понеделник, 14 Окт 2024 / 0:34:33
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Израел – идентитетскиот удар

Бенјамин Нетанјаху успеа. Повторно на власт од 29 декември (беше шеф на владата од март 2009 до јуни 2021 година), поддржан од мнозинството од 64 пратеници од 120, националисти, ултраортодоксни и месијански Евреи, тој сега може да го реализира својот голем проект: да се воспостави во Израел нов режим заснован на авторитарен, религиозен еврејски национализам, раскинувајќи со визијата за демократија која ја имаа основачите на ционизмот, Теодор Херцл, Владимир Зеев Јаботински и Дејвид Бен-Гурион.


Од Чарлс Ендерлин*
*Новинар.


Фото: haley-black/pexels

Бенјамин Нетанјаху успеа. Повторно на власт од 29 декември (беше шеф на владата од март 2009 до јуни 2021 година), поддржан од мнозинството од 64 пратеници од 120, националисти, ултраортодоксни и месијански Евреи, тој сега може да го реализира својот голем проект: да се воспостави во Израел нов режим заснован на авторитарен, религиозен еврејски национализам, раскинувајќи со визијата за демократија која ја имаа основачите на ционизмот, Теодор Херцл, Владимир Зеев Јаботински и Дејвид Бен-Гурион. Ако првиот чекор беше, во јули 2018 година, усвојувањето од страна на Кнесетот на законот со име „Израел, држава-нација на еврејскиот народ“, многу контроверзен текст бидејќи се смета за дискриминаторски кон Арапите и Друзите и другите малцинства,[i] сега станува збор за ограничување на правната држава, реформа на националното образование, усогласување на високите директори на безбедносниот систем, уништување на левицата, наметнување на еврејскиот ултра национализам како национален идентитет, унапредување на анексијата на Западниот брег и продолжување на неутрализацијата на палестинската власт.

Нетанјаху му ја довери задачата за трансформација на судскиот систем на Јарив Левин, адвокат и член на парламентот, кој од неговиот избор на листата на Ликуд во 2009 година, го водеше нападот против судиите. Уште на 4 јануари, тукушто назначен министер за правда, тој го претстави својот план за „радикален ремонт“ врз основа на принципот дека „народот“ му дава легитимитет на избраното мнозинство да владее самостојно, без мешање на судиите – кои не доаѓаат од гласачката кутија. Таканаречената „клаузула за заобиколување“ ќе им овозможи на 61 пратеник да ја поништат секоја пресуда на Врховниот суд на Израел дека некој закон е неуставен. „Закон што ќе го усвои Кнесетот – повеќе не може да биде поништен од еден судија“, изјавува Левин. Покрај тоа, телото за назначување членови на Врховниот суд треба да биде исклучиво под контрола на владејачкото мнозинство во Кнесетот. Планирани се и други мерки, како што е повторното пишување на одредени членови од кривичниот законик, кои треба да го намалат бројот на обвиненијата за корупција во рамките на политичката и владејачка класа. Теоретски, Нетанјаху може да се најде во позиција каде што ќе назначи судии кои ќе ја разгледаат неговата жалба ако тековното судење за измама, злоупотреба на службената должност и за корупција против него – доведе и до осудителна пресуда.

Естер Хајот, претседателот на Врховниот суд на Државата Израел, беше во право. Излегувајќи јавно од неговата резервираност за прв пат, највисокиот судија во земјата остро го осуди проектот на Левин: „Ова е тотален напад против судскиот систем како да е непријател кој треба да биде нападнат и совладан. Оваа реформа е смртен удар за демократијата“. Министерот за правда одговори обвинувајќи го за припадност „на партијата која не се кандидираше на изборите, што е над Кнесетот и одлуките на самиот народ. Неговата реторика е онаа на црните знамиња развеани за време на демонстрациите. Неговиот апел има за цел да ја запали улицата во Израел“.

Говорејќи за израелските главни телевизиски вести, 86-годишниот Ахарон Барак, кој беше претседател на Врховниот суд од 1995 до 2006 година, издаде формално предупредување:[ii] Оваа реформа воспоставува тиранија од мнозинството и претставува опасност за демократијата што е лишена од сите содржини. Ако се спроведе, ќе има само една власт во земјата, онаа на премиерот!“ Парафразирајќи ја познатата фраза на пасторот Мартин Нимелер за кукавичлукот на интелектуалците за време на подемот на нацизмот во Германија, врховниот судија во пензија Барак ги советува Израелците да не се најдат во позиција на некој кој одговорил: „Не ми е гајле, не сум комунист!“ Кога му рекле: „Тие ги убиваат комунистите!“. Новинар од ТВ Канал 12 го прашал: „Што ѝ предлагаш на јавноста?“ Одговор: „Ако не постигнеме договор, ќе мораме да водиме борба, во рамките на законот, се разбира, но ако мораме повторно да демонстрираме во Балфур… па, всушност и има демонстрации во Балфур! Ние немаме друга држава.“ Официјалната резиденција на премиерот на Израел се наоѓа токму на улицата Балфур во Ерусалим.

Слабеењето на Врховниот суд, единствената институција на која Палестинците би можеле да се обратат во одбрана на своите права – сепак, ќе овозможи да се урнат преостанатите судски пречки за развојот на колонизацијата. Дваесет и четири часа пред инаугурацијата, Нетанјаху на Твитер ќе напише: „Еврејскиот народ има ексклузивно и неотуѓиво право на земјата Израел. Мојата влада ќе го прошири населувањето насекаде, вклучувајќи ги и Јудеја и Самарија.[iii] Во април 2020 година, кога беше формиран тогашниот кабинет на Нетанјаху-Ганц, во истиот текст не се појави зборот „ексклузивно“. Ова е пораката испратена до сите оние на меѓународната сцена, од Џозеф Бајден до Емануел Макрон, кои продолжуваат да евоцираат заеднички „вредности“ со Израел, повторувајќи ја потребата за решение – но, со две држави.[iv] За да ја одбележи оваа пригода, Нетанјаху ги понуди клучевите од Западниот брег и внатрешната безбедност на листата „Религиозен ционизам“, сојуз на кој тој е кум и кој ги обединува трите најрадикални партии на еврејските доселеници. Безалел Смотрич, од населбата Кедумим кај Наблус, на тој начин го добива многу важниот ресор за финансии, но и функцијата помошник-министер за одбрана каде треба да назначи команданти на две воени единици: Цивилната управа во Јудеја и Самарија и Координацијата на владините активности на териториите (КОГАТ). Овие две структури управуваат со врската со палестинската власт, контролираат сè во и надвор од палестинските територии и управуваат со цивилното население. Генералите се многу против воведувањето на екстремно десничарски политички елементи во синџирот на командување. Всушност, според професорот по право Мордехај Кремницер, Палестинците преминуваат од воена окупација кон нов режим поставен од доселениците, што неизбежно ќе доведе до осуда на Израел од страна на Меѓународниот суд во Хаг.

Смотрих, исто така, има задача да ја зајакне забраната за нова палестинска градба во областа Ц – 60% од Западниот брег целосно под израелска контрола – и да обезбеди легализација на стотици еврејски населби изградени без никаква дозвола на израелската влада. Тие треба да бидат поврзани со националната инфраструктура, електричната енергија, водата и комуникациите. Новиот министер ја смета палестинската власт предводена од Махмуд Абас за „терористички ентитет“ на кој нема намера да пружи каква било помош.

Од своја страна, Итамар Бен-Гвир, жител на населбата Киријат Арба во Хеброн, пратеник, лидер на расистичката партија – инспирирана од екстремистичките тези на рабинот Меир Кахане –Еврејска моќ“, ги оствари своите најлуди соништа:[v] тој сега е министер за национална безбедност, на чело на Националната полиција, која, само една година порано, сè уште го сметаше за опасен расистички агитатор (армијата, од своја страна, одби да го вклучи, сметајќи го за премногу голем екстремист). Есента, тој беше снимен во една населба во источен Ерусалим со пиштол во раката – како им се заканува на Палестинците. По совет на неговиот „ментор“ – Нетанјаху, со кого редовно се среќаваше за време на изборната кампања – овој Бен-Гвир сè уште глуми кадифена канџа, најавувајќи нова умереност, забранувајќи им на своите активисти да извикуваат „Смрт за Арапите“, а наместо тоа да скандираат: „Смрт за терористите“. Тесно поврзан со т.н. Институт за храмови, установа која обединува музеј и институција која се залага за изградба на еврејскиот Трет храм во Ерусалим, тој активно водеше кампања, пред неговото назначување за владин министер, за укинување на забраната за Евреите да се молат на еспланадата на Ал-Акса Џамијата, третото свето место на исламот. Место кое Евреите го нарекуваат Планината на храмот, првото свето место на јудаизмот. Дали новиот министер за национална безбедност ќе одолее на искушението да се прекине статус-кво состојбата, која тој треба и да ја почитува? Рабините на чело на Институт за храмови, беа првите кои му честитаа ноќта на неговата изборна победа.

Како дел од своите должности, Бен-Гвир ќе може да ја утврди целокупната стратегија на спроведување на законот, но без да интервенира во оперативните одлуки. Тој треба да има поголема слобода со корпусот од 8.000 граничари за кои добил одговорност и може да одлучи да ги распореди во областа Ерусалим и во пустината Негев, каде се соочува со локалното бедуинско население. Четите од оваа безбедносна единица веќе се интегрираат во распоредувањето на армијата на Западниот брег.

За премиерот, волјата за наметнување на еврејскиот национализам – поминува преку контролата на младите.[vi] Така, тој одлучи да го предаде јавното верско образование (365.000 ученици во 4.300 училишта), кое досега беше аполитично, во рацете на Безалел Смотрич, лидер на верската ционистичка партија, редовно маркиран за неговите непријателски изјави против левицата, Палестинците и сексуалните малцинства. Ави Маоз, од екстремно десничарската партија Ноам, стана заменик-министер. Хомофобичен, женомразец и противник на воениот рок на жените, тој го добива местото на директор на новата агенција за „Промоција на еврејскиот национален идентитет“ во директна врска со премиерот. Од своја страна, Ариех Дери, претседател на партијата Сефардски шас, и историски сојузник на Нетанјаху, акумулира две од шесте министерства доделени на неговата партија: внатрешни работи и здравство. Проблем е, што станува збор за осудено лице, осуден на три години затвор во 2000 година, за кривични дела на корупција. Нему му се заканува сега, и нова, условна казна од една година затвор за даночно затајување. Доколку Врховниот суд му забрани пристап до функцијата во владата, тогаш премиерот би можел и да одлучи да го забрза „ремонтот“ на правосудниот систем. Конечно, извесна Орит Строук, од населбата Аврам Авину во Хеброн, исто така е задолжена за досието за еврејскиот идентитет. Именувана за министер за „национални мисии“, таа го добила Секторот за еврејска култура и Директоратот за предвоени колеџи и академии, и двете од Министерството за образование на Израел. Според тоа, 823.000 ученици од секуларното образование, кои сè уште зависат од делумно осакатеното Министерство за образование, ќе бидат обврзани да посетуваат засилени часови по Талмуд според законот што го бараат ултраортодоксните кои не се заборавени, напротив.

Договорот постигнат со премиерот предвидува усвојување на текстови кои ја сведуваат дефиницијата на јудаизмот на ригиден верски закон. Законот за повратници треба да се измени, за да се забранат имигрантите кои главниот рабин на Израел ги смета – за недоволно еврејски. Конверзиите од страна на либерални, реформирани или конзервативни рабини во Израел или во странство – повеќе нема да бидат признаени како такви. Овие отстапки за верските заедници се придружени со важни буџетски мерки.

Ал Хамајан, мрежата на приватни училишта во Шас, има за 20 проценти повеќе јавно финансирање по ученик од секуларните ученици. Ашкеназимите од јудаизмот Тора добиваат две портфолија во новата влада, вклучувајќи го и министерството за домување. Според Авигдор Либерман, претходниот министер за финансии, сите барања на еврејските ултраортодоксни партии за различни видови финансирање – ќе изнесуваат дури 5 милијарди евра годишно, што дополнително ќе ја зголеми нееднаквоста помеѓу секуларните и ултраортодоксните.[vii] Последниве се ослободени од воениот рок и многу малку придонесуваат за економијата на земјата. Според Централниот завод за статистика на Државата Израел, секуларните даночни обврзници плаќаат девет пати повеќе директни даноци од своите ултраортодоксни сограѓани.[viii] Стипендиите доделени на ученици од талмудските верски училишта штотуку беа двојно зголемени и ги надминаа платите на младите војници во армијата.

Дали Нетанјаху ќе успее да ги промени институциите во својата земја? Убеден дека дојде времето за дефинитивна трансформација, тој нема намера да попушти пред поддржувачите на правната држава во Израел кои успеаја да соберат повеќе од 100.000 Израелци, Евреи и Арапи, на првите демонстрации во Тел Авив и Ерусалим на 14 јануари о.г. Следниот ден, на свеченото отворање на седницата на Министерскиот совет, премиерот потсети дека во неговите очи се брои само мнозинството – кое му го дадоа гласачите на парламентарните избори на 1 ноември.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[i] « Israël devient une “ethnocratie” », Le Monde diplomatique, IX/2018.

[ii] « Ex-chief justice Barak : government’s judicial reform plan ‘‘will strangle democracy’’ », The Times of Israel, 06.01.2023, www.timesofisrael.com

[iii] Така Израелците го нарекуваат Западниот брег.

[iv] Dominique Vidal, « Cisjordanie, de la colonisation à l’annexion », Le Monde diplomatique, II/2017.

[v] Меир Кахане (1932-1990) се залагал за протерување на сите Палестинци од окупираните територии, заедно со арапските државјани на Израел. Неговата партија Ках била прогласена за расистичка и потоа забранета во Израел.

[vi] « En Israël, l’essor de l’ultranationalisme religieux », Le Monde diplomatique, IX/2022.

[vii] Nati Tucker, « Ultra-orthodox demands will cost Israel 20 billion shekels each year, finance minister says», Haaretz, Tel-Aviv, 27.12.2022.

[viii] Sam Sokol, « Secular Israelis pay six times more in taxes than ultra-orthodox, government report shows », Haaretz, 26.12.2022.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW