Утрото на 24 јуни 2016 година, светот открива дека на прашањето: „Дали Велика Британија треба да остане членка на Европската унија или да ја напушти?“, 51,9% од гласачите одговориле „leave“ („да ја напушти“). За повеќето, овој резултат претставуваше изненадување: за моќниот Сити, разгален од сите сили во Лондон, се чинеше едногласно во корист на „Remain“ („да остане“). Што се случило? Зарем најмоќниот финансиски работодавец во Европа немаше доволно средства за да го слушне својот глас, на прашањето што сепак влијаеше за неговата иднина?
Видлива и гласна, кампањата водена од Сити во корист на „Remain“, сепак криеше друга, подискретна, но сепак масовна кампања. За ова, откриваме трага во податоците објавени од британската изборна комисија, која што води до три набљудувања. Најпрво, финансискиот сектор посвети скоро две третини од своите инвестиции во референдумот за поддршка на „Leave“, додека пак таму од своја страна, индустриските сектори вложија значително помалку од половина од својот капитал. Потоа, 57% од приходите за капањата „Leave“ беа од финансиски сектор, према само 36% за оние кои беа во корист на „Remain“ – што сугерира дека повеќе „финансиски“ од двете кампањи не било она за кое се верувало. Конечно, две групи на финансиски играчи усвоија различни ставови.
Од една страна, претставниците на „првата финансизација“ – банки, осигурителни компании, консултантски компании, компании за комуникација и финансиски информации, брокерства, девизи, институционални инвестиции (вклучувајќи ги и пензиските фондови) -, чиј метод на акумулација се карактеризира со јавна понуда, која е инвестирана за краток период во акции стекнати од страна на берзите. Овој начин на збогатување не подразбира преземање контрола над компаниите од страна на финансиските сопственици на хартија од вредност : последниве главно имаат метод на пасивно управување и ја делегираат контролата врз компаниите и менаџерите.
Од друга страна се членовите на „втората финансизација“: сектори на активно алтернативно управување, приватен капитал и хеџ фондови. Овие вклучуваат приватни пласирања што ги вложуваат за просечен период во непазарни средства, врз кои тие ја преземаат контролата. Нивниот метод на управување е алтернативен, во смисла каде е релативно избришан од финансиските пазари, или дека нивните инвестиции не се наоѓаат таму, или дека одговараат само на многу различни сектори на берзите. Податоците за прибирање средства од двете кампањи покажуваат јасна слика: оние во корист на „Remain“ беа во голема мерка финансирани од актерите на првата финансизација, а оние во корист на „Leave“ од оние на втората ( до 94% од вкупниот број).
Иако европската регулатива честопати од критичките истражувачи е опишана како форма на уставување на неолиберализмот, како компанија за конфискација на суверенитетот на народите во корист на финансиски интереси, односно многу добра оперативна институција за европските финансиски сектори, таа сè уште не е доволно прилагодена во очите на актерите на втората финансизација. Со напуштање на Унијата, тие се надеваат дека ќе најдат слобода за да инвестираат како што сами сметаат дека е соодветно, ослободени од надзорот во Брисел, кој е сметан за премногу ограничувачки.
Економистот Савас Савури од фондот за управување на средства Toscafund, на 14 мај 2016 година, за „Ле Монд“ (Le Monde) изјави дека „ му е доста од реториката против Брегзит“ што преовладуваше во кампањата за референдумот. „Сите овие закани ми одѕвонуваат во уши, изјави тој. Ние имаме вложено половина милијарда фунти во недвижнини и во британски компании. Ако бевме загрижени за економските последици со излегувањето на Велика Британија, ќе кажевме. Напротив, тоа би претставувала златна можност за раст на земјата.“ Од негова гледна точка, најголемиот долгорочен финансиски ризик не е да се напушти Унијата, туку да се заглави внатре во неа. Г. Роџер Ботл, основач на Капитал Економикс (Capital Economics), независна макроекономска советодавна компанија и неделен колумнист за „Дејли Телеграф“ (Daily Telegraph), ја споделува оваа анализа : „Напуштањето на Унијата ќе значи отворање кон светот. Погледнете ги катастрофалните економски резултати на Европа во изминатите две децении во споредба со нас, САД или остатокот од светот.“ Г. Ботл е дел од групата на независни економисти, Economists for Free Trade (со поранешно име Economists for Brexit), која ги критикува трошоците и наметнатите ограничувања од Брисел. Оваа група смета дека Брегзит е услов за понатамошна финансиска дерегулација во Велика Британија.
Тоа го прикажува и проектот на финансиери про-Брегзит: трансформирајќи го предградието Сити (централен кварт и финансиски центар на Лондон) во еден вид на offshore платформа. Инвестицискиот банкар и поранешен трговец Марк Фиорентино објаснува : „Финансиерите сонуваат дека Лондон ќе стане Сингапур од глобално ниво, зона која ќе биде потполно ослободена од сите европски регулаторни ограничувања, каде сите економски и финансиски компании во развој, повеќе или помалку би можеле слободно да ги прават своите деловни активности, односно огромна земја на фискален азил.“ Проект крстен од страна на британскиот печат „Сингапур на Темза“.
Знак на време, шефовите на втората фискализација почнуваат веќе да престојуваат во Вестминистер со доаѓањето на г. Борис Џонсон на улица Даунинг број 10, во 2019 година. Претставниците на традиционалните финансиски сектори ги задржуваат влезовите што ги имаат таму скоро триесет години, како оние на г-ѓа Андреа Лидсом, банкар за инвестиции во Баркли и државен секретар за деловна, енергетска и индустриска стратегија или г. Саџид Јавид, банкар за инвестиции во Дојче банка и канцелар на Министерството за финансии (Échiquier) до февруари 2020 година. Но, тие сега се во конкуренција од страна на гласноговорниците за нови финансии. Г. Ричард Тис, управител на Фондот за недвижнини кој беше исто така избран за европски пратеник во 2019 година. Историски водич на групата Leave Means Leave, истата година беше назначен за претседател на партијата Брегзит од г. Најџел Фараж. Ко-основач на хеџ фондот Somerset Capital Management, г. Џејкоб Рис-Мог е унапреден во министер за односи со Парламентот. И за крај, г. Риши Сунак, поранешен менаџер на хеџ фондот The Children’s Investment Fund Management, е назначен за канцелар на Министерството за финансии на местото на г. Јавид во февруари 2020 година.
Проектот на Брегзит не е во целост инспириран од идеите на неолибералистите како основа за европска конструкција, колку што е инспириран и од либертарианистичката идеологија. Либертарианизам може да се дефинира како економска доктрина која има за цел да ограничи било каква форма на државна интервенција надвор од гаранцијата за приватна сопственост против колективизмот и етатизмот. Оваа идеологија ги подразбира исто така и односите помеѓу земјите. Таа ги повикува своите промотори да ги прифатат изолационистичките, но не и протекционистичките позиции. Одбивањето на државната регулатива одговара на спротиставување на секој вид институционализам на меѓународни односи, чија што форма е оставена на проценка од самите партии, кои склучуваат трговски договори што одговараат на нивните економски интереси.
Либертаријанизмот се залага за целосно не регулиран капитализам како единствен социјален систем, заснован врз препознавање и заштита на правата на индивидуата, а со тоа и како политичка опција за забрана на секаква принуда во општествените односи. Тој има за цел да основа социјалност врз единствениот морален, политички и економски суверенитет на поединците. Крис Хатинг, аналитичар за Free Market Foundation, либертарен think tank основан во 1975 година, во декември 2019 година, напиша : „Да се даде слобода на луѓето за трговија е радикално. Да се даде дозвола за создавање нови бизниси кои ќе бидат ослободени од секаква регулатива, е радикално. Да се препознаат луѓето како различни индивидуи кои се способни да ја бараат сопствената среќа дефинирани од нив самите, е радикално.“ Како што пишува Жил Досталер, либертаријанците одат подалеку од неолибералистите кога станува збор за намалување на улогата на државата, „ бидејќи мора да се отстрани од ова не само образованието и производството на одредена инфраструктура како што е системот за транспорт, но исто така и суверените функции. Дејвид Фридман, син на Милтон, предлага да се приватизира полицијата, судот, одбраната. Анархо-капиталистичкото движење предвидува целосна елиминација на државата со приватизацијата на сите нејзини функции, вклучувајќи ги и оние кои се резервирани за државата објаснува Адам Смит : армијата, полицијата и судството.“
Либертарианизмот не нуди систематско артикулација помеѓу индивидуални дејства и форма на општо добро. Либертаријанизмот на Смит смета дека општите интереси се резултат на здружувањето на индивидуалните интереси врамени со закони што демократски ги донесуваа суверените лица. Неолиберализмот на Фридман, Фридрих Хајек или Лудвиг фон Мизес, го вратил општото добро на економско поле, меѓутоа продолжил да работи на полето на економската доктрина. Радикалната одбрана на приватната сопственост и слободата за збогатување беа предвидени да доведат до општо обогатување, а со тоа и до социјален напредок. Либертарианизмот, напротив, го брани етичкиот пристап кон слободата без да се земат предвид нејзините ефекти врз општото добро: би било праведно и пожелно да се промовира слободата пред сè, без оглед на последиците. Неговата оправданост за капитализмот да се заснова на идејата дека тој е единствениот економски систем компатибилен со либертаристичката етика, а не на убедувањето на супериорноста на капитализмот, способен да генерира повеќе богатство од кој било друг начин на производство. За разлика од либералите и неолибералите, кои приоѓаат на суштинскиот пристап кон слободата, припадниците на либертаријанизмот пристапуваат кон неа со етички пристап : слободата да се акумулира станува сама на себе оправдување.
Економски слободен, политичкиот режим на акумулација промовиран од страна на втората финансизација е исто така политички авторитарна. Непријателски кон било кој прераспределен механизам што гарантира основни услови за постоење на населението (здравство, образование, заштита), тој ги потиснува социјалните движења и намалувањето на јавните слободи, особено преку зајакнување на контролата врз движењето и изразувањето, што е привилегиран метод за создавање општествен поредок. Ова е само навидум контрадикторно со идеологијата за слобода. Ако не е дел од основата на нејзините принципи, тоа е нејзина практична последица. Во отсуство на систем за систематско оправдување и на материјални механизми за компензација на нееднаквостите и осиромашувањето на дел од населението, останува само употребата на сила како начин на регулирање на социјалниот живот. Припадниците на слободата се жртвуваа поради зачувување на најважниот принцип помеѓу нив : оној на сопственост и акумулирање.
Околу 2010 година, овие идеи особено се ширеа преку збир на think tanks, генерално наречени „Tufton Street“,осврнувајќи се на улицата Вестминстер, во Лондон, каде повеќето од нив имаат седиште таму. Помеѓу броевите 55 и 57 на улицата, ги наоѓаме Институтот Адам Смит, Алијансата TaxPayers’, Leave Means Leave, Global Warming Policy Foundation, Centre for Policy Studies и Institute for Economic Affairs. Овие think tanks во најголем дел се финансираат од секторите на втората финансизација, како и од другите сојузнички економски сектори (како што се градежништво и јавни работи, индустрии на фосилна енергија и тутун). Оваа мрежа не е само британска : улицата Tufton е дел од трансатлантскиот лавиринт Atlas Network („Атлас мрежа“). Овие четиристотини организации формираат политички кохерентна галаксија, дефинирана од нивното слободарство и од врските со американската „алтернативна десница“ (alt-right), како и со конзервативците за Брегзит на Обединетото Кралство. Тие обединуваат збир на идеи што го сочинуваат политичкиот проект на втората финансизација: слободарство, потрага по тачерска работа, евроскептицизам, атлантизам, авторитаризам и климатски скептицизам.
За да управуваат, промоторите на втората финансизација изгледаат како повеќе да не им треба демократија. Со тоа тие се спротивставуваат на марксистичката идеја според која демократската република е форма на влада која најмногу одговара на буржоаската доминација. Ова важи за оние нови доминанти кои не се загрозени од друга конкурентна елита при извршувањето на власта. На крајот на 19 век, беше од големо значење за зголемување на буржоазијата да добие легитимитет различен од оној на крвно сродство, пред интересите на феудалните и аристократски групи, кои сè уште многу популарни во некои делови од селата. Буржоазијата мораше да се бори против можната реформа на коалицијата на интереси помеѓу копнената аристократија и класите селани, кои доминираа скоро илјада години. Во овој контекст, демократската реинвенција заснована на идејата за суверен народ ја поддржа буржоаската револуција. Но, засега, буржоазијата не е во конкуренција на друга класа која е кандидат за власт. И, во отсуство на монархиска или социјалистичка закана, дали сè уште има интерес за демократија?
Преведено од: Павлина Димовска
Сите права се задржани. Преземањето на содржината е забрането без претходна писмена согласност од редакцијата на Le Monde Diplomatique – Македонско издание.