Ова е време на солзи во САД. Нашите судии плачат. Нашите телевизиски коментатори плачат. Плачат приврзаниците на губитничките претседателски кандидати. Плачат и приврзаниците на победничките претседателски кандидати. Тие пишуваат редакции во весниците за солзите радосници што им ги даде еден политичар. Тоа е предмет на морална гордост.
Во исто време, тоа е предмет на засрамување. Луѓето коишто плачат се слаби, така мислат Американците, и оваа храбра нација на пионери и претприемачи се повлекува од нивната одвратна инфантилност. Видеата од демократите кои тажно плачеа на ноќта на изборите во 2016 година, по поразот на г-ѓа Хилари Клинтон се дуплираа на Јутјуб во месеците што следуваа. Тоа беше на големо задоволство на републиканците кои им се радуваа на глетката на овие добро воспитани идеалисти, образовани на колеџ, кои беа толку грубо спречени во нивните амбиции.
„Либерални солзи“ неизбежно станаа едни од најголемите мемиња во годините на Трамп. „Make Liberals Cry Again“ („Натерајте ги либералите повторно да плачат“), би можеле во 2020 година да прочитаме на многу транспаренти и постери распространети од приврзаниците на претседателот во заминување. Постои дури и бренд производи за огнено оружје наречено „Либерални солзи“, во врска со фразата „I Lube My Rifles with Liberal Tears “ („Ги подмачкувам пиштолите со либерални солзи“).
Како и обично, демократите одговорија на овој бран сарказам, теоретизирајќи го и утврдувајќи дека тој открива поголем недостаток на личност кај конзервативците. „Фразата„ Натерајте ги да плачат“ станува токму говор на моќта“, ни рече колумнистката Моника Хесе од Washington Post на 5 ноември. Станува збор за силни луѓе кои ги понижуваат оние што мислат дека се слаби, заради забава и затоа што можат да си го дозволат тоа. Ова е љубопитно тврдење кое доаѓа од весник во сопственост на г. Џеф Безос, најбогатиот човек во светот, и кој е во одбрана на политичката партија која е далеку од „слаба“, само ги навреди своите противници и даде огромни суми пари за време на изборните кампањи – далеку повеќе од суровите републиканци.
Уште подобро, десет дена по објавувањето на оваа колумна, Washington Post на својата „насловна страна“ објави хумористичен цртеж што го претставува г. Доналд Трамп како големо бебе што е луто за неговиот пораз од г. Џозеф Бајден. Тој весело му противречи на неговиот сопствен колумнист, затоа што исмевањето на несреќите на противникот е задоволувачка и целосно двопартиска забава. Така, во 2012 година, накратко на веб страницата се појави наслов „Белите луѓе жалат [Mitt] Romney“ : интернет корисниците беа поканети да се смеат на сликите на тажните републиканци кои пропаднаа по поразот на нивниот противкандидат – г. Барак Обама.
Всушност, секоја страна сака да се потсмева на загубата и ги сметаат сопствените солзи за благородни и праведни, како манифестација на вистински политички чувства, доказ за филозофска доблест. На своите јавни настапи на пример, г. Трамп понекогаш раскажуваше приказни за работничката класа (некогаш за рударската, некогаш за челичната индустрија) кои ја потврдија неговата неверојатна претседателска аура, луѓето плачејќи во негово присуство.
Но, наклонетоста на републиканците не е ништо во споредба со солзите радосници што националниот печат макотрпно ги документираше по падот на г. Трамп. Во New York Times (13 ноември), ТВ ѕвездата Падма Лакшми рече дека доживеала мистериозна внатрешна топлина што „избувнала во форма на неконтролирани солзи“ кога дознала дека г-ѓа Камала Харис е избрана за потпретседател, пред да раскаже како таа „повторно плачеше“ додека го гледаше нејзиниот (незабележителен) говор за победа. Оваа длабока емоција таа ја објаснува со фактот дека г-ѓа Харис „им дава чувство на припадност на многу жени црнкинки и мелези“.
Популарен начин да се пролеат солзи за доблеста, е со размислување за невиноста од детството пред изопаченото политичко опкружување. Наградата ја доби конзервативниот судија Брет Кавано, чие назначување во Врховниот суд во 2018 година беше прекинато со обвинувања за дамнешен сексуален напад. Тој меѓу другото, одговори раскажувајќи, како неговата ќерка, „малата Лиза, на 10-годишна возраст“ помислила да се моли за обвинувачот на нејзиниот татко. Сцена која очигледно беше проследена со жална изјава за сопствената анегдота. И, како можеме да го заборавиме спектаклот на кутриот Ван Џонс, поранешен револуционер кој стана коментатор на Си-Ен-Ен (CNN), обидувајќи се да ги проголта солзите речиси две минути при директен пренос, по објавувањето на победата на господинот Бајден? Неговата емоција беше разбирлива („Полесно е да се биде родител утрово, полесно е да им кажете на вашите деца дека моралот е важен“), но нејасен е начинот на кој камерата остана фокусирана на него додека зборуваше, прикажувајќи им на гледачите епизода на долга и намерна непријатност.
Во вакви ситуации, солзите значат искреност, вистинитост утврдена со неволно дејство на самото тело. Никој не би се осмелил да се сомнева во автентичноста на емоциите на лицето што плаче, особено ако одблиску ја покаже својата маскара како тече. Ова е исто така и причина зошто, од време на време, треба да се потсетуваат Aмериканците колку се измамени од надворешни приказни поврзани со емоциите. Во осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век, телевангелистите кои исплачуваа големи, измамнички и театарски солзи, станаа национален срам. Солзите беа едни од инструментите што ги користеа за да не измамат. Слично на тоа, г. Вилијам Клинтон, најсентименталниот од нашите неодамнешни претседатели, се чинеше дека може да ги вклучи и исклучи солзите по своја волја. Тактиката за плачење беше само една алатка во неговата кутија со трикови.
На кратко, американските политичките лидери плачат затоа што тоа дејствува кај народот. Солзите го освојуваат гласот. Тие ја дефинираат позицијата на жртва, неправедно прогонувана од моќните. Тие воспоставуваат искреност, сугерираат внатрешно благородништво. Г-ѓа Клинтон, позната по својот челичен темперамент ретко искажува чувства пред телевизиските камери. Тоа сепак се случи во 2008 година, кога една жена по напорниот ден од кампањата ја запраша : „Како го правите ова? Како останувате толку позитивна и толку прекрасна?“ Нејзините поранешни приврзаници сметаат дека тоа е еден од нејзините најдобри моменти.
Моќниот г. Трамп е тежок тип да заплаче во јавност, но тој пак напаѓа и доста често се жали. Тој самиот себе си се опишува како „најпознатиот човек што се жали “ во земјата : „Јас цимолам и цимолам без престан додека не победам“ , рече во една прилика за Си-Ен-Ен ( 11 август 2015 година). И „тој цимоли и цимоли“ исто така и кога губи. Неговите поплаки се неразбирливи, бедни и бескрајни. Доцна во ноќта, тој твиташе за неправедноста на медиумите кон него, за лошите луѓе кои му го крадат реизборот, неговата сопствена администрација која не ги препознава заслугите на неговите поплаки итн. Како бизнисмен кој се снајде со многу жалења, тој совршено го отелотворува конзервативното движење, кој има намера да ја продаде својата заштитена доктрината за опстанок на најсилните – што стана негов заштитен знак – преку обвинување против овие страшни демократи кои се обидуваат да го уништат Божиќ и против телевизијата која се потсмева на вредностите на скромните и побожни граѓани.
Така, солзите лежат во срцето на американската политика и ги даваат најмоќните аргументи во нашиот политички речник. Тие се доволни да ја привлечат насловната страница на еден голем весник. Г. Бајден, голем сентименталист кој штотуку победи на претседателските избори, не се потпирал на амбициозните предлози, туку на одбивноста што ја чувствува за омразениот Доналд Трамп. Во меѓувреме, републиканците работат напорно, со своите залудни културни војни и носталгични повици „да ја направат Америка повторно голема“. Ниту една од двете најголеми партии нема намера да ги регулира ниту Wall Street ниту Силициумската Долина, ни да го врати производството во Пенсилванија и Мичиген. Генерално, политичката реторика се претвори во трка на стаорци со морални обвинувања каде што мажите кои носат пушки тврдат дека се жртви, а самопрогласените истражители патролираат на интернет за навестување на привилегии и непочитувани придавки. Нашиот политички живот сè повеќе се сведува на срам и лични поплаки. Плачеме затоа што сме најблагородни луѓе, плачеме затоа што сме најнечесни од луѓето, плачеме затоа што сме исклучени, плачеме затоа што сме прогонувани, плачеме затоа што сме победници, плачеме затоа што никогаш не го добиваме она што го сакаме.
Полскиот поет Тадеуш Рожевич, кој преживеа многу катастрофи во Европа, своевремено ја нарече Америка „суперсила што липа“. Во својата сардонска поема што го носи ова име, тој ја опишува инаугурацијата на претседателот Џорџ Буш во 2001 година : Одличен момент на сентиментален приказ во кој присутните пуштија по некоја солза, пред да ги облечат своите свечени алишта и своите каубојски чизми за раскошна гозба.
Гледано од страна, мора да изгледа чудно да се гледа како најбогатата и најмоќната земја во историјата на светот, го избира својот пат заснован врз проповедање и морализирање на ставовите, кои се закопани под милиони литри американски солзи во висок октански број. Колку мора да биде вознемирувачко да се знае дека изборот на Соединетите држави ќе нанесе сериозни последици на вашата нација и вашиот живот, но вашите солзи нема да пречат на ништо во нашите величествени размислувања.
Преведено од: Павлина Димовска
Сите права се задржани. Преземањето на содржината е забрането без претходна писмена согласност од редакцијата на Le Monde Diplomatique – Македонско издание.
Фусноти:
Cf. Michael Kruse, « The woman who made Hillary cry », Politico, 20 април 2015 година. www.politico.com