понеделник, 14 Окт 2024 / 0:55:35
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Кога Париската комуна ги окупира ѕидовите

Како голема референца во работничкото движење, Париската комуна останува многу помалку позната, помалку пренесена или земена во популарната култура отколку што е самата Француска револуција. Можеби тековната здравствена криза ќе ја наруши 150-годишнината од појавата на Комуната. Но, со графитите кои остануваат еден од ретките репертоари на дејствување достапен за луѓето во ситуација на пандемски локдаун, ќе мора да се биде внимателен кон она што го порачуваат ѕидовите

Од Матилд Ларер
Предавач по современа историја на Универзитетот Густав Ајфел. Автор на Бес против мачизмот (Едисионс ду Детур, Париз, 2020)


Фото: Mag Pole / Unsplash

За време на Париската комуна, во 1871 г., како и во претходните револуции, плакатите и графитите служеа како „револуционерни ѕидови1, за да ги информираат и мобилизираат жителите на градот. Сето ова беше исчистено по „крвавата недела“ (21-28 мај), кога се виде дефинитивното уништување на самото востание. Сепак, наскоро, ѕидовите на главниот град повторно зборуваат: анонимни луѓе им оддаваат почит на победените и ги обвинуваат победниците, така нарушувајќи го хорот на осуди од Версај. На теренот на касарните во Пепиниер, „група републикански војници и пријатели на народот“ напиша во 1872 г.: „Армијата на Версај, бранители на деспотизмот и на нашата сиромашна Франција; вие сте убијци на луѓето, крвавата дамка што ја носите на чело никогаш нема да ви успее [sic]“2. Палатата на Адолф Тјер, демолирана од Париската комуна, а потоа обновена на сметка на даночниот обврзник, беше цел во 1873 г.: „Луѓе на Париз, оваа куќа е цената на вашата крв“. И, се разбира, се слават востаниците: „Во чест на храбрите Фере, Росел, Кремје и Домбровски, кои починаа за Комуната“3 (1872 г., на еден ѕид од 12-от арондисман). Овие натписи претставуваат дури 23% од графитите кои полицијата внимателно ги забележила во 1872 г. Истите потоа стануваат маргинални, додека борбата со зборови се движи кон гробиштата Пер-Лашез, пред Ѕидот на федератите, на венците со цвеќиња што се поставени таму и од кои полицијата ги откинува пораките за кои се смета дека поттикнуваат бунт.

Нема сомневање дека ќе треба повеќе работа на XX  век за следење на графитите од комунарите, т.е. членовите на Париската комуна. Повеќе извори, исто така, стануваат ретки, бидејќи со формирањето на Републиката и афирмацијата на слободата на изразување, пораките на ѕидовите веќе не се предмет, како „бунтовнички зборови“, на полициски извештаи корисни за историчарот.

Од 1920 г., се чини дека Француската комунистичка партија (ФКП) е главниот носител на сеќавањето за Комуната, наметнувајќи на комунистите поврзување со членовите на истата. Искачувањето кон Ѕидот станува важна свеченост на самата партија, кулминирајќи во мај 1936 г. со дефиле што обединува повеќе од петстотини илјади луѓе. Париската комуна често се цитира во летоци, статии, на постери. Таа дури станува и предмет на песни, како онаа што ја напиша Жан Фера во 1971 г. Но, таа ретко се слави во форма на урбани пораки – начин на дејствување што е малку употребуван од страна на ФКП.

Но, како и да е, во 1968 г., на улицата Сорбона, се наметна за гледање една голема порака „ДА ЖИВЕЕ КОМУНАТА“. Ништо за изненадување: самиот настан зазема важно место во прекрасниот месец мај (прикажување на филмови, повторно издавање на дневникот на Жил Вале Крикот на народот…)4. Од една страна, насилството врз демонстрантите од мај 1968 г. често се споредува, не без одредено претерување, со она од 1871 г.: „Партијата од Версај нема право да зборува за реформа и напредок“, пишува, на пример, социологот Ален Турен (Ле Монд, 30.06.1968 г.). Париската комуна потоа служи како референца за директна демократија, самоорганизирана, помалку „идентично повторлив модел како потсетник за тоа кон што тежнеат протагонистите – и што би можело да се случи“, анализира историчарот Лудивин Бантињи5.

Стогодишнината го оживува пламенот: се јавува миријада од написи во печатот, есеи, романи, повторни издавања на  мемоари на бунтовниците, дивјачки комеморации, до тој степен што дури и некои ТВ емисии ја трансформираат Комуната во актуелна тема. Малку графити, сепак. Но, мора да се спомне дека, откако беше направен јуриш на ѕидовите во 1968 г. („Белите ѕидови ги прави луѓето неми“, рече еден од нив), овој начин на изразување доживеа свој период на осека. Сепак, на камен уметникот Ернест Пињон-Ернест ја одбележува годишнината од Париската комуна6. Една ноќ во март 1971 г., тој става на калдрмата во главниот град сериграфска слика на „легнати фигури“. И ги избира, меѓу другото, скалите што се искачуваат до Сакре-Кер, форсирајќи свесност за насилството на кое градот бил поприште еден век порано.

Сепак, по 1971 г., постои очигледен пад на употребата на Комуната во социјалните движења. Ефект на губење на влијанието  на ФКП, која беше носител на сеќавање за Комуната со децении, но исто така и на интеграцијата на самиот настан во националниот роман на крајот од 20-тиот и 21-от век: влезе во училишните програми, а место му е посветено и во областа Бут-о-Кеј, додека плоштадот во подножјето на Сакре-Кер го носи името на Луиз Мишел. Она што Комуната го добива како признание, го губи преку субверзивниот карактер на екстремната левица.

Будењето започна во раните 2010-ти. Се забележуваат прво, помеѓу 2011 и 2014 г., расфрлани референци, најмногу заради екстремната левица како слободарска и антифашистичка, што е дел од двојно спротивставување: против едно нововерсајско повторно пишување на историјата, претставувајќи ја Париската комуна како вандалски неред – на пример, со книгата на Жан Севилја Историски точно (Перен), во 2003 г.,  кој ја опишува како „Седумдесет и два дена анархија кога востаничката власт владееше преку терор во главниот град“. И против обидот за заземање на минатото на Комуната од страна на еден дел на екстремната десница – како онаа париска идентитетска група (Проектот „Апачи“) што ги размачкува ѕидовите од 2011 г. со слоган испишан во шаблон: „Републиката на копилињата се роди од крвта на комунарите“. Овие нови употреби, кои ја прошируваат традицијата на анархистичко сеќавање на востанието, конечно одговараат на заживување на едно „слободарско прашање на демократијата“, според формулацијата на Жак Ружери7. Иницирани во 1871 г. од страна на членовите на Париската комуна, прашањата на народната застапеност и суверенитет, практикувањето власт, „вистинската“ демократија, директна и социјална, повторно се појавуваат во јавната дебата. Токму во овој контекст, утрото на 18.03.2014 г. (143-та  годишнина), Сакре-Кер се буди со графити во црвена и црна боја: „Ниту Бог, ниту Господар, ниту Држава“, „Оган во капелите“ и „Да живее Комуната од 1871 г.!“

Со мобилизацијата против законот за работни односи, во 2016 г., уметниците на графити се наметнуваат во срцето на демонстрациите. Тие го извртуваат графичкиот поредок и контролата на јавниот простор, запленуваат билборди, прозорци на банки или осигурителни компании. Клишеата се шират на социјалните мрежи и помагаат да се создаде нова естетика на социјалното движење. Окупацијата, која трае со недели, на плоштадот на Републиката од движењето Ноќно бдеење, промовира симболично присвојување со обележување на ѕидовите. Местото е преименувано во „Плоштад на Комуната“, додека на влезот во метро станицата има очигледен графит: „Да живее повторно Комуната“, со црвени букви.

Пролетта 2018 г. е турбулентна; од една страна се железничарите кои се спротивставуваат на реформата на Француската национална железничка компанија (СНЦФ), а од друга страна се студентите и средношколците кои се борат против Паркурсуп, новиот софтвер за прием во високото образование. Педесеттата годишнина обврзува урбаните пораки да го слават особено мај 1968 г. („Мај 1968 г. го одбележуваат, започнува повторно“). Но, Комуната не е отсутна. Неколку универзитетски локации окупирани од студенти се преименуваат во „Слободна општина Толбијак“, „Сансие“… За време на демонстрациите на железничките работници од 22.05.2018 г., може да се прочита: „За мај 1968 г. не ни е гајле, сакаме 1871 г.“ Ајде да посочиме и на „Долу војводите, да живее Комуната“, на кејот Виктор Иго во Бар-ле-Дук, меѓу многуте графити што останаа по важниот настан од 16.06.2018 г., а против проектот Центар за депонии за нуклеарен отпад Сигео. Тогаш, Комуната се чинеше мобилизирана за својот востанички потенцијал и замисли, за оние од 1968 г. да бидат оценети како поблаги. На извесен начин, да се рече „сакаме 1871 г.,“ значи да се рече дека „ние“ сме подготвени за вооружена конфронтација – што, згора на тоа, се потпира на лажна слика за 1968 г. како нежна агитација на младата буржоазија, но ова е веќе друга приказна.

„Жолтите елеци“ многу повеќе ја цитираат Француската револуција, од која тие го зедоа концептот на книги за поплаки, отколку Комуната. Нивната социологија и политичка култура се разликуваат од претходните социјални мобилизации. Како голема референца во работничкото движење, Париската комуна останува многу помалку позната, помалку пренесена или земена во популарната култура отколку што е самата Француска револуција8. Но, влегувањето на сцената, од III чин (на 01.12.2018 г.), на автономните групи кои ја носат и наскоро ја споделуваат својата милитантна култура обележана со 1871 г., може да ја објасни и појавата на првите лапидарни цитати. По повод VI чин (22.12.2018 г.), во Монмартр, се ставаат графити во подножјето на Сакре-Кер: „Париска комуна 1781 [sic] / жолти елеци 2018“. На 12.01.2019 г., пораката за големите „1871 причини да го е**м Макрон“ ја покрива оградата што ги штити продавниците на големите булевари. „Комуната повторно ќе цвета“, „Да живее Комуната“, „Комуната останува“…: акт по акт (овие често се пишуваат со калиграфија со анархистичкото „А“), пораките се множат по маршрутите на демонстрациите. Потоа истите повторно може да се видат за време на движењето против пензиските реформи, а што започнува на 05.12.2019 г. Да забележиме, на 8 декември, на булевар Магента, една порака: „Да почнеме со штрајк, да завршиме со револуција. 1871-2019 г. Тука сме. Жолтите елеци,“ и два дена подоцна, на булеварот Распел, „Сакаме пари додека ја чекаме Комуната“.

Сите овие пораки се малку повеќе од повикување на име и не дозволуваат да се прејудицира што знаат или мислат различните движења за оваа епизода. Но, како и да е, тие сведочат за фактот дека „жолтите елеци“ како противници на пензиската реформа го знаат ефектот – мобилизаторски или провокаторски, во зависност од примателите на пораките – од 1871 г. Затоа, „Комуната“ се појавува повеќе како синоним, поотелотворен, на „немири“, „револт“, „луѓе во востание“.

Можеби тековната здравствена криза ќе ја наруши 150-годишнината од појавата на Комуната. Но, со графитите кои остануваат еден од ретките репертоари на дејствување достапен за луѓето во ситуација на пандемски локдаун, ќе мора да се биде внимателен кон она што го порачуваат ѕидовите. Веќе на 14 јули, на фасада во источен Париз, можеше да се прочита: „150 години / Да ја вратиме нашата Комуна / Не забораваме“.

Преведено од: Дарко Путилов

 


Фусноти:

  1. Име на збирка постери од 1848 г., Gallica, https://gallica.bnf.fr. Веб-страница: https://argonnaute.parisnanterre.fr présente quant à lui une exposition virtuelle des affiches communeuses.
  2. Овие примери на графити од 1871-1879 г. се земени од: Céline Braconnier, « Braconnages sur terres d’État. Les inscriptions politiques séditieuses dans le Paris de l’après-Commune (1872-1885) », Genèses, n° 35, Париз, 1999.
  3. Види: Éric Fournier, La Commune n’est pas morte. Les usages politiques du passé, de 1871 à nos jours, Libertalia, Монтреј, 2013.
  4. Види: страниците посветени од Лудивин Бантињи во спомен на Комуната, во: 1968. De grands soirs en petits matins, Seuil, coll. « L’Univers historique », Париз, 2018, стр. 286-289.
  5. Ludivine Bantigny, 1968, op. cit.
  6. Види: Laurence De Cock и Mathilde Larrère, « Anvers et contre tout », во: Manifs et stations. Le métro des militant-e-s, Éditions de l’Atelier, coll. « Celles et ceux du Maitron », Иври-сур-Сен, 2020.
  7. Jacques Rougerie, « Entre le réel et l’utopie : République démocratique et sociale, Association, commune, Commune », во: Laurent Colantonio и Caroline Fayolle (sous la dir. de), Genre et utopie. Avec Michèle Riot-Sarcey, Presses universitaires de Vincennes, coll. « Temps et espaces », Сен Дени, 2014.
  8. Sophie Wahnich, « Sans-culottes et gilets jaunes », во: Joseph Confavreux (sous la dir. de), Le fond de l’air est jaune. Comprendre une révolte inédite, Seuil, Париз, 2019.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW