За неколку часа, „Заспаниот Џо“ – прекарот што му го дадоа неговите противници на американскиот претседател – се претвори во „Терминатор“. Тој го мобилизираше авионот Ф-22 и неговите најсовремени ракети за да го собори кинескиот балон на 4 февруари, „голем колку три автобуси“, кој леташе на висина од околу дваесет километри. На 10-ти, тој наредил уште еден да експлодира веднаш над Алјаска; потоа трет, на 11-ти, летајќи над канадската територија и конечно четврти, на 12-ти, вертикално над езерото Хурон. Северноамериканското небо никогаш не доживеало таков масакр. Оттогаш, како задоволен шериф, Џо Бајден постојано го вади својот револвер од футролата, па го враќа назад. Машината за фантазија работи со полна брзина.
Три недели подоцна, сè уште не е јасно дали сите овие уреди биле под контрола на Кинезите или дури и дали носеле некакви инструменти за шпионирање. Иако Вашингтон призна дека некои балони не се кинески, многу Американци остануваат убедени дека „малите жолти луѓе“ имаат лоши планови против нивната голема земја на демократијата. Конгресмените од редовите на републиканците и демократите се согласуваат непријателот веднаш да биде соборен и уништен, а весниците и секако телевизиските канали во живо се граничат со хистерија. Магазинот „Форин полиси“ раскажува како конзервативните републикански политичари се присутни во сите медиуми тврдејќи дека познатата кинеска направа содржи опасно биолошко оружје за масовно уништување. Други се фотографирале себеси, со пиштоли вперени кон небесното тело, пред да ја објават својата историска слика на социјалните мрежи, споделена по желба.[1]
Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер изјави: „Нема индикации за вонземјани или нивна активност. Важно е да го кажеме тоа од овде, бидејќи слушаме многу за тоа“. Ова се случува на 13 февруари 2023 година во Вашингтон, главниот град на првата сила во светот!
Според американски официјални лица, неидентификувани летачки објекти (НЛО), но со кинески карактеристики, веќе летале над нивната територија. Од 2018 година, „цела флота од балони“[2] е пуштена на пет континенти, насочени кон повеќе од четириесет земји. Меѓу нив, Јапонија, Виетнам, Филипините, Индија. Толку многу влади кои Вашингтон сака да му се придружат во неговата индо-пацифичка крстоносна војна за разбивање на кинеската моќ.
За среќа, и Јапонија штотуку се сети дека во 2019 година го снимила прелетувањето на такви објекти над островот Окинава, вистински американски носач на авиони на јапонска територија. И Тајван исто така. Шкотска соопштува дека открила докази за кинеско шпионирање, од небо, на тамошните затвори.
Накратко, Кина сака да доминира со светот и нејзините „вонземјани“ се насекаде. Доказот: уште пред да биде откриено дека Кина може да лансира летала високо во стратосферата, таа почнала да ги контролира мозоците на младите Американци и сите оние на избезумени корисници за да „спроведат тајни операции на масовно влијание“.[3] Ова би била тајната цел на ТикТок, апликација за споделување видео дизајнирана од кинеската компанија БајтДенс и која ја користат повеќе од сто милиони луѓе преку Атлантикот. Половина од државите во САД веќе ја забранија во нивната администрација и ќе се подготвува закон за наметнување на целосната забрана, во име на националната безбедност. Како анегдота, кинеската влада, исто така, ја забранила на своја територија, принудувајќи го БајтДенс да дизајнира чисто кинеска верзија (Доујин). Накратко, поради стравот од комунистичка контаминација за едната и појава на либерални идеи за другата страна, ТикТок е исто толку непожелен во Вашингтон како и во Пекинг.
Дури и конгресменката во Претставничкиот дом од Лос Анџелес, Максин Вотерс, истакната фигура од афро-американско потекло на Демократска партија и една од ретките кои јавно се спротивставија на американската војна во Ирак во 2003 година, прави некои игри, за јавно да го покаже својот голем страв. „Диктаторскиот режим на кинеската комунистичка партија“ едноставно сака да го „замени демократското раководството на САД“,[4] изјави таа на состанокот на Комисијата за финансиски прашања на Претставничкиот дом на САД, посветен на „Кинеските економски закани“. Неколку минути претходно, републиканскиот конгресмен, кој сега претседава со оваа комисија, Патрик Мекхенри, уверуваше дека Пекинг претставува „најголема закана за местото на Америка во светот“. Консензусот е совршен.
Ова објаснува зошто Бајден одлучи да го претвори овој случај во голем дипломатски инцидент, и покрај „извинувањето“ на кинеската влада и итно разрешување на директорот на метеоролошката агенција, официјално одговорна за балонот. Дека овој апарат не е направен да ја проучува силата на ветровите, е очигледно. Во секој случај, проучувањето на воздушните струи и другите метеоролошки податоци може да послужи како за цивилни, така и за воени цели. Некои експерти одат толку далеку, што мислат дека Народноослободителната армија на Кина (НОА) можеби сакала да ја тестира американската одбрана во овој воздушен простор, кој не му припаѓа на никого – висок е помеѓу 20 и 80 (па дури и 100) километри – и тоа е теоретски, еден простор на слободно движење. Ова е местото каде што кинеското летало се наоѓаше, кога за прв пат беше откриено од американските воени радари. Хипотезата не е претерана.
Сепак, ваквиот проблем обично се решава со неколку револтирани изјави, пред дипломатијата да се врати на своето место. Таму, „целиот овој инцидент е наголемо надуван“,[5] вели експертот Ема Ешфорд, соработник во американскиот истражувачки центар „Стимсон“, а со тоа и малку осомничена за симпатија за кинеската страна. Бајден има намера да покаже дека е цврст против Кина, како и против Русија во Украина – порака наменета за неговите азиски сојузници, но и за внатрешна употреба, помалку од две години пред следните претседателски избори. Зошто да се лишиме од политичката придобивка од ова силно едногласие меѓу двете големи партии во САД? Дури и ако некои републиканци, исто толку водени од изборните грижи, се наддаваат до бесвест. „Бајден се обиде, не без тешкотии, да покаже цврст став во однос на Кина. Но, се чини дека тој брза да ја стави оваа епизода во кутијата за меморија во истиот плакар каде што ја сокри и својата огромна победа за време на повлекувањето од Авганистан“, се шегува уредникот на Волстрит џурнал (17 февруари 2023 година).
Сепак, она што доминира е консензусот за потребата од проширување на санкциите против Пекинг и организирање на неговата глобална технолошка изолација. Истава Ешфорд потсетува дека Кинезите не измислиле ама баш ништо: „Државите постојано се шпионираат меѓусебно. Американците користат секакви технологии за да соберат разузнавачки информации за Кина и другите држави: сателити, прислушување, компјутерски упади, па дури и стари добри човечки извори“. Додека не се докаже спротивното, не биле големите кинески уши кои ги шпионирале германските, француските и другите сојузнички лидери, туку американските тајни служби.
За францускиот дневен весник Ле Монд, не може да се направи амалгам. Незадоволен да ја преземе истрагата на американските власти, без најмала критика, написот од 10 февруари посветен на случајот завршува со ова парче антологија што треба да биде претставено во сите школи за новинарство: „Пентагон одби да ја спореди кинеската програма со сопствените експерименти. (…) НАСА соопшти дека нејзините балони, кои можат да бидат со димензии повеќе од 20 пати од проценетата големина на кинеското летало, вршат истражувања само за цивилни цели“. Ако НАСА вели така…
Во Франција, малкумина, како Жан-Франсоа ди Мељо, директор на истражувачкиот институт „Азиски центар“, се осмелуваат јавно да кажат дека „овој случај е надуван од САД“. Ниту еден официјален глас не се осмели да го доведе во прашање американскиот наратив, поставен како збор на Евангелието. Дваесет години по говорот на министерот за надворешни работи Доминик де Вилпен во Обединетите нации, во кој се осуди тврдоглавоста на Белата куќа во поттикнувањето на инвазијата на Ирак, Франција падна на американската линија. Париз си дозволува да биде вовлечен во политика на дипломатски лизгања и технолошка блокада наметната од Вашингтон.
Без разлика дали се работи за американските сојузници кои понекогаш не сакаат да го следат големиот лидер или за своите гласачи – за Бајден, кинескиот балон претставува права работа.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] James Palmer, « China’s surveillance balloon is not a test of will », Foreign Policy, Washington D.C., 08.02.2023.
[2] Ellen Nakashima, Shane Harris, John Hudson et Dan Lamothe, « Chinese balloon part of vast aerial surveillance program, U.S. says », The Washington Post, 07.02.2023.
[3] Sapna Maheshwari, Cecilia Kang et David McCabe, « Bans on TikTok gain momentum in Washington and states », The NewYork Times, 20.12.2022.
[4] Eric Bazail-Eimil, Andrew Ackerman et Nancy A. Youssef, « Republicans Home In on China Policy Following Balloon Shootdown », The Wall Street Journal, 07.03.2023.
[5] Emma Ashford et Matthew Kroenig, « Is the U.S. Reaction to China’s Spy Balloon Overdue or Overblown ? », Foreign Policy, 10.02.2023.