Washington tente de déstabiliser les gouvernements progressistes », CEPR, Washington, 27.10.2015.

[vii] “Conversation with Julian Assange”, video interview by Clara López Rubio and Juan Pancorbo, 2015.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW