Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Горчлива демократска победа

Кризата на доверба на САД во нивниот политички систем можеби ќе ја има предноста да ги одврати од тоа насилно да му го наметнуваат на целиот свет. Што се однесува до американската левица, која од овие избори не излезе зајакната, ѝ останува само да го предупреди новиот претседател од една премногу претпазлива политика, слична на онаа на демократите кои овозможија г. Трамп да биде избран.

Серж Алими


Фото: NBC News

На 3-ти ноември, вечерта на претседателските избори, повеќето демократски приврзаници многу се разгневија и покрај тоа што нивниот кандидат победи. За нив, речиси ништо не се одвиваше според планираното. Навистина, г. Доналд Трамп загуби, но за многу малку, бидејќи неколку десетици илјади дополнителни гласови во само неколку држави (Џорџија, Висконсин, Аризона, Пенсилванија) ќе беа доволни за сегашниот станар во Белата куќа да остане таму уште четири години. Ваквиот тесен резултат ќе го охрабри на цел глас да повикува на изборна измама, додека неговите најревносни приврзаници ги критикуваат гласачките машини чиј софтвер, направен во Венецуела за Хуго Чавез, би овозможил  да се фалсификуваат резултатите по негова волја. Глетката на поранешниот градоначалник на Њујорк, Рудолф Џулијани, личен адвокат на претседателот на Соединетите држави, како се препотува додека овие екстравагантни обвинувања се изнесуваат со неговото одобрување, е мерило за тоа во што се претворила американската политика.

Позагрижувачки и посериозно за г. Џозеф Бајден: 77% од републиканците сметаат дека неговиот избор не е легитимен. На 20-ти јануари, следната година, избраниот претседател ќе треба да се соочи со оваа недоверба при што неговата партија нема да има мнозинство во Сенатот, со загубата на десетина места во Претставничкиот дом и со тоа дека не напредува во собирот на делегати во државите. Се чини дека овој демократски мандат ќе остане без својот меден месец. Како и тоа дека неговиот мандат започнува многу полошо од оној на г. Барак Обама пред дванаесет години, од кој и не остана баш многу, освен неговите величествени говори и Мемоарите во два тома. Изборот на г. Обама не беше оспорен, тој направи целиот свет да мечтае и поседуваше големо мнозинство во двата дома. Меѓу другото, тој се покажа многу појак и беше триесет години помлад од „Заспаниот Џо“ денес.

Парадоксално, но се чини дека, токму на полето на губитниците, иднината најмногу ветува. Противниците на г. Трамп си мислеа дека неговиот избор пред четири години беше резултат на еден неверојатен изборен облог, дека тоа беше последниот здив (или последниот крик) на белиот човек, и дека неговата коалиција каде се противставуваа сегментите од  изборното тело кои се во опаѓање – религија, рурална средина, старост – беше осудена на пропаст. Спротивно на тоа, со демографска карта составена од едно „разновидно“,  младо и мултиетничко мнозинство не можеше да му се одолее на демократски поткрепениот реванш. Не е пишано да има таква иднина. Удобно сместен во своите бази, освојувач на нивните простори, републиканизмот во стилот на Трамп не е подготвен да ја напушти сцената. Претседателот во заминување ја трансформираше партијата што ја заграби; отсега таа е негова, на неговиот клан, или на наследниците што тој ќе ги назначи.

За демократите, разочарувањето е огромно. Би можело да следи некаква форма на обесхрабрување и демобилизација. Со повеќе од двесте илјади смртни случаи од Ковид-19, економија во застој, невработеност која се зголемува, стапка на претседателска популарност, која за разлика од сите негови претходници, никогаш за четирите години не надминала 50%, список на лаги и јавни навреди со кои може да се пополнат неколку големи тома, се чинеше дека големиот пораз на претседателот во заминување е загарантиран. Дотолку што, на сите овие фактори им се додаде и препукувањето со речиси сите медиуми, изборните финансирања пониски од оние на демократскиот конкурент (зачудувачки е тоа што републиканецот во заминување ги почести милијардерите со обилни даночни подароци), без да се земе предвид силната поддршка од скоро секоја елита во земјата – уметниците, генералите, левичарските универзитетски професори и сопственикот на Амазон – за г. Бајден.

На 3-ти ноември, демократите не очекуваа само победа, туку и казна. Тие сметаа на тоа дека, како и во 1980-та год., поразот на претседателот ќе биде потврден дури и пред Калифорнијците да завршат со гласањето. И, за навредата на светата прогресивна Америка да биде навистина исчистена, поразот ветен на републиканците ќе биде проследен – како што слушнавме дека се бара – со притворање на семејството Трамп, доколку е можно, фотографирано во портокалова униформа. Ова сценарио ќе остане во имагинацијата. Дури и е веројатно дека голферот од Мар-а-Лаго нема многу долго да остане политички неактивен. Охрабрен со тоа што доби 10 милиони гласови повеќе од пред четири години, и покрај сите јавни навреди со кои се соочи, меѓу кои  и обидот за отповикување од должноста (импичмент), тој без сомнение ќе успее да ги убеди своите приврзаници дека тој е храбар претседател кој ги исполнил своите ветувања и ја проширил социјалната база на неговата партија, но неговиот ласкав биланс бил заматен од една пандемија.

Приврзаноста на едните го надополнува отфрлањето од другите. На „алтернативната вистина“ на најревносните републиканци се гледа со сè помалку сомнеж, со тоа што и паралелниот универзум на демократите пројавува некои слични недостатоци. Бидејќи како еден приврзаник на г. Трамп може да се препознае себеси во портретот што повеќето медиуми, без оние кои тој често ги посетува, го презентираат својот шампион? Голем број од гласачите на Бајден, особено униврзитетски образованите, урбаните фаци, оние кои го одредуваат трендот, темпото и правецот, всушност, се убедија себеси дека претседателот во заминување е кловн, фашист, „пудлицата на Путин“, дури и наследник на Адолф Хитлер. На 23-ти септември, публицистот Дони Дојч, без да биде оспоруван од страна на познатиот водител на телевизискиот канал „МСНБЦ“ (MSNBC), ги спореди приврзаниците на г. Трамп со фанатичната толпа што присуствуваше на нацистичките митинзи: „Сакам да им кажам на моите пријатели Евреи кои ќе гласаат за Доналд Трамп: како се осмелувате? Нема разлика помеѓу она што тој го проповеда и она што го проповедаше Адолф Хитлер.„ Два дена подоцна, колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post) ќе процени дека треба да престанеме да стравуваме од аналогијата помеѓу почетокот на нацистичката диктатура и обидите за тоталитаризам на претседателот на САД: „Америко, ние сме на праг на пожарот на Рајхстагот. Можеме да го спречиме тоа. Да не дозволиме да ја пеплосаат нашата демократија.

Конечно, на „Си-ен-ен“ (CNN), кога изборот на г. Бајден е, сепак, добиен, новинарската ѕвезда Кристијан Аманпур, наместо да се насладува на неговата победа и да си допушти мал одмор, го искористи датумот 12-ти ноември за да посочи дека во тек е неделата на „Ноќта на кристалот“, во текот на која, во 1938-та год., беа разграбани излозите на еврејските продавници, а многу од нивните сопственици беа убиени или испратени во концентрациони логори. Почетокот, според неа, претставува напад на „реалноста, знаењето, историјата и вистината“, што веднаш ја навраќа на престапите на американскиот претседател. Во САД како и во Европа, прогресивниот печат избира да не разоткрива такви ексцеси. Но, приврзаниците на г. Трамп, тие нема да ги заборават кога ќе се се подбиваат со нив заради нивната параноја. Тие веќе забележаа дека претседателските избори поминаа без да се манифестира оној огромен руски заговор за кој четири години постојано им се зборуваше.

Изборот на г. Обама поттикна механизам на омраза и фалсификување. И покрај неговиот речиси конзервативен центризам, даночната строгост, добродушноста кон банките, нападите со дронови, масовните протерувања на имигрантите, немоќните протести пред полициските нечисти игри, републиканците го обвинија за тоа дека е истраен радикал, маскиран револуционер, лажен Американец. Г. Бајден, исто така, напразно беше малку наклонет кон левицата како и неговиот демократски претходник – „Јас сум оној што ја спроведе кампањата против социјалистите. Јас сум умерен“, се изјасни тој во Мајами една недела пред гласањето – неговиот мандат ќе се одвива во подеднакво наелектризиран амбиент. Бидејќи, како што анализира новинарот Мет Таиби, големите американските медиуми веќе не се грижат за информирањето, туку за задоволувањето на закоравените приврзаници доволно бројни за да ги оживеат или умрат. Од оние што се информираат читајќи го „Њујорк Тајмс“ (New York Times), 91% се изјаснуваат како демократи, а од оние кои го претпочитаат Фокс Њуз (Fox News), 93% се декларираат за републиканци. Тогаш, добриот деловен модел е тоа да се гои животното, т.е. претплатникот, со храна што ја очекува, било таа да е лицемерна,  претерана и фалсификувана. А, новинарите, и тогаш кога ја прогласуваат својата љубов кон различностите, се грижат за прогонување на еретиците. Резултатот е убедлив: трансформиран во идеолошки анекс на Демократската партија и, способен да објави половина дузина статии или коментари кои секој ден одново ќе го потврдуваат својот презир и гнасење од претседателот во заминување, Њујорк Тајмс (New York Times) брои седум милиони претплатници. Од своја страна, Фокс (Fox) никогаш не заработил толку пари како откако почнал скоро исто толку слепо да го брани противничкиот табор.

Постоењето на две земји кои се игнорираат или се противставуваат не е ништо ново во САД. И, во времето на Граѓанската војна,  поделбата веќе ги занемаруваше економските и социјалните категории. Малку порано, во 1969-та год., Кевин Филипс, советник на претседателот Ричард Никсон, ѝ препорача на Републиканската партија, со мапи и графикони напомош, да го искористи „популистичкиот бунт на американските маси, кои, откако го достигнаа  просперитет на средните класи, станаа поконзервативни. Тие се креваат против кастата, политиките и оданочувањето на високите левичарски чиновници на естаблишментот“. На оваа анализа која го поврзуваше непријателството кон даноците на оние чија заштеда се зголемува и нивната огорченост против социјалниот инженеринг чиј пропуст им го припишуваат на прогресивните интелектуалци кои, според нив, не ги почитуваат религиозните заповеди, Филипс го додаде и впечатокот за расна омраза. Во кратки црти, „малите белци“ од Југот, по традиција демократи, се заситија од еманципацијата на црните. И, според него, тука имаше средство што републиканците би можеле да го активираат за да го освојат гласачкото тело составено од народот. Тоа априори беше непријателски настроено кон економските политики на десницата, но „етничките и културните непријателства предначат во однос на каков било друг мотив кога се работи за објаснување на изборот на партијата“. Во голема мера, политичката стратегија на Филипс ги објасни реизборите на Ричард Никсон, Роналд Реган и г. Џорџ В. Буш. Таа исто така го појасни и претседателствувањето на г. Трамп.

Сепак, дискурсот чија цел се експертите, меритократијата, мигрантите и малцинствата станува опасен во однос на гласачкото тело во земја во која соодносот на студентите се зголемува, а на белците се намалува. Демократите можеа да се обложат дека времето е на нивна страна. Додавајќи ги скоро сите гласови од црните, големото мнозинство латиноамерикански гласачи, малата предност кај жените и редовниот прогрес со високообразованите, победата не можеше да им избега.

Изборите во 2020-та год., ако ништо друго, беа заслужни за повторно разгледување на овој катехизис за идентитетот, ова впишување на цела една популација во различни демографски графи, етнички и политички. Споредбата на резултатите покажува дека Бајден има напредок  главно кај белите гласачи во однос на резултатот на г-ѓа Хилари Клинтон пред четири години. И дека мнозинството од оние кои самошто гласаа за г. Трамп беше составено од додадените гласови на жените и малцинствата. Гледано пропорционално од едниот до другиот избор, далеку сме од земјотрес: неколку поени тука, неколку поени таму. Републиканците секогаш триумфираат кај белите луѓе, особено кај оние без диплома; демократите кај црните и латиноамериканците.

Сепак, напредокот се случи онаму каде тоа не се очекуваше. Тоа дека г. Трамп го подобри својот резултат кај Афроамериканците по покажувањето на својата рамнодушност кон полициската бруталност и непријателството кон движењето Black Lives Matter („Црните животи вредат“); тоа што тој се проби кај латиноамериканското гласачко тело откако промовираше (и делумно го изгради) ѕидот на границата со Мексико и ги третираше мигрантите како престапници и убијци, се чини дека го надмина разумот. Толку многу што некои републиканци замислуваат дека нивната партија би можела да стане конзервативна, народна и мултиетничка. Од своја страна, демократите се загрижени да не ја пропуштат клиентелата за која веруваа дека ја придобиле, ако не и заробиле.

Во околината на Рио Гранде, во Тексас, енигмата делумно се разрешува. Тука населението е 90% латиноамериканско. Пред четири години, г-ѓа Клинтон освои 65% од гласовите во округот Запата. Овој пат победи г-дин Трамп. Што се случи ? Едноставно, латиноамериканците, како и останатите, не се трогнати од самото внимание за идентитетот што им го посветија. Во конкретниов случај, оние во Рио Гранде стравуваа дека непријателското расположение на г. Бајден кон нафтената индустрија ќе им го забрани пристапот до добро платените работни места, а за кои не е потребна факултетска диплома. Климатските промени затоа им се чинеа понеопасни од социјалното деградирање. Други жители на регионот, кои заработуваат пристојно како полицајци или граничари, поверуваа дека демократите ќе престанат да ја финансираат нивната професија. Конечно, тоа што сте Латиноамериканец не ви забранува да бидете непријателски настроен кон абортусот или урбаните немири, особено кога ќе откриете дека во вашиот рурален округ има слични на нив.

Накратко, можете да зборувате шпански и да бидете конзервативен, како и што можете да бидете Афроамериканец, а да не сакате веќе да примате мексикански имигранти, или да потекнувате од некоја азиска земја, а да бидете загрижен поради програмите кои сакаат да го фаворизираат пристапот на малцинствата до универзитетите. Додека демократите смислуваат вештачки, прогресивни додатоци, републиканците профитираат од поделбите и те како реални (прочитајте го членокот на Муртаза Усен, стр. 14). Со ризик, како за едните, така и за другите, да не го согледаат другиот дел од реалноста: доколку младите латиноамериканци гласаат во поголем број за демократите во однос на нивните родители, тоа не мора да значи дека тие се повеќе свесни од нив за својот „идентитет“. Тоа се должи, пред сè, на тоа што тие се пообразовани од генерацијата што им претходела. На ова поле на различности, исто така, увереноста е разнишана.

Кризата на доверба на САД во нивниот политички систем можеби ќе ја има предноста да ги одврати од тоа насилно да му го наметнуваат на целиот свет. Што се однесува до американската левица, која од овие избори не излезе зајакната –  иако неговиот резултат ја успокои – ѝ останува само да го предупреди новиот претседател од една премногу претпазлива политика, слична на онаа на демократите кои овозможија г. Трамп да биде избран.

 

Преведено од: Жаклина Илиевска

 

Сите права се задржани. Преземањето на содржината е забрането без претходна писмена согласност од редакцијата на Le Monde Diplomatique – Македонско издание.


Фусноти:

Сондажа на Monmouth University Polling Institute, 18ти ноември 2020та год.
Дана Милбанк, « Ова не е вежба. Рајхстагот гори», The Washington Post, 25ти септември 2020та год.
Мат Таиби, Hate Inc. : Зошто денешните медиуми прават да се презираме едни со други, OR Books, Њујорк, 2019та год.
Студија на Pew Research Center, октомври-ноември 2019та год. Соодносот за NPR (национална телевизија), CNN и MSNBC исто така се неурамнотежени во корист на демократитеs ; ABC, CBS и NBC се помалку неурамнотежени.
Kevin Phillips, The Emerging Republican Majority, Arlington House, New York, 1969.
Kevin Phillips, The Emerging Republican Majority, Arlington House, New York, 1969.
Elizabeth Findell, « Латиноамериканците на границата се префрлија на Големата стара партија (GOP) », The Wall Street Journal, 9ти ноември 2020та год.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW