На истиот начин како што се чувствуваат последиците од климатските промени на сите географски широчини, така и пандемијата Ковид-19 не поштеди никого, без оглед дали е богат или сиромав, шеф на држава или бегалец. Сепак, многу добро знаеме дека овој вид на светска криза не ги погодува сите луѓе на ист начин. Покрај тоа што подразбира различен вид на ранливост според возраста и различните фактори на ризик, пандемијата како и глобалното затоплување има многу разновидно влијание на светска скала. Како и во рамките на секоја земја, според различните традиционални поделби помеѓу богати и сиромашни, белци и други раси итн. Навистина, инфекцијата кај г. Доналд Трамп потврди дека вирусот не се води според политички ранг, туку исклучителниот третман што го ужива американскиот претседател. Проценката е дека потрошил повеќе од 100 000 долари за три дена хоспитализација, што докажува дека ако сите луѓе се исти пред болест и смрт, некои сепак, како што напиша Џорџ Орвел во „Животинска фарма“ „се повеќе еднакви од останатите“.
Како по навика, третиот свет е најтешко погоден од актуелната економска криза, како што Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја нарече „голем карантин“ во својот двогодишен извештај во април 2020 година – криза која моментално е најсериозна после големата депресија помеѓу двете светски војни. Третиот свет е тој збир од држави од кој само неколку држави од источна Азија успеаја да се отцепат откако економистот Алфред Сови го создаде името во 1952 година. Тука ќе ги дефинираме како збир на земји со ниски примања, како и оние со среден приход (инфериорен или супериорен), според рангирањето на Светска банка, со исклучок на Кина и Русија, кои иако се земји со висок среден приход, се сепак светски сили.
На меѓународно ниво, „големиот карантин“ доведе до нагло зголемување на невработеноста. Сепак, социјалното влијание на оваа невработеност е многу посилно во земјите од третиот свет отколку во богатите земји, каде што често беа донесени скапи мерки за ублажување на последиците. Еквивалентно на 332 милиони работни места со полно работно време беа во просек изгубени во светот во првите три квартали од 2020 година, што претставува загуба од 11,7 проценти од последниот квартал во 2019 година. Од нив, 143 милиони биле во земји со низок среден приход (-14%), 128 милиони во земји со висок среден приход (-11%) и 43 милиони (-9,4%) во богатите земји, според Меѓународната организација на трудот (МОТ). И додека државите со ниски примања изгубија „само“ еквивалент на 19 милиони работни места (-9%) во истиот период, оваа бројка не го одрази социо-економското влијание на кризата на која се подложени. Всушност, во овие земји, како и во оние со помал среден приход, голем дел од мнозинството на работни места и самовработување било во неформален сектор, кој содржи 60% од глобалната работа и по дефиниција, е лишен од било каква социјална заштита.
Во неодамнешен извештај, Светска банка проценува дека екстремната сиромаштија – за која се дефинира дека треба да се преживее со помалку од 1,90 американски долари на ден – се зголемила во 2020 година, поради пандемијата, за прв пат од 1998 година, во тоа време како резултат на азиската финансиска криза од 1997 година. Јужна Азија е најпогодена со драстични бројки: 49 до 56,5 милиони луѓе повеќе отколку што се предвидуваше пред пандемијата, се очекуваат да паднат под прагот оваа година или да останат на истото ниво. За Субсахарска Африка, тоа ќе биде помеѓу 26 и 40 милиони, што ја потврдува позицијата на потконтинентот како регион во светот со најголема стапка на високо изразена сиромаштија. Реперкусии ќе има и во земјите во развој на Источна Азија – помеѓу 17,6 и 20,7 милиони луѓе ; може да достигне 4,8 милиони во Латинска Америка и 3,4 милиони во регионот на Блискиот исток и Северна Африка. Вкупно, според Светска банка од 88 до 115 милиони луѓе ќе бидат под прагот од 1,90 американски долари или ќе останат на тоа место во 2020 година поради пандемијата. Нето зголемувањето на бројот на многу сиромашни луѓе од 2019 година ќе биде помеѓу 60 и 86 милиони.
Веќе од 2013 година, зголемувањето на климатските промени, од кои најсиромашните земји се први жртви, вклучувајќи ги и новите конфликти во Сирија, Јемен, Јужен Судан, предизвикаа забавување на намаленост на сиромаштија. „Големиот карантин“ е надвор од дометот за постигнување на „целта за одржлив развој“ поврзана со екстремната сиромаштија што Обединетите Нации (ООН) ја поставија за 2030 година и чија цел беше да се намали глобалната стапка за 3%. Оваа стапка сè уште беше 10% во 2015 година, што одговара на 736 милиони луѓе. Според Светска банка, оваа стапка треба да биде 7% во 2030 година.
Во јули канцеларијата за координација на хуманитарни работи на Обединетите нации (OCHA) го вклучија алармот. Г. Марк Лоукок, заменик генерален секретар на ООН за хуманитарни работи, ја сумираше ситуацијата во неговиот предговор во извештајот: „Најновите проценки сугерираат дека најмногу шест илјади деца би можеле да умираат секој ден од причини кои не можат да се спречат, директно или индиректно од Ковид-19. Земањето на здравствени ресурси би можело да го удвои бројот на жртви од сида, туберкулоза или маларија. Затворањето на училишта ќе ја уништи продуктивноста, ќе ги намали приходите во текот на животот и ќе ја зголеми нееднаквоста. Економското забавување, зголемувањето на невработеност и намалувањето на посетеност на училиштата, ќе доведе до веројатност за граѓанска воја што меѓу другото предизвикува глад и иселување на популацијата“.
Дури и во отсуство на нови војни, гладот значително напредна. Според извештајот на OCHA, пандемијата веќе ја влоши ситуацијата со глад во области каде што веќе постоеше и создаде нови епицентри. Без масовна и брза помош од богатите земји, бројот на луѓе кои се во ситуација да немаат сигурност дека ќе се прехранат, се очекува да достигне 270 милиони до крајот на годината, наспроти 149 милиони пред пандемијата. Сепак, во септември, од 10,3 милијарди долари што ги побараа OCHA, беа исплатени само 2,5 милијарди, според годишниот извештај на генералниот секретар на ООН. Но, тоа не се милионите долари од Нобеловата награда за мир доделени на Светската програма за храна што ќе ја пополнат празнината. Или можеби затоа што гладот не е заразен и не ги преминува границите со мигрантите, за разлика од вирусот? На 13 октомври, Светска банка одвои 12 милијарди долари на земјите во развој за програма за вакцинирање и тестирање против Ковид-19.
Покрај тоа, програмата „Секоја жена, секое дете“, започната од ООН во 2010 година и управувана од страна на Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ), во својот последен извештај предупредуваат дека затворањето на училиштата поради пандемијата значи дека многу деца и адолесценти најверојатно никогаш нема да се вратат на училиште во земјите од третиот свет. Затоа, тие ќе бидат изложени на зголемено ниво на семејно насилство и високи ризици од рана бременост. Истиот извештај проценува дека „големиот карантин“ може да го намали напредокот во ставање крај на родовото насилство за една третина до 2030 година, и да предизвика уште 13 милиони детски бракови во текот на следната деценија.
„Тоа не е неизбежно. Може да се спречи со пари и со волја од страна на најбогатите нации“, потврдува г. Лоукок. Предвидуваме дека 10% од трошоците за заштита на најсиромашните наспроти најлошите ефекти од пандемијата и рецесијата на 90 милијарди долари – би била помалку од 1% од стимулативниот пакет на богатите земји кои го воспоставија за да ги заштитат своите економии.“ Всушност, според ММФ, вкупниот износ на стимулативни пакети објавени ширум светот достигнаа 11,7 милијарди долари во септември, или 12% од светскиот бруто домашен производ (БДП), од кој најголем дел отиде во земјите со високи приходи. Глобалното ниво на реален јавен долг во овие земји надмина 120% од БДП – ниво кое е достигнато само еднаш претходно низ годините на капитализмот: на крајот на Втората светска војна. Сепак, според МОТ, 937 милијарди долари би ги компензирале загубите на работни места во земјите со понизок просечен приход, а 45 милијарди би биле доволни за земјите со ниски примања за да вкупно има 982 милијарди долари за земјите кои го сочинуваат големото мнозинство на светската популација.
Ако скромно ги споредиме со мерките преземени од побогатите држави, потребната помош кај сиромашните земји е исто така итна. Тројца истражувачи на ММФ предупредија за долгорочните ефекти од кризата, врз земјите со ниски примања. Тие го користат терминот лузни (буквално„оставање лузни“), што се однесува на трајно губење на продуктивен капацитет. „Лузните се наследство од претходните пандемии: (поголема) смртност; влошување на здравјето и уништување на образованието со што би се намалиле идните приходи; пресушување на заштедите и средствата на луѓето со што ќе бидат принудени на затворање на деловни објекти – особено малите бизниси без пристап до кредити – и предизвикување на непоправливи нарушувања во производството; презадолженост што предизвикува оптоварување на заемите од приватниот сектор. Па така, по пандемијата на вирусот на ебола во 2013 година, економијата во Сиера Леоне никогаш не се врати на својот раст како пред кризата“
Најнаселена земја во третиот свет е секако Индија, која е исто така една од најпогодените од „големиот карантин“. Нејзиниот БДП падна за речиси една четвртина (23,9%) во вториот квартал на 2020 година. Ова и зададе удар на нејзината „амбиција да стане светска сила, да излезе од сиромаштија и да ги модернизира своите вооружени сили“, објасни шефот на канцеларијата на Њујорк Тајмс во Њу Делхи, Џефри Гетлмен. Непредвидливиот менаџмент на десничарскиот премиер г. Нарендра Моди многу придонесе за ова, покажувајќи ги ризиците коишто можат да се појават при пројавување на преземените мерки во земји со доста различни социјални и демографски карактеристики.
„На 24 март во 20 часот“, раскажува Гетлмен, „откако им нареди на сите Индијци да останат затворени, г. Моди ја затвори економијата – канцеларии, фабрики, патишта, возови, меѓудржавните граници (на Индиската унија), речиси сè – во четири часа известување. Десетици милиони индијци одеднаш останаа без своите работни места. Многумина од нив работеа во фабриките, на градилиштата или како домашни работници во градот, но сепак беа мигранти од руралниот дел на Индија. Стравувајќи дека би умреле од глад во сиромашните квартови, милиони од нив ги напуштија урбаните центри движејќи се пешки, со велосипед или со автостоп – очајно барајќи да се вратат во своите села; епска миграција од град во село, спротивно од вообичаеното значење кое што Индија никогаш не го познавала, со што го рашири коронавирусот на секој можен агол на оваа земја со 1,3 милијарди жители.“
Дури и индиската средна класа не беше поштедена: со 6,6 милиони намалена невработеност на „канцелариски работници“ и голем пораст на стапката на самоубиства кај раководители и во рамките на слободните професии. Владата на г. Моди одговори на оваа огромна криза со стимулативен план од …10 милијарди долари, објавено на 12 октомври – во споредба со 2.000 милијарди долари од планот усвоен во март во САД, каде има четири пати помалку населени лица. На 6 октомври, Управниот директор на ММФ, г-ѓа Кристалина Ѓеоргиева, ги поздрави исклучителните мерки кои и овозможија на глобалната економија да го издржи влијанието на карантинот, подобро од очекуваното. Ако досега можеше да се избегнува најлошото, рече таа, „тоа е во најголем дел благодарение на исклучителните мерки што ја спречија светската економија да пропадне. Владата обезбеди околу 12.000 милијарди долари буџетска поддршка за домаќинствата и деловните компании. Невидените мерки на монетарната политика го задржаа протокот на кредити, помагајќи им на милиони компании да останат во живот.“ Сепак директорката на ММФ побрза да додаде: „Но, некои беа во можност да направат повеќе од другите. Напредните земји направија сè што можеше да се направи. Посиромашните земји се обидуваат да дадат сè од себе.“
Нејзината проценка за земјите од третиот свет: „Земјите во развој, како и земјите со ниски примања и оние почувствителните, остануваат во несигурна ситуација. Тие имаат посиромашен здравствен систем. Тие се често изложени на најпогодените сектори, како што се туризмот и извозот на стоки. Покрај тоа, многу се зависни и од надворешно финансирање. Отсуството на готовина и ниските каматни стапки им помогнаа на многу земји да можат повторно да се позајмуваат. Но, ниту една земја од супсахарска Африка нема издадено надворешен долг од март месец.“
Всушност, африканскиот континент е уште еднаш најтешко погоден. Според Африканската банка за развој (АБР), предвиденото намалување на растот во 2020 година се очекува да ја чини Африка во загуба од 145 до 190 милијарди долари во споредба со 2.590 милијарди долари БДП предвиден пред пандемијата. АБР процечнува дека во 2021 година би можеле да завршат со недостиг од 28 до 47 милијарди долари во споредба со претходните предвидувања. Особено ранливи се земјите „кои се многу задолжени и чија економија во голема мера се заснова на меѓународни финансиски придонеси кои станаа непостојани.“
Ваквите земји значително атрофираа. Покрај глобалните ефекти на „големиот карантин“ врз сопствените економии, целиот трет свет го носи најголемиот товар на ефектите од кризата што ги погодува богатите земји. Особено, големиот пад на монетарните текови и инвестициите кон земјите во развој, вклучително и најважно девизните дознаки од имигрантите. Еден од ефектите на глобализација, како во однос на движењето на луѓето, така и во однос на парите, е што овие дознаки – наречени и „миграциски дознаки“ – стабилно растат од пресвртот на векот. Достигнувањето на рекордни 554 милијарди долари во 2019 година, тие за прв пат ги надминаа странските директни инвестиции (СДИ), кои стабилно опаѓаа во земјите во развој во текот на деценијата, откако достигнаа над 700 милијарди долари. Покрај тоа, од пресвртот на векот, миграциските дознаки секогаш го надминуваа протокот на приватни инвестиции во портфолиото за заеми и дејствија кон земјите од третиот свет отколку официјалната помош за развој – во голема мера, дури и во случај на вториот иако го достигна својот историски врв во 2019 година, со 152,8 милијарди долари.
Придонесот на иселените работници е приближно или надминува 10% од БДП за повеќето земји, вклучувајќи ги и многуте африкански држави како Сенегал, Зимбабве и Јужен Судан (над 34% за последнава земја); за поранешните советски републики на Кавказ и централна Азија кои немаат јаглеводородно богатство (скоро 30% за Киргистан и Таџикистан) ; за Јордан, Јемен, Либан и палестинските територии на Блискиот исток ; за Непал (27%), па следуваат Пакистан и Шри Ланка (со скоро 8% секоја од нив), во јужна Азија; за Филипините во источна Азија и за повеќето држави од централна Америка, вклучувајќи ги Ел Салвадор и Хондурас (над 20%) и Хаити (37%).
Сепак Светска банка предвидува дека во 2020 година дознаките за земјите во развој ќе се намалат за 20%, или за повеќе од 110 милијарди долари, што го создава фактот дека имигрантите се најпогодени од отпуштања и намалување на платите. Покрај тоа, Конференцијата на ОН за трговија и развој (УНКТАД) проценува дека СДИ во африканските земји ќе доживеат пад од 25 на 40% во 2020 година, откако веќе се намалија за 10% во 2019 година. За земјите во развој во Азија, особено чувствителни на нарушувањето на глобалниот синџир за снабдување, се очекува да имаат пад на СДИ од 30% до 45% па и до 50% во Латинска Америка.
Кон сето ова се додава и проблемот со растечкиот долг. Надоместоците од земјите во развој го достигнаа највисокото ниво од почетокот на векот. Во просек, тие би требало да претставуваат 14,3% од приходите на засегнатите држави во 2020 година, наспроти 6,7 % во 2010 година. Меѓутоа, многумина од нив се соочуваат со драматични ситуации како на пример во Габон каде што отплатите апсорбираат дури 59,5% од вкупниот јавен приход; во Гана (50,2%), Ангола (46%), или Пакистан (35%). Педесет и две држави посветуваат повеќе од 15 % од своите примарни приходи врз овој надомест, наспроти 31% во 2018 година, 27% во 2017 година, 22% во 2015 година…
Соочени со оваа вонредна состојба, меѓународните носители на финансиски одлуки ги дуплираат декларациите за добри намери, потврдувајќи ја потребата за намалување на долгот на земјите од третиот свет во поглед на пандемијата. Меѓу нив, претседателот на Светска банка, г. Дејвид Малпас или неговата главна економистка, Кармен Рејнхарт што повикува на поништување на долговите со цел да им се овозможи на земјите во развој да договорат нови. Но, реалноста е помалку сјајна како што објаснува Комитетот за укинување на нелегитимен долг „По пандемијата, земјите од Г-20 одобрија мораториум за отплата на билатералниот дел за период од мај до декември 2020 година. (…) Доколку беа избрани 73 земји реално само 42 од нив би постигнале договор со Парискиот клуб.“ Зошто толку малку земји? Едно од објаснувањата би било „уцена на приватните доверители и компаниите за рејтинг“. Тие „посочија дека земјите кои аплицираат за мораториум, преземаат ризик да го намалат нивниот рејтинг од страна на агенциите кои го работат тоа, воедно и да им биде прекинат пристапот до финансиските пазари“. На кратко, „овие земји ќе се најдат во ситуација каде што ќе отплаќаат поголема сум со помалку ресурси“.
Обземени од кризата, земјите од третиот свет бараат поголем период за раздолжување. А, револтот расте. Во написот објавен од „Financial Times“, министерот за финансии на Гана, г. Кен Офори-Ата, ги повика африканските земји „да преземат водство во воспоставување на секретаријат со цел координација на различни групи на интерес и центри за моќ за да се предложи преструктуирање на глобалната финансиска архитектура“, целта е да се адаптира „на потребите на Африка и другите земји во развој во време кога ние мора да се справуваме односно закрепнуваме пост Ковид-19“. Други пак, како левичарскиот филипински научник Валден Бело, се залага да земјите од третиот свет излезат колективно од двете основни институции на глобалната финансиска архитектура, односно ММФ и Светска банка.
На крај, „Големиот карантин“ со консолидирање на подредената позиција на третиот свет во рамките на политичко-економскиот систем на светски пазар, дополнително ќе ја отстрани надежта дека може да се извлече од тоа без да се наруши неолибералната логика чијашто несоодветност е сè поизразена од потребите на човештвото кое се соочува со катастрофата.
Преведено од: Павлина Димовска
Сите права се задржани. Преземањето на содржината е забрането без претходна писмена согласност од редакцијата на Le Monde Diplomatique – Македонско издание.