На 3 март, египетските безбедносни служби ќе имаат посебна причина да спречат демонстрации против режимот на претседателот Маршал Абдел Фатах Ал-Сиси (прочитајте ја статијата подолу). На овој датум, ќе биде три години откако Високиот уставен суд дефинитивно го ратификуваше враќањето на малите острови Тиран и Санафир на Саудиска Арабија. Одлуката донесена во 2016 година од страна на Каиро, за губењето на суверенитетот над овие два камења што го блокираат влезот во Акабаскиот Залив, во Црвеното Море, е лошо прифатена од многу Египќани, кои на ова гледаат како напад врз националната гордост, како и признавање на слабоста пред вахабистичката монархија. Откажување кое противниците на Ал-Сиси повторно би можеле да бидат во искушение да го осудат на улица, како што тоа го правеа масовно во текот на целата 2016 година, а потоа и во пролетта 2017 година. Безмилосен кон сите форми на опозиција, претседателот не може да толерира да биде обвинет за распродажба на величината на неговата земја. Напротив, познатиот израз „Misr, oum el-dounya“ – „Египет, мајка (или амблем) на светот“ – претставува столб на официјален шовинистички и одмазднички дискурс.
За власта пак, овде станува збор за враќање во центарот на регионалната шаховска табла и реафирмирање на нејзиниот статус на сила, а кој беше поткопан со последиците од револуцијата во 2011 година. И покрај тоа што не жали јавно за падот на поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак, Ал-Сиси не пропушта редовно да потсети дека конфузијата што следеше, особено со изборот за претседател на државата во 2012 година на исламистичкиот кандидат Мохамед Морси – соборен токму од армијата една година покасно – ја запре перспективната динамика и на економски и на геополитички план. Точно е дека, шест месеци пред револуцијата, Светската банка, намерно игнорирајќи ги повторените социјални конфликти во компаниите во регионот на делтата на Нил и високото ниво на нееднаквости, сметаше дека Египет е дел од клубот на „Најдобрите реформатори во светот“ благодарение на планот за модернизација со либерална инспирација. На дипломатски план, земјата беше горда на фактот дека Барак Обама ја избра за да го одржи својот говор за „новиот почеток“, кој требаше да ги преформулира односите меѓу САД и целиот муслимански свет, во Универзитет на Каиро, на 4 јуни 2009 година, помалку од шест месеци откако влезе во Белата куќа.
Затоа, во име на враќање на престижот сериозно разнишан од декада на немири и насилство, претседателот Ал-Сиси има намера да го етаблира својот легитимитет. На внатрешен план, оваа потрага по величина вклучува, меѓу другото, и иницирање на „Мапа на иднината“, со која се планираат неколку градилишта на инфраструктурни проекти, вклучително и оној на нов град на исток од Каиро и десет аеродроми – фараонски проекти од кои корист имаат, во минување, компании зависни од армијата. На меѓународен план, упатствата дадени на египетската дипломатија се јасни: се работи повеќе да не се заостанува зад земјите од регионот, без разлика дали станува збор за монархиите во Заливот, Турција, Иран или дури и Израел.
Препуштањето на малите острови Тиран и Санафир може да изгледа контрадикторно со оваа потрага по влијание, двете острови се стратешки за оние кои сакаат да го контролираат пристапот до израелското пристаниште Еилат. Според информациите што можеа да се соберат од египетските власти, ова враќање било внимателно разгледано од самиот претседател. Надвор од контекстот на наведените привидни аргументи – Египет ќе ги заземеше овие места само на крајот на 40-тите години на минатиот век, бидејќи кралот Сауд и го побарал тоа, сметајќи дека неговата војска не е способна да ги брани од израелската морнарица – главната цел на враќањето беше да се добие довербата на Саудиска Арабија и нејзината нова власт, отелотворена во принцот престолонаследник Мухамед Бен Салман. Заедно со САД, кои обезбедуваат годишна помош од 1,5 милијарди долари на неговата армија, вахабиското кралство е другиот партнер за кој Каиро смета дека е од суштинско значење. По одреден период на кавга како резултат на падот на Мубарак, Ал-Сиси постепено ги смири билатералните тензии. Островите се „вратени“; сега ниту еден египетски интелектуалец повеќе не се осмели да повика на револуција на Арапскиот полуостров и ниту еден великодостојник на универзитетот Ал-Азар нема да се осмели да го квалификува вахабизмот како „екстремистичка доктрина“, како што беше случај за време на меѓународната исламска конференција во Грозни (Чеченија), во август 2016 година (верската институција, после тоа, беше принудена да им се извини на саудиските власти).
Без разлика дали се работи да се пополнат дупките во буџетот, да се финансира модернизацијата и проширувањето на Суецкиот канал или да се изгради мегалополис од стакло и челик наменет за намалување на пренаселеноста на главниот град, Ријад пред сè е местото каде се обрати претседателот Ал-Сиси. Ова го принудува да направи некои прилагодувања, кои ги откриваат границите на неговите амбиции. Во Каиро, по одредена формална критика, се прифаќа дека монархијата треба да покаже попустливост кон египетското муслиманско братство и во исто време да се осигура јеменската дијаспора, која живее на бреговите на Нил, да ги замолчи своите критики за саудиската воена интервенција против Хутите. Интервенција каде Египет, се разбира, се опорави од нејзиното започнување, во март 2015 година, со што се прекина ерата на Гамал Абдел Насер, кога Каиро и Ријад воено се судрија преку своите вметнати јеменски сојузници. Додуша, само морнарицата е мобилизирана и сè уште нема војници распоредени на теренот – голема причина за нервоза меѓу двете страни во 2015 година – но Ал-Сиси постојано уверуваше дека неговата армија би и помогнала на Саудиска Арабија во случај на драматично влошување на саудиската позиција во Јемен. Иако министерот за надворешни работи, Самех Шукри, неуморно повторува дека „решението за војната во Јемен е политичко“, сепак тој знае дека неговата земја не може да преземе ризик за автономна дипломатска иницијатива по ова прашање без да го предизвика гневот на Ријад.
Кризата од 2017 година со Катар и нејзиниот – привремен – исход во јануари, исто така, покажуваат дека Каиро тешко да може да има некоја автономија во однос на работите во Заливот. Во 2017 година, Ријад и Абу Даби ги натераа Египет и Бахреин да ги прекинат дипломатските односи со Доха. Сепак, Ал-Сиси не е несреќен да казни земја што не престана да го поддржува екс-претседателот Морси и која нуди позадинска база за Муслиманското братство. Но, во случајот, Египет сè уште се лишува од неколку милијарди долари буџетска помош ветена од Доха и ги става своите илјадници граѓани кои живеат во емиратот во многу незавидна позиција. „Египќаните ни ставија до знаење дека претпочитале помалку вирулентна криза, и секако не спроведување на блокадата што требаше да ја трпиме три и пол години“, се доверува еден катарски дипломат. Во овој случај, саудискиот престолонаследник и неговиот колега од Емиратите Мохамед Бен Зајед се зад воланот. Каиро немаше збор, задоволувајќи се со надеж дека Катар има „искрени намери“. Сепак, Доха не попушти на суштината и не исполни ниту едно од тринаесетте барања – вклучително и затворањето на новинскиот канал Ал-Џезира – кои беа таму испратени во лето 2017 година. Затоа може да ескалира нова криза, а Ријад и Абу Даби се тие кои ќе одлучат дали да се ископа воената секира или не.
Египетските лидери исто така беа чувствителни на американскиот притисок. Неколку недели пред да замине од Белата куќа, претседателот Доналд Трамп сакаше да го реализира својот последен дипломатски успех во регионот. Неговата желба да ги смири шујуците (шеиците) ги поттикна и нагаѓањата за можно бомбардирање во последен момент на иранските нуклеарни инсталации. Ваквите изгледи не го воодушевија Каиро, кој знае дека иранските одмазди најпрво ќе бидат насочени кон монархиите во Заливот, што пак ќе ја принуди неговата армија да им помогне. Сепак, Египет веќе има три дипломатско-воени приоритети што ја спречуваат неговата дисперзија. Тука се работи, според редослед на важност, за односите со САД, конфликтот во Либија и тензиите со Етиопија.
Во Каиро, не се заборава дека Џозеф Бајден беше потпретседател на американската администрација која фаворизираше присилна оставка на Мубарак и која привремено ја суспендираше нејзината финансиска помош, есента 2013 година, по државниот удар против претседателот Морси. Во 2016 година, печатот во Каиро аплаудираше на изборот на Трамп и интелектуалните кругови нашироко ја пренесуваа неофицијалната теза дека „Арапската пролет“ е манипулација од Централната разузнавачка агенција (ЦИА) и Демократската партија за да дојдат исламистите на власт. Ал-Сиси ќе мора да се соочи со демократско претседателство за кое постои ризик дека ќе се покаже многу помалку пресретливо отколку тандемот формиран од Трамп и неговиот зет Џаред Кушнер. Но, ќе може да смета на поддршката од францускиот претседател Емануел Макрон, кој скришно му го врачи Големиот крст на легијата на честа за време на неговата посета на Париз во декември. За Египет, Франција претставува многу помирлив снабдувач на воена опрема, откако Макрон одби да го условува партнерството меѓу двете земји со почитување на човековите права.
Овој воен материјал е добредојден во борбата на армијата против исламистичките бунтовници на Синај, но и во перспектива на конфликт на запад. Либија навистина претставува предмет на зголемена загриженост за Каиро уште од падот на маршалот Калифа Хафтар против трупите на Владата на национално единство (ГНА) со седиште во Триполи и турските сили. До 2019 година, египетската влада сметаше на победата на нејзиниот сојузник и му нудеше логистичка и дипломатска поддршка. Неспособноста на маршалот да ја запре ГНА и интервенцијата на новите актери во конфликтот – Турција на страната на Триполи, ОАЕ и Русија со поддршка на Хафтар – го тераат уште повеќе да се инволвира во конфликтот. Затоа, од минатата година, тој почна да се служи со воинствен тон во однос на Триполи, но исто така и со „напаѓачки окупатор“, подразбирајќи ја Турција. На 20 јули 2020 година, Парламентот го одобри испраќањето на „елементи на египетската армија во борбени мисии надвор од границите на египетската држава за одбрана на египетската национална безбедност“, отворајќи го така патот за интервенција во самата Либија. Тензијата се намали во октомври со склучување на примирје меѓу завојуваните либиски страни, но позицијата на Каиро е јасна: ако борбите продолжат и ГНА се обиде да го заземе градот Сирт, влез во богатата нафтена зона, египетската армија со 450.000 луѓе ќе биде таму на страната на маршалот Хафтар.
За многу дипломати, сепак, врвен приоритет останува егзистенцијалната закана што ја носи проектот за огромната хидроелектрична брана на течението на Нил во Етиопија. Каиро стравува дека пребрзата стапка на полнење на оваа структура, висока 145 метри и со капацитет од 74 милијарди кубни метри, ќе предизвика смрт на неговото земјоделството. „Дарот на Нил“, Египет е навистина 98% зависен од оваа река за неговите хидраулични потреби. Во 1929 година, а потоа и во 1959 година, со два меѓународни договори, Египет доби предимство врз водите на Нил, во име на историското право што денес го оспорува Етиопија: има намера да ја користи браната Ренесанса за електрификација на целата земја. Во 90-тите години, Мубарак се закануваше дека ќе ја искористи својата воена авијација доколку не се постигне договор пред почетокот на самото градење. Дваесет години подоцна, преговори сè уште се водат: Етиопија сака да ја наполни браната за седум години; Египет бара тоа да се направи за дваесет и една година, со надзор над функционирањето на инфраструктурата. Но, без чекање на договор, Адис Абеба веќе започна со операциите на полнење. Поради недостаток на одржлива воена опција – Франција и Кина, кои учествуваат во проектот, цврсто се спротивставуваат на тоа – Египет залудно се обидува да ги мобилизира своите африкански партнери за да ја принудат Етиопија да ги прифати неговите услови. Во оваа битка може да смета само на двајца сојузници: САД, кои ја критикуваа Адис Абеба за почетокот на полнењето и Израел, чие влијание во Источна Африка расте.
Што се однесува до Тел Авив, Каиро има аргументи со тоа што се претставува како неопходен партнер во контекст на палестинското прашање. Неговата дипломатија ги спонзорира обидите за помирување меѓу Фатах и Хамас, а неговите безбедносни служби го задржуваат влијанието врз настаните во Појасот Газа. Но, од друга страна, Каиро веќе не е единствениот арапски соговорник на Израел. Со нормализацијата во тек, ОАЕ и другите монархии во Заливот, вклучително и Саудиска Арабија, директно се занимаваат со Тел Авив и повеќе не им треба посредување. Навистина, мирот со Египет и понатаму останува битен за Израел, но неговата идила со земјите од Заливот, како и нормализацијата што се одвива со Судан, а можеби и утре со земјите од Сахел, ја релативизираат неговата важност.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
« Égypte : Une répression croissante qui perdure », Human Rights Watch, 13.01.2021 г., hrw.org
Esam Al-Amin, « Égypte : dialectique entre révolution et contre-révolution », Middle East Eye, 10.09.2015 г., www.middleeasteye.net
« Réformer en période difficile », Doing Business 2010, https://francais.doingbusiness.org
Прочитајте: Jamal Bukhari et Ariane Lavrilleux, « Voracité de l’armée égyptienne », Le Monde diplomatique, јули 2020 г.
Прочитајте: Pierre Bernin, « Fiasco saoudien au Yémen », Le Monde diplomatique, јануари 2021 г.
Прочитајте: Angélique Mounier-Kuhn, « Sous blocus, la presqu’île du Qatar prend le large », Le Monde diplomatique, октомври 2018 г.
« A Western plot to dish the Arabs », The Economist, Лондон, 12.11.2013 г.
Mehdi Chebil, « Une légion d’honneur au maréchal Sissi en catimini… qui finit par faire du bruit », France 24, 15.12.2020 г.
АФП, 07.12.2020 г.
Allison McManus, « The Egyptian military’s terrorism containment campaign in North Sinai », Carnegie Endowment for International Peace, Вашингтон, 30.06.2020 г.
Lire Habib Ayeb, « Qui captera les eaux du Nil ? », Le Monde diplomatique, јули 2013 г.
« “Means our death” : Egyptian farmers fear effect of Ethiopia dam », Al-Jazira, 20.08.2020 г., www.aljazeera.com
Cf. Sarra Grira, « Émirats-Israël. Mohamed Ben Zayed creuse son sillon au Proche-Orient », Orient XXI, 18.08.2020 г., https://orientxxi.info