понеделник, 14 Окт 2024 / 0:05:54
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Во Косово, два народа еден наспроти друг

Војната во Украина ги притиска западните влади да најдат помалку несигурен статус за Косово. Охридскиот договор постигнат на 18 март меѓу косовскиот премиер и претседателот на Србија треба да доведе до „нормализација“. Но, „левичарскиот суверенитет“, објавен за време на изборите за ново парламентарно мнозинство во 2021 година во Приштина, не е изземен од национализмот што сега оживеа еден длабоко вкоренет конфликт.


Од нашите специјални кореспонденти Филип Декамп и Ана Оташевиќ*
*Новинар и продуцент, поединечно


Фото: senad-kahraman/pexels

17 февруари претставува ден на голема прослава во Приштина за илјадници косовски Албанци кои се собираат на булеварот Мајка Тереза, централната и пешачка артерија на главниот град на Република Косово. Од дедото кој носи беретка до малите деца во свечена облека, многу семејства доаѓаат да ја прослават 15-годишнината од „независноста“ на автономната покраина на Србија, во времето на Титовата Југославија. Во галеријата, премиерот Албин Курти го посветува најголемиот дел од својот свечен говор на пофалби за безбедносните сили на Косово, чиј буџет се зголеми за огромни 52% минатата година и повторно за 20% оваа година. По парадата на војниците и полицијата, автентично популарната прослава продолжува со делење слатки, балкански танци и импровизирани концерти до доцна во ноќта. Сепак, само локалната албанската заедница слави во регион во кој историски се присутни и Срби, Босанци, Горани и Роми.

Неколку сцени го означуваат единствениот карактер на настанот и на оваа земја со околу 1,7 милиони жители, голема колку департманот Жиронда во Франција. Возилата, зградите и улиците се поплочени со официјалното знаме посебно измислено во 2008 година во тоновите на она на Европската унија, но насекаде доминира црниот орел со две глави на црвена позадина: сепак, знакот на соседна Албанија. Официјалната галерија ги поздравува владата и дипломатскиот кор, но само две странски личности се потрудија да допатуваат овде: потпретседателот на Бугарија… и, се разбира, претседателот на Албанија. Иако повеќе од сто земји го имаат признато Косово, таков воопшто не е случајот со Обединетите нации (ОН) или големите земји како Кина и Русија, или дури пет земји-членки на Европската унија (Шпанија, Словачка, Кипар, Грција и Романија) или многу „неврзани“ земји.

Над официјалната галерија – огромна фотографија на Ибрахим Ругова (1944-2006), основач на Демократската лига на Косово (ЛДК) – потсетува на долгиот ненасилен отпор и храброст на овој интелектуалец во политиката за време на деценијата на опресија што следеше по доаѓањето на власт во Белград на српскиот националист Слободан Милошевиќ во 1989 година. Но, насекаде го наоѓаме истиот слоган „Liria ka emër: UÇK“ („Слободата има име: Ослободителна војска на Косово“). Големите злоупотреби од страна на оваа паравоена формација против другите малцинства на Косово или умерените Албанци од ЛДК за време на војната меѓу Србите и Албанците во 1999 година и следните години – се сепак добро регистрирани и документирани.[i] Уште повознемирувачки делуваат двата гигантски портрети на Хашим Тачи и Кадри Весели, а што можат да се видат на главниот булевар. Овие двајца водачи на ОВК, добија највисоки позиции во новата држава: премиер, потоа претседател за првиот; шеф на тајните служби и потоа претседател на парламентот за вториот. Тие беа приморани да ги напуштат своите високи државни функции во април 2020 година за да бидат притворени во Хаг (Холандија), каде што кривично се гонат за злосторства против човештвото и воени злосторства извршени помеѓу 1998 и 2000 година. Специјализираните судски совети за Косово – ад хок структура на меѓународната кривична правда – треба да ги испитаат приватните тужби на 137 семејства на жртвите и доказите, почнувајќи од 11 април 2023 г.

По повод овој празник и клучните преговори кои се водат со Србија за нормализирање на меѓусебните односи, властите на Косово неуморно го развиваат својот наратив, а кој папагалски го повторува западниот печат: „Косово е успешна приказна за меѓународна интервенција“, се обидува да нè увери Доника Гервала-Шварц, министер за надворешни работи. „Од друга страна, ја имате Србија, која е „агент“ директно на Русија“. Сојузот помеѓу либералната партија на оваа Гервала, Гуксо! („Осмели се!“), и левичарското суверенитетско движење Ветевендосје! („Самоопределување!“, или ВВ), триумфираше на парламентарните избори во февруари 2021 година. Ова му дава доверба во преговорите со Белград: Ние сме подготвени. Ги чекаме преговорите. Имаме поддршка од народот на Косово, со повеќе од 50% од гласовите на изборите. Никогаш нема да има таква политичка стабилност и таква влада како оваа, подготвена не само да разговара, туку и навистина да постигне резултат. Фактите зборуваат сами за себе: Република Косово стана суверена држава. Ние воопшто не разговараме за нашиот статус, туку само за нормализација на нашите меѓусебни односи.“

Додека го напуштате главниот град, ги вдишувате ситните честички на двете електрани на јаглен во Обилиќ, кои единствено ја снабдуваат земјата со електрична енергија, и така ја прават Приштина една од најзагадените метрополи во Европа. Градската панорама е опустошена од реклами и огромни табли сè до стариот индустриски град Митровица. Само два дена претходно, населението на северот на овој град славеше сосема поинаков празник. Денот на државата го одбележува српското востание од 1804 година против отоманската окупација: во четирите општини на северно Косово, претежно српско население живее во тесна врска со пограничната Србија, која тие ја сметаат за своја матична земја. Овде зборуваме српски во администрацијата како и на улица; училиштето и здравствените служби зависат од Белград и секогаш плаќаме во динари – косовските Албанци го користат еврото. Во овој поранешен работнички град, во близина на рударскиот комплекс Трепча што е во фаза на изумирање, улиците се поплочени со српски тробојни знамиња до реката Ибар, која сега го дели градот на два етнички дела. За да се стигне до јужниот брег, населен претежно со Албанци и наречен Митровице, главниот мост останува дефинитивно затворен за локален моторен сообраќај. Мостот се обезбедува од италијански карабинери од Силите за Косово (КФОР), кои сега вклучуваат 3.700 војници од 27 земји.

Овие трупи биле распоредени по резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН усвоена на 10 јуни 1999 година, дури по два месеци тешко бомбардирање од страна на Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО) со цел – без никаков мандат – да се натера претседателот Слободан Милошевиќ да се предаде, за да се воздржи од борба против албанското востание за независност со оружје. По повлекувањето на југословенските сили од Косово, Обединетите нации (ОН) одобрија распоредување на „меѓународни цивилни и безбедносни присуства со соодветна опрема и персонал“, кои вклучуваа главно западни војници под команда на НАТО, но исто така Украинци и Руси до 2003 година. Повикувајќи на „суштинска автономија и вистинска самоуправа во Косово“, Советот за безбедност на ОН ја потврди „посветеноста на сите земји-членки на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сојузна Република Југославија“. Далеку од разоружување како што беше предвидено во таа резолуција, Ослободителната војска на Косово си ја презеде контролата врз земјата со голема помош на британските и американските специјални сили, а потоа и уздите на државата во реконструкција која, унилатерално, си ја прогласи својата независност во 2008 година.

„Разликата меѓу 1999 и денес е тоа што нема отворен конфликт меѓу српскиот и албанскиот народ. Но, српскиот народ страда од институционално насилство, недовербата достигнува нова кулминација“, објаснува Игор Симиќ, потпретседател на Српската листа, која ги држи десетте места резервирани за Србите во косовскиот парламент и го блокира секое несогласување или критика на Белград. За време на неговиот избор, Курти рече дека дијалогот со Белград не е приоритет и дека прво сака да ги слушне косовските Срби. Сепак, во текот на изминатата година, сериозните инциденти се зголемија. „Ова е последица на антисрпската реторика на Курти и неговите министри“, потврдува Симиќ. „Тој сака да предизвика реакција од српската држава, за да може се претстави како мал Зеленски.“

Пречки за учество на изборите во Србија, непризнавање на српските регистарски таблички од Косово, административно малтретирање за лични документи, насилна експропријација, распоредување на специјална државна полициска единица која е ривал на локалните единици… на секоја мерка од Приштина која се сметаше или беше претставена како непријателска кон нивната заедница, Србите реагираа со поставување барикади околу српските општини. Остриот пораст на тензиите ги изненади и европските дипломати, како што тие ги засилија интервенциите за решавање на секоја од кризите, додека се обидуваа да го обноват дијалогот на највисоко ниво помеѓу Белград и Приштина. Рамковниот договор постигнат на 18 март о.г. во Охрид, мора да овозможи конкретна имплементација на реципрочните обврски преземени во Брисел уште во далечната 2013 година, но никогаш вистински не проследени. Ако Европејците сакаат да користат маневри во дипломатијата, косовскиот премиер навистина се свиткува само под директен притисок на Вашингтон, како на 31 јули минатата година по состанокот со американскиот амбасадор, кој го убеди да го одложи на лице место ултиматумот за промена на регистарските таблички за косовските Срби.

На почетокот на ноември, стотици судии, полицајци и административни работници од четирите северни општини поднесоа оставки за да го осудат стигматизирањето на овој регион. Откако ја одигра играта на интеграција во косовските институции, судијата Никола Кабашиќ, претседател на судот во Северна Митровица, повеќе не верува во тоа: „Претседателот Вјоса Османи и премиерот секојдневно ги третираат Србите како криминалци или терористи“, сведочи тој. „Борбата на Курти и неговите пријатели за суверенитетот на Косово е спротивна на принципот на мултиетничка држава, која тој ја поддржува само за да им угоди на западњаците. Во пракса, тие нè лишуваат од нашите политички и законски права.“ „Веќе 24 години Србите се признаваат како рамноправен народ само на хартија“, објаснува адвокатот Небојша Влајиќ. Поранешниот семеен адвокат на Оливер Ивановиќ, српски политичар од Митровица, кој беше убиен во 2018 година, опишува атмосфера на страв и конфузија. „Дури е и полошо од порано. Секој кој верува во правда во Косово е или дезинформиран или очаен“, нагласува тој, со разочаран поглед.

Запрашан од Приштина да ги укине блокадите и од Белград да одобри распоредување на илјада српски војници, КФОР не се надоврза, објаснува неговиот командант, италијанскиот генерал-мајор Анџело Микеле Ристуча: „Прашање на проценка е да се избегне ескалација. Употребата на сила мора да биде во согласност со условите на теренот. Најдобар начин – како и обично, и како и секогаш во овој регион – беше да се создадат услови за дијалог. Најефикасно е да се одржи близок контакт со сите засегнати страни и да се слушнат дури и слабите сигнали. Мојата прва грижа е ризикот од погрешна пресметка. Затоа ги повикавме сите страни да не користат непотребни наративи и реторика, за да не влегуваат во магичен круг на акција-реакција“.

Иако изгубил доверба во странство, премиерот Албин Курти е задоволен од добрите економски резултати, по кампањата „за работни места и правда“. Ова го истакнува кога го прашуваме за неговите успеси во однос на социјалниот напредок: „Имавме импресивен економски раст од 10,7% во 2021 година и 4% во 2022 година. Извозот е зголемен за 23%, а даноците на доход за 22%“. Треба да се напомене дека бруто домашниот производ (БДП) изгуби 5,3% во 2020 година и дека трговскиот дефицит останува огромен. Тоа делумно се компензира со девизните дознаки испратени од косовската дијаспора, која учествува со повеќе од 20% од БДП, и големата западна економска помош.[ii] Иако драстично опаѓа, стапката на невработеност сепак останува највисока во Европа, со повеќе од 20% на крајот на 2021 година, додека, во контекст на масовна емиграција во последната деценија, стапката на вработеност е далеку најниска на континентот, со помалку од еден од тројца жители на возраст од 15 до 64 години кои имаат некаква работа.

Премиерот, сепак, јавно признава дека сè уште не е во можност да ги исполни своите ветувања за гарантирана минимална плата или прогресивно оданочување. Од друга страна, тој го поздравува законот за ограничување на јазот во платите во државната администрација, од 1 до 4,74: „Оваа разлика беше 1 спрема 20, пред да дојдеме на власт. Платата на претседателот е само 3,2 пати поголема од онаа на еден професионален војник. Мојата плата 2,9 пати. Имаме исклучоци само за три професии: лекари, судии и универзитетски професори.“ Други социјални мерки вклучуваат бесплатно јавно образование до магистерски студии, развој на стажирање, ревалоризација на старосните и инвалидските пензии, како и создавање на породилен додаток и семејни додатоци од 20 евра месечно до две години за секое дете, 10 евра потоа до 16 години.

Што, навистина, остана од револуционерната култура која беше главна при создавањето на движењето Ветевендосје!, а кое му правеше на актуелниот премиер многу проблеми со косовската полицијата во минатото? Поранешните партиски сопатници кои некогаш биле многу блиски со Курти, велат дека се оддалечиле гледајќи како партијата еволуира од суверенизам во национализам, култ кон поединецот и доза на популизам. По соборувањето на првата влада на Курти по само четири месеци, во јуни 2020 година, партијата ќе стане „сеопфатна“. За изборите во февруари 2021 година, парламентарната група се прошири за да ги вклучи и исламистичките екстремни личности и популистичката десница, со министерката за економија Артане Ризваноли како крајно неолиберална десничарка.

Поранешниот министер за внатрешни работи, градоначалник на Пеќ и заменик-претседател на ЛДК (во опозиција), Мухаџери Газменд, има големи замерки против Курти: „Кога бевме во коалиција со него, сфативме дека тој нема никаква програма, освен две или три точки за суверенитетот на Косово. Тој потроши многу пари, но резултатот е една голема нула.“ Како градоначалник, Газменд беше нашироко реизбран во 2021 година (дури 61% од гласовите), и покрај критиките за неговата политика на умереност и соработка со српската општина Шабац за развој на одгледување овошје (јагоди, малини): „Луѓето веќе не сакаат да продолжат вака. Тие сакаат подобар живот, подобра економија и повоено закрепнување. На пример, сакавме да изградиме ски-центар над градот, со познатиот италијанскиот партнер Лајтнер. По убиството на политичарот Оливер Ивановиќ во Митровица, инвеститорите се повлекоа, велејќи нѝ дека се плашат од враќање на судирите.“

Надвор од градот, на патот кон Руговската клисура, Пеќката патријаршија е седиште на Српската православна црква, уште од 13. век. Патријархот Порфириј беше ракоположен во февруари 2021 година, иако тој престојува главно со својата администрација во Белград. Патот не води никаде бидејќи границата со Црна Гора е затворена – поради спорот околу нејзината демаркација. Во близина на манастирот, повеќето од скромните куќи од тули во селото Љевоша се или уништени или празни. Од  околу 200.000 луѓе кои избегаа од Косово по војната, претежно Срби или Роми, малку се вратија. Борислав Крстиќ живее тука со неговата сопруга од Албанија, неговата свекрва и овие три деца. Мешаните бракови, навистина, се многу ретки во Косово. „Девојките од нашите села си заминаа во Србија“, објаснува овој земјоделец. „Нашите култури се блиски, ја имаме истата национална кујна.“ Неговата сопруга Едмонда, со насмевка, нѝ вели дека „тука се чувствува добро“, но жали за егзодусот што го испразни селата. Локалното училиште е оддалечено дури 10 километри, а децата немаат пријатели во близина. „Мислам дека нема да останат тука. Нема никаква перспектива“, се жали нејзиниот сопруг.

Сместен во подножјето на Националниот парк Проклетие, манастирот Високи Дечани може да ја раскаже бурната приказна за регионот, „Стара Србија“ за многу Срби. Впишан на Списокот на светско наследство во опасност меѓу средновековните споменици на Косово, тој е еден од 24-те манастири кои сè уште се активни. Неговата црква, изградена во 14. век, била најголемиот верски објект во Србија. Како што нѝ раскажува еден од дваесетте монаси што живеат таму, иронијата е што во неколку наврати целиот комплекс бил заштитен од грабежи од војските, кои претходно ги победиле Србите. Отоманските војници биле стационирани таму долго време за време на турскиот јарем; албанските милиции биле регрутирани да го заштитат на крајот на 19. век; карабинерите од фашистичка Италија ги спречиле Албанците да го уништат помеѓу 1941 и 1944 година. По прифаќањето на бегалците за време на косовската војна, оваа црква е заштитена од војниците на КФОР од 1999 година, што ја зачува од погромите во 2004 година, кога Албанците уништија околу 30 православни објекти во Косово.

Во неа се влегува само откако ќе се добие специјално одобрување и ќе се преминат неколку прегради контролирани од странски војници: „Ова присуство е секогаш потребно“, сведочи монахот Петар. „Видовме неколку обиди за напади, особено со базуки. На комплексот беа напишани пароли на организацијата Исламска држава. Џихадистите беа уапсени со оружје во рацете пред вратата“. Најконкретна закана доаѓа од соседната општина Дечани и нејзините барања дека тука има околу 24 хектари некое свое земјиште. Овие парцели национализирани по Втората светска војна му припаѓаат на манастирот, како што пресуди Уставниот суд на Косово, уште во 2016 година. Но, општината и Владата сè уште категорично одбиваат да ја спроведат оваа судска одлука. Пред нашите прашања, и додека тој штотуку го поздрави напредокот на својата земја на меѓународната ранг-листа за корупција (84-та во онаа на Транспаренси Интернешнл) или владеењето на правото (56-та во индексот на Проектот за правда во светот), Албин Курти не се плашеше отворено да ја критикува одлуката на највисокото судско тело во неговата земја…

Во центарот на Призрен, вториот по големина град во земјата, се наоѓаат три извонредни градби: католичка катедрала од 19. век, отоманска џамија на Синан-паша (17. век) и православниот соборен храм на Богородица Љевишка, изграден уште во 1306 година – од српскиот крал Милутин Немањиќ. Повторно изграден по ограбувањето и палењето во 2004 година, последниов верски објект сега нема верници: од околу десет илјади Срби кои некогаш го населувале градот, останале само десетина. Во Косово, Србите сочинувале една третина од населението на пописот во 1939 година, потоа 14,9% во 1981 година, и веројатно помалку од 5% денес (пописот во 2011 година бил бојкотиран од Србите и планираниот за 2021 година бил одложен). Раскинувајќи со историската разновидност, албанската доминација доаѓа исклучиво на сметка на другите заедници. „Сите зборуваат за инклузија, но кога сакаме да ги оствариме нашите основни човекови права, тоа не функционира, не можеме да го користиме нашиот јазик на суд, во градското собрание или во полиција“, јавно се жали Фатир Берзати, новинар од Горанско потекло, словенски народ со муслиманска вероисповед кој живее во многу пошумениот регион на Шар Планина. „Малите заедници исчезнуваат или се асимилираат“, објаснува Раиф Адеми, Бошњак и водител на радио „Астра“ во селото Горње Љубиње.

Пред малата зграда каде што е основана Призренската лига во 1878 година, околу петнаесет млади луѓе се фотографирани пред знаме обележано со натпис Shqipëri etnike („етнички Албанци“). Во внатрешноста на музејот, мапа ја евоцира „Голема Албанија“, за која активистите на лигата сонувале на крајот на 19. век. Премиерот на Косово не се откажа од овој проект за обединување на сите територии каде што се зборува албански: „Да, го реков тоа, ако имаше референдум“, тој нѝ потврдува со пофалби за 171 владин договор веќе направен со Тирана. „Имаме две држави, но не сме две нации. Границата меѓу Косово и Албанија е граница помеѓу Југославија и Србија, така што тоа не е нешто на што сме многу приврзани.“ Курти, исто така, гласаше на последните избори во соседната земја, каде што неговата партија ја предводи опозицијата против социјалистичкиот премиер на Албанија Еди Рама. „Албанците мора да се обединат. Албин (Курти) го сака истото, но ние имаме друг пристап за да го постигнеме тоа“,[iii] изјави шефот на албанската влада, која со Србија и Северна Македонија воспоставува регионално слободно движење на стоки и услуги.

Тензиите во последниве месеци се зголемија во планинските села, како и во енклавата Штрпце. На 6 јануари, на православниот Божиќ, група млади луѓе кои носеа суви дабови гранки наречени „бадник“ за новогодишната ноќ и српско знаме, двапати беа нападнати од автомобил. „Ми ја повреди раката и побегна. Сите беа во шок, никој не го прифати тоа“, потврдува Милош Стојановиќ, еден од двајцата повредени, на возраст од само 21 година. „Тешко е, но се бориме да останеме тука“. Набргу потоа уапсен и ставен во домашен притвор, сторителот бил припадник на Косовските безбедносни сили.

„Овие снимки веднаш ми ги вратија кошмарите од минатото“, вели Јасмина Живковиќ, чиј татко исчезна во септември 1999 година. Таа е дел од здружението на семејства, кои сè уште бараат вести за своите најблиски, и 23 години по завршувањето на косовската војна. Уште 1614 лица се водат како исчезнати. Како редок пример за соработка, албанските и српските здруженија се состануваат веќе шест години, за да извршат поголем притисок врз двете влади. „Ние сфативме дека заедно сме посилни“, објаснува Бајрам Черкинај, директорот на Ресурсниот центар, во неговата мала канцеларија во Митровица. „На почетокот ми беше многу тешко, ми рекоа: „Како можеш воопшто да работиш со Србите, по она што нѝ го направија?“ Реков дека работам со сите кои ја имаат истата болка. Војната никому не носи корист“, инсистира овој осумдесетгодишник, кој последен пат го видел својот син во август 1998 година, пред да се приклучи на ОВК. Неговиот дедо веќе исчезнал во борбите во Втората светска војна, а неговиот прадедо во Балканските војни во 1912 година. „Стравот останува, бидејќи владите не се стремат кон она што ги зближува луѓето“, заклучува тој. „Ако ние можеме да разговараме, треба да разговараат и владите.“

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[i] « Vingt ans après, les plaies ouvertes du Kosovo », Le Monde diplomatique, III/2019.

[ii] Освен ако не е поинаку наведено, сите бројки се од Агенцијата за статистика на Косово (ASK), Eurostat for comparisons, ask.rks-gov.net

[iii] TV Klan, Тирана, 17.2.2023.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW