Државите кои се виновни за агресија не се санкционирани на ист начин. Версајскиот договор (28 јуни 1919) бил опишан како диктат наметнат од страна на Жорж Клемансо на поразената земја, тогаш царската Германија. Дваесет и една година подоцна, откако се одмаздил, Берлин инсистирал поразот на Франција на 22 јуни 1940 година да се формализира во шумата Компјењ – на истото место и во истиот вагон каде што Германија морала да го потпише примирјето на 11 ноември 1918 година. Подобро е да не си го губите времето барајќи таква апсолутна симетрија на форми во случајот со Ирак и САД, кои исто така водеа две војни во блиски интервали…
Во првата, која го спротивставува Багдад против западните сили, Садам Хусеин е агресорот: на 2 август 1990 година, неговите војски окупираат суверена држава, Кувајт, ја анектираат и ја прават 19. провинција на неговата земја. Меѓународната осуда на Ирак е едногласна во Советот за безбедност на Обединетите нации. Одобрена од Обединетите нации, громогласна воена експедиција, главно западна, ги принудува ирачките трупи да го напуштат емиратот по три недели интензивно бомбардирање и тешки копнени борби. Ирак се соочува со ембарго и најбрутални санкции. Во текот на следната деценија, стотици илјади цивили, често деца, ќе умрат од недостаток на чиста вода и лекови.
Но, и такво страдање не е доволно. По 11 септември 2001 година, претседателот Џорџ Буш одлучува повторно да ја нападне оваа земја. Овој пат, за да се спречат нови напади во САД – оние што штотуку беа извршени против Светскиот трговски центар и Пентагон имаа 15 Саудијци и нула Ирачани за извршители – направени со „оружје за масовно уништување“. Ова е изум на американските разузнавачки служби, веднаш пропагиран од Белата куќа, главните западни медиуми (Њујорк тајмс, Економист и Вашингтон пост), а да не зборуваме за мнозинството парламентарци, републиканци и демократи (вклучувајќи го и Џозеф Бајден, тогашен сенатор од Делавер), како и неколку ирачки противници во егзил.
Во март 2003 година, без мандат од ОН, со изговор исто погрешен како оној што Русија ќе го изнесе 19 години подоцна за да го нападне својот украински сосед, англо-американската воена коалиција, која вклучува вкупно 48 држави – вклучувајќи ги Полска, Италија, Украина, Шпанија, Грузија, Австралија – го напаѓа Ирак. Американскиот државен секретар Колин Пауел изјавува дека „без оглед на исходот од преговорите во Советот за безбедност, претседателот на САД има овластување и право да дејствува во одбрана на американскиот народ и нашите соседи“.[i] Пет години претходно, неговата претходничка од Демократската партија Медлин Олбрајт има предупредено: „Ако треба да употребиме сила, тоа е затоа што сме Американци. Ние сме незаменливата нација. Стоиме исправени. И, гледаме подалеку.“[ii]
Кога Франција и Германија се спротивставија на западната воена експедиција, Вол Стрит Џурнал, орган на неоконзервативците во САД, им објасни, многу вознемирено, дека сега постојат два начина за решавање на светските прашања: „традиционалниот, често конфузен, начин на меѓународен компромис и консензус, кој често е фаворизиран од Европејците; и другиот, помалку бирократски и побрз, кој Вашингтон го претпочита: САД еднострано ги преземаат најважните одлуки, а потоа се обидуваат да состават меѓународни коалиции“.[iii] За која цел точно? „Политиката на САД е да ги поддржи демократските движења и институции во секоја нација и култура, со крајна цел да се стави крај на тиранијата во светот.“[iv]
Во времето на оваа илузорна прокламација, Ирак е веќе уништен, американската војна продолжува, неколку стотици илјади луѓе загинаа, а милиони се бегалци или принудно раселени. Сепак, падот во пеколот на земјата – не е завршен. Тоа ќе кулминира во 2014 година со преземање на дел од територијата од страна на џихадистичката Организација на Исламската држава (ИСИС).
Со оглед на тоа што за овој запис денес речиси и не се дискутира (со исклучок на неколку фанатици) и уште помалку за незаконитоста на војната што ја започнаа САД, се поставува прашањето: какви санкции произлегоа од таква лавина од несреќи и такво апсолутно кршење на меѓународното право? Никакви. Ниту ембарго, ниту замрзнување на средства, ниту барање за репарации, ниту постапка на Меѓународниот кривичен суд (МКС), ниту затворање на Мекдоналдс, ниту бојкот на Кока Кола… Не само што никој не бара такво нешто, туку спротивното е точно веднаш штом Багдад падна во април 2003 година. Тогаш сите се обидоа да го смират гневот на агресорот кој, скандализиран дека двајца негови европски воени сојузници го дезавуирале, имал намера, според познатата формула која ѝ се припишува на Кондолиза Рајс, тогашната советничка за национална безбедност на претседателот Буш, „да ја казни Франција, игнорира Германија и да ѝ прости на Русија.“[v]
Да ја казни Франција… Морис Гурдо-Монтан, дипломатски советник во Елисејската палата од 2002 до 2007 година, раскажува дека кога се сретнал со Пол Волфовиц, помошник-секретар за одбрана на САД, во Вашингтон, неколку недели пред почетокот на војната, „тоа беше несомнено еден од најнепријатните моменти во мојата долга дипломатска кариера. (…) Сè во неговиот став, неговиот поглед, неговите гестови, неговиот прст вперен во мене, ја истакна ниската почит што ја имаше за Франција и нејзините водачи, кои во неговите очи го отелотворуваа дефетизмот и кукавичлукот.“[vi] Во своите Мемоари, Жак Ширак раскажува за уште една средба помеѓу својот советник Гурдо-Монтан и овој пат Кондолиза Рајс. Кратко по падот на Багдад, Елисејскиот пратеник предложил Франција да соработува со окупациските власти во Ирак. Рајс одбива да го прифати тоа: „Ние плативме за оваа победа со нашите пари и крвта на нашите војници. Не сте нѝ потребни.[vii] “ Како што се сеќава Жерар Аро, тогашен директор за стратегиски прашања во Кеј д’Орсеј, САД „не се воздржаа од каква било ситничавост за да нè натераат да страдаме на сите форуми каде што можеа да нè казнат за нашиот став, тие се спротивставија во меѓународните организации, кога беа номинирани Французи, (…) сакаа да имплицираат дека Франција му праќала оружје на Садам Хусеин.“[viii]
Меѓутоа, набрзо воената опрема што изгледала како симбол на триумф, помогнала работите да тргнат наопаку: пљачкосувањето и нападите се зголемиле, хаосот станал распространет, сунитите и шиитите се убивале едни со други, американските војници гинеле. Под вакви околности, „меѓународната заедница“, оцрнета само неколку недели претходно, сега повторно му е од корист на Вашингтон. Се работи за смирување на ситуацијата: „Американците набрзо сфатија дека им треба Франција да гласа за резолуциите по војната во Ирак во Советот за безбедност“, објаснува високиот француски дипломат Гурдо-Монтањ. „Почнувајќи веќе од јуни 2003 година, Кондолиза Рајс ме повикува пред секоја дебата во Советот за безбедност – да ги усогласам позициите на нашите две земји. Ќе работиме заедно за едногласно усвојување на сите резолуции, таму презентирани на оваа тема.“ Така, Резолуцијата 1511 на Советот за безбедност едногласно, вклучувајќи ги и Франција, Кина и Русија, го одобрува создавањето на американскиот протекторат на Ирак и кршењето на Повелбата на Обединетите нации.
Затоа, нема санкции за виновникот. Па дури и еден куп лакомства… За почеток, САД си ги резервираат најпрофитабилните договори за нафта во Ирак. Некои од членовите на кабинетот на американскиот претседател, и самиот поранешен гувернер на Тексас, го ценат тоа како добри познавачи: потпретседателот Ричард Чејни беше долгогодишен генерален директор на нафтената инженерска компанија Халибартон, додека Рајс девет години ги реализираше своите таленти во служба на нафтениот гигант Шеврон. Друга поволна коинциденција, беше тоа што многу од компаниите фаворизирани од окупаторот претходно имале вложено пари – токму во претседателската кампања на Буш.[ix] Конечно, бидејќи Ирак е и уништен и под американско туторство, Вашингтон сега бара доверителите на Багдад, првенствено од Франција, да се откажат од наплатата на долгот склучен од Садам Хусеин. Гурдо-Монтањ понатаму раскажува: „Следејќи го пристапот преземен во главните градови од [поранешниот американски државен секретар] Џејмс Бејкер, ние ќе го олесниме сервисирањето на ирачкиот долг (кој изнесува 80 милијарди долари, или 74 милијарди евра во однос на Франција), убедени дека оваа одлука (…) може да помогне повторно да се најде заеднички јазик со нашите стратешки партнери“. „Иако фактите во голема мера нѝ докажаа дека сме во право, внимававме да не тврдиме дека и навистина имаме право“. Сојузниците на САД знаат да бидат великодушни – кога Вашингтон го искажува својот бес.
Меѓутоа, во Франција, недвосмисленото непријателство изразено од Жак Ширак, водачот на она што тогаш се нарекуваше „мировниот блок“, кон инвазијата на Ирак, беше поздравено од неговите сограѓани. Според анкетата објавена од списанието Ле Фигаро на 28 април 2003 година, дури 84% од Французите (наспроти 14%) веруваат дека претседателот на Републиката бил „во право што се спротивставил на САД“. Како што Ширак подоцна ќе забележи, „од страната на елитите или претпоставените елити, се слушаат дисонантни гласови. Меѓу некои од нашите дипломати, пригушена, но забележлива загриженост има тенденција да се шири за ризиците од изолација на Франција. Од МЕДЕФ [Асоцијација на компаниите од Франција] и од одредени 40-тина сопственици на француски компании кои претежно тргуваат на пазарите вон ЕУ, добивам повеќе упорни пораки, во кои препорачуваат да покажам поголема флексибилност кон САД, а во спротивно – нашите компании ќе изгубат важни пазари. (…) Повеќето про-НАТО струи во рамките на парламентарното мнозинство, како и во опозицијата, не се изоставени.“[x]
Благодарение на откритијата на Викиликс и Џулијан Асанж, подоцна ќе дознаеме дека Франсоа Оланд и Пјер Московиси биле меѓу овие „про-НАТО членови на опозицијата“. Во 2006 година, тие дури и лично отидоа во американската амбасада во Париз за да го известат Вашингтон, дека доколку социјалист биде избран во Елисејската палата следната година, Буш повеќе нема да мора да се плаши од големи жестоки критики за неговата надворешна политика.
Напорите да ги измазнат работите со американскиот господар, па дури и да се брани неговата политика, исто така беа избор на француските медиуми, помалку дипломатски настроени кога агресорите не се команданти на НАТО. Така, во Франција, имаше ентузијастичко пренесување на обвиненијата на американскиот печат – против Елисејската палата. Така, непосредно пред американскиот неделник ЈУЕС њус енд ворлд рипорт да напише: „Во Европа, кукавичлукот и смирувањето на Хитлер во 1930-тите личат на лошите претстави на Франција и Германија денес. (…) Во двата случаи, Франција имаше слаб лидер кој беше нечувствителен на растечката опасност што доаѓа од странство и на антисемитизмот што јакнеше во Франција“,[xi] Паскал Брукнер ја изведе истата аналогија. Напаѓајќи го Ле Монд дипломатик, виновен за насловот „Империјата против Ирак“, тој пишува: „Ако поморскиот десант во јуни 1944 година се случи денес, можеме да се обложиме дека чичко Адолф ќе ужива во симпатиите на безброј хуманисти и радикали од екстремната левица, а со образложение дека чичко Сем ќе се обиде да го уништи“.[xii]
Но про-американскиот блок тогаш отиде многу подалеку од триото на егзалтираните Брукнер, Ромен Гупил и Андре Глуксман, на кои беа додадени и Доминик Моиси, Жан-Франсоа Ревел, Бернар Кушнер, Стефан Куртоа, Жерар Грунберг и Франсоаз Том. Директорот на Л’Експрес, Денис Жамбар, промрмори дека „исполнет со удобност, западниот свет повеќе не сака да направи ни најмал ризик. Ниту оној за борбата за одбрана на неговите идеали“ (6 март 2003 година), додека Клод Имбер, уредникот и основач на Ле Поен, верува дека ја открил вистинската причина за непријателскиот став на Ширак кон оваа американска војна: „Ние имаме, во Франција, исламска имиграција која треба да ја поштедиме. И арапска политика (…) секогаш „светата крава“ во Кеј д’Орсеј,“ (21 март 2003). Имбер признава дека Америка „направила предвидливи грешки во извршувањето на својот одговор“, но потсетува дека „под нејзиното крило се заштитени нашите слободи и нашата приватна сопственост“ (4 април 2003).
Идејата дека Франција мора да му помогне на Вашингтон да го нормализира своето присуство во Ирак, ќе ја прифатат француските медиуми како Либерасион (Серж Жули), Ле Нувел Обсерватор (Лоран Жофрин), Франс Интер (Бернард Гета) и многу други. Според проценките на Бернар-Анри Леви, било неопходно „да се спасат војниците на Буш и Блер од оваа катастрофа“ за да се борат против „подемот на меѓународниот тероризам“. Да се бориме против „антиамериканизмот што го подгреа Доминик де Вилпен“ (Кушнер), со „пробудениот антисемитизам што сега се манифестира отворено“ (Серж Жули). На 4 април 2003 година, Гета децидно пресудува: „Нема потреба да се двоумите. Се разбира, и секој член на Демократската партија сака САД да победат.“ Неговиот пријател Џофрин не се спротивставува: „Би било подобро ако Буш успее“.
Во Франција како и во САД, повеќето јастреби од војната во Ирак продолжија со брилијантни кариери и поддржуваа други војни. Буш дури стана и миленик на демократите – откако јавно застана против Доналд Трамп. Сепак, понекогаш прави и нови грешки. Како и минатиот мај, кога поранешниот претседател го критикуваше, пред да се опорави малку бавно, Владимир Путин и неговата „брутална и целосно неоправдана инвазија на Ирак“.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] Цитирано од Phyllis Bennis, “The UN, the US and Iraq”, The Nation, New York, 11.11.2002.
[ii] Интервју за NBC, 19.2.1998.
[iii] “How France, Germany United to Undermine U.S. Designs on Iraq”, The Wall Street Journal, 26.3.2003.
[iv] Инаугуративен говор, 20.1.2005.
[v] Кондолиза Рајс во тоа време беше советник за национална безбедност на претседателот Буш.
[vi] Maurice Gourdault-Montagne, Les autres ne pense pas comme nous, Bouquins Editions, Париз, 2022.
[vii] Jacques Chirac, Le temps présidentielle, Mémoires, Nile, 2011.
[viii] Gérard Araud, Passeport diplomatique. Quarante ans au Quai d’Orsay, Grasset, Париз, 2019.
[ix] Види: Ibrahim Warde, « Irak, l’Eldorado perdu », Le Monde diplomatique, IV/2004.
[x] Jacques Chirac, op.cit.
[xi] John Leo, U.S. News and World Report, 17.3.2003.
[xii] Le Monde, Париз, 4.2.2003.