Le Monde Diplomatique – Македонско издание

„Гости“ од Украина во Полска

Од руската инвазија на Украина, милиони бегалци се собраа во Полска и многумина останаа таму. Во оваа земја на емиграција, која долго време е отпорна на имиграција, новодојдените имаат пристап до пазарот на трудот и до образованието. Но, полскиот систем за прием, планиран да биде привремен, во голема мера се заснова на гостопримството на граѓанското општество и здруженијата што сега остануваат без здив.


Од нашиот специјален кореспондент Елиса Перигур*
*Новинар


Фотo: matti-karstedt/pexels

Во темнината се појавуваат слаби светла. Тие ги даваат контурите на идентични прозорци на бетонска зграда во Варшава. Викотниците на шест деца одекнуваат во цементниот двор. Малите деца трчаат околу модерна мансарда и едното скока со двете нозе на шик троседот. Сопственикот, извесен Дарек Гоцлавски, разговара на руски со нивните мајки Татјана Левченко, Ирина Ц. и Ана Б.[1] Тие се негови „гости“ од Украина, објаснува овој полски архитект.

Уште на 24 февруари, денот на руската инвазија на соседната земја, тој понуди да биде домаќин на раселени лица од војната во неговиот голем работен простор. „Жените и децата влегуваа во станицата; не можев ништо да направам. Војната е само на 300 километри од мојот дом“, потенцира тој. „Се јавив на социјалната мрежа Фејсбук. Мислев дека овој прием ќе биде привремен.Но, војната сè уште трае. И егзодусот исто така. Така, во пролетта, овој семеен човек ги замолил своите 21 вработени кои го користеле овој работен простор, да работат од дома. Тој инвестираше 6.400 евра за да направи три спални соби и кујна. Закачи лулашка на таванот. Архитектонските скици сега се измешани со детско боење на белите ѕидови.

Уште од првите денови на рускиот напад, Полска и нејзините 38 милиони жители, кои се прогласени за поддржувачи на Киев, се мобилизираат во негова корист. Парламентот на Полска усвои закон со кој на раселените Украинци им гарантира пристап до пазарот на трудот, образованието и социјалната заштита. Во исто време, конзервативната полска влада на партијата Право и правда (ПиС) започна програма која на Полјаците им дава 8,5 евра дневно за сместување и исхрана за Украинец, за три месеци.

Од февруари, речиси седум милиони Украинци се верува дека поминале низ Полска, каде што пред инвазијата веќе живееле 1,5 милиони украински работници. Уште од првите денови, жените и децата се собраа на заедничката граница, долга 535 километри, која се протега низ рамнините, додека мажите се вратија во Украина или останаа таму, мобилизирани со воената состојба. Минатиот ноември властите официјално регистрираа околу 1,5 милиони бегалци кои пристигнале во последните девет месеци, од кои околу 60 отсто се пријавени дека нашле вработување, покрај веќе порано дојдените економски имигранти од Украина. Дополнително, меѓу 800.000 и 1 милион Украинци патуваат напред и назад меѓу двете земји, и така не се регистрирани.

Сместувањето на раселените лица сè уште делумно се заснова на граѓанското општество, според интервјуираните невладини организации, иако нема официјални бројки. На пример, Гоцлавски, како и многу негови роднини, од февруари досега пречекал дури 22 Украинци. Девет бегалци сè уште се кај него дома, растргнати помеѓу населувањето во Полска и надежта за враќање во Украина. Трите мајки живеат од работни места доволни само за исхрана, различни од оние од нивниот живот „порано“, додека сега се грижат за децата. Една од нив, Левченко, е загрижена поради својот недостаток на слободно време: „Морам лично да го чувам мојот тригодишен син“. Ана Б. ги пратила своите деца, на возраст од шест, девет и дванаесет години, на училиште „за да се социјализираат“. Тие сега можат да зборуваат полски: словенски јазик доста близок до украинскиот. „Јас пак, не го разбирам полскиот. Почнувам од нула“, вели оваа поранешна банкарска чиновничка, чиј „ум е во Запорожје“, нејзиниот бомбардиран град. Ирина Ц., пчеларка од блиското село, „ќе се врати дома пред Божиќ“, нѝ вели таа. Нејзините две деца се обиделе да одат на училиште. Но, избија конфликти меѓу малите другари, од кои некои зборуваат украински, а други руски. Децата сега посетуваат онлајн курсеви формирани од Киев, а во договор со Варшава, како и повеќе од половина од раселените деца.

Гоцлавски, сега, признава дека, сепак, презел „тешка улога“. „Понекогаш морам да ги решам конфликтите меѓу жените од различните општествени класи. Ми се јавуваат и за какви било прашања. Им повторувам дека не сум нивен сопруг, брат или пријател, туку некој што им помага најдобро што може“, вели тој. Уморен, тој би сакал да престане да ги вдомува раселените. „Се повеќе Полјаци престануваат да го прават ова. Сега постои загриженост за нашите, внатрешни проблеми, вклучувајќи ја и инфлацијата.Потрошувачките цени се зголемија дури за 17,4% за една година – а како резултат на конфликтот.

Но, Гоцлавски се чувствува виновен, бидејќи земјата се подготвува за нов бран на пристигнувања, сега поради прекинот на електричната енергија во соседната земја. „Украинците се борат за нашата безбедност“, објаснува тој. „Ако можам да им помогнам на нивните жени или деца да живеат со почит, го правам тоа. Ако не се борат, ние ќе бидеме следните кои ќе бидат нападнати од Москва.“ Така, тој споделува чувство што е заедничко за многу од Полјаците кои ги сретнал. Деградацијата на ситуацијата е во спротивност со должноста мотивирана од непријателството кон Русија, која учествуваше во распарчувањето на Полска на крајот на 18. век, а потоа и во 1939 година. Сеќавањето на осумдесеттите години од минатиот век, на воената управа во Полска, под советска контрола, сè уште е свежо.

Пешаците се ретки во студената магла што ги обвива булеварите на Варшава на овој ноемвриски ден. Бегалците не се оставени на улиците како во Франција и можат да сметаат на сместување. Со 1,8 милиони жители пред инвазијата, полскиот главен град би имал зголемување на населението за околу 20%, според проценките на локалниот печат, неколку месеци по руската инвазија на Украина. Локациите за сместување на бегалците, стануваат сè поретки. „Украинките, многу од нив образовани, сè уште главно избираат поголеми градови како главниот град, па Краков, Познан… за можности за работа“, забележува Анджеј Поравски, претседател на Здружението на полските градови, кој жали за оваа разлика со селата: „Поголемо децентрализирање на приемот на Украинците ќе им олесни на градовите“, верува тој, дегустирајќи еден кроасан, специјалитет од западниот дел на Полска. „Цените на киријата вртоглаво растат, а училиштата се под голем притисок“. Околу 140.000 украински деца, кои не го зборуваат јазикот, пристигнаа во полските училници, од вкупно околу 350.000 регистрирани раселени малолетни лица, а останатите следат онлајн настава.[2] Наставниците го осудуваат „недостатокот на средства и обука“, предупредува ЗНП, главниот синдикат на полските наставници. „Но, паланките и селата, сè уште се борат да привлечат семејства. Украинците си замислуваат дека тоа се изолирани и сиромашни места, но тоа се промени!“, продолжува овој Поравски.

Со карактеристики на силна емиграција со децении, Полска сега стана земја на имиграција. Земјата доживува демографска стагнација од 1990-тите со падот на плодноста и заминувањето на многу млади луѓе: дури два милиони Полјаци се вели дека работат во Западна Европа, главно во Германија и Британија. Откако ја избегна кризата со еврото, полската економија значително порасна во текот на изминатите 15 години, до точка кога има сериозен недостиг на работна сила и земјата привлекува голем број соседни Белоруси и Украинци.[3] Последниве, бегајќи од дисфункционалноста на својата земја, лесно добија полски работни дозволи.

Исто така, за Поравски, мешањето на новата дијаспора во овие општини би претставувала нова можност. „Многу општини [од кои најважните се во опозиција на владата, инсистира тој], се подготвени да ги примат, тие прават многу со сопствениот буџет. И лесно може да се добие работа во градежништвото, секторот на услугите, транспортот, земјоделството…“ Тој, исто така, ја нагласува и „културната блискост“. Веќе населените заедници во голема мера им помогнаа на новодојденците да добијат сместување или работа. Така, семејството на Јулија дошло, по усна информација, во една од заедниците во областа Познањ, 300 километри западно од Варшава.

Од 17 часот, темнината длабоко го покрива Богданово, село кое се граничи со грмушки покрај пат по кој патуваат тешки камиони. Јулија Т., нејзиниот сопруг Володимир и нивните две деца, од кои едното е хендикепирано, живеат во една од овие модерни згради кои го следат хоризонтот на општината од седумстотини жители. Володимир, на кој му беше дозволено да ја напушти Украина поради грижата за хендикепирано дете, брзо најде работа како локален возач. Неговата компанија им ја издава куќата по бенефицирана цена. „Останав без зборови кога го видов пречекот од полскиот народ. Не мораа да нè прифатат. Дали и ние би го направиле истото?“, прашува Јулија Т. Нејзиниот син, Ростислав (26) бара постојано внимание: „Тој беше во центар прилагоден на хендикепираните во Украина, но тука беше невозможно да се најде такво место…“, се доверува, цела потресена, оваа поранешна секретарка на училиште. Во станот со голи ѕидови, украинскиот канал ИЦТВ континуирано емитува слики од бомбардираната земја. Персиска мачка се излежува под брзото дишење на булдог. „Животните подобро се адаптираа на нашиот егзил“, коментира Јулија. „Чекам знак од Бога да се вратам во Украина што е можно поскоро“.

Додека бегалците остануваат за неизвесен период, „постои потреба од реформирање на јавните услуги во однос на здравството, образованието, социјалните надоместоци…“, потенцира Мирослава Керик. Пристигнувајќи во Варшава во 2002 година, харизматичната Украинка таму ја основаше НВО Украински дом седум години подоцна, организација за која рече дека има за цел „интегрирање на украинските бегалци во Полска, задржувајќи го нивниот украински идентитет“. Оваа Керик признава дека полската влада „ја направила вистинската работа во февруари 2022 година за бегалците“. Владата тврди дека потрошила 2,5 милијарди евра, од фонд специјално создаден за финансирање на итна помош, на која биле додадени средства од Обединетите нации и Европската унија.

Од февруари, персоналот на НВО Украинскиот дом е надвор, на терен, во давање помош, како и многу здруженија. Благодарение на „меѓународните субвенции и приватните фондови“, оваа НВО се зголеми од 25 на 125 вработени, кои се обидуваат да понудат локален живот за прогонетите од Украина. Десетици илјади Украинци брзаат да добијат пристап до часови по полски јазик, сесии за психолошка поддршка, курсеви за веб програмери понудени од Гугл. Американскиот гигант, исто така, бесплатно е домаќин на оваа НВО во подем, во неговата компаниска стаклена кула во срцето на главниот град на Полска. Членовите на НВО Украински дом имаат неверојатен поглед на облакодери кои ја опкружуваат импозантната Палата на културата, „подарок“ од Сталин до Полјаците, од една друга ера.

Агнешка Косович, раководителка на полскиот Форум за миграција, го нагласува „повлекувањето“ на владата на Полска: „Таа ги постави законските алатки за сместување на Украинците, а потоа останатото го остави на граѓанското општество“. Со добра причина, Варшава „никогаш не инвестирала во политиките за интеграција“, осудува таа. Позната по своите антимигрантски ставови, конзервативната националистичка партија ПиС се истакна во 2015 година со тоа што одби да ги прими Сиријците кои бегаат од војната. Покрај гостопримството покажано кон раселените Украинци, полската влада сега го отфрла присуството на мигранти, претежно од Блискиот Исток, кои пристигнуваат низ главната шума на Беловежа, која се граничи со Белорусија, на североисток на Полска.

„Ставот на властите за отворање на границите за Украинците беше неопходен“, истакнува спомнатата активистка Косович. Но, оваа отвореност делумно се заснова и на наратив – за кој таа вели дека е „вознемирувачки“: „Многу луѓе го легитимираат приемот на овие украински жени, бидејќи тие се сопруги на борци кои се борат и за нас. Но, што ќе се случи на крајот на војната: дали тие ќе бидат приморани да се вратат назад?“

На 10 ноември, полскиот премиер Матеуш Моравјецки во една наменска статија инсистираше на „впечатливата сличност меѓу полската борба за независност и војната што Украина ја води против Русија“.[4] Оваа заедничка борба против „рускиот угнетувач“, досега ги остави настрана украинско-полските расправии. Некои спомени на меѓусебни конфликти останаа доста свежи последниве години, како што е масакрот на полското малцинство во областа Волинија од страна на Украинската востаничка армија за време на Втората светска војна.[5] Опишан како „геноцид“ од Варшава, терминот е оспорен од Киев. На 11 ноември, десетици илјади Полјаци маршираа во Варшава по повод 104-годишнината од независноста на земјата. Под црвено-белите знамиња, активистите за идентитет истакнаа транспарент против „украинизацијата“ на Полска, меѓу два антимигрантски слогани. Но, овој грст екстремисти не е претставник на сегашното јавно мислење во земјата.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[1] Некои соговорници не сакаа да го откријат својот идентитет.

[2] « Uczniowie uchodźczy z Ukrainy w polskim systemie edukacji », Norwegian refugee Council, Centrum Edukacji Obywatelskiej, 2022.

[3] Julien Vercueil, « Thérapie de choc ou gradualisme ? », Le Monde Diplomatique, VI/2020.

[4] « La Pologne indépendante, un fondement de la sécurité de l’Occident », L’Opinion, 10.11.2022.

[5] « Lois mémorielles : l’Ukraine et la Pologne se fâchent sur la seconde guerre mondiale », Le Monde, 16.02.2018.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW