Кој се сеќава? Гравот некогаш бил понуден како подарок на далечните предци на Мексиканците од богот Кецалкоатл, митската змија со пердуви. Доволно за да ја вратат својата егзотика на нашите мали зелени гравчиња, храната на северот, кокосите на Пемпол, бобот на Ванде и белиот боб на градот Тарб. Регионалните и локалните називи имаат тенденција да нè натераат да заборавиме дека тие ги формираат различните сорти на семиња од истата тропска лијана. Читателите на приказната Јовче и волшебниот грав го знаат ова; така, и градинарите, па затоа идејата за „неподвижни“ растенија максимално ги забавува. Phaseolus vulgaris, „обичното гравче“[i] е лесно подвижно: неговото стебло, премногу слабо за да се качува само, мора да најде потпора околу која ќе се завитка во спирала за да се искачи кон светлината, секогаш спротивно од стрелките на часовникот. Можеби Римјаните би виделе лош предзнак, но никогаш не го знаеле гравот, ниту кој било Европеец пред Кристофер Колумбо. Ниту пак знаеле за пченката и тиквата, други дарови од змијата со пердуви која сака да им помогне на локалните Индијанци да се нахранат. Богот Кецалкоатл долго време барал што би можело да им одговара на луѓето кои му се поклонувале. Во својата потрага, тој забележал црвена мравка која носи зрно пченка. Ја придружувал до една планина, каде што исчезнала низ пукнатина, тогаш се претворил во црна мравка да ја следи и, таму, открил огромна ризница од разновидни семиња. Нивното земање не бил мал подвиг, но Кецалкоатл го реализирал тоа. И оттогаш, вели локалната индијанска легенда, Мексиканците јадат грав.
Всушност, кога овие настани се случиле – или требало да се случат – немало ни Ацтеки, ни Маи, ниту пак Мексико. Единствено се сомневаме дека божественото добродетелство не ги ослободило првите централноамерикански земјоделци од долгата работа на потчинување на природата и, пред сè, на растенијата. Пченката не била испорачана од боговите – подготвена за употреба: предците на Мексиканците морале да ги припитомуваат дивите теосинти, треви чии мали, нежни класови се распаднале уште на самиот почеток на зреењето. Биле потребни милениуми на селекција за да се дојде до великодушните класови на денешната пченка што ги знаеме, и многу трпение да се претвори растението-ползач со жилави мешунки во денешниот грав, а потоа да се разбере исклучителната вредност на ‚триото‘‚ што овие две растенија го формирале со тиквата. Кецалкоатл бил во право: гравот е мешунка, односно растение способно за фиксирање на азот, суштински елемент за синтеза на аминокиселини[ii]. Совршена комбинација: гравот ја збогатува почвата, стебленцата од пченка служат како чувар на растението-ползач, листовите од тиква ја покриваат почвата чија влага ја задржуваат додека ја штитат од ерозија. Покрај тоа што се мал екосистем, сите три растенија им овозможуваат на луѓето урамнотежена исхрана. Гравот ги содржи единствените две есенцијални аминокиселини кои ѝ недостигаат на пченката. Ова исклучително тројство ја формира т.н. милпа, зборот на Нахуатл Индијанците, а што значи „она што се сее на полињата“, и постепено се шири низ тогашна Америка. Тоа им овозможи на овие први земјоделци од топлите земји на Југот доволно да се нахранат.
Околу 1200 година п.н.е., едно номадско племе на ловци-собирачи од сувите земји на Северот ја нападнало оваа првобитна земјоделска заедница на селани и ја направило главниот темел на поткрепа на својата социјална пирамида. Од оваа присилна асоцијација набргу изникнала првата цивилизација во Средна Америка, онаа на Олмеците. Дури тогаш започнала историјата на организирани форми на заедници на модерниот човек на Западната хемисфера… Но, во најголем дел не нѝ е многу позната. Седумнаесет монументални олмечки камени глави успеале да одолеат на забот на времето, сите овие векови. Нивните мистериозни бебешки лица со азиски карактеристики симболизираат една сосема непозната култура. Како и да е, треба да се напомене дека Олмеците ги изградиле и првите пирамиди во Мексико, ги врежале првите стели на камените маркери, ги обожавале првите богови, ги извршиле првите верски обреди на човечки жртви и можеби ги поставиле темелите на писмото на подоцнежните индијански цивилизации како таа на Маите, пред нивната култура да исчезне неколку века пред нашата ера, наеднаш и сосема мистериозно. Но, центарот на цивилизацијата во Централна Америка – веќе нема да згасне. Барем додека не пристигнат ноторните шпански конквистадори во Јужна Америка.
Во секоја рамнина, секоја долина, на секое плато, две илјади години се раѓале, цутеле, се судирале и изумирале градови-држави на индијански цивилизации. Околу 650 г. за градот-држава Теотихуакан или Монте Албан, центарот на културата на Запотек; околу 900 г. за мрежата на градовите на Маите[iii]. Тука има прекинати монументални градилишта или графити исцртани на ѕидовите на палатите на владетелите. Има траги од големи пожари, масовни немири, дури и на ужасен масакр на цело кралско семејство. Нема ништо друго – освен дефинитивно и брзо масовно напуштање на живеалиштата. Софистицирана цивилизација; општество поделено на касти; владетели над земјата; градови кои се премногу големи, претрупани и истрошени; брутални ривалства кои носат хаос; конструкции на пирамиди кои се премногу високи, сите засновани на работата на експлоатираните селани принудени и на сè побрутално поинтензивно земјоделство во кревка средина која дефинитивно и бргу – се распаѓа по сите параметри. Одгледувањето на милпа со големо палење на шумите – вклучува долг циклус на регенерација на почвата. Ако се интензивира овој процес, за да се нахранат градовите од десетици или стотици илјади жители, шумата дефинитивно исчезнува, почвите се исцрпуваат и, на крајот, целиот системот се распаѓа. Веројатно следеле глад и масовни бунтови, со фатални последици. Последователните и долги бранови на суша можеби го донеле смртоносниот удар. Така, жителите на градот биле принудени да ѝ се вратат на природата. Тие формирале организација на ниво да ги задоволат основните човечки потреби и повторно можеле да јадат пченка и грав до ситост.
Крајот на Ацтеките е помалку сложен и мистериозен – од оној на Маите. Има име. Хернан Кортес.
Ацтеките потекнуваат од пустинските рамнини на Северот. Околу 1345 година, тие се населиле на голем езерски остров во висорамнините и таму го основале својот главен град, Мексико-Теночтитлан. Тие основале обединета империја, потчинувајќи ги своите соседи насилно и принудувајќи ги да плаќаат голем данок. Тие практикувале големи ритуали на човечка жртва со страшна ревност, инспирирани од стравот дека нивното сонце ќе изгасне како што било направено, според нивната митологија, и со претходните четири. Кога петтото било создадено, првично стоело мирно, а неколку богови морале да ги понудат своите срца и крв за да го активираат да се движи. За да не се прекине, жртвувањата морале да продолжат.
Многу архаични процеси.
Современоста се појавила веќе во 1519 година, под привид лично на еден Кортес, шпански конквистадор во служба на шпанскиот крал Карло V. Со кое проклетство на судбината Ацтеките го помешале со Кецалкоатл, чие враќање толку го чекале? Се вели дека царот Монтезума му оддал почит со шолја ‚чоколатл‘, чоколадо, без шеќер, во ладен раствор зачинет со зачини и ванила. Кортес повеќе го ценел златниот пехар. Шпанците се вразумиле, а Ацтеките конечно сфатиле дека немаат работа со богови и борбата започнала. Бернал Дијаз го дава исходот: „Сè беше преполно со мртви тела и владееше таква смрдеа што ниту еден човек на светот не можеше да ја трпи“[iv].
Ацтеките и, пред нив, Маите, го зачувале своето минато, своето знаење и своите песни во форма на пишување и мешани цртежи, во кодекси свиткани како хармоника. Сликарот и гравер Албрехт Дирер зборувал за емоциите што кај него ги разбудиле овие врзани, насликани и обоени ракописи. Во своето дело Поврзаноста на работите од Јукатан (1566), бискупот Диего де Ланда поинаку суди: „Бидејќи таму немаше ништо што не беше суеверие или лаги на ѓаволот, ние ги запаливме сите“.
Во кодексите се појавиле и гатанки. „Кој има бела коса до врвот и раѓа зелени пердуви?“
Одговорот: кромид.
Откако главниот град бил срушен, книгите уништени и жителите истребени, научниците почнале да работат на откривање на тајните на исчезнатите древни цивилизации во Средна Америка.
Некои Индијанци придонеле за овој напор. Така, еден домороден лекар кој се занимавал со праксата пред доаѓањето на Шпанците, напишал кодекс, како хербариум, во кој ги навел лековитите растенија на Ацтеките, а што ги цртал со подеднакво блескави бои и талент. Тој е познат по неговото католичко крстено име, Мартин де ла Круз. Тој ја извршил оваа работа на барање на Колеџот во Санта Круз, основан од вицекралот на Шпанија за образование на децата на аристократијата на Ацтеките, што тој имал намера да го искористи за покрстување на земјата. За жал, повеќето од нив починале од големи сипаници, пренесени од Шпанците. Кодексот е напишан на јазикот на Нахуатлите и препишан на латински во 1552 година од извесен Хуан Бадијано, „од индијанска раса“, прецизира ракописот, веројатно млад Ацтек, студент на колеџот. Ако оригиналот напишан на јазикот на Нахуатлите исчезнал, Libellus de medicinalibus indorum herbis – Книга на лековити билки на Индијанците, позната и како Кодекс на Ла Круз-Бадијано – го преминала океанот и преминала од кралските раце во библиотеките на кардиналите, за да заврши во архивите на Ватикан каде што била заборавена, пред повторно да излезе на површина, дури во 1929 година. Тогаш светот откри живо сведоштво за медицината, науката и уметноста на Ацтеките, двесте и педесет наведени растителни видови, од кои сто осумдесет и пет се илустрирани, агава, мимоза, какао, ванила, магарешки костен, грамофонче, ајдучка трева… Потресно е да се пронајдат фините назабени лисја и умбели на Achillea millefolium на плочка дваесет и четири. Неговото име доаѓа од Ахил кој, според Плиниј, го користел за лекување на повреден противник. Ацтеките го нарекле талкекецал, „пердув на земјата“, а цртежот репродуциран од „авторот од индијанската раса“, ја покажува исправноста на метафората. Не се сите идентификации толку лесни и не е сигурно дека се пронајдени пченка и грав во кодексот на Санта Круз. Всушност и не важно. Индијанците ги изгубиле своите градови, своите богови и своите книги, но не и даровите од богот Кецалкоатл. Пченка и грав, тоа е сè што им остана.
Тие ги задржале, и покрај геноцид на Индијанците во Средна Америка, од времето на Монтезума до денешните Соединети Мексикански Држави; ниту војните ниту револуциите не ги одвратиле селаните од милпата, чуварот на нивната самодоволност. Но, свештениците на модерната глобална економија – дефинираат нови правила. Самодоволноста го ограничува профитот и му се заканува на петтото сонце. И за да се спречи оваа катастрофа, веќе не е потребно да се откинат срцата од исечениот камен: слободната трговија е доволна.
Во 1994 година, Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА), ги отвори трговските граници меѓу Мексико, САД и Канада. Веднаш, американската пченка беше наголемо достапна насекаде во Северна Америка – и цените паднаа. Мексиканските семејни фарми не можеа да ја издржат конкуренцијата на гигантските фарми од САД, допингувани со ѓубрива, пестициди и големи субвенции. Милиони невработени мексикански селани најдоа работа само во макиладорите, странски компании ослободени од царински давачки и не гледаа друга надеж освен да емигрираат. Земјоделското производство во Мексико пропадна.
За прв пат во својата историја, Мексико мораше да увезува пченка[v].
По падот на цените, шпекулациите предизвикаа драматичен пораст. 2007 година беше година на „кризата со тортиља“: гладот се врати на југот од Рио Гранде; профитот беше концентриран горе, на север. На транспарентите на големите демонстрации, можеше да се прочита: Sin maíz no hay país („нема пченка, нема држава“).
Дали гравот беше сè уште таму?
Во 1990-тите, извесен Американец Лери Проктор купил вреќа мешан грав на мексикански пазар, а потоа се вратил во Колорадо и ги сортирал, засадувајќи ги само жолтите зрна грав. Операцијата, која тој ја повтори само еднаш, беше за вештачката селекција – тоа што претставува брзата храна за гастрономијата. По овие две жетви, тој поднел патент за жолт грав.
– Патент?
– Документ во кој пишува дека сте измислиле нешто и дека е ваше.
– Грингото вели дека го измислил жолтиот грав? Се одгледуваат уште од времето на Олмеците!
– Како да го докажам тоа? Грингото, тој има патент!
Pobre Mexico, tan lejos de Dios y tan cerca de los Estados Unidos („Јадно Мексико, толку далеку од Бога и толку блиску до САД“), мексиканска поговорка… Уште еднаш, небото им падна на глава. Не само што можеше да се бара „интелектуалната сопственост“ на гравот, туку и дека им побегна. Од жолтиот грав, тие познаваа најмалку триесет сорти, сите фино карактеризирани од нивните ботаничари, меѓу десетте илјади сорти на Phaseolus vulgaris наведени на листата. Во својата пријава, грингото напишал само „жолт грав“, а канцеларијата за патенти во Вашингтон кажала амин. Американецот бараше хонорар од 22% за секое жолто гравче продадено во САД, го запре увозот и започна судска постапка. Продажбата во Мексико пропадна и светот научи нов збор:[vi] биопиратство. Жолтото гравче стана симбол на истово. Моравме да се бориме на суд.
Траеше десет години, резултираше со пет судски одлуки и милиони долари за адвокатски хонорари, но патентот беше поништен како таков. Проктор повеќе нема да наплаќа хонорари. Но, војната продолжила. Таа сè уште беснее и патентите за живите работи продолжуваат да ја приватизираат природата секој ден. Што се однесува до Мексико, тој и денес останува еден од најголемите светски увозници на пченка, што може да ги разбуди и налути боговите и вулканите.
Во меѓувреме, што да се прави?
На ова прашање, еден ацтечки поет од 15. век одговорил:
„Пеј, пеј и пеј, зашто пеењето е спасување,
И обожавајте ја убавината.“
Тоа можеби не е доволно.
Значи, некој сон за враќањето на Емилијано Запата. Во Мексико, духовите се поживи отколку на друго место. Други се сеќаваат на зборовите на кралот-поет Нецахуалкојотл, овој ацтечки современик на Карло Орлеански: „О мои пријатели, оваа земја нѝ е само позајмена“.
Тие се наследници на милпата. Тие во оваа поликултура гледаат место за средба помеѓу науката и традиционалното знаење, и алатка за суверенитет врз храната, кое, пак, овозможува одржување на социјална структура заснована на земјоделска работа. Во 2022 година, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) го издигна ова во ранг на „Генијален систем за светско земјоделско наследство“[vii]. Се изучува, усовршува, збогатува со ароматични или фуражни растенија за поддршка на ситниот добиток и збогатување на неговиот екосистем, а се комбинира со агрошумарството, што претставува враќање кон неговото потекло. Не само што нуди урамнотежена исхрана за помалите фарми, туку се чини дека претставува и амблем на агроекологијата. Од овој збир на теории и практики, агрономот Марк Дуфумиер вели дека може да нахрани дури девет милијарди луѓе. „Тоа е научено земјоделство. Тоа повторно го открива древното знаење акумулирано од генерации земјоделци, рекултивира сорти кои исчезнале и, во исто време, се потпира на научни истражувања кои направиле бројни откритија за биологијата на почвата и има многу други работи што треба да се направат[viii].“
Вклучените сили се чинат нееднакви, но кој знае.
Кецалкоатл можеби не го кажал својот последен збор.
Ниту пак Запата.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] Повеќето од гравот што го знаеме се т.н. култивари (посебни сорти добиени со селекција) на обичниот грав Phaseolus vulgaris.
[ii] Во реалноста, бактериите, кои живеат во симбиоза со мешунките, на нивните корени, фиксираат азот и имаат корист, за возврат, од јаглехидратите на растението, добиени од синтезата на хлорофил.
[iii] “Le peuple du maïs”.
[iv] Bernal Díaz del Castillo, Histoire véridique de la conquête de la Nouvelle-Espagne, La Découverte, Paris, 2009.
[v] Karen Lehman, “Au Mexique, les fausses promesses de l’Alena”, Le Monde diplomatique, XI/1996.
[vi] Документарниот филм Les moissons du futur (2012) на Marie-Monique Robin.
[vii] Système ingénieux du patrimoine mondial (SIPAM), FAO, https://www.fao.org/giahs/fr/
[viii] Marc Dufumier, 50 idées reçues sur l’agriculture et l’alimentation, Allary éditions, Paris, 2014.