Едвај два месеци по локдаунот на британското население, шефот на кабинетот на поранешниот британски премиер Борис Џонсон покани повеќе од сто вработени на приватна забава во градината на Даунинг Стрит. “Донеси го твоето шише”, пишува во е-поштата за покана. Така започнува серијата на тајни приватни прослави кои, помеѓу 2020 и 2021 година, ќе продолжат во официјалната резиденција и Вајтхол дури и додека населението е затворено во своите домови поради пандемиските рестрикции.
Скандалот изби во печатот на почетокот на 2022 година. Во мај, лондонската полиција изрече сто дваесет и шест казни за посетителите на забавата, чиј домаќин беше шефот на владата и неговиот министер за економија. Откритијата за она што медиумите го нарекуваат „партигејт“ даваат слика на груба самобитност што не ги изненади набљудувачите: чуварите биле исмејувани затоа што се противат на нелегалното јадење; персонал за чистење перел дамки од црвено вино на ѕидовите; членови на министерскиот кабинет пијани како стока, па дури и се степале меѓу себе, и ја напуштиле канцеларијата во 4 часот наутро – откако се погрижиле да ги сокријат шишињата.
Светата функција на алкохолот како фактор на социјално поврзување се појавила на почетокот на кариерата на Џонсон. Како и неговиот претходник Дејвид Камерон, кој ја водеше владата од 2010 до 2016 година, Џонсон го унапреди своето образование на Оксфорд со ентузијастичко членство во клубот Булингдон, студентско братство со заеднички вкус за луксузни вечери, пиење и вандализам, чиј буџет делумно оди за надоместување на штетата што ја прават неговите членови. Во документарецот од 2013 година, Џонсон, запрашан за неговите лудории, изрази надеж дека „благословениот сунѓер на амнезијата [ќе] ја избрише плочата“.[i]
Покрај одржувањето на озборувањата во Парламентот и во медиумите, алкохолот се користи и како реквизит за јавни настапи. За време на неговата кампања за Брегзит, пратеникот Најџел Фараж сакаше да мавта со кригла пиво за да го отелотвори „човекот од народот“, пред да ја започне програмата „Ви зборува пивото“. Таквата слика може да се исплати во земја во која долго време се асимилирани дружељубивоста и алкохолните пијалаци, а каде пабот ја игра улогата на селскиот плоштад. Во Велс, сопствениците на продавници за пијалаци ја демонстрираа својата политичка моќ во 2021 година, кога му забранија на велшкиот премиер Марк Дрејкфорд да посети повеќе од 100 нивни објекти, како одговор на рестриктивните мерки што им беа наметнати за време на пандемијата.
Насекаде, алкохолот делува како лубрикант за запчаниците во крцкавата машинерија, какво што е општеството. На ниво на британски град, протокот на пијалаци ја означува седмицата околу петок и сабота навечер, од „набивање кондиција“ (прелиминарните пијалаци апсорбирани приватно) па се до натпреварите за пиење, со лактот потпрен на високите маси на пабовите (т.н. „вертикална потрошувачка“, конципирана во 1990-тите, се смета дека ја заострува жедта), проследена со мамурлакот на следниот ден кога се бара ден за одмор.
За странските сведоци на нејзините манифестации, британската култура на пиење често се идентификува со онаа на повраќање, една форма на егзорцизам чија цел е да се исфрли „забавата“ од телото. Шпанската влада неодамна одлучи да го ограничи бројот на пијалаци што туристите можат да ги нарачаат на Балеарските острови – на шест во еден ден. Заедно со британската амбасада, таа подготвуваше кампања за спречување на злоупотребата на алкохол.
Сепак, би било погрешно британската култура на жед да се претстави како унифицирана и широко распространета практика: 4 отсто од населението консумира – дури околу една третина од алкохолот што се нуди за продажба. Шкотланѓаните пијат повеќе од Англичаните, Северот повеќе од Југот. Во Англија, обемот на алкохол што го консумираат домаќинствата е пропорционален на нивниот приход.[ii] Најсиромашните населби имаат најголем број непијачи, но и најголема штета предизвикана од прекумерната потрошувачка на алкохол кога веќе се пие. Миленијалците, кои ги достигнаа своите дваесетти години во 2000 година, пијат помалку од бејби бумерите, а новодојдените од генерацијата „З“ (т.н. зумери) уште помалку го креваат лактот. Сепак, кога ќе го направат тоа, тие се повеќе склони да пијат масовно или “binger” (на англ., учесник во масовна пијанка и лумпување): повеќе од шест стандардни пијалаци (еквивалент на три сантилитри силен алкохол, десет сантилитри вино и дваесет и пет сантилитри пиво) за жена и осум пијалаци за маж – само во текот на истата вечер.[iii] Глаголот „binge“ (англ.) првично го означува дејството на натопување во вода на брод што штотуку бил изграден така што штиците се набабруваат и спречуваат инфилтрација.
Од 1970-тите, дури 28.000 пабови се затворени, бидејќи социјалната единица на потрошувачка се преселила од заедницата кон семејството и пријателите во приватноста на домот (или друг приватен простор, особено во случајот со рејвовите во 1980-тите). Оваа промена ја одразува еволуцијата во начинот на кој луѓето размислуваат за општеството. Во 2011 година, според министерот за здравство на Велика Британија, пиењето алкохол на приватно место, наместо во лиценциран објект, веќе не се сметало за проблематично.[iv] Помалку склон да помине како „турбулентен, болен или насилен во јавниот простор“, пијачот претпочита да се изолира со своите најблиски, во засолниште што се користи за „да се релаксира, избирајќи се на соодветен начин да го направи тоа и да се однесува како домаќин за да ги направи неговите гости комотни“. Уделот на пивото, кое е помалку веројатно да се пие дома, во вкупната потрошувачка на алкохол падна од 71 отсто во 1970 година само на 49 отсто во 2000 година, додека уделот на виното се зголеми од 10 отсто дури на 26 отсто во текот на истиот период.[v] Од 1996 година наваму, значењето на зборот „binge“ беше проширено и на прекумерно гледање телевизиски серии, практика нужно доделена на домот. Кога објектите за пиење беа затворени за време на пандемијата, „братството на пијаниците“ беше дополнително фрагментирано, а потрошувачката направена од тешките алкохоличари исто така многу се зголеми. Според студијата од 2020 година, екстремното пиење на алкохолот се намалувало низ цела Европа, со исклучок на – Велика Британија и Ирска.[vi] Во истата година, имало евидентирани дури 7.423 смртни случаи исклучиво поврзани со алкохол во Англија и Велс, зголемување од дури 20 отсто во однос на претходната година. Самостојното консумирање во „непроблематичен“ амбиент не штити од никаква опасност.
Додека пазарот на алкохолни пијалаци донесува значителни богатства, кампањите за превенција на алкохол најчесто се насочени – кон работничката класа. На крајот на 19. век, Либералната партија се приклучила на Националната федерација за алкохолна воздржаност, додека Шкотската партија за алкохолна прохибиција се приклучила на Комунистичката партија на Велика Британија. Исто така, во 19. век, прохибиционистичката компонента на движењето на чартистите во Велика Британија, сметаше дека на лице кое нема имот треба да му биде дозволено да гласа, но само – ако демонстрира одговорност преку јавна кампања за трезвеност. Бидејќи јавното пијанство лесно се користело како аргумент за ограничување на правото на глас, во 1841 година чартистот Хенри Винсент ја советувал англиската работничка класа: „Заборавете на џин-баровите и покажете ѝ на аристократијата дека сте достојни за моќта што ја барате“[vii] – сугестија за индивидуално издигнување и вреднување на заслугите што не исчезнало и денес (и за која се наоѓа варијанта во тврдото обвинување дека миленијалците би биле совршено способни да купат куќа ако престанат да се уништуваат себеси со наздравување со адвокатите). Како што забележале Маркс и Енгелс уште во 1848 година, „фанатиците на алкохолна воздржаност“ се меѓу оние кои се обиделе – да ги „поправат социјалните аномалии за да го консолидираат буржоаското општество“.[viii] Во ист стил, реформаторот Џозеф Рејнер Стивенс во 1872 година истакнал дека трезвеноста им користи на работодавците, а не на вработените. “Ќе ми кажете дека кога мажите, жените и децата работат во фабриката дванаесет и пол часа на ден – ќе ми кажете дека тие не се предмет на искушение на малку пијалак?”
„Не пијам на парламентарните коктели“, изјави Тереза Меј во 2016 година при објавувањето на нејзината кандидатура за британска премиерка, заработувајќи ја репутацијата на цврста и неспособна да ја контролира својата група на пратеници. Кога Џереми Корбин, тогашниот шеф на лабуристичката опозиција, во 2017 година призна дека претпочита сок од јаболко и вода од кокос – наместо алкохолни пијалаци, сметаше дека е неопходно да додаде дека знаел дека неговата желба е „помалку дрска“. Колку и да изгледаат досадно нивните преференции, тие се во согласност со општиот тренд кон трезвеност, за разлика од тие во Даунинг стрит на премиерот Џонсон. Новата премиерка Елизабет „Лиз“ Трус сама го предизвика скандалот со организирање забава за донатор на партијата во еден многу приватен и луксузен клуб, и се чини дека ужива во тајни, доста пијани состаноци – исто како нејзиниот претходник. Но, бегањето од реалноста во задниот дел на чашата – сега стана и луксуз. Додека земјата го стега ременот пред експлозијата на трошоците за живот, повеќе од секој четврти Британец вели дека ја намалил потрошувачката на алкохол од крајот на минатата година.[ix] Во време кога на населението веројатно никогаш не му бил потребен толку многу „благословениот сунѓер на амнезијата“
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] « Boris Johnson admits to “embarrassing” youth », 15.04.2013, huffingtonpost.co.uk
[ii] Health Survey for England 2019, NHS.
[iii] « Adult drinking habits in Great Britain : 2005 to 2016 », Office for national statistics (ONS), 03.05.2017.
[iv] « Home drinking in the UK : trends and causes », Alcohol and Alcoholism, vol. 47, n°3, Oxford, V-VI/2012.
[v] Op. cit.
[vi] « Alcohol consumption during the COVID-19 pandemic in Europe: a large-scale cross-sectional study in 21 countries », Addiction, vol. 116, n° 12, London, XII/2021.
[vii] « Teetotal Chartism », Brian Harrison, History, vol. 58, 1973.
[viii] Манифест на Комунистичката партија, поглавје 3.
[ix] « Cost of living : what have Britons had to cut back on ? », YouGov, 23.05.2022.