Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Геополитиката според Џејмс Бонд

Џејмс Бонд има сè за да игра совршен симбол на Големиот Албион, гледан од страна на високата класа. Поранешен студент на колеџот во Етон, елитно училиште основано од кралот Хенри VI, Бонд има ранг на командант на морнарица и ја носи титулата витез на воениот ред на Сен Мишел и Сен Џорџ

Од Аљоша Валд Ласовски
Автор на „Петте тајни на Џејмс Бонд”, Макс Мило, Париз, 2020.


Фото: Irv P on Unsplash

Гламур на модерната култура и поп икона, ликот на Џејмс Бонд беше создаден од Ијан Флеминг во 1953 година, во неговиот имот Голденaj (Goldeneye) во Јамајка. Новинар во новинарската куќа Ротјерс (Reuters), а подоцна и брокер во инвестициска банка, Флеминг, роден во 1908 година, беше регрутиран од страна на британските разузнавачки служби за време на Втората светска војна. Тоа што и самиот работел во разузнавачка служба, било доволна инспирација за да потоа почне да пишува шпионски романи. Првиот од многуте романи  „Казино Ројал” (Casino Royale) беше напшан за два месеци и објавен кај лондонски издавач. Во 1954 година беше адаптиран за американскиот телевизиски канал Си-Би-Ес (CBS) со актерот Бери Нелсон, за во 1967 година да премине на кино екраните како шпионска пародија потпишана од Џон Хјустон со Дејвид Нивен/Питер Селерс. Конечно во дваесет и првиот филм од сагата објавен во 2006 година, се започнува серијалот со Даниел Крег, последниот актер во главна улога до денес.

Романот „Казино Ројал“ го карактеризира ликот 007, агент во Тајната британска разузнавачка служба МИ6. Неколку години подоцна, Џон Ле Каре ќе ги вметне своите тајни агенти во истото место, но во сосема различен стил… За да го создаде својот херој, Флеминг се инспирира од два традиционални жанрови. Првиот е истрага на американската полиција помеѓу двете светски војни,  приказна за приватен детектив опишан како “опасен маж“, чијшто главен лик е моделот од „Малтешкиот сокол” на Дашиел Xaмет (1930). Вториот жанр е англискиот геополитички авантуристички роман, кој како „Триесет и девет чекори” (1915) од Џон Букан, ужива во предизвикување закана за државата преку заплетите на опасните тајни општества. Во дванаесет романи и две збирки раскази, Флеминг ќе го направи својот (супер) херој, бестрашен авантурист и неодолив заводник.

Џејмс Бонд има се за да игра совршен симбол на Големиот Албион, гледан од страна на високата класа. Поранешен студент на колеџот во Етон, елитно училиште основано од кралот Хенри VI, Бонд има ранг на командант на морнарица и ја носи титулата витез на воениот ред на Сен Мишел и Сен Џорџ. Филмот „Во служба на нејзиното Височество“ (On Her Majesty’s Secret Service) го открива неговиот лик: тој потекнува од фамилијата на баронот Пекам, г. Томас Бонд кој починал во 1734 година, а фамилијарното мото на латински е Orbis non sufficit –  „Светот не е доволен“. Неговото име е спој помеѓу улицата Бонд, улица на високата мода и уметничките галерии во Лондон и улицата Свети Бонд, во Пикадили, во која се наѓа најстариот џентлментски клуб во главниот град.

Првата сцена на која тој се појавува на екраните е сцената на Џејмс Бонд спроти Доктор Но, која се одвива во „Кругот на амбасадорите”, приватна сала за игри на среќа во Лондон. Модерен и опуштен, еволуирајќи меѓу апарати и специјални ефекти, со својот беспрекорен смокинг, Бонд личи на непроменливо, светско и разиграно клише. Сепак, секој што досега го глумел ќе придонесе со по некој свој личен детал, поврзан со сопственото минато: така, со шкотланѓанецот Шон Конери кој доаѓа од работничка класа, најпрво како морнар па потоа доставувач па ѕидар, 007 добива огромен успех и престиж.

Спротивно на тоа, англичанецот Роџер Мур го адаптира аристократскиот стил. Со неговиот екцентричен хумор го исмејува сериозниот пристап, се потсмева на себеси и на конвенциите. Велшанецот Тимоти Далтон пак, го преточува ликот во американец. Неговиот 007 одговара на примерот за економска либерализација и модернизација во 1980 година… Што се однесува на последниот актер, Даниел Крег, тој ја комбинира физичката смелост со невидена меланхолија, за да добие изглед на мрачен, а сепак кревок херој. Но, во сите свои варијации, Бонд останува персонификација на лик што го претставува британскиот интегритет и којшто е верен спрема Круната.

Во неговите мисии, тој на неколку пати го вее кралското знаме: на падобран во „Шпион кој ме сакапше”, на балон со топол воздух во „Октоподија“ и на излезот на подморницата во „Опасно твој“. Тој гордо ги носи боите на Велика Британија низ целиот свет, низ акциите впишани во геополитичката ситуација од тоа време. Во времето кога се појавил првиот филм на 5 октомври 1962 година, Кремлин ја започнува воената операција Кама, испраќајќи советски подморници во Куба, во непосредна близина на Флорида. Американскиот брод Јеркон ја открива оваа активност и веднаш испраќа известување до Пентагон. Додека филмот раскажува како британски тајни служби го штитат Канаверал од нуклеарната закана што доаѓа од карипскиот остров на Доктор Но, реалноста се наближува: ракетната криза се одвива на Куба помеѓу Никита Хрушчов и Џон Фицџералд Кенеди. Со една нијанса на екранот се прикажува фикцијата која дава добра улога на британската дипломатија и противтежа, односно падот на Лондон на меѓународната сцена.

Всушност, сцената каде оперира Бонд е универзумот во кој Велика Британија се обидува да го задржи својот углед. И покрај загубата на својата моќ, односно крајот на нејзината империја, сепак се наоѓа во заден план на Соединетите Американски Држави, од коишто станува зависна. Бонд ја подобрува политичката слика наспроти светот што се менува: во 1962 година, годината на прикажување на првиот филм. Истата година на конференцијата во Бахамите се склучува договорот на Насау каде што се запечатува „Атлантизацијата“, а со тоа и припадноста на Велика Британија на САД. Нов удар следува седум години по оставката на Винстон Черчил, односно распуштањето на младата Федерација на Западна Индија која ги обединуваше повеќето британски колонии во Антили, Јамајка, Кајманските острови, Тринидад и Тобаго. Во филмовите, посветеноста на Бонд кон службата на Англија за време на Студената војна и спротивставувајќи се на независноста на нејзините колонии е одговор на сомнежот кој ги освои срцата на Британците, блиску до пресудата на поранешниот државен секретар, деканот Ачесон: „Велика Британија изгуби империја и сè уште не најде улога“. Бонд, ироничен господин, ќе ја утеши Велика Британија за губење на влијанието…

Ако за 60 години и 25 филмови Бонд го претставува фантазматскиот модел на успех според западните стандарди, од 1960 до 2020 година, тој се повеќе еволвира. Секако, останува „британски“ амблем, како што е и очигледно на неговата капа што ја носи од самиот почеток откако се приклучи на Universal exports Ldt, трговската компанија што служи како покритие на МИ6. Но, тој се однесува според одреденото време. Од 1967 година, помеѓу Виетнамската војна и хипи-движењето, тоа доживува мала промена. Неговиот идентитет се отвара за она што подоцна ќе го наречеме негова двојност во „Живееш само два пати“ , чие сценарио е напишано од Роалд Дал, автор на „Чарли и чоколадната фабрика“ : носено од светското движење и приемот на многуте култури, тој влегува во хибридна поетика и трансформација на самиот себе. Далеку од Биг Бен и Темза, тој се претвара во постколонијален граѓанин, чувствителен на јапонската култура. Со тек на време откриваме дека има диплома за ориентални јазици од универзитетот Кембриџ, со што Џејмс Бонд заминува во Токио. Суптилен познавач на азиските уметности, тој го импресионира раководителот на јапонската тајна служба, Тигре Танака, преку правењето на топло саке попознато во нивната култура како daïginjo, но и преку познанствата на јапонските поговорки, неговото ново богатство во новата средина. Неговата метаморфоза се одвива во три фази: во украсената палата со цвеќиња, неговата трансформација е првично физичка. Лежејќи на операциона маса, пред да го облече кимоното, доживува промена на телото, косата и веѓите, па го напушта британецот во себе и „станува“ јапонец. Втората фаза е атлетска и ментална: херојот се откажува од западната софистицираност на високо-технолошки алатки – од раководител на одделот за истражување и развој на МИ6 – сега учи како да ракува со традиционалните јапонски оружја: sansatukan, shureido и shuriken. На крај, последната фаза е култура и љубов. Бонд ќе се ожени во храм, следејќи го строгиот обичај: тој се обединува со Киси Сузуки, по читање на молитвата, песната и ритуалот на чистење. Облечен во облека на рибар, се преселува на малиот остров Мацзу со неговата сопруга, во срцето на вулканскиот архипелаг. Во „Шпион кој ме сакаше“ (1977), Бонд се претвара во бедуин и тргнува на мирно патување низ пустината. Во „Здивот на смртта“ (1987), тој јава коњ во муџахедиски турбан по планините во Авганистан, а го променува и самото име. Во тоа време има лажна лична карта каде што станува дел од Советскиот Сојуз и станува Јержи Бондов.

Флеминг ја користи сликата на познати шпиони, како елегантниот Сиднеј Рејли, роден во Украина, ефективен антикомунистички агент. Потоа канадскиот авијатичар Вилијам Стивенсон, паметниот Вилфред Дандердејл кој бил љубител на убави девојки и член на високото општество, па дури и поморскиот офицер Патрик Дазел Џоб познат по чинот на хуманистичка непослушност за време на војната, којшто Флеминг дури и го познавал. Но, сепак постои можност да неговата вистинска инспирација не бил англичанец туку србин: елегантниот и мистериозен Душко Попов, роден во 1912 година во Војводина, љубител на алкохол, казина, луксузни хотели и спортски автомобили. Заводникот Попов е југословенски (двоен) агент, под псевдонимот Трицикл. За време на војната, тој ги информирал англичаните за постапките на германците. Тој дури и се обидел да го предупреди Џон Едгар Хувер за престојниот напад врз Перл Харбор, но шефот на ФБИ не му поверувал. Флеминг го запознал Попов во 1941 година, во Есторил – Португалија и бил премногу импресиониран од неговата ладнокрвност кога блефирал за време на играта бакара (Baccara – игра со карти), па така го создал моделот на својот Бонд. Што во својата автобиографија, Попов го сметал за „навреда на неговата интелигенција“.

Како што истакнал Умберто Еко, тешко е да се негира дека Флеминг во своите романи „истакнува длабок и неразумен антикомунизам“. Сепак понекогаш, филмовите се изненадувачки од оваа гледна точка. Се чини дека Бонд е воден да се доближи повеќе до советската тајна служба отколку до американската. Со тек на времето, геополитичката компликација помеѓу Лондон и Москва ќе се манифестира, па Бонд ќе претпочита да работи со советските агенти и ќе сака да го надмине класичниот антагонизам на Студената војна: тој ќе се поврзе со началничката Ања Амасова од КГБ во „Шпион кој ме сакаше“ (The Spy Who Loved Me), со шпионката Пола Иванова во „Опасно твој“ (A View To Kill,1985, и со генералот Гогољ во „Октоподија“ (Octopussy,1983). КГБ и МИ6 се сојузници, иако “природниот“ сојузник, ЦИА е често исмејувана преку одликите на немарност, недискретност и донекаде простиот Феликс Лајтер. Контрастот помеѓу реалноста и фикцијата е понекогаш очигледна: во 1984 година, под изговор за одбрана на интересите на својата земја, Роналд Реган води крвава војна во Никарагва против социјалистичката санданистичка влада. Во исто време на екраните во „Опасно твој“, Џејмс Бонд е почестен со орден на Ленин, од страна на генерал Гогољ, шефот на КГБ. Ова ново англо-советско пријателство овозможува борба против непријателот на сите луѓе, меѓународната криминална организација – СПЕКТР (SPECTRE). Ставајќи ги настрана стратешките предизвици од својата област за да биде во сојуз со непријателот од слободниот свет, тој има за цел да се соочи со глобална и заедничка опасност. Бонд преку тоа ја зацврстува ефикасноста на неговата моќ: британската големина знае да ја надмине одбраната на своите интереси со цел издигнување во одбраната на човештвото…

 

Преведено од: Павлина Димовска

 

Сите права се задржани. Преземањето на содржината е забрането без претходна писмена согласност од редакцијата на Le Monde Diplomatique – Македонско издание.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW