Le Monde Diplomatique – Македонско издание

За лебот, но и за розите

Некои застапници на концептот на одрастот, како што е Трој Ветес, признаваат дека, навистина, таквото ригорозно „еко-штедење“ дури и за работничката класа во развиените земји ќе биде неопходно. Други, особено антропологот Џејсон Хикел, се спротивставуваат и велат дека одрастот не е политика на штедење или недостиг, туку една политика на изобилство

од Ли Филипс


Фото: Rob Curran / Unsplash

Делови од заедницата која се занимава со животната средина го прифатија заживувањето на филозофијата на „ограничениот раст“ или малтузијанизмот – идеологија против која левицата се бореше уште од времето на аргументите на Фридрих Енгелс против нејзиниот истоимен основач, Томас Малтус – овој пат под името „одраст“ („degrowth“), т.е. анти-раст, нераст или ограничување на самиот раст.

Наместо да го смета ирационалното производство поттикнато од пазарот како извор на еколошки предизвици, позицијата на одрастот смета дека изворот е самиот економски раст.

Аргументацијата за оваа неомалтузијанска теорија на одраст вели дека самиот раст ја зголемува побарувачката на енергија, со што се отежнува, а можеби дури е и невозможно да се декарбонизира економијата. Но, намалувањето на материјалното производство ќе ја намали побарувачката на енергија, со што ќе се направи чистата транзиција да биде поостварлива. И за да се намали материјалното производство, мора да се намали и агрегатната економска активност како таква.

Сепак, она што се исклучува со поимот за одраст е можноста за социјалистички раст: безгранично – ако внимателно се испланира – зголемување на создавањето на нова вредност што не ги поткопува екосистемските услуги од кои зависи човечкиот прогрес.

И бидејќи одрастот го отфрла поимот социјалистички економски раст, тој прави и три тешки грешки.

Како прво, одрастот не се занимава со вистинскиот извор на проблемот, со што се осудува цивилизацијата на опасни климатски промени и паралелни еколошки закани.

Како второ, одрастот несакајќи го одобрува она што би претставувало наметнување на строго штедење врз западната работничка класа далеку над сè што една Тачер би можела да си замисли, овој пат во името на планетата.

И, најлошо од сè, одрастот ќе донесе крај на самиот напредок – на стабилното ширење на слободата за целото човештво.

Можеме да ја забележиме првата голема грешка на концептот  на одраст, ако го свртиме вниманието кон минатите еколошки предизвици што всушност и сме ги надминале како такви.

Вреди да се запомни дека сме успеале да решиме неколку еколошки проблеми, од паѓањето на кисел дожд над Големите Езера во Америка до квалитетот на воздухот и водата во многу западни земји. Но, можеби најголемата еколошка победа досега е заздравување на озонската обвивка на нашата планета. Во осумдесеттите години од минатиот век, осиромашувањето на озонот во атмосферата, особено околу половите на нашата планета, беше верзија на егзистенцијалната еколошка криза на тој период. Исто така, не беше помалку заканувачко за човештвото на краток рок од климатските промени преку зголемување на ракот на кожата и нарушувањата поврзани со имунолошкиот дефицит, како и негативните влијанија врз копнените и  површински водни мрежи на храна и биохемиските циклуси и намалувањето на земјоделските приноси. Покрај тоа, причината ги вклучуваше и антропогените емисии: овој пат првенствено хлорофлуоројаглеродите (CFC), за кои популарно се сметаше, донекаде правилно, дека се користат во фрижидерите и аеросолните спрејови.

Од забраната со Протоколот од Монтреал од 1987 г. за супстанциите што го осиромашуваат озонот, вклучително и хлорофлуоројаглеродите, ваквите емисии опаднаа за 98% (но се нотира пораст на непријавените емисии од почетокот на оваа деценија од источна Азија, сугерирајќи дека сепак некој во тој регионот мами). Генерално, процесот на осиромашувањето на озонот е запрен во правата декада од овој век и се очекува целосно закрепнување до 2075 г.

Растев во 80-тите години од минатиот век, и си помнам дека тогаш ја молев мајка ми да престане да купува спреј за коса во конзерви. Но, таа не сакаше да го послуша мојот совет.

За среќа, мојот совет не го послушаа ниту креаторите на политиките. Наместо тоа, Монтреалскиот протокол регулаторно интервенираше на пазарот покрај и против поплаките и лобирањето на засегнатите индустрии.

Да го прифатевме одрастот во однос на осиромашувањето на озонот, обидувајќи се да го сопреме растот, да речеме, на бројот на фрижидерите во светот – па дури и да го намалиме нивниот вкупен број – наместо регулатива за спроведување на промена на технологија, ќе нè снајдеше катастрофа. Да се рече „толку многу фрижидери и не повеќе“ само ќе го сопреше растот на емисиите, а не сите емисиите сами по себе. (Од истата причина денес, не е доволно само да се задржат емисиите на стакленички гасови на едно стабилно ниво, туку да се елиминираат истите како такви.)

Едноставно, немаше да успее во никој случај, бидејќи со кое право развиените земји од Северот можат да им порачаат на земјите од глобалниот Југ дека не смеат да ја одржуваат својата храна свежа додека овие првите продолжуваат да го прават ова? (Навистина, може да се рече дека и социјалистичкиот аргумент не е постојан: Сè уште нема доволно фрижидери во светот.)

Денес има повеќе конзерви со спреј за коса и повеќе фрижидери од кога и да е. Последново, не само во земјите во развој, каде ладењето го подобрува квалитетот на животот преку проширување на опсегот на достапна храна, намалување на контаминацијата на храната и подобрување на исхраната како таква. Исто така, се намалува отпадот од храна, а со тоа и емисиите на стакленички гасови.

Постои апсолутно раздвојување на растот на технологиите што историски користеле супстанции кои го осиромашуваат озонот од една страна, од растот на осиромашувањето како таков од друга страна.

Оваа уникатна човечка способност да умее да го трансформира својот начин на постоење претставува клучот за разбирање зошто економистот и свештеникот Томас Малтус и неговите последователни епигони – од извештајот за Ограничувањата на растот направен од познатиот Римски Клуб во 1970-тите и бестселерот Популациската бомба на Пол Ерлих (кој дури и предвидуваше дека милијарди луѓе ќе умираат од глад до 80-тите години на минатиот век) до современите теоретичари и активисти на теоријата на одрастот – постојано се покажаа дека не се во право.

Просечното човечко суштество не троши ресурси со фиксна стапка, за разлика од просечниот примерок на другите видови. Ние не сме како бактериите кои се одгледуваат како култура во сад. Преку технолошка иновација и политички промени, можеме, ако избереме, да произведеме иста вредност со помалку ресурси, релативно и апсолутно. И кога ќе се спротивставиме на природните граници, исто така можеме да иновираме за да ги надминеме истите. Со други зборови, целата историја на нашиот вид во суштина е една приказна за надминување на природните граници. Единствените вистински непремостливи граници за она што можеме да го направиме како вид, се законите на физиката и логиката (еден ден може да има телепортирање, затоа што не ги крши законите на самата физика, но никогаш не може да има вечна машина за движење или за погон, затоа што самото тоа ги крши законите на физиката).

Застапниците за теоријата на одрастот веднаш реагираат кога ги опишуваме како неомалтусијци. Повеќето од нив доаѓаат до перспективата на одрастот од својот длабок ужас кон социјалната неправда, која, пак, произлегува од еколошките проблеми (иако исто така е точно дека доста од нив активно ги мразат луѓето како вид, опишувајќи нè како „вирус на планетата“). Свештеникот Малтус од своја страна се спротивставил на помагањето на сиромашните затоа што верувал дека единствената контрола на бројот на сиромашните во светот, со цел да се спречи пренаселеноста, е или морална воздржаност (демек, да не се претера или воопшто да се нема однос) или сиромаштијата како таква. Општо земено, застапниците на теоријата на одраст се жалат против нивните критичари дека никогаш не зборуваат за пренаселеност. Тие велат дека сакаат ограничување на економскиот раст, а не ограничување на бројот на луѓето на планетава.

Но, земјоделското производство според теориите на Малтус едноставно претставувало стандард за употреба на ресурси, и, според тоа, загриженоста за прекумерната популација е само вид на поширок концепт за ограничувања на растот како таков. Ова можеме да го видиме преку замислен експеримент за тоа што би се случило кога би се реализирала визијата за одраст, за ограничувања на растот, но без ограничувања на растот на населението.

Да претпоставиме дека сме идентификувале максимално производство на „нешто“ после кое постои еколошка пропаст. Глобалната економија сега произведува само толкава количина од тоа нешто и ништо повеќе. Ајде да претпоставиме и совршено еднаква дистрибуција на тоа нешто меѓу светската популација. Но, нема контрола или воздржаност во однос на растот на населението на планетава.

Што се случува следниот ден? Некои бебиња се раѓаат и сето „тоа нешто“ повторно се споделува подеднакво, но овој пат секој поединец мора да има помалку од „тоа нешто“ од претходниот ден затоа што количината на истото не расте, но бројот на луѓе расте како таков.

Значи, како што популацијата постојано се зголемува, количината на „тоа нешто“ што го има секој поединец ќе се намалува, на крајот на нула, освен ако, во одреден момент пред тоа, не се наметне ограничување на бројот на луѓе. Така што, без разлика дали зборуваме за премногу луѓе или за премногу од „тоа нешто“, сепак, во суштина, зборуваме за истата работа.

Некои застапници на концептот на одрастот, како што е Трој Ветес, признаваат дека, навистина, таквото ригорозно „еко-штедење“ дури и за работничката класа во развиените земји ќе биде неопходно. Други, особено антропологот Џејсон Хикел, се спротивставуваат и велат дека одрастот не е политика на штедење или недостиг, туку една политика на изобилство. Планирано намалување на материјалното производство во земјите со високи примања може да се случи додека животниот стандард се одржува или дури и се подобрува. Ова може да се постигне, тврди тој, со прераспределба на постојните приходи, скратување на работната недела, воведување гарантирано работно место и  гарантирана плата за пристоен живот и, клучно, со проширување на пристапот до јавни добра.

Повеќето од ова преставуваат одлични идеи, но во отсуство на економски раст, сепак резултираат во еднаквост на недостиг, а не на изобилство.

Но, да разгледаме што би значело тоа со приложените броеви. За среќа, поранешниот економист на Светска банка, Бранко Милановиќ, исто така еден од водечките светски експерти за нееднаквост, веќе ја завршил работата за нас.

Конкретно, ова би претставувало намалување до глобалниот среден приход за сите над таа средна вредност и покачување до таа средна вредност за сите под него. Глобалниот годишен среден приход во 2018 г. кога Милановиќ ја извршил пресметката на последниот примен плик на платата, бил 5500 УСД.

Скоро сите на Запад живеат над ова ниво, и суштински над него. Па, дозволете ми да го повторам ова за оние кои не разбираат добро: егалитарен свет без натамошен економски раст би значело приход за секого од 5500 УСД. Каков би бил твојот живот со овие 5500 долари?

Намалувањето на животниот стандард, обемот на намалување на платите, за работниците во земјите на Западот, би било далеку, многу подрастично од сето она што беше видено за време на неолибералната револуција во 80-тите години од минатиот век или во екот на неодамнешната криза во еврозоната. Да бидеме јасни, оваа проценка е, како што тврди и самиот економист Милановиќ, само за да ни даде едно грубо, приближно разбирање за тоа што би претставувала глобалната еднаквост денес без никаков дополнителен економски раст како таков. Но, треба да имаме такви приближни сфаќања, за да ја знаеме големината на она за што всушност и зборуваме.

Според Милановиќ, 27% од глобалното население што егзистира над средната вредност, ќе видат дека нивниот агрегатен приход е намален дури за две третини. Повеќето застапници на теоријата на одрастот не сугерираат дека ова намалување би се случило преку фискални трансфери од глобалниот север кон глобалниот југ. Наместо тоа, изедначувањето би се случило преку дозволување на глобалниот југ да го прошири своето производство, додека глобалниот север стабилно би правел контракција на сопственото производство. Така што, ова значи намалување на производството дури за две третини во развиените земји.

„Фабриките, возовите, аеродромите, училиштата би работеле една третина од нивното вообичаено време; електрична енергија, греење и топла вода би биле достапни 8 часа на ден; автомобилите може да се возат само во еден од три дена; би работеле само 13 часа седмично“, заклучува Милановиќ, „а сè со цел да се произведат само третина од стоките и услугите што Западот ги произведува сега“.

Застапниците на концептот на одрастот одговараат дека намалувањето на продуктивната активност на Западот нема да биде преку целиот систем, како во замислениот експеримент на Милановиќ. Наместо тоа, општествено корисното производство би продолжило како нормално, додека социјално непотребното производство би престанало како такво. Авторот Хикел наведува  примери на оние сектори што се „еколошки деструктивни и нудат малку социјална корист“, како што се: маркетинг, приватни луксузни палати за домување, џипови, говедско месо, пластика за еднократна употреба и фосилни горива.

Можеби. Сепак, дали навистина можеме да кажеме, дури и да признаеме дека производството на многу предмети е ирационално, дека цели две третини од производството на Запад е излишно, производство на ситници што навистина не ни требаат како такви?

Проблемот со фосилните горива, на пример, не е во тоа што не обезбедуваат социјална придобивка. Нивната енергетска густина и преносливост го ослободија човештвото од каприците на мајката природа, обезбедувајќи ги темелите на современиот свет. Тие претставуваат едно вистинско чудо. Примарниот еколошки предизвик што го поставуваат фосилните горива е дека непосредната социјална придобивка, колку и да е длабока, е надмината на долг рок со тоа како овие горива ја туркаат планетата надвор од оптималните планетарните услови на живот, што постојат во последните десетина милениуми или така нешто…

Како и да е, таквото нејасно размислување за тоа што се смета за социјално потребно, сепак не претставува наша главна грижа овде. Наместо тоа, евидентната поента е дека дури и ако се согласиме овие сектори да се социјално непотребни, комбинирани, очигледно не изнесуваат две третини од западното производство.

Што е со другите механизми, за кои авторот Хикел вели дека можат да ги одржат или дури и да ги подобрат животните стандарди додека глобалниот БДП не се шири, како што е скратување на работната недела и со тоа зголемување на слободното време и дарежливо проширување на социјалните услуги?

Додека сите социјалисти кои држат до себе треба да ги поддржуваат ваквите идеи за нивно добро, не е јасно дали тие би го компензирале некако падот на својот приходот на 5500 УСД или заради тоа би го намалило материјалното производство.

Како прво, многу слободно време не компензира да бидете крајно сиромашен. Навистина, уште сега може да ја направите таа трампа, ако сакате. Како и да е, сепак, никој не го прави ова, како што е фино објаснето со старата марксистичка шега: Во капиталистичкото општество, единственото нешто што е полошо од тоа да сте експлоатирани, е да не сте експлоатирани.

Како второ, идејата дека слободното време и социјалните услуги се помалку интензивни во однос на емисиите, доаѓаат од верувањето дека не вклучуваат „такви нешта“ и затоа нема „екстракција“ на суровини или енергија како такви.

Но, иако се помалку материјално интензивни од тешката индустрија, сепак може да се рече дека услугите и слободното време сè уште се „вградени во нештата“. Музичките инструменти се произведени од метал, дрво и пластика. Болниците се полни со опрема направена од скоро секој минерал што можете да го ископате од планетата Земја, вклучително и нафтата што се користи за производство на пластика. Опремата за планинарење, кајаци и велосипеди, на крајот на краиштата, сепак потекнува од длабоко под земја.

Иако е од витално значење да ги обновиме и прошириме јавните услуги, особено за справување со станбената криза која погодува голем дел од Западот, социјалната држава не е единственото што ни нуди богати животи. Тоа ни го нудат и патиките, лего коцките, вафлите, и секако, телевизорите со рамен екран и икс-боксовите. Не треба да заборавиме дека со современото верување на средната класа дека отсуството на потрошувачките добра – т.н. „едноставен живот“ – повеќе нè исполнува, не претставува првпат да се изнесува овој аргумент. Една од најпостојаните внатрешни критики на Советскиот Сојуз беше дека локалниот сив живот е резултат на недостаток на фармерки, плочи на Елвис, па дури и на ананаси.

Сакаме леб секако, но сакаме и рози.

 

Преведено од: Дарко Путилов

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW