Повиците за преговори за мировен договор во Украина неодамна се зголемија, дури и во САД. Американскиот генерал Марк А. Мили, шеф на Заедничкиот генералштаб на вооружените сили на САД, го стори тоа на почетокот на ноември 2022 година.[1] Професорот Чарлс А. Купчан, член на влијателната експертска група за надворешна политика Советот за надворешни односи, јавно изјави дека е „време да се доведат Русија и Украина на преговарачка маса“.[2] Останува да се разработат можните и реални услови на договорот.
Секој мировен договор е компромис кој не може да се прифати без потешкотии. Условите мора да бидат прифатливи и за Украина и за Русија; со други зборови, двете земји треба да видат повеќе придобивки отколку загуби. Треба да се земат предвид и лекциите извлечени од неуспехот на претходните договори од Минск. Убедувањето на жртвите од инвазијата дека мировните преговори имаат смисла нема да се случат без Западот – и особено САД. За Украинците, кои на крајот би можеле да бараат целосна победа над напаѓачите, мораме да обезбедиме одредени гаранции: дека руската инвазија не е наградена и дека договорот, сепак, не води до дестабилизација на меѓународниот систем во целина.
Што се однесува до Русија, мора да се признае дека нејзините безбедносни интереси и грижи се легитимни и дека многу од нејзините тврдења, минати и сегашни – не се неразумни. Иако САД и НАТО ги отфрлија договорите Русија-НАТО и Русија-САД предложени од Москва во декември 2021 година, може, сепак, да се тврди дека некои точки можеа да бидат договорени и одобрени, додека други беа тешки за прифаќање или сè уште неприфатливи.[3] Преговорите секогаш се можни – кога има политичка волја за тоа.
Во текот на 2022 година, неколку предлози можеа да ги постават темелите за деескалација и мировни преговори. Во февруари, на почетокот на инвазијата, Лорд Овен, Лорд Скиделски, Сер Ентони Брентон, Кристофер Гранвил и Нина Крушева, во отворено писмо до Фајненшл тајмс, сугерираа дека „треба да биде можно НАТО, во тесна соработка со Украина, да поднесе детални предлози за преговори за нов договор со Русија што нема да предизвика никакво институционално непријателство. Тоа би опфатило можно повлекување на ракетите со нуклеарен капацитет; воени мерки за градење доверба кои ќе го ограничат бројот на војниците и нивното распоредување на терен; и меѓународен договор за спорните руско-украински граници“.[4]
Оскар Ариас, добитник на Нобеловата награда за мир во 1987 година и поранешен претседател на Костарика, и Џонатан Граноф, претседател на Глобалниот институт за безбедност, отидоа подалеку со предлогот во јули 2022 година, НАТО да започне со планирање за повлекување на сите американски нуклеарни боеви глави од Европа и Турција – но, пред самите преговори.[5] Повлекувањето би се случило, откако Русија и Украина дефинитивно би се договориле за условите за мир. Без воено ослабување на НАТО, таквиот потег би го привлекол вниманието на Владимир Путин и можеби би го натерал да преговара. Во специјализираната литература, овој тип на стратегија има име: „алтеркастинг“. Станува збор за убедување на другиот ставајќи го во поинаква позиција, со што се создава нов однос кој го подготвува да дејствува во согласност со неговата нова улога. Ова беше методот усвоен од Михаил Горбачов и Роналд Реган во средината на 1980-тите.[6]
Концептите за „демилитаризирана зона“ и „територија под контрола на Обединетите нации“ не треба да се занемарат во контекст на мировен договор. Ова не би било првпат Обединетите нации (ОН) да помагаат и да управуваат со демилитаризираните зони и териториите под старателство, како дел од нивните мировни напори. Често, демилитаризацијата резултираше со воспоставување на неутрална зона помеѓу страните во насилниот конфликт. Обединетите нации, исто така, директно управувале со цели територии, барем привремено; на пример, Преодната администрација на Обединетите нации во Источен Тимор (1999-2002). Мисијата на Обединетите нации била да се одржи редот и безбедноста, да се задоволат основните потреби, да се помогне во реконструкцијата на физичката инфраструктура, да се администрира територијата под владеење на правото, да се поддржи изготвувањето на нов устав и да се организираат избори.
Сериозно треба да се разгледа можноста за демилитаризација на спорните територии во источна Украина и нивно привремено ставање под надлежност на Обединетите нации. По период на паралелна дипломатија и преговори, Советот за безбедност на ОН би можел да прогласи, или страните директно би можеле да преговараат, обврзувачки прекин на огнот, придружен со распоредување на мировни сили. Регионите на Украина окупирани од руската армија би биле демилитаризирани и привремено управувани од Обединетите нации; границите на овие територии би биле флексибилно утврдени.
Овие територии би барале подолг транзициски период отколку во Источен Тимор – можеби од десет до дваесет години. Покрај тоа, нивниот опсег би барал значителна мобилизација на ресурси и административен персонал. „Преодната управа на Обединетите нации во источна Украина“ исто така би била одговорна за помагање на преговорите и развој на правна основа за статусот на овие региони, за организирање регуларни избори и за евентуален референдум.
Неврзаноста на украинската војска на меѓународен план, останува клучно прашање и мора да биде вклучено во преговорите. Покрај тоа, во рамките на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН би можеле да се предвидат и други мерки за градење доверба, како што се продолжување на разговорите меѓу Русија и НАТО за намалување на воените ризици – нуклеарни и други – од една страна и формални дискусии за разоружување од друга страна. Во декември 2020 година, група од 145 поранешни генерали, политичари, дипломати и интелектуалци од Соединетите Американски Држави, Европа и Русија, сите загрижени за зголемениот ризик од воени, нуклеарни и други несреќи, дадоа препораки, кои останаа мртва буква по руската инвазија на Украина.[7]
Како и со многу мировни договори, на завојуваните страни им е потребна надворешна помош, за да ги направат првите напори за мир. Олеснувачите и медијаторите од трети страни треба да бидат главно од земји за кои двете страни сметаат дека се надвор од конфликтот и може да вклучуваат претставници на институции како што се Меѓународниот суд на правдата или Постојаниот арбитражен суд.
Во моментов, меѓународните односи се вкрстени со тенденција која не е без опасност: да се гледа војната во Украина исклучиво во воена и моралистичка смисла, како борба помеѓу доброто и злото. Дипломатските напори за решавање на овој конфликт се на дофат на раката и не привлекуваат големо охрабрување, напротив. Сепак, убедени сме дека горенаведените предлози за започнување преговори може да придонесат за деескалација и да му дадат шанса на мирот.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] Peter Baker, « Top U.S. general urges diplomacy in Ukraine while Biden advisers resist », New York Times, 10.11.2022.
[2] Charles A. Kupchan, « It’s time to bring Russia and Ukraine to the negotiating table », New York Times, 02.11.2022.
[3] Tuomas Forsberg et Heikki Patomäki, Debating the War in Ukraine. Counterfactual Histories and Future Possibilities, Routledge, Londres, 2023.
[4] Lord Owen et al., « Letter: Remember Kissinger’s advice to the Ukrainians », Financial Times, Londres, 28.02.2022.
[5] Oscar Arias et Jonathan Granoff, « Nuclear strategy and ending the war in Ukraine », The Hill, 19.07.2022.
[6] Alexander Wendt, The Social Theory of International Politics, Cambridge University Press, 1999.
[7] « Recommendations from an experts’ dialogue : de-escalating NATO-Russia military risks », European leadership network, 06.12.2020.