Поплавата од осуди што го придружуваше преземањето на Твитер од страна на милијардерот Елон Маск, укажува на тоа дека влогот во договорот ја надмина судбината на социјалната мрежа фаворизирана од американските капиталистички елити. Еволуцијата на оваа платформа за микроблогирање навистина е показател за иднината на онлајн говорот, а контроверзиите предизвикани од новиот сопственик покажуваат дека регулативата на слободниот говор станува спорно прашање, особено во САД.
Да се вратиме малку назад. Во пролетта 2022 година, Маск ја објаснува аквизицијата на оваа непрофитабилна компанија (дури 270 милиони долари нето загуба – само во вториот квартал од 2022 година) – со неговата желба да ја заштити слободата на изразување, „основата на демократијата што функционира“. Тој вели дека сака да го ограничи модерирањето на содржината на минимум што го бара законот и го претставува Твитер како „дигитален јавен плоштад каде се дискутираат прашања од витално значење за иднината на целото човештвото.“[i] Кога го купи Твитер по неколку перипетии, веднаш отпушти половина од вработените по е-пошта и ги раскина договорите на повеќе од 4.000 надворешни даватели на услуги, одговорни особено за модерирањето на самата содржина. Потоа поврати многу деактивирани сметки, вклучувајќи ја и онаа на Доналд Трамп, се откажа од политиката на борба против дезинформациите спроведена за време на пандемијата ковид-19, ги суспендираше на неколку часа сметките на новинарите кои не му се допаѓаа и обелодени документи кои го разоткриваат начинот на кој директорите на компанијата соработувале со американските разузнавачки служби под поранешното раководство на Твитер.
Надвор од овие непостојани и брутални одлуки, еволуцијата на Твитер покренува интригантно прашање: зошто еден авторитарен милијардер би можел да ја брани слободата на изразување денес, оваа историска борба, всушност, на левицата? Што и да мислите за искреноста на посветеноста на овој Маск, една забелешка, сепак, останува. Американската десница и екстремната десница сега ја искористуваат оваа причина, користејќи го просторот оставен празен од голем дел од прогресивците во САД.
За да го разбереме овој пресврт, мораме да се вратиме на начинот на кој САД го регулираат онлајн изразувањето. На оваа тема, клучниот текст е чл. 230 од федералниот Закон за комуникациска пристојност (ЦДА) усвоен во 1996 година под претседателство на Бил Клинтон. Тој ги дефинира одговорностите на платформите. Или поточно – нивниот недостаток на одговорност, бидејќи, според овој текст, овие компании не можат да се сметаат за автори или објавувачи на говорите поставени онлајн од страна на нивните корисници. Накратко, ако некој објави нелегален коментар, Твитер не мора да одговара за тоа – освен во одредени специфични случаи, како што се кривични дела. Чл. 230 продолжува да појаснува дека платформите не можат да бидат доведени во прашање за блокирање и филтрирање на одредени содржини, под услов да се потврди нивната добра волја. Со други зборови, нивните постапки на модерирање и грижа не ја доведуваат во прашање нивната неодговорност за содржината објавена од трети страни. Овие уредувачки дејствија дополнително се заштитени со Првиот амандман на Уставот на САД, кој им гарантира на приватните актери против секое барање за неутралност наметнато од јавните власти. Како резултат на тоа, интерфејсите, алгоритамските избори и практиките за модерирањето на платформите генерално се толкуваат како изразувачка димензија, односно како „говори“ заштитени со Првиот амандман на Уставот на САД. Накратко, кога Твитер ќе ја избрише содржината објавена од корисник, компанијата го остварува своето право на слобода на изразување.
За големите платформи, чл. 230 беше благослов. Кога станува збор за модерирањето, истото им нуди имунитет и кога не прават ништо и кога дејствуваат енергично. Ги ослободи од традиционалните одговорности на медиумите – издавачите и уредниците на печатот, на пример. Ниту, пак, им наложи да се однесуваат на неутрален начин, како едноставните телекомуникациски оператори. На тој начин платформите стекнаа право, но не и одговорност, да ги модерираат коментарите што ги даваат нивните корисници.[ii]
Иако ваквиот режим може да изгледа неурамнотежен, тој веќе долго време е малку оспоруван. Тој е постојано поддржуван од Силиконската долина, но исто така и од водечките организации за граѓански слободи, како што се Американската унија за граѓански слободи (АКЛУ) и Фондацијата за електронска граница (ЕФФ). Нивните аргументи? Правењето платформите да бидат одговорни за пораки објавени од трети страни ќе предизвика тие превентивно да отстранат премногу содржина, додека наметнувањето обврска за неутралност врз нив ќе го прекрши Првиот амандман на Уставот на САД. Бидејќи ги избегнува овие две замки за слободата на говорот, чл. 230 можеби се појави како „еден од само неколкуте добри закони за високите технологии, што Конгресот на САД некогаш воопшто ги има усвоено.“[iii]
Во 2017 година, преземањето на претседателската функција од страна на републиканскиот десничар Трамп го разниша тој консензус и го претвори чл. 230 во национално политичко прашање. Егзалтацијата на слободата на изразување, така, станува лајтмотив на републиканците и на крајната десница во САД. Т.н. алтернативна десница (алт-десница), сега, создава сопствени мрежи. Габ во 2016 година и Парле во 2018 година им посакуваат добредојде на корисниците кои се претежно егзалтирани од тезите на Трамп и се претставуваат како бастиони на слободата на изразување, што им овозможува да емитуваат отворено екстремни расистички, мизогинистички и ксенофобични говори.
Главните платформи, во меѓувреме, се под постојана критика од екстремните републиканци, кои ги обвинуваат за пристрасност за Демократската партија и злоупотреба на цензурата. Трамп постојано се заканува дека ќе го избрише чл. 230, без да ги проследи овие празни закани. Во 2020 година, пред Конгресот, основачот на Фејсбук, Марк Цукерберг, ја резимираше ситуацијата: „Демократите нè обвинуваат дека не модерираме доволно, републиканците дека модерираме премногу.“[iv] Контроверзноста кулминира – по нападот на Капитол (седиштето на Конгресот на САД) на 6 јануари 2021 година. Настанот ги натера Твитер, Фејсбук и Снепчет да ги затворат или суспендираат сметките на актуелниот претседател и многу од неговите поддржувачи поврзани со екстремно десничарското движење КјуАнон. Гугл и Епл ја отстрануваат апликацијата Ток од нивните онлајн продавници, додека Амазон Интернет Сервиси одбива да продолжи да биде домаќин на алтернативната социјална мрежа, тврдејќи дека таа претставува опасност за јавниот ред во САД.
Две конзервативни републикански држави, Флорида и Тексас, возвратија неколку месеци подоцна со донесување на контра-закони (Законот 7072 на Сенатот на Флорида и Законот 20 на Претставничкиот дом на Тексас), со што се укинаа основните одредби од чл. 230. Овие текстови имаат за цел да ги одвратат големите платформи од суспендирање на одредени сметки и модерирање на содржини, изложувајќи ги на кривично гонење од страна на интернет корисниците кои така би се сметале себеси за „цензурирани“. Нивната цел е да ги обврзат главните актери на мрежата (двата закони важат исклучиво за платформи со голем број корисници) да ги пренесуваат сите содржини без исклучок, односно да ги подложат на обврска за неутралност слична на онаа на телекомуникациските оператори. Перспективата, исто така, се брани во Врховниот суд на САД, од страна на ултра-конзервативниот судија Кларенс Томас, кој изразува жалење што „правото на цензура на изразувањето [се] држи главно од приватни дигитални платформи.“[v]
До степен до кој тие се контрадикторни со чл. 230, законите на Флорида и Тексас брзо беа оспорени на суд од страна на најголемите технолошки компании. Тие тврдат дека би било неуставно да им се наметне строга обврска за неутралност, бидејќи Првиот амандман на Уставот на САД – ја штити нивната уредничка слобода.[vi] Додека чекаат Врховниот суд на САД да го стави на дневен ред ова прашање, како што очекуваат повеќето набљудувачи, законите на Флорида и Тексас го илустрираат пресвртот од 180 степени од страна на републиканците. До крајот на 2010-тите, американската десница јавно тврдеше дека слободата на изразување на поединците и слободата на изразување на компаниите – оделе рака под рака. Се верува дека приватните медиуми, врз основа на нивните сопственички права и Првиот амандман на Уставот на САД, треба да имаат целосна дискреција при изборот на говорите што ги емитуваат. Обидувајќи се да наметнат поголема неутралност на социјалните мрежи, десницата која веќе стана „трампистичка“, се дистанцира од идеолошкото наследство, што сега сака да го оспори. Таа имплицитно признава дека приватните компании не треба да имаат апсолутна слобода да одлучуваат кои говори ги емитуваат – позиција историски поврзана со демократите!
Идеолошкиот пресврт на американската десница ги одразува трансформациите во прогресивниот блок. Во текот на 2010-тите, дезинформациите и говорот на омраза ги натераа академската заедница, активистите и политичарите да ја критикуваат лабавоста на големите платформи. Тие бараат од овие компании да ги зајакнат своите модераторски способности, со цел да ги заштитат говорниците од ранливите групи. Борбата за максимална слобода на изразување престанува да биде прогресивна кауза како таква. Таа се смета за начин да се замолчат жените и малцинствата, преку онлајн малтретирање, закани и ширење на лажни вести од размери на цели сектори на економијата. Професорот Тим Ву, сега член на администрацијата на Бајден, истакнува дека „фанатиците на отворените и нефилтрирани канали на онлајн изразување (вклучително и мене) се како прскалки, бидејќи овие канали сега се користат како оружје против говорници од обесправените групи.“[vii] Класичниот политички либерализам, како што е отелотворен од големите организации за граѓански слободи, е обвинет за замолчување на најранливите и маргинализирани групи и обезбедување на плодна почва за новата, т.н. идентитаристичка десница во САД и пошироко.
Овие идеолошки пресврти се појавуваат во полно светло, по немирите на Капитол, во јануари 2021 година. АКЛУ и републиканците, потоа, на сличен начин ја осудуваат неограничената моќ на големите технолошки компании. Личностите од левицата, сега, ги поврзуваат со конзервативниот блок. Таков е случајот со новинарот Глен Гринвалд, кој ги објави откритијата на Едвард Сноуден за активностите на американските тајни служби. Вирулентен критичар на цензурата, на т.н. „култура на откажувањето“ и самоволието на демократите кон моќта на Силиконската долина, тој станува персона нон грата на левицата откако ги мултиплицира настапите во шоуто на конзервативно-либертаријанскиот презентер и голем ксенофоб Такер Карлсон на каналот Фокс Њуз. Во 2022 година, тој започнува своја шоу програма на платформата Рамбл, финансирана од либертаријанскиот претприемач Питер Тил.[viii] Траекторија која сведочи за присвојување на слободата на изразување предводено од американската крајна десница, како и намалувањето на оваа вредност меѓу прогресивците.
Американската левица, навистина, самата се најде во идеолошко-политички ќор-сокак. Нејзината легитимна желба да ги заштити говорниците од обесправените групи, беше платена со откажување да ја оспори моќта на главните платформи во САД. Прогресивците ги охрабрија технолошките гиганти да интервенираат повеќе за да ги заштитат малцинствата и да го гарантираат квалитетот на јавната дебата на интернет, но навистина не го доведоа во прашање изборот за доверување на овие суштински мисии на капиталистичкиот олигопол. Така, „либералите, во нивната желба да дејствуваат против дезинформациите, станаа поборници на моќта на големите платформите, барем кога таа моќ се користи за да се земе дискурсот кој се смета за опасен офлајн.“[ix] Американската јавна дебата затоа доби малку збунувачки пресврт: додека десницата сега сака законски да ги ограничи компаниите кои го контролираат онлајн изразувањето, левицата се согласи да им ја делегира задачата за заштита на говорниците од обесправените и малцинските групи. На тој начин прогресивните елементи во САД, изгубија по две основи. Им дозволија на своите противници да ги присвојат и одбраната на слободата на изразување и барањето за зголемена регулација на Силиконската долина од страна на јавните власти.
Што конечно нѝ кажува Твитер на Маск? Пред сè, тој нагласува како тридецениската регулаторна опуштеност го поттикнала зголемувањето на приватната капиталистичка моќ над онлајн изразувањето. Преземањето на мрежата со сината птица е исто така симболично за закрепнувањето од страна на американската крајна десница на нејзината идеја за утопијата на интернетот, како простор каде што би триумфирала максималната слобода на изразување. Овој сојуз на хиперлиберализам и хиперконзервативизам сепак е поткопан од противречноста помеѓу моралниот пуританизам на екстремната верска десница и промовирањето на еден дерегулиран јавен простор, каде што сите дискурси би можеле да циркулираат како такви. Конечно, дебатите за и околу Твитер нагласуваат колку е тешко да се усогласи одбраната на слободата на изразување и заштитата на говорниците од обесправените групи, сè додека онлајн изразувањето останува контролирано од неколку големи капиталистички актери.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] Твитер, 25.1.2022.
[ii] Спореди: Tarleton Gillespie, Custodians of the Internet. Platforms, content moderation, and the hidden decisions that shape social media, Yale University Press, Њу Хевн, 2018.
[iii] Cory Doctorow, « Zuckerpunch », Pluralistic, 25.3.2021, https://pluralistic.net
[iv] Mark Zuckerberg, цитиран од Damien Leloup, « Devant le Sénat américain, les patrons de Google, Twitter et Facebook ont dû répondre aux accusations de biais anticonservateur », Le Monde, 28.10.2020.
[v] Цитирано од Bobby Allyn, “Justice Clarence Thomas Takes Aim At Tech And Its Power ‘To Cut Off Speech’”, National Public Radio (NPR), 5.4.2021, www.npr.org
[vi] Спореди: U.S. Court of Appeals for the 11th Circuit, NetChoice LLC v. Attorney General, State of Florida, No. 21-12355, 8.11.2021.
[vii] Tim Wu, “Is the First Amendment Obsolete?”, Michigan Law Review, Ен Арбор, vol. 117, No. 3, 2018.
[viii] Спореди: Zeeshan Aleem, « How the populist left has become vulnerable to the populist right », MSNBC, 9.1.2023, https://www.msnbc.com
[ix] Evelyn Douek and Genevieve Lakier, “Rereading the First Amendment”, Knight First Amendment Institute, 18.5.2022, https://knightcolumbia.org/