Le Monde Diplomatique – Македонско издание

И на крајот, дали капиталот е тој што победува?

Сите ја сакаат дистрибуцијата. Дури и Емануел Макрон. Систем во кој „оној што работи плаќа за оној што е во пензија“, објасни претседателот на Републиката во 2019 година во гратчето Родез, „е нашата сила“. Премиерката Елизабет Борн изјави дека се бори да го спречи неговото исчезнување „во корист на финансирано пензионирање, кое го отелотворува владеењето на секој човек за себе“.[1] Само неколку фанатици сè уште се осмелуваат да тврдат дека секој вработен треба да го финансира поголемиот дел од своето пензионирање преку заштеди и приходи од своите инвестиции. Тука, на пример, се мисли на Давид Лиснар, од партијата Републиканците (ЛР) градоначалник на Кан, каде што живеат 34% од пензионерите според Националниот институт за статистика и економски студии (ИНСЕЕ), и еден од најскапите градови во светот. Или на извесен  Филип Жувен, пратеник од истата десничарска партија (ЛР) од округот О-де-Сен, кој, само во 2021 година, испумпа рекордни 209.455 евра нето приход од акумулацијата на неговите мандати и неговата паралелна активност како лекар.[2] Или, на неколку приватни аналитички центри, кои цврсто стојат на земјата – Фондацијата за истражување на администрацијата и јавната политика (ИФРАП) на Агнес Вердие-Молиније, потоа институтите Молинари и Сапиенс – како и нивните релеи и папагалски гласноговорници, дневниот весник Л‘Опинион, и извесната Доминик Со на каналот Франс Интер или во списанието Лез Ешо.

Со исклучок на овие неколку гласови, дистрибуцијата има малку непријатели. А сепак, како што неодамна забележа и еден Ле Монд, „таа постепено попушта“.[3] Додека во 2011 година, 9,7 милиони луѓе плаќале лични придонеси за избран план финансиран од компанијата или индивидуални производи за пензиско штедење, 10 години подоцна  веќе имало дури 15,3 милиони. Во текот на деценијата, вкупниот износ на уплати собрани од страна на овие различни шеми е речиси двојно зголемен, сега изнесува – речиси фантастични 20 милијарди евра годишно. Затоа, ако бенефициите обезбедени во 2021 година одговараат само на 2,3% од сите оние што се исплатени за пензионирање, овој процент, кој постојано се зголемува, се очекува да се зголеми на среден рок. Покрај тоа, осигурениците го антиципираат и ова: во текот на последните десет години, износот на нивните издвојувања за дополнителни пензии – односно резервите формирани за да гарантираат исплата на идните пензионерски бенефиции – се зголеми за повеќе од 70 отсто – и надмина дури 250 милијарди евра. Тоа досега ги надминува резервите наметнати со закон според задолжителните дополнителни шеми за пензиско осигурување (особено т.н. Ажирк-Арко) – односно нешто помалку од 150 милијарди.[4]

Како можеме да објасниме еден ваков важен развој за население – кое и не побарало ништо? Како овој проект напредна толку многу за една деценија, кога ниту реформата на пензиското и старосното осигурување на Никола Саркози во 2010 година, ниту онаа на Франсоа Оланд во 2013 година – не предвидуваа проширување на областа на финансирањето на пензиите во Франција?

Во 1980-тите, кога се појави стравот од нерамнотежа помеѓу активните и пензионерите, започна дебата за употребата на т.н. капитализација „со поддршка на финансиските институции и особено осигурителниот сектор, кој го сметаше ова како одлична можност за нов пазар“, како што ќе објасни извесен Мишел Ларок, поранешен висок функционер во Министерството за социјални работи на Франција.[5]  Падот на берзата во 1987 година – на 19 октомври на Њујоршката берза, индексот Дау Џонс изгуби дури 22,6% – привремено го смири реформистички ентузијазам во овој сектор. Но, во текот на следните неколку години, извештаите на Светска банка или законите на Европската унија ја дисеминираа и легитимизираа визијата за пензионирање во три столба – дистрибуција, капитализација и индивидуални заштеди. Овие меѓународни организации на тој начин помагаат да се поттикне финансирање на пензиите каде што доминираат даноците или придонесите за социјално и пензиско осигурување.[6] Во 1991 година, во книгата L’Heure des Choix (Време на избор) (Odile Jacob, Paris), Оланд и неговиот социјалистички ортак, Пјер Московиси, беа во можност да ги претстават пензиските фондови како „сон кој е и капиталистички и социјалдемократски, нешто што го сочинува францускиот модел, каде што нашите компании премногу често комбинираат висока задолженост, доделена по многу високи каматни стапки и недоволен сопствен капитал, без никакво убедливо здружување на вработените во водењето на компанијата.“

Тоа е време на агресивната педагогија; тоа е и време на деполитизација кога царството на приватните експерти ги задушува принципите на донесување демократски одлуки и избори. Периодот, конечно, на медиумското лудило по странски модели чија претпоставена модерност ќе го направи социјалдемократскиот систем – веќе архаичен, како таков. Тука, претежно се мисли на холандскиот модел или оној на Обединетото Кралство на Тони Блер, каде пензиските фондови имаат на располагање стотици милијарди евра на ликвидни средства. Не случајно, публикациите следат една по друга како на индустриска лента – академски, институционални или публикации на работодавачи, како што е онаа на Франс пансион, здружение со кое претседава идниот социјален советник на Саркози, Рејмон Суби, и кое ги обединува деловните лидери – и промовира капитализација во нејзините различни форми. Додека во 1980 година извештајот на Комисијата за генерално планирање го осуди ова како „социјална регресија заснована на економски илузии“,[7] во 1999 година и самиот владин комесар Жан-Мишел Шарпен го поддржа во „Иднината на нашите пензии“, размислување спроведено на барање на премиерот Лионел Жоспен и врз основа на споредби со американските, канадските или британските пензиски модели: „Техниката на колективна капитализација“, резимира комесарот Шарпен, „може да обезбеди корисна поддршка за менаџментот во дистрибуцијата на средствата во францускиот пензиски систем“. Претходната година, во белешка за Советот за економска анализа (ЦАЕ), извесен Оливие Даван, поранешен инвестициски банкар во глобалната инвестициска и банкарска компанија Голдман Сакс, од своја страна, извлече аргумент од тековниот пораст на берзанските вредности за да ги критикува лошите перформанси на дистрибуцијата во рамките на пензискиот систем.[8]

Во пракса, сепак, и покрај оваа агресивна мобилизација на финансиските и политичките елити, каузата за капитализација на пензиските фондови во Франција – напредува релативно малку во пошироката јавност. Движењето против планот на Жипе од 1995 година ја истакна приврзаноста на француското население кон дистрибуцијата и социјалната сигурност… како и неговата решеност да ги брани истиве. Осигурителните компании стравуваат од конкуренција од пензиските фондови кои би заробиле значителен дел од заштедите, на штета на животното осигурување. Во текот на 1990-тите, тие ја убедија француската влада да го забави усвојувањето на европската директива за рамката за користење на овие средства, што ќе се случи дури во 2003 година. И ако, во јануари 2008 година, извештајот на комисијата за ослободување на растот – со која претседава Жак Атали и анимирана лично од Макрон – предлага автоматска припадност кон пензиските фондови, судбината на последните е запечатена неколку месеци подоцна од финансиската криза, што ја комплетира дискредитацијата на нивните француски промотори и моделите дадени како пример. Во последниот квартал од истата година, 925.000 постари Американци се очекува да се вратат на работа по колапсот на нивните пензиски системи. Дури 104.000 се постари од 75 години.[9]

Сепак, капитализацијата повторно се враќа на сцената. Каде што доминираше како што се појави. Денес, двапати повеќе Французи ја користат, отколку пред кризата во 2008 година. Во реалноста, нејзиното зголемување на моќта произлегува главно од комбинацијата со текот на времето на нерамнотежата во социјалните сметки, влошувањето на животниот стандард особено на пензионерите и воведувањето на дополнителни пензиски шеми. Накратко, една техника која се состои во деградирање на она што веќе функционира – за да се наметне како фатално она што никој не го сакаше. Прво, тука е намалувањето на „трошоците за работна сила“. Ослободувањата од придонесите за социјално осигурување или политиките за замрзнување на платите, особено во државната служба, ги сушат приходите на пензиските шеми. Агресивните говори на страв го одржуваат „митот за големата дупката во социјалното осигурување“[10] и ја оправдуваат социјалната регресија. Второ, има влошување на нивото на пензиите од првата контрареформа во 1993 година, а кое, пак, доведе до тоа тие да се пресметуваат врз основа на 25 години на најдобри плати, наместо 10, при што трендот значително се зголемува во последниот период. Конечно, постои и вознемиреност која расте. Загриженост за одржливоста на сегашниов пензиски систем, и загриженост за она што ќе се перципира на крајот од вашата кариера. И искушението да се свртиме кон различните финансиски производи со капитализација што ги создал законодавецот, пред да ги собере во еден финансиски производ во 2019 година, т.н. план за пензионирање преку штедење (ПЕР).

Во 2022 година, бројот на нови претплатници на овој план се зголеми за дури 30% во споредба со веќе одличната 2021 година. „Инвестициите не се единствениот начин да се искористи вознемиреноста на штедачите кога станува збор за пензионирањето“, забележува весникот Ле Фигаро на 3 февруари о.г. „Фондовите за инвестиции во недвижности (РЕИТ), кои инвестираат пари на своите клиенти во згради (канцеларии, продавници) и плаќаат редовен поврат, исто така, беа голем хит минатата година во Франција“. Некои од финансиските институции кои ги пласираат овие производи, воопшто, не се двоумат да ги искористат овие стравови. Во јули 2019 година, АКСА објавува оглас на интернет. „Финансискиот биланс на пензискиот систем сега е доведен во прашање“, стои во овој инфографик, а „планираниот пад на идните пензии“ треба да ве убеди во „атрактивноста на  заштедите за вашето пензионирање“. На 5 декември, додека владата на Борн го финализира својот реформски проект, на ред е големата француска компанија за осигурување Креди Агрикол Асуранс да го објави, во соопштение за печатот, отворањето на својот дополнителен професионален пензиски фонд, „во време кога се чини дека подготовката за пензионирање е голема грижа за многу Французи“. Па, така, на 16 јануари 2023 година, во објава за веб-сајтот Boursorama, извесен Филип Тренар, главен референт за ризик на компанијата за реосигурување СКОР ја драматизира ситуацијата на сегашниот пензиски систем (“масовен дефицит”) и она што би било во прашање: „За Французите кои не се ниту државни службеници ниту ги исполнуваат условите за минимална старосна пензија, тоа е дури и повеќе императив денес отколку вчера, да се изгради заштеда за пензионирање, која им овозможува да се изедначи нивниот животен стандард за време на животниот циклус“.

Во компаниските реклами, осигурениците исто така го истакнуваат значајното даночно ослободување дозволено со претплата на ПЕР. Го пренесуваат говорот на професијата на Бруно Ле Мер, министер за економија, кој на 25 октомври 2019 година се пофали дека понудил „значителна“ предност. Отсега, од вашите приходи од активности може да се одбијат така инвестираните средства до 10% од нив, до лимит од 32.419 евра. Но, и тоа не е доволно за лобито. Во своите „предлози за претседателските избори“ објавени на почетокот на минатата година, француските осигурителни компании енергично повикуваат овој стимул да се удвои.

Во зимата 2019-2020 година, многу голем број Французи се мобилизираа против таканаречениот „системски“ реформски проект, кој би отворил перспективи за пензиските фондови. Населението никогаш не гласало за овој бум на капитализација, ниту за демонтирање на државните пошти, на државните универзитети, ниту на малите и средните железнички линии. Во сите овие случаи, влошувањето на квалитетот на извршената услуга или услуги, ги принуди корисниците да прибегнат кон алтернативни услуги: дигитални услуги, споделување на автомобили, но и приватно високо образование. Или масовно штедење во приватни пензиски столбови. Понуди на кои се навикнувате или кои барем ги прифаќате без да се жалите. Иако, во октомври 2023 година, Банката на Англија сепак мораше да откупи десетици милијарди фунти државни записи – само за да ги спаси, од шпекулативниот берзански дебакл, британските фондови што управуваат со пензиите на 30 милиони Британци. Дури и по цена – сегашниот пензиски систем, да биде дополнително ослабен.

Побогатите домаќинства веројатно некако ќе се снајдат со тоа; на другите ќе им биде многу потешко. Според ИНСЕЕ, во Франција, приходите на најбогатите 20% – се четири пати повисоки од оние на најсиромашните 20%. Но, затоа, стапката на заштеди – е дури десет пати повисока. Затоа, оваа способност да се остават пари настрана – расте многу побрзо отколку способноста да се заработат. А за најскромните, секој месец, речиси ништо и не останува. Не секој ја сака капитализацијата.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[1] Интервју со Le Journal du dimanche, Париз, 05.02.2023.

[2] Декларација за интереси и активности поднесена до Високиот орган за транспарентност на јавниот живот (ХАТВП) на 28.07.20222 година.

[3] Aurélie Blondel, « Retraites : la capitalisation s’installe à bas bruit chez les Français » et « Le PER, un ‘‘bulldozer’’ de la défiscalisation », Le Monde, 16.02.2023.

[4] Поставено на 07.02.2023, drees.solidarites-sante.gouv.fr

[5] Michel Laroque, « L’adaptation de la politique d’assurance vieillesse au vieillissement », Vie sociale, Paris, vol. 15, no. 3, 2016.

[6] Gaël Coron, « L’inscription des retraites dans la politique de l’Union européenne », in Nicolas Castel et Bernard Friot (dir.), Retraites : généraliser le droit au salaire, éditions du Croquant, Vulaines-sur-Seine, 2022.

[7] « Vieillir demain », rapport du groupe Prospective personnes âgées pour le VIIIe Plan, La Documentation française, Paris, 1980.

[8] Avec Jean-Hervé Lorenzi et François Morin, « Retraites et épargne », CAE, Paris, 08.07.1998.

[9] Laurent Carroué, « La crise économique et financière états-unienne : enjeux géographiques et géopolitiques », Hérodote, vol. 132, no. 1, 2009.

[10] Julien Duval, Le Mythe du « trou de la Sécu », Raisons d’agir, Paris, 2008.


Од Григориј Рзепски


Фото: Pexels

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW