понеделник, 10 Фев 2025 / 4:10:16
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Дали е среќата – државна работа?

Ако заедничкиот просперитет не води до субјективно задоволство, тој сепак силно придонесува за тоа: најбогатите и најрамноправните земји имаат најдобри вкупни перформанси, а земјите во криза и оние со голема нерамноправност меѓу населението – имаат најлоши. Сепак, западната триумфалистичка реторика за доблестите на нивниот модел не одговара на варијациите без дно, а кои можат да се забележат на Запад од еден регион до друг и со текот на времето.


Од Фредерик Лебарон
*Професор по социологија на École Normale Supérieure Paris-Saclay.


Фото: juan-mende/pexels

Пред 15 години, во јануари 2008 година, претседателот Никола Саркози им довери на реномирани економисти, вклучително и Џозеф Стиглиц, задача да размислуваат за мерењето на економските перформанси и општествениот напредок. Нивниот амбициозен извештај се залагаше за повторно фокусирање на јавните политики околу благосостојбата и одржливоста на животната средина без да се занемари животниот стандард на луѓето.[i] Една од мерките беше да се земат предвид средните приходи (нивото под кое се наоѓа половина од населението) наместо светиот бруто домашен производ (БДП), кој го мери богатството произведено во една година, без оглед на неговиот корисен или штетен ефект врз општествата.

Како што може и да се очекува, оваа статистичка „револуција“ не се случи, а лидерите внимаваат на водечкиот агрегат на нивните национални сметки. Малку проследено со политички ефекти, извештајот на Стиглиц, од друга страна, придонесе за успехот на една дисциплина: економијата на среќата.[ii] Нејзиниот показател се добива на многу едноставен начин, бидејќи секој испитаник во прашалникот го одредува своето ниво на задоволство од животот на скала, а која генерално се движи од 0 до 10. Земјите, регионите или градовите, но и социо-демографските групи, на тој начин може да се класифицираат и добиениот резултат да биде во корелација со многу фактори, вклучително и социо-економски.

„Глобалниот извештај за среќа“, кој го симболизира овој пристап на највисоко ниво, доаѓа од Мрежата за решенија за одржлив развој на Обединетите нации, како и од приватни партнери како што е Фондацијата Изли. Ова се заснова на истражување кое се спроведува годишно од 2012 година во 135 земји според податоците на Галуп Ворлд Пол.[iii] Секоја година се објавува на 20 март, датумот на „Меѓународниот ден на среќата“ прогласен во 2012 година од Генералното собрание на Обединетите нации. Неговите промотори, професорите Ричард Лејард и Џефри Сакс, предводат огромна светска мрежа на економисти, кои ја повикуваат економетријата – со равенката на среќата, дозволувајќи им да се определи релативната „тежина“ на различните фактори – како и невронауката и експерименталната психологија. Медиумите го задржуваат првото место за Финска во светот, но деталните случувања и научните заклучоци, кои често се и поучни- остануваат во втор план.

На пример, дознаваме дека помеѓу 2012 и 2023 година, Северна Америка, Австралија и Нов Зеланд забележале пад на нивното просечно ниво на задоволство од 7,3 на 7, додека Западна Европа и Латинска Америка и Карибите останале стабилни на 6,9 и 6, поединечно. Централна и Источна Европа, како и Источна Азија, забележале зголемување од 5,4 на 6,1 и 5,9 поединечно, споредливо со поизненадувачкиот пораст во Комонвелтот на независни држави (вклучувајќи ги Русија и Украина), од 5,1 на 5,6. Додека суб-сахарска Африка е малку погоре, Јужна Азија е во пад, како и Блискиот Исток и Централна Азија. Франција долги години е околу 6,7 и е на 20-то место во светот во контекст на среќата на своите граѓани.

Ако заедничкиот просперитет не води до субјективно задоволство, тој сепак силно придонесува за тоа: најбогатите и најрамноправните земји имаат најдобри вкупни перформанси, а земјите во криза и оние со голема нерамноправност меѓу населението – имаат најлоши. Сепак, западната триумфалистичка реторика за доблестите на нивниот модел не одговара на варијациите без дно, а кои можат да се забележат на Запад од еден регион до друг и со текот на времето.

Бидејќи среќата никогаш не доаѓа сама, истовремено со објавувањето на „Светскиот извештај за среќа“, анкетарската компанија Ипсос ги објави заклучоците и од т.н. „Глобалниот извештај за среќа“, заснован на помала анкета со прашалник на 2.2508 лица во 32 земји.[iv] Прашањето беше уште подиректно: испитаниците беа прашани дали се среќни, на скала од помалку нивоа. Вон контекстот од радоста по пандемијата, тоа е рангирањето на земјите што привлекува внимание: со 91% од поединците кои се дефинираат себеси како многу или прилично среќни, Кина сега доминира на рангирањето пред Саудиска Арабија и Холандија. Што е најважно, среќата во земјите со среден доход „се зголеми понагло отколку на пазарите со високи приходи“, и сега ја надминува онаа во најбогатите земји. Поради тоа, феноменот на „фаќање чекор“ се забрзува меѓу земјите во развој и развиените земји.

Ситуацијата не остана неприметена од кинескиот печат. „Кина стана првата земја во светот со најголем процент на среќни граѓани“, се пофали Чајна Дејли (4 април 2023 година). Всушност, кинескиот претседател Кси Џинпинг веќе неколку години ја направи „благосостојбата на луѓето“ една од официјалните цели на Комунистичката партија. Во оваа прилика беа адаптирани компонентите на блаженството: поимот ја интегрира довербата во институциите, демократијата и владеењето на правото (на кинески начин). Среќата сега зазема централно место во универзалистичкиот дискурс што кинеските власти го шират низ светот, заедно со слободната трговија, зелениот раст и довербата во владата. Наспроти американскиот и европскиот универзализам, Народната Република на остатокот од светот му нуди трета опција на идеолошка привлечност, која исто така е ослободена од каква било форма на империјализам.[v]

Пред Кина, малото кралство Бутан се вклучи во многу нерамноправна идеолошка конфронтација со западните критериуми за среќа, во форма на промоција на т.н. „Бруто национална среќа“, основана во 1972 година околу зачувувањето на природата и будистичкото културно наследство на малата хималајска монархија.[vi] Малку подоцна, создавањето во 1990 година на Индексот за човечки развој (ИЧР) од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), под поттик на индискиот економист Амартја Сен, овозможи да се измени мерењето на социјалните перформанси на земјите со вклучување на здравството и образованието, со што визијата за глобалната динамика и хиерархии ќе биде нешто посложена. Ажурирано по извештајот на Стиглиц, со вклучување дополнителни податоци за нееднаквоста, ИЧР јасно го покажува прекинот во 2020 година: пандемијата, во просек, ја намали радоста бидејќи го намали животниот век и приходите.[vii] Но, неговите криви линии го потврдуваат и многу силниот раст на Кина и неколку азиски земји од 1990 година. Сепак, „најчовечки развиените“ земји остануваат доминантните капиталистички земји, особено кога посилно ги коригираа економските нееднаквости, како во Скандинавија.

Овие индекси, индикатори и графикони, исто така потврдуваат лесно забележлив тренд. Во западните земји, како и во земјите во развој, потрагата по среќа е сеприсутна во организациите, на социјалните мрежи или во книжарниците. Таа добива форма на честа маркетинг понуда, која се движи од глобализирана јога до различни форми на позитивна психологија промовирана од сега доста актуелните професионалци за личен развој.[viii] Сепак, благосостојбата останува главно поврзана со материјалното богатство, индивидуалните перформанси и економскиот раст, вклучително и во јавните политики: економската активност поттикнува вработување што овозможува пазарна потрошувачка, задоволство и така натаму. Бројките на БДП и берзанските индекси, кои продолжуваат да растат и покрај сè почестите шокови, сепак го одредуваат темпото на секојдневниот живот на засегнатите граѓани.

Пред 40 години, врз основа на ветувањето за светла индивидуална иднина, неолибералните политики во Северот страдаат од неколку недостатоци: тие не гарантираат одржливи макроекономски перформанси и, напротив, го ослабуваат потенцијалот за раст преку зголемување на нееднаквостите, оштетување на животната средина, јавната инфраструктура и она што тие самите го нарекуваат „човечки капитал“. Тие ги акцентираат внатрешните поларизации на националните општества, што доведува до релативно губење на довербата на дел од граѓаните, а да не зборуваме за сè поживите општествени конфликти, на пример околу споделувањето на „напорите“ предизвикани од борбата против јавниот долг. Благодарение на релативниот пад на Западот во рамките на глобалниот економски и политички систем, овие политики фаворизираат дури и војна или логика на „студена војна“. Не можејќи да се спротивстават на климатските промени и вознемиреноста што ја предизвикуваат, особено кај младите, тие сериозно го деградираат квалитетот на општествениот живот и влијаат на чувството за правда кај поединците, туркајќи ги кон бескрајната потрага по палијативите – што ги нуди пазарот на благосостојба.

Ако и седмото небо стана „државна работа“, државата може да потврди само еден вистински триумф по ова прашање: среќата на акционерите.

[i] Joseph Stiglitz, Amartya Sen, Jean-Paul Fitoussi, « Rapport de la Commission sur la mesure des performances économiques et du progrès social », IX/2009. Видете ја и докторската теза одбранета од Félicien Pagnon: “Après la croissance: Controverses autour de la production et de l’usage des indicateurs alternatifs au PIB”, одбранета на University Paris Dauphine на 30.11.2022 година, под менторство на Dominique Méda.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[ii] Claudia Senik, L’Économie du bonheur, Paris, Seuil, 2014.

[iii] https://worldhappiness.report/

[iv] « Global Happiness 2023. Life Satisfaction Across the World », Ipsos, III/2023, www.ipsos.com

[v] Погледнете ја најновата книга на Pierre Bourdieu: Impérialismes. Circulation internationale des idées et luttes pour l’universel, Paris, Raisons d’agir, 2023.

[vi] Thierry Mathou, Le Bhoutan. Royaume du Bonheur National Brut. Entre mythe et réalité, Paris, L’Harmattan, 2013.

[vii] Human development index, https://hdr.undp.org

[viii] За една неодамнешна критичка анализа на феминистичката инспирација: Camille Teste, Politiser le bien-être, Paris, Binge Audio Editions, 2023.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW