Се сеќаваме на поплавата на добри намери формулирани за време на локдаунот во пролетта 2020 г. Во дарежливото реформирано општество што требаше да се следи, вакцините би требало да бидат „глобални јавни добра“. Во ноември минатата година, повторно, Емануел Макрон сериозно се запраша: „Дали ќе бидеме подготвени, кога ќе се најде на пазарот првата вакцина [против Ковид-19], да гарантираме пристап до неа на планетарно ниво и по секоја цена да го избегнеме сценариото за „свет со две брзини“, каде што само најбогатите може да се заштитат од вирусот и да продолжат со нормален живот?1“ Но, ветувањата останаа само пусти желби. На 18.01.2021 г., генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, ја изнесе оваа силна опсервација: „Повеќе од 39 милиони дози на вакцина сега се применети во најмалку 49 богати земји. Само 25 дози биле применети во една од земјите со најнизок приход. Не 25 милиони; не 25 000; само 25.“ Потсети на веројатноста за „катастрофален морален неуспех“.
Сепак, на иницијатива на СЗО, беа ставени во функција два инструмента за преточување на овој елан на меѓународна солидарност во дело. Најпрвин, со механизмот Ковакс, треба да се дозволи „групирање на набавки за вакцини против Ковид-19 со цел да се гарантира фер и правичен пристап на 190 земји и територии до самите вакцини“. Потпишан е договор за 40 милиони дози вакцина (со т.н. месенџер-РНК технологија) со американската компанија Фајзер (поврзана со германската стартап компанија БиоНТех), потоа уште еден со компанијата АстраЗенека (поврзана со Универзитетот во Оксфорд) за 120 милиони дополнителни единици. Наведената цел беше многу амбициозна: да се обезбедат две милијарди дози до крајот на 2021 г. Втор механизам: „база за пристап до технологија за вакцинација против Ковид-19“ или Ц-ТАП (кратенка за база за пристап до технологија за Ковид-19), што требаше да гарантира споделување на интелектуална сопственост, знаење и техника потребни за производство на вакцини на голем обем, вклучително и во земјите во развој. За жал, Ц-ТАП, во овој момент, претставува само една празна работа додека механизмот Ковакс ги доживува најголемите тешкотии за да почне да функционира, до тој степен што СЗО сега зборува за крајниот рок од 2022 г., па дури и за 2024 г…
Заробеници на своите јавни декларации, државите и Европската унија водат двоен дискурс. Всушност, преовладуваше реалполитика, во корист на мултинационалните компании за производство на лекови. И покрај големата нетранспарентност околу „договорите за авансна набавка“, сепак елементите за уредување протекоа. И уште еднаш се гледа дека се применува железниот принцип на неолибералниот капитализам: социјализација на загубите и приватизација на профитот. Лабораториите се субвенционирани со милијарди евра од државите и Европската комисија – кои платија повеќе од 2 милијарди за време на развојот на вакцините – за истражување и развој и потоа масовно производство на дози, со што фактички се ограничуваат деловните ризици. Сепак, вторите ја задржуваат контролата над патентите, жестоко преговараат за цени со државите и ги ограничуваат донациите и можните препродажби на земјите во развој. Според белгискиот државен секретар за буџет, Ева де Блекер, тарифите за кои преговараше Брисел ќе се движат од 1,78 евра за АстраЗенека до 10 евра за КуреВак и 14,68 евра за Модерна2.
Конечно, клаузулите за испорака се чини дека се најфлексибилни, оставајќи ја Европската комисија во целосен неред кога АстраЗенека во јануари о.г. ја информира дека не може да го испорача бројот на планирани дози (80 милиони) во утврдените рокови (првиот квартал од 2021 г.). Ова резултираше со почеток на политичка криза со Велика Британија, која сакаше да ги задржи произведените дози, пред да се најде компромис за половина од договорот.
Дополнително, правната одговорност на компаниите е ограничена на максимум во случај на појава на сериозни секундарни ефекти, а кои повторно би ги прифатиле самите држави-потписнички. Сепак, би било неправедно да се обвинуваат само мултинационалните компании кои успеваат да наметнат вакви очигледно неизбалансирани договори. Според американскиот весник Њујорк Тајмс, самата официјална Европска инвестициска банка додели заем од 100 милиони долари на компанијата БиоНТех, што го условува со данок на профитот од 25 милиони долари3, како да има смисла да се профитира од вакцините!
Кон овие неверојатни договори е додаден и еден геополитички судир меѓу државите за развој, производство и пристап до скапоцени вакцини: секако, тука се Кина и САД, но исто така и Русија – која штотуку извојува стратешка победа, признавање на нејзината вакцина „Спутник V“ е во тек, потоа Германија, Израел и Велика Британија. Дури и ако сè е далеку од совршено, Лондон успеа да организира динамична кампања за вакцинација, со поткопување на аргументот за заштитна Европска унија изнесен за време на макотрпниот и спорен Брегзит. Уште во мај 2020 г., владата на британскиот премиер Борис Џонсон формира „Работна група за вакцини“ за развој на истражување, производство и стратегија за вакцинирање, на пример, со склучување партнерство со француската компанија Валнева за производство на нова вакцина, но сега во Шкотска.
Со еден збор, спротивното на француската бавност и пасивност. Од 04.02.2021 г., Велика Британија применуваше барем една доза вакцина на 16,2% од својата популација, наспроти 4% во Шпанија, 3,9% во Италија, 3,6% во Германија и 2,7% во самата Франција. Не само што Франција заостанува во овој концерт на силите, туку и центрите за вакцинација беа поставени набрзина, во јануари 2021 г., под притисок на медиумите и се оставени на грбот на преработените и исцрпени здравствени работници. Уште полошо, наспроти секоја логика, владата продолжува да го намалува бројот на креветите. Откако компанијата Санофи не успеа во трката за „национална вакцина“, нејзиното учество и инволвирањето на француските компании како Делфарм или Ресифарм во одредени задачи за поддоговарање (флаширање, пакување, итн.) започна, повторно, со задоцнување, во февруари о.г.
Во овој напнат контекст, разбирливо е дека населението во земјите во развој веќе не е приоритет само по себе. Бидејќи фармацевтските компании се тензични околу своите патенти, механизмите Ц-ТАП и Ковакс не функционираат: 13% од светската популација, која живее во богатите земји, авансно нарачала дури 51% од дозите, според Оксфам. И во самата Европска унија, првите испораки открија флагрантни нееднаквости: Италија доби 9.750 дози, Франција 19.500 дози и Германија дури 151.1254. Дури и намалени на соодветните популации на овие земји, овие разлики остануваат необјасниви и се чини дека сугерираат некои да се порамноправни од другите. Дополнително, Германија преговара преку билатерални договори за набавка на дополнителни дози, и покрај тоа што се придржува кон заедничкиот механизам за набавки на вакцините утврден од страна на Комисијата5.
Гарантирањето на „еднаква вредност на животите6“ помеѓу Северот и Југот, и помеѓу земјите од Северот и во рамките на секоја земја, би имплицирало фундаментално преиспитување на правилата на пазарот на фармацевтски производи. Актуелната криза дава школски пример за девијациите на доминантниот економски модел што се применува во овој сектор. Навистина, благодарение на пресвртната точка во биотехнологиите и геномиката, лабораториите сè повеќе го отстапуваат екстерно процесот на истражување и развој – а со тоа и неговите ризици – на новите стартап компании кои често имаат корист од јавни средства и се поддржани од универзитети7. Таков е случајот со БиоНТех и Модерна. Но, како и да е, и покрај оваа растечка сплетканост меѓу фундаменталните истражувања, јавните фондови и приватниот сектор, правата од интелектуална сопственост продолжуваат да се зајакнуваат. Покрај тоа, јавните фондови, преку здравствените системи, го прават фармацевтскиот пазар да биде разводнет, а кој единствено работи според механизмот на аукција: мултинационалните компании ги ставаат земјите во конкуренција за посакуваните цени, дури и ако тоа значи самите земји тајно да даваат попусти врз основа на обемот на продажбата.
Соочени со грабањето на јавните ресурси и недостигот на вакцини, многу здравствени работници8, активисти, невладини организации, како и некои земји, ги повикуваат владите да ја активираат „задолжителната лиценца“. Овој концепт, кој се појави во САД на крајот на XVIII век, беше вграден во меѓународните стандарди во 1925 г., преку измени и дополнувања на Париската конвенција за заштита на индустриската сопственост9. Задолжителната лиценца, исто така наречена „службена лиценца“ или „лиценца по службена должност“, беше втемелена во 2001 г. од она што беше наречено „Декларација од Доха“, по мобилизацијата на земјите тешко погодени од епидемијата на ХИВ, особено Јужна Африка. Членот 31 од Договорите за правата од интелектуална сопственост (АДПИК), кои вообичаено траат триесет години, дозволува нивна „дерогација“ во „национални итни случаи или други околности на крајна итност или во случаи на јавна употреба за некомерцијални цели“. И сето ова „без овластување од носителот на правото“10.
Франција може уште повеќе да го бара ова бидејќи уредбата од 08.02.1959 г., една од првите во ова поле, ја овластува државата да ги суспендира патентите во случај на недоволно количество или квалитет, но и на ненормално високи цени на лекови неопходни за јавното здравство. Станува збор за наоѓање рамнотежа помеѓу ексклузивните права дадени со патенти и најдобрите интереси на јавното здравство. Ова е евидентно случајот денес. Зошто да не се прибегне кон тоа, како што побараа Јужна Африка, Боливија, Кенија, Есватини (поранешен Свазиленд), Монголија, Мозамбик, Пакистан и Венецуела?
Од самиот почеток, се појавуваат тешкотии од правна природа. Треба да се дефинира „итност“, но, и до денес нема консензус за ова во рамките на Советот на АДПИК на СТО11. Покрај тоа, неколку компании може да бидат засегнати, бидејќи станува збор за „пакет патенти“ поднесени за знаење, пристап до клинички податоци, состојки неопходни за производство на вакцини… Борбата може да трае долго.
Се појавува исто така и една логистичка пречка: треба да се има капацитет индустриски да се произведуваат милиони дози. Како и да е, да се вратиме на францускиот случај, каде кризата фрли силно светло на деиндустријализацијата што го става под ризик здравствениот суверенитет посакуван од Претседателот на Републиката. Фијаското со маските – беа потребни два месеци за повторно започнување на производството во пролетта 2020 г. – требаше да доведе до подготовка за следната фаза. Скалата и комплексноста на предизвикот што треба да се прифати во производството на вакцини со т.н. месенџер-РНК технологија, кои во моментов се најефикасни, би требало да добијат поголема антиципација.
На крај, исто така важно, геополитичката пречка се крева како ѕид. Активирањето на задолжителната лиценца наликува на судир со други суверени сили, особено со САД, каде што се наоѓаат двете компании кои денес нудат вакцини со најдобар резултат. Дали Франција, Европа и заедно со нив и другите нации, ќе имаат храброст да се соочат со САД? Париз никогаш не го стори тоа. Кога во 2014 г., компанијата Жило ја утврди цената на лекот Совалди, многу ефикасен медикамент против хепатит Ц, на 41 000 евра, владата претпочиташе да рационира пациенти и да ја прифати оваа превисока цена отколку да ја активира т.н. службена лиценца и да рескира американска одмазда како таква12.
И обратно, САД никогаш ги немале овие скрупули. Кога биотерористите по настанатите од 11.09.2001 г. им се заканија со патогени како антракс, САД не се двоумеа да користат уцена за обврзувачката лиценца, за да може да го произведуваат лекот против антракс, ципрофлоксацин, чиј патент го имаше германската фирма Баер. Таа фирма конечно се согласи да ја намали својата цена. САД изготвија и црна листа на земји, т.н. „специјална 301“, кои не го почитуваат АДПИК, вклучувајќи ја Индија (која произведува генерички лекови кои сè уште се под лиценца), Кина или, за одредено време, и Канада. Прави што ќе кажам, а не што правам јас!
Дури и ако европската скала изгледаше најрелевантна, оваа криза уште еднаш покажува дека Унијата не постои геополитички и индустриски. Британскиот пример дури би имал тенденција да покаже дека членството претставува неповолна положба. Земја како Франција би можела да размисли за употреба на задолжителната лиценца. Состојбата? Дека ја повратила својата независност со прекинување на догмата за слободна трговија, со ковање на ефикасна индустриска и здравствена алатка преку „јавен центар“ за лекови и со масовно инвестирање во истражување и развој, како и во здравствениот систем (во материјали и човечки ресурси), со цел да се справи со идните пандемии.
Ова е за во иднина. За момент, би било пожелно да се поддржат многу граѓански иницијативи во корист на вакцината како глобално јавно добро и, пред сè, да се постигне договор со други сили, особено со Кина, Русија и Индија, со цел да се спречи доминацијата на американските фармацевтски компании, чии интереси ги брани нивната сојузна држава, САД. Неодамнешните случувања во француската дипломатија се чини одат во оваа насока и можат да овозможат добивање на т.н. „доброволни лиценци“, т.е. привремена суспензија на правата од интелектуална сопственост преку договор со пронаоѓачите, за руските и кинеските вакцини.
Исто така, сè уште не би било апсурдно да се условуваат јавното финансирање и стратегијата за намалување на ризикот (т.н. „дерискирање“) на инвестиции при продажба по ниска цена, па дури и по цена на чинење (за оправдување на трошоците). Сите информации (патенти, постапки) треба да им се дадат на компаниите во сиромашните или новите држави кои се способни да постават синџири на производство и да ги продаваат по ниски цени на земјите во развој или на „глобалните купувачи“, кои, пак, би ги донирале на навистина најсиромашните земји.
Тогаш би можеле да завршиме со тажниот спектакл на којшто сме сведоци, врв на она што некои го нарекоа „организирана економија за слободна трговија“, во која нема „слободно“, освен претераната моќ која државите ја отстапија на фармацевтската индустрија13.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
- « Déclaration de M. Emmanuel Macron sur la lutte contre l’épidémie de Covid-19 et la préparation aux futures pandémies », 21.11.2020., www.vie-publique.fr
- Твит од Ева де Блекер на 17.12.2020 г., потоа повлечен следниот ден.
- Matt Apuzzo & Selam Gebredikan, « Governments signs secret vaccine deals. Here’s what they hide », The New York Times, 28.01.2021.
- Virginie Malingre, « Vaccination contre le Covid-19 : les ratés et lenteurs de l’UE éclipsent ses succès », Le Monde, 06.02.2021.
- Jilian Deutsch et al., « Thanks to deep pockets, Germany snaps up extra coronavirus jabs », Politico, Вашингтон, САД, 07.01.2021.
- Didier Fassin, De l’inégalité des vies, Fayard – Collège de France, Париз, 2020.
- Margaret Kyle & Anne Perrot, « Innovation pharmaceutique : comment combler le retard français ? », Les Notes du Conseil d’analyse économique, n° 62, Париз, јануари 2021.
- « Les vaccins anti-Covid 19 doivent être un bien public mondial ! », интернет петиција на www.change.org
- Gaëlle Krikorian, « Licence obligatoire », во: Marie Cornu, Fabienne Orsi и Judith Rochfeld (sous la dir. de), Dictionnaire des biens communs, Presses universitaires de France, Париз, 2021 (второ издание).
- « Texte de l’accord sur les Adpic », СТО, www.wto.org
- Kaitlin Mara, «Decision on intellectual property waiver over Covid Technology on hold until 2021 ; what are the next steps ? », Medicines Law and Policy, Вашингтон, САД, 18.12.2020.
- Olivier Maguet, La Santé hors de prix : l’affaire du Sovaldi, Raisons d’agir, Париз, 2020.
- Fabienne Orsi, « Brevets d’invention », во: Marie Cornu, Fabienne Orsi и Judith Rochfeld (sous la dir. de), Dictionnaire des biens communs, op. cit.