Ниту во еден археолошки аргумент не се поддржува хипотезата дека во палеолитскиот период жените имале понизок социјален статус од мажите. Археолозите, потпирајќи се на изобилството женски претстави, дури сугерираат дека тие се центарот на верувањето, односно дека тие имале висока позиција во овие општества. Што се чини дека важи барем за некои од нив. Но, дали тоа е само поради оваа причина? Други истражувачи пак, тврдат дека во тие антички времиња, општествата биле матријални, дури и матријархални.
Често постои недоразбирање помеѓу матријархалното општество – во кое жените имаат социјална и правна власт – и матричното општество – систем на сродство заснован врз лозата на мајката. Терминот „матријархат“ подразбира женска доминација, како што укажува нејзината етимологија (од грчки „ἄρχειν“, „да води“, „да командува“). Ако една хиерархија е заснована на доминантна жена и нејзини потомци како што е забележано кај неколку животински видови, поточно кај нашите блиски братучеди, врстата мамали бонобо или На (општество без татко односно сопруг), кај луѓето со тибетско потекло од долините на Јунан во Кина – сè уште беа матријархално општество во 90-тите години на минатиот век, матријархатот е веќе исчезнат. Спротивно на тоа, многу општества низ сите континенти биле матриленски, а некои сè уште се. Се констатира дека уште од античко време, мажите во повеќето цивилизации имаат економска и социјална моќ во споредба со онаа на жените, па така многу автори тврдат дека тоа било така уште од потеклото на човештвото. Тие ја побиваат тезата, одбранета од неколку научници од деветнаесеттиот век, за постоењето на матријархат пред патријархатот. За неговото присуство во праисториските општества, за кое се дискутира повеќе од век и половина, сè уште се води жестока дебата. За многу автори, „оригинален матријархат“ е само мит, за други постоел до појавата на патријархатот за време на неолитот.
Во промискуитетните времиња, не можејќи со сигурност да се знае кој е таткото на едно дете, пренесувањето на сродство останувало да се изврши само преку мајката. За полскиот антрополог Бронислав Малиновски (1884-1942) и швајцарскиот правник Јохан Бахофен (1815-1887), ова матрилинеарна врска е присутна уште од првите човечки општества. Уште во 1861 година, Бахофен, засновајќи се на античките митови и хроники на патувањата, особено оние на језуитот отец Џозеф Франсоа Лафитау (1681-1746), мисионер во Нова Франција (Канада), сугерира дека „примитивната ера“ е ерата на „гинекократија“ преку мајчинските права. Адвокатот тврди дека жените би ја користеле „мистеријата“ на мајчинството за да го организираат племето, околу култот на „Големата божица“ и пренесувањето на моќта од мајка на ќерка. Постоењето на примитивен матријархат, или барем на социјална еднаквост помеѓу мажите и жените, беше поддржано од неколку антрополози и филозофи кон крајот на 19 век. За нив, токму во времето на преминот од ситуацијата на грабливки (ловци-собирачи) во онаа на производството (агро-пасторалисти), мажите ја презедоа власта и ја воспоставија патрилинеалноста, а потоа и патријархатот. Оваа теза, која продолжи на почетокот на 20 век со неколку антрополози, беше повторно прифатена во 30-тите години на минатиот век. Социјалните структури на праисториските општества постепено се менуваат со тек на времето. Тие најпрво ќе бидат клански, потоа матријархални и со седење на едно место за конечно, семејство (во двојка) и номади. Врз основа на неколку неточности, оваа линеарна еволутивна шема предложена од рускиот археолог Пјотр Ефименко сега е целосно напуштена.
Скоро триесет години подоцна, Марија Гимбутас, специјалист за бронзеното доба (-2200 до -800), ги опишува пред-индоевропските општества како „матристички“ (матријална). Тие траеле околу 27.000 години пред постепено да бидат заменети со доаѓањето, од 3.000 години пред нашата ера, на номадски племиња од степите на Централна Азија. Медитеранските цивилизации познати како „хипогеуми“ – кои се карактеризираат со погребување на починатиот во вештачки пештери кои се ископани во карпа – исто така би потпаднале под ваков вид на матријална организација и би ја претрпеле истата судбина околу 3.500 години пред нашата ера. Племињата со коњаници им наметнаа на родното матрилно население патријархален и воен систем. Оваа теза е исто така оспорена, особено затоа што оружјето и трагите на утврдувањата кои датираат од време пред доаѓањето на овие племиња биле изнесени на виделина и нивното проширување се сметка дека било претежно мирно.
Во периодот помеѓу 1980-1990, неколку американски историчари тврделе дека праисториските култури биле матријални, но исто така биле и подеднакви, помирни и помалку хиерархиски од патријархалните општества. Од друга страна, овие тврдења се негирани од неколку истражувачи. За многумина од нив, описите на матријархалните општества не биле ништо повеќе од „научно митолошки конструкции“ кои припаѓаат на романтизмот во „златното време“ кога не постоела доминација на едниот врз другиот пол. „Гинекократија“ на Бахофен, според Емануел Тод е „фантазија“ и тој смета дека „во реалноста, статусот на жените е повисок во недиференцираните системи на сродство отколку во матричните општества“. Оригиналниот матријархат би бил само мит! Приврзаниците на ова мислење се потпираат на етнографските аргументи, како и на неговите противници, кои наведуваат неколку примери на традиционални општества кои, економски и социјално еднакви, не биле во родови односи. Во секој случај, иако биле помалку бројни, не може да го негираме делот дека имало општества во кои родовите односи биле избалансирани (на пример, кај бушманите во Јужна Африка).
„Матријархатот никогаш не постоел!“. Ова било напишано во ноември 1992 година во спистанието „Историја“. Оваа концизна реченица нè доведува да се запрашаме за причините за одбивањето од многуте истражувачи кои ја разгледуваат хипотезата дека машката доминација и партијархалниот систем не се оригинални, туку постепено се наметнале како резултат на промените. Ова можеби се наметнало од економска природа, што ја промени социјалната структура на номадските и праисториските заедници. Прибирањето на стоки(добра) – скоро непостоечка во палеолитските општества – фаворизирана од седечкиот начин на живот и припитомувањето на растенијата и животните, ќе доведе до појава на нова активност, нивна заштита, што како функција би се препишала на луѓето, односно на оние кои се физички посилни. Па така, постепено станувајќи сопственици на земјоделски култури и стада, за мажите се сметало дека воспоставиле патрилинеално наследство, со цел да обезбедат нејзино пренесување на нивните деца. Присвојувањето и контролата врз децата, перципирани од генерализацијата на татковски права, ќе се појават во општествено организираните општества, според тезата на Клод Леви-Штраус во „Елементарни структури на сродство“ (1949). Оваа взаемно наследство ќе доведи, повеќе или помалку долгорочно, до појава на патријархалниот систем. Затоа е многу веројатно дека економските и социјалните промени забележани во неолитскиот период ќе ги изменат длабоко односите помеѓу мажите и жените. Тие несомнено ќе го означат почетокот на патријархалната ера, како што пишува филозофот Оливија Газале: „Првиот што го сруши сексуалниот поредок не е жената, туку мажот, со што ќе се стави крај на мешаниот свет – во кој правата и слободата на жените беа многу повеќе ислушувани и каде жената беше почитувана и воздигната – за да се изгради нов свет, невин свет (заснован на невиност), во кој жената би била инфериорна, затворена и би ги загубила сите моќи. Во зората на оваа нова цивилизација започнува големата приказна за машката надмоќ, која ќе се зацврстува, век по век, во митологијата (преку слика и симбол), во метафизиката (преку концепт), во религијата (според божествениот закон) и во науката (преку физиологија).“
Уште во 1884 година, Фридрих Енгелс ја идентификува постепената замена на мајчинството со татковството, како една од многуте причини за потчинување на жените; за него, пресвртот на мајчинските права беше „голем историски пораз за женскиот пол“. Повеќе од сто и дваесет години подоцна, Емануел Тод објасни исто така дека, ако патрилинеарниот принцип се залага за развој на комплексните семејни форми, кои што последнователно би се ширеле скоро низ цела Евроазија (што укажува на тоа дека претходно имало некој друг принцип), неговата цел била угнетување на статусот на жените и следствено на тоа, помала улога на самите мајки во културното пренесување. Па така, недостигот на матријархален режим – и матричен и станување домазет ( во кој „сопругот“ оди да живее во семејството на неговата „жена“) – може да се објасни преку универзалната доминација на мажот. Подреденоста на жените, што е на некој начин форма на насилство, се смета дека е последица на родовата поделба на трудот.
Во палеолитските општества, со размножувањето и воспитувањето на своите мали деца, жените имале примарна функција во одржливоста на семејството. Бидејќи е невозможно со сигурност да се знае вистинскиот татко на новороденчето, мајчината лоза е потекло кое се испоставува повеќе од веројатно. Учествувајќи во многу активности, мајките имале вистинска економска улога и поседувале социјален статус кој најверојатно бил еднаков со оној на мажите. Дури и можеби, нивниот статус бил повисок во домашната и симболичка област, со оглед централното место што го заземаат жените во палеолитската уметност. Ако би можеле разумно да размислиме дека во овие општества односите помеѓу половите биле избалансирани, во моментов немаме никаква претстава за што би можело да не доведе до заклучок за матријархалните општества каде се подразбира доминацијата од страна на жените… или старомодноста. Секако можно е да се случила постепена замена на мајчинската лоза со татковата, како што е случај во неолитот, но не насекаде затоа што општествата каде владее матријархатот сè уште постојат во одредени региони на светот.
На самиот почеток на Неолитот, социо-економската организација на првите земјоделски општества се смета дека започнала со развивање токму од страна на жените. За земјоделците се смета дека потекнуваат од припитомувањето на растенијата и земјоделските алатки како што биле мотиката и тркалата за мелење. Промена во општествената организација се појавила околу 6 000 години пред новата ера, период обележан со локална демографска експлозија, поврзана со изобилство на храна (потврдено од присуството на бројни житни силоси) и со проширувањето на седенките (појавување на првите села). Со развојот на сточарството и совладување на нови земјоделски техники, мажите постепено ги заменуваа жените во работата поврзана со земјоделството. Експлоатацијата на животните за волна или млеко резултираше со затворање на жените во домашниот простор. Со зголемување на богатството (поле или пасишта, добиток, резерви на храна), мажите зазедоа сè поважно место во заедниците. Овие промени ќе ги преобликуваат социјалните односи, создавајќи ги елитите и кастите, вклучително и воините народи, па постепено ќе се доведат до поизразена родова поделба на задачите, како и генерализација на патријархалниот престој [жената живее во семејството на нејзиниот „сопруг“.] И патрилинеарност.
Овие трансформации, кои го нарушуваат местото на жените во општеството, се забележуваат уште од 5.000 години пред нашата ера во составот на гробната доба (поразмножено и помалку разновидно во женските гробници) и здравствената состојба на пронајдените женски скелети. Забележуваме зголемување не само во анализите поврзани со напорна работа, носење тежок товар и повторена бременост, туку и голем број недостатоци како резултат на диета со малку протеини (главно заснована на храна и растенија со скроб) и трауми како резултат на насилство. Но, тоа не е случај за сите жени. Во неколку гробници, починатите се богато украсени и имаат малку лоши состојби и трауми. Состојбата на жените во овој период се чини дека варира во зависност од нивната социјална позиција.
Повеќе од век и половина, толкувањата направени на археолошки остатоци во голема мера придонеле да се направат невидливи праисториските жени, особено со намалување на нивната важност во економијата. Новите откритија им даваат нов поглед на жените, чија улога во еволуцијата е исто толку важна како и мажите.
Преведено од: Павлина Димовска
Сите права се задржани. Преземањето на содржината е забрането без претходна писмена согласност од редакцијата на Le Monde Diplomatique – Македонско издание.