понеделник, 20 Јан 2025 / 23:00:08
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Кога Карл XII тргнал да ја нападне Русија

Планот на шведскиот крал, на почетокот на 18. век, бил да ја нападне земјата на царевите и да ја контролира Москва преку Украина. Долго време ова се сметало за стратешка грешка пред воените експерти да се согласат за соодветноста на таков маневар. Сепак, како и со другите напаѓачи по него, ова завршило со пораз.


Од Лионел Ришар*
*Историчар. Почесен професор на Универзитетот во Пикардија, Франција.


Фото: pixabay-260024/pexels

Во 19. век, географот Конрад Малте-Брун, продуктивен и инвентивен, напишал редовна статија во Журналот на Империјата. На 7 јануари 1807 година, тој дал приказ на Водичот за патниците во Европа, кој штотуку бил објавен во Париз, во превод уреден од „библиотекарот и географот“ Ијасинт Ланглоа, кој живеел и работел на улицата Сена.[1] Автор на овој Водич бил Германецот Хајнрих Август Отокар Рајхард. Од 1784 година, тој се специјализирал за т.н. „водичи за патници“, нов жанр во мода на кој тој бил пионер, пред да биде имитиран и да му се направи плагијат, меѓу другите и од парискиот книжар Один под псевдонимот Жан-Батист Ришар, „географски инженер, вработен во поштите“, кој, потоа, во 1828-1829 година објавил сопствен класичен Водич за патниците во Европа, во два тома.

Малте-Брун се восхитувал на описите и коментарите на Рајхард. Тој бил во право, бидејќи неговите книги не престанале да се објавуваат насекаде и до денес, адаптирани во различни форми. Од Водичот за патници во Европа, тој особено се задржувал на страниците за Русија. Како може и да се замисли, се прашува тој, една таква земја да може да биде освоена од туѓа држава? Во 1708-1709 година, кралот на Шведска Карл XII, тогаш еден од најмоќните владетели во Европа, направил еден ваков ризичен обид, против рускиот цар Петар Велики. За време на зимата 1709 година, неговата војска била многу ослабена од страшен студ. Исцрпена, завршила смачкана во Полтава, во центарот на Украина, на 8 јули 1709 година.

„Карл XII се надеваше дека ќе му зададе удар на царот, со кој засекогаш ќе ја зајакне слободата на Северот“, забележува Малте-Брун. Неуспех поради грешка во стратегијата користена против Русија? Како и повеќето современици, и Малте-Брун мислел така. За да стигне до Москва, Карл XII се решил да помине низ Украина, опасна, исцрпувачка маршрута, „диктирана од самата луда непромисленост“. Маршрута која повикува на пропаст. Но, „по ново испитување на локалните околности“ и информациите земени од „образовани луѓе родени во Украина“, нашиот географ се предомислува. Тој признава дека Карл XII го избрал „навистина најповолниот пат за да изврши инвазија во централна Русија, со намера и да остане таму“; „Сè изобилува на овој пат“, продолжува тој. „Од полињата со пченица на Волинија, се поминува на величествените пасишта напоени од Бористен (Днепар) и се оди нагоре по Сем и Десна, се влегува во плодните провинции Орел и Курск, кои го држат првото место меѓу житниците на Русија. Така, без несреќата што го снашла шведскиот генерал Левенхаупт,[2] шведскиот крал бил во позиција да ја реши судбината на Русија само во една битка, чија победа би го одвела директно до портите на Москва“.

Малте-Брун останува таму од сопствени размислувања. Тој не сака ништо повеќе, како географ. Тој не тврди дека е експерт за полемологија или анализа на конфликти. Тој едноставно признава дека, со оглед на географските карти и врз основа на искуството на локалното население, тактиката на потпирање на Украина, кога целта е директно да се освои Москва – е секако вистинската. Тој не се ни обидува, да го објасни поразот на Карл XII.

Прусот Клаузевиц, познат воен теоретичар, се осмелил да го предложи ова објаснување. Младиот шведски крал, кој починал во 1718 година, на 36-годишна возраст, убиен со куршум низ главата додека правел опсада на тврдината Фредрикстен, на југот на денешна Норвешка, според него, претставувал копија на смелиот Александар Македонски. За жал, тој го потценил суштинскиот факт: „Без разлика колку е голема генијалноста на главниот командант, многу му е тешко да постигне победа кога мора да се бори против сили двојно поголеми од неговите.“[3]

Првата скрупулозна биографија на Карл XII, по многу почесниот обид на Волтер во 1768[4] година, ја напишал германскиот историчар со националистичко убедување, Ото Хајнц, а само првиот том, од три, бил објавен пред почетокот на Втората светска војна, во 1936 година. Овој историчар во својот предговор се приклучува на судот на Клаузевиц, со објавување на прикриено предупредување до нацистичките лидери кои се стремат кон „освојување на животен простор“ на Исток.[5] „Како голем војсководец“, Карл XII бил „првиот што јасно ја приметил големата руска опасност во Европа – на хоризонтот на времето што допрва доаѓа“, додава тој. Но, човекот се покажал како арогантен, премногу самоуверен, неспособен да ја измери „хегемонијата на спротивставените сплетови на околности“.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[1] Conrad Malte-Brun, « “Guide des voyageurs en Europe”, par M. Reichard, traduit de l’allemand, 4e édition », Journal de l’Empire, Paris, 07.01.1807.

[2] Генералот Левенхаупт командувал со шведските трупи за време на големиот пораз кај Полтава, во 1709 година.

[3] Carl von Clausewitz, Théorie de la grande guerre, traduction du lieutenant-colonel de Vatry, L. Baudoin, Paris, 1889.

[4] Voltaire, Histoire de Charles XII, roi de Suède, deux volumes, Chez Christophe Revis, Bâle, 1731. Тоа е првото од историските дела на Волтер. Тој објавил неколку изданија до 1768 година. Види особено: Eric Schnakenbourg, «L’histoire de Charles XII de Voltaire dans une perspective historique », Dix-huitième siècle, Paris, n°1/2008.

[5] Otto Haintz, König Karl XII. von Schweden, tome 1, « Der Kampf Schwedens um die Vormacht in Nord- und Osteuropa (1697–1709) », De Gruyter, Berlin, 1936. Двата комплементарни тома биле објавени во 1951 и 1958 година.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW