„Мора да ми верувате многу наивно“, пее Едвин Колинс на отворањето на омилениот албум на лидерот на британските лабуристи, Кир Стармер, You Can’t Hide Your Love Forever. „Вистина е дека го гледам само она што сакам да го видам.“ За време на 2020 година г. Стармер не само што успеа да го преземе лидерското место на Лабуристите, туку и да спроведе внатрешно уредување во кое не ги поштеди своите поддржувачи, како што беше случајот со училиштето каде стануваше збор за придобивки од лажната наивност.
Предлозите на г. Стармер за време на неговата лидерска кампања, изгледаа премногу добри за да бидат вистинити: тие ги исполнија сите основни барања кои произлегоа од колективната траума. Мнозинството членови го поддржуваа г. Џереми Корбин кој претрпе многу пресврти кои му го одбележаа неговиот мандат; започнувајќи од неговиот краток пораз на општите избори во јуни 2017 година до понижувачкиот дебакл во декември 2019 година, каде тој беше цел на конзервативна капања пренесена во печатот од страна на предавниците на Лабуристичката партија. На членовите и активистите вознемирени од ова искуство, г. Стармер им обезбеди платформа од „десет ветувања“ што ја содржат суштината на социјализмот во стил на Корбин: ренационализација на железниците и поранешните јавни услуги, „ New Green Deal“, укинување на школарината на универзитетите, контрола на закупување и амбициозна програма за социјални домувања… сето ова носено од страна на поиндиферентна личност: веќе не е убеден анти-империјалист, туку еминентна фигура на доброто општество, основач на адвокатска канцеларија за одбрана на човекови права, поранешен јавен обвинител прогласен од кралицата. Оваа добредојдена синтеза изгледаше дека е во можност да ја обедини партијата и да ја стартува победничката машина за следните избори.
Г. Стармер немаше никакви потешкотии да ги надмине своите два ривали, од кои едната г-ѓа Ребека Лонг-Бејли, претставничка на левичарската партија, а другата, г-ѓа Лиза Нанди претставник (се повеќе и повеќе) на десничарската партија. На внатрешните избори во април 2020 година, тој освои околу половина од гласовите добиени од страна на неговиот претходник на изборите во 2015 и 2016 година. Големиот товар на корбинизмот се собираше до неговата кандидатура, како кај г-ѓа Лаура Паркер, основач на Моментум, тогашната про-корбинистка на лабуристите. Но, девет месеци подоцна, оваа ветувачка синтеза беше веќе на делови.
Кризата се појави повторно, поакутна од кога било. Прифаќајќи ги на своја сметка обвинувањата за антисеминизам против неговиот претходник, г. Стармер отиде дотаму што му забрани на г. Корбин да го оствари својот мандат како пратеник во парламентот; генералниот секретар на партијата, г. Дејвид Еванс, спречи било каква дискусија за оваа забрана во локалните места; и програмата што му овозможи на сегашното раководство да стигне на власт иста така остана уништена. „Десетте ветувања“ кои најавуваа нов почеток за лабуристите се избришани од нивната интернет страна.
Од самиот почеток, имаше мал сомнеж дека стратегијата на г. Стармер би вклучила дел на опортунизам и манипулација. За време на еден состанок во Ливерпул, најлевичарскиот град во земјата, тој изјави дека за време на кампањата, повеќе не зборувал за „Сан“ (Sun), таблоид во сопственост на Руперт Мердок; решение кое беше поздравено од народот, што го бојкотираше весникот уште од неговото пристрасно известување за трагедијата во Хилсборо, во 1989 година. За возврат на ова, тој побрза да даде интервју веднаш штом беше избран.
Во неговото прво предизборно видео, емитувано кратко по жестокиот изборен пораз во декември 2019 година, г. Стармер беше претставен како предвесник на борбите во осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век – период во кој поголемиот дел од остарената левица ја започна својата политичка кариера. Мобилизациите во кои тој учествуваше, како што е штрајкот против Мердок Wapping Printers (1986), или тужбата на Мекдоналдс (McDonald’s) против двајца активисти за заштита на животните (во деведесетите години на минатиот век), беа документирани со мали архивски слики. Но, од 2003 година, ништо повеќе. Ниту една слика, особено за периодот по 2008 година, кога г. Стармер ја соблече својата наметка како адвокат ангажиран во одбрана на благородни цели, за да ја облече престижната наметка на директор на јавните обвинителства на Англија и Велс (Director of Public Prosecutions). Со оваа работа, детето од работничката класа – неговиот татко бил машинист, неговата мајка медицинска сестра – му даде целосно задоволство на доминантниот поредок со неговите често тешки и ретко прогресивни позиции. На некој начин, неколкуте месеци што ги помина на чело на Лабористичката парија, забрзано создадоа процес на мутација или адаптација по неговото назначување за обвинител, под раководство на првиот лабуристички премиер Гордон Браун.
Тој за првпат беше избран за пратеник во 2015 година, во однапред стекната изборна единица во Лондон, пред да биде година дена подоцна, министер за Брегзит во Влада во сенка на Лабуристите – партија во која многу од приврзаниците сакаа Велика Британија да остане во Европа, но каде многумина гласачи беа склони кон нејзино излегување, како што и покажаа изборите во 2019 година. Бидејќи во партијата, од сопствена позиција за ова прашање, лабуристите се вклучија во гласање со повик за втор референдум, млитаво и несмасно барање што не предизвика ентузијазам кај гласачите и кое г. Стармер побрза да го стави на страна веднаш штом стана шеф на партијата. Тој знаеше колку етикетата на „проевропски“ може да го чини скапо политички и се заштити со иста решителност како во 2008 година, кога требаше да убедува дека нема да биде „добротворен обвинител“ – срамно обвинување во земја чии таблоиди ги сметаат човековите права како апсурд.
Скандалот што би го имал со антисеминизмот – според печатот кој бил непријателски настроен кон него – го поддржа г. Корбин додека беше лидер на партијата во која играше минорна улога во внатрешната кампања на г. Стармер. Соочени со испрашувања и обвинувања кои доаѓаа особено од Еврејското лабуристичко движење (Jewish Labour Movement), неговите конкуренти, г-ѓа Лонг Бејли и Нанди на изненадување на сите, презедоа иницијатива да се прогласат за ционисти, што г. Стармер секако дека одби да го направи.
Сепак, откако беше избран, својата прва изјава во јавноста ја посвети – на чудна видео порака снимена пред плакар и покажувајќи ги црвените дамки – само на два предмети: Ковид – 19 и „дамката на антисеминизмот“, теми кои ја дефинираат основата на неговиот досегашен мандат. Од страната на Ковид, тој се држеше до првичната политика која се состоеше од тоа да не ја критикува владата за нејзиното погубно справување со пандемијата. Од време на време, тој дели сентиментална и менаџерска изјава за да ги „предупреди“ властите.
Во контекст каде спротиставувањето на политиката на г. Борис Џонсон е ставен на страна, нападите против левичарите се уште поизразени. Г-ѓа Лонг-Бејли беше прва на мета. Во јуни 2020 година, таа се повлече од функцијата министер за образование во влада во сенка на лабуристите, откако сподели на Tвитер интервју со актерката Максин Пик, трансформирајќи ја американската полициска техника на „колено на тилот“ како специјалност на израелската армија – веродостојно обвинување, но недокажано, што зазема половина од интервјуто посветено најмногу за нејзината поддршка за лабуристите. Разоткривајќи ја „антисемитската теорија на заговор“, г. Стармер веднаш одлучи да го санкционира својот поранешен ривал, кој сепак предложи јавно да се повлече. Сите левичарски приврзаници одеднаш се најдоа во ситуација да бидат жртви на сомнеж. Шефот на лабуристите меѓудругото вети дека ќе ги отстрани од функција сите обвинети за антисемитизам, без оглед на основата на оваа инкриминација. Сепак, ова правило не важеше за другите негови сојузници, како што е г-ѓа Рејчел Ривс, која изрази восхит за поранешната про-нацистичка пратеничка Нанси Астор, или г. Стив Рид, кој во јули 2020 година на твитер, го нарече еврејскиот бизнисмен „мајстор на марионети“ манипулирајќи со конзервативната влада. По оставката на г-ѓа Лонг-Бејли, со внатрешните комуникации се откри дека нејзиниот конфликт со г. Стармер беше мотивиран во најголем дел преку нејзината поддршка, со тоа што сметаше дека е премногу силна за синдикатите на наставниците, а према тоа во целосна спротивност на планот за повторно отворање на училиштата.
Потоа, во октомври, беше ескалацијата со суспензијата на г. Корбин, изречена по поднесувањето на извештајот од страна на Комисијата за еднаквост и човекови права (EHRC) за антисемитизмот во партијата, кој следеше друг внатрешен извештај излезен во печат, дека корбинистичкото раководство побарало да го достави до комисијата за разгледување. Последниот документ содржеше извадоци од електронска пошта и размена на WhatsApp што укажуваа на тоа дека неколку службеници на лабуристите, познати по непопустливоста кон антисемитизмот, всушност не успеале да дадат никаков одговор на разните поплаки за тој предмет. Извештајот на комисијата го потврди ова и го доведе во прашање раководството на три точки : неговата пасивност кон антисемитските коментари на поранешниот градоначалник на Лондон, Кен Ливингстон и некој советник од Ланкашир ; неговите интервенции за блокирање на внатрешните постапки (едната се однесува на коментарите оставени на фејсбук страницата на г. Корбин за антисемитски карикатури, а другата имаше за цел да го убрза исклучувањето на г. Ливингстон) ; неговата неспособност правилно да ги обучува партиските кадри во управувањето со случаите на антисемитизам. Овие поплаки предизвикаа неколку приговори во партијата, вклучително и од нејзината левичарска определба. И покрај својата грубост кон раководството, Комисијата се воздржа од пренесување на невообичаените обвинувања што ги пренесува печатот. Премногу среќен за да ја искористи оваа криза за да ја реши својата судбина за г. Корбин, изедначувајќи го со „егзистенцијална закана“ за Евреите – Конзервативниот уредник, Симон Хефер отиде дотаму со обвинувањето дека сака „повторно да го отвори Аушвиц“ (LBC, јули 2019 година).
Г. Корбин го поздрави извештајот на Комисијата, притоа изненадно без непријатности забележувајќи дека проблемот е „значително претеран“ од страна на медиумите како и „од противниците од внатрешноста и од надворешноста на партијата“. Изјава што г. Стармер тешко можеше да ја оспори, освен ако не заклучи дека служел во Влада во сенка управувана од антисемит, но кој сепак го искористи како изговор за да го суспендира г. Корбин од неговото членство кај лабуристите.
Причините за оваа суспензија секогаш остануваат нетранспарентни. Го казнуваме ли г. Корбин за минимизирање на антисемитизмот или за „ непочит на партијата“, според нејасната реченица искористена од г. Еванс? Панел од членови на Националниот извршен комитет (НИК), претставник на сите тенденции во партијата, едногласно одлучи да му го врати членството на г. Корбин, но г. Стармер сепак одби да го остави за пратеник во Лабуристичката партија. Десетици групи поврзани со лабуристите – вклучително и синдикати и младински движења – ја дадоа својата поддршка на поранешниот лидер на партијата ; г. Еванс ја кажа својата намера за возврат да ги суспендира, пред да посочи дека ова прашање не е отворено за дебата, поради што дел од членовите на НИК започнаа да штрајкуваат.
Спиралата е пеколна. На неколку синдикати им требаше само неколку месеци за да размислат околу незадоволството од лабуристите, додека им беа потребни години за да се решат на оваа екстремност под мандатот на г. Ентони Блер. Земајќи го во обзир генералното одобрение добиено во извештајот на Комисијата, прашањето не е дали би имало проблем со антисемитизмот во рамките на лабуристите, туку повеќе дали цврстиот пристап да квалификува било каква антисемитска критика на тековна елиминација, го олеснува спроведувањето на препораките од овој извештај или дали тоа дополнително го комплицира.
Кои би биле условите денес за повторно обединување на партијата? Интерниот извештај за изборната катастрофа од 2019 година, „Labour together“ (Лабуристите заедно), предлага неколку следења. Доколку се согласат дека збунувачкото барање за втор Референдум за Брегзит е убедливо главната причина за поразот, неговите автори би препорачале санирање на кризата со повеќе „професионализам“ и „патриотизам“, со цел смирување на десничарите, но исто така со поголема поддршка за социјалните борби и повеќе програмска смелост, за да не се отпуштат од власт младите социјалисти на Моментумот. Раководството на партијата, се чини, погрешно ги имаше протолкувано овие навидум избалансирани предлози: за сите прашања во врска со редот и безбедноста, таа продолжува да се потпира на Ториевците, додека пак, на социјален и економски план, таа продолжува да наметнува центристички позиции, олицетворение на потиштената Анелиза Додс, канцеларка во Министерството за финансии (Échiquier) на Владата во сенка. Земена во предвид фискалната политика на владата на Џонсон, обележана од зголемената јавна потрошувачка и минимална плата, разликите помеѓу лабуристите и ториевците стануваат сè потешки за да се препознаат.
Токму оваа одбивност да се донесе одреден прогресивен лимит, предизвика најголем немир по доаѓањето на г. Стармер. Новиот шеф на лабуристите најпрво беше илустриран преку неговите арогантни коментари за американското движење Black Lives Matter („црните животи вредат“), сведувајќи го на „перипетија“, пред да се спротистави на откажувањето на полициското насилство во САД : „Како директор на јавно обвинителство, пет години работев со полициските сили на Англија и Велс, каде што придонесував да се изведат илјадници луѓе пред лицето на правдата. Па така, секој може да ја констатира мојата поддршка за полициските сили која е многу, многу силна, како што сведочат и делата што сум имал можност да ги преземам со нив.“ Тензиите ескалираа кога група социјалисти интегрирани во Кабинетот во сенка на г. Стармер беа принудени да дадат оставка, за да гласаат против двата закони на владата на Џонсон. Тие имаа за цел да обезбедат неказнивост за војската и разознавачките агенти доколку извршиле криминални дела во текот на своите операции. Официјалниот ред на лабуристите беше да се воздржат, а не да гласаат против ; изненадувачка позиција за партијата предводена од страна на поранешен значаен адвокат за човекови права.
На економски план, лабуристите можеа да тврдат дека полусрдечните социјални мерки договорени од страна на канцеларот на Министерството за финансии Риши Сунак, се производ на субтилните притисоци извршени од г-ѓа Додс. Но, ако ова е најдоброто што партијата може да им го понуди на поддржувачите на г. Корбин во замена за дополнителна рација за јавно понижување, постои ризик да тоа не е доволно.
Досега, г. Стармер се ограничуваше во играње улога на умерено критичен помошник на владата. Во внатрешноста, неговата постапка резултира со попречување на храбрите дејци од врата на врата, да ги одврати своите најпосветени активисти и да ги отуѓи синдикатите. Но, целта на овие негирања останува мистерија, особено доаѓајќи од таков лидер исто така политички недефиниран. Бранителот на човековите права кој одби да гласа против аболицијата дадена за воените злосторства, про-европеецот стана силен подржувач на Брегзит, кандидатот на синдикатот кој организира елиминација во својата партија : иако се чини дека овие метаморфози даваат мал резултат според анкетите, тие беа ентузијастички поздравени од страна на печатот. Зарем не е вистинска наивност г. Стармер да верува дека овој благослов ќе биде доволен за да се издигне на власт?
Преведено од: Павлина Димовска
Сите права се задржани. Преземањето на содржината е забрането без претходна писмена согласност од редакцијата на Le Monde Diplomatique – Македонско издание.