Дваесет години по конфронтациите што ја растурија поранешна Југославија, судирот на оружјето се враќа на европскиот континент. Иако борбите во Украина се предмет на секојдневни коментари, сепак, има малку анализи за карактеристиките и оригиналноста на оваа војна. Од воен аспект, се одвива „под нуклеарен плафон“. И покрај очигледните сличности со вооружените конфликти во 20. век, нејзините начини на операција цврсто ја ставаат во конфликтноста на 21. век.
За многу аналитичари, руско-украинскиот конфликт го означува враќањето на војната со висок интензитет. Дали ова значи дека конфликтите во последните триесет години, на Балканот, Авганистан, Блискиот Исток или Либија, не беа такви? Ќе се одговори дека интензитетот не е ниту психолошки ниту политички, туку зависи од количината на луѓе и опрема кои се вклучени. Според овој стандард, битката за Мосул во Ирак во 2016-2017 година веќе беше со висок интензитет. Во неа учествуваа дури 100.000 борци од западната коалиција против 10.000 од Исламската држава. Градот и неговите предградија искочија полуразрушени од осуммесечните борби. Ако го додадеме и критериумот за бројот на жртвите, војната во Јемен ги има и сите карактеристики со висок интензитет. Според Обединетите нации, конфликтот, кој започна во 2015 година, веќе уби 327.000 луѓе (150.000 во борба, 177.000 поради глад).[i] Авијацијата, балистичките проектили и тенковите на коалицијата на арапските земји предводена од Саудиска Арабија – беа масовно ангажирани.
Од крајот на Студената војна, коментаторите се навикнаа да ги означуваат конфликтите со придавката „асиметрични“. Традиционално, симетричниот конфликт вклучува противници со споредлива сила – кои користат исти средства и исти правила на игра (на пример, двете светски војни). Во „асиметричен“ конфликт, едниот противник е помоќен од другиот, но и двајцата ги практикуваат истите правила. Првата заливска војна (1990-1991), во која западната коалиција предводена од САД се соочи со „четвртата армија на светот“ – сè уште не е познато што беше третата – е типична за овој вид конфликт. Меѓутоа, по распадот на советскиот блок, западните армии се појавија толку моќни, што секој конфликт во кој беа вклучени – можеше да биде само асиметричен. Исто така, некои противници фаворизираа други начини на водење војна, како што е герилската војна, со менување на правилата на игра: се зборуваше за асиметрични конфликти, каде што моќта не е важна, бидејќи еден од противниците бара нешто друго, освен локална и привремена надмоќ.
Асиметричното војување не може да се сведе на самоубиствени бомбашки напади или тероризам, кои се само начини на дејствување. Од друга страна, малтретирањето на непријателот, камуфлажата (наутро селанец, попладне бунтовник, навечер полицаец, ноќе сајбер-хакер), разредувањето на населението, потрагата по начини на агресија од слабите кон силните, влогот на долгото траење – се симптоматични за овие асиметрични конфликти. Во Авганистан, војната од 2001 до 2021 година е типичен пример; конечно беше добиена од Талибанците.
Конфликтот во Украина означува враќање на она што некогаш се нарекуваше оклопно-механизиран конфликт: конфигурација каде што и двајцата противници имаат значителен обем на тешко оружје и ја споделуваат волјата да го користат. До почетокот на 2022 година, Украина имаше околу 850 тенкови (и околу 1.100 во резерва); 1.100 оклопни возила на пешадија; повеќе од 1.100 артилериски топови; 350 повеќецевни ракетни фрлачи.[ii] Русија ги множи овие бројки со фактор од три или четири. Но, асиметричен на изглед, конфликтот постепено станува сè посиметричен, особено поради западните масовни испораки на тешко артилериско и оклопно оружје.
Друга карактеристика на конфликтот е неговата нуклеарна димензија. Една од двете страни во војната е водечка нуклеарна сила во светот во однос на боеви глави (5.977) – од кои три четвртини веќе се оперативно распоредени. Другата страна не е – Украина се согласи да го предаде својот атомски арсенал на Русија по потпишувањето на Будимпештанскиот меморандум во 1994 година – и не е покриена со нуклеарниот чадор од своите сојузници. Но, да нема грешка: ова е затоа што Украина не е нуклеарна сила, а Русија е таа – па има присуство на симетричен конфликт. Нуклеарната моќ на Москва ѝ даде доволно самодоверба да го нападне Киев, но без да ги обесхрабри Вашингтон и неговите сојузници да не му помогнат. Атомската сенка, сепак, ја ограничува ескалацијата на едната или на другата страна. Кремљ може да ја зголеми заканата од таков напад, но тоа е декларативен став, кој има за цел да го попречи премногу директното вклучување на потенцијалните поддржувачи на Украина.
Во оваа конфигурација, западните поддржувачи на Киев обезбедуваат разузнавање, вооружување и субвенции, но се воздржуваат од каква било директна обврска на нивните копнените трупи во самата Украина. Дебатата потоа има тенденција да се фокусира на илузорно магично оружје, кое би го сменило текот на војната, како што беше илустрирано повторно во јануари со бурните дискусии околу итната испорака на тешки тенкови во Украина. По огромниот надворешен притисок, германскиот канцелар Шолц, подложен на лоша и кревка политичка коалиција и соочен со пацифистичкиот маргинален дел на неговата партија, СПД, конечно им дозволи на земјите кои имаат тенкови Леопард од германско производство (особено Полска, Финска, па дури и Норвешка) – сега веќе и да ги префрлат во Украина. Британската страна вети 14 најмодерни тешки тенкови од типот Челинџер 2. Франција се согласи да испрати оклопни борбени возила АМИКС 10 РЦ на самиот фронт, без да го исклучи дополнувањето и со тенковите Леклерк.
Софистицираноста на материјалите е очигледно корисна, но не е доволна и за да се победи во војната. Нивното количество, како и она на муницијата (на залиха или произведена), е параметар – кој често се занемарува. Сепак, повеќето западни армии се опремени со високотехнолошки оружја, еден начин за да ја позиционираат својата одбранбена индустрија кон извозот од високата класа. Оваа ориентација има два недостатоци: фаворизира мали производствени борбени серии – високо софистицирани наместо готови директно за фронт – и сложеност, како на материјалите, така и на процедурите. Исто така, производствените линии се краткотрајни; недостасуваат залихи на резервни делови или муниција. Минатиот јуни, францускиот претседател Емануел Макрон прогласи „влегување во воена економија во која (…) ќе треба да одиме побрзо, да размислуваме поинаку за динамиките, зголемувањето на оптоварувањето, маргините, за да можеме побрзо да го обновиме она што е од суштинско значење за нашите вооружени сили, за нашите сојузници или за оние на кои сакаме да им помогнеме“. Работните групи веќе шест месеци работат на реформа на процедурите за набавка и контрола на оружје, без резултатите да бидат многу убедливи.
Згора на тоа, влогот на оваа војна лежи кај луѓето, кои никој од сојузниците на Киев нема намера да ги жртвува на украинска почва. Од своја страна, Кремљ одлучи да се мобилизира, страната што започна „специјална воена операција“, верувајќи дека еден удар ќе биде доволен за соборување на украинскиот режим. 160.000 војници распоредени на украинските граници, покрај војниците од сепаратистичките региони, не беа доволни, што доведе до најава за делумна мобилизација на 21 септември, која го засили рускиот воен апарат со околу 300.000 луѓе. Индустријата за оружје е обновена под строг надзор на руската држава. И покрај западните надежи за исцрпување на залихите на руските гранати и ракети, продолжувањето на бомбардирањето на украинската критична инфраструктура за десет месеци – сепак, укажува на тоа дека руските производствени линии можат да ги надополнат ваквите залихи. Додека гласините за нова руска мобилизација на половина милион мажи добро напредуваат, демографскиот фактор тука одигра во целост: според последниот попис, Русија имаше 140 милиони жители, а кога Украина имаше само 39 милиони пред војната, од кои – дури 9 сега се бегалци во странство. Под претпоставка дека загубите во човечката сила се еднакви, според проценките на Пентагон на крајот на ноември, далеку сме од 3,5 убиени Руси за еден Украинец што би биле потребни за да се балансира соодносот на загубите.
Војната во Украина ѝ даде на јавноста чувство на „враќање“ на рововските борби од 1915 година и конфронтација со Москва со ‚мирисот‘ на Студената војна. И покрај овие очигледни сличности, ова навистина е војна, веќе на 21. век. Стратешката теорија од последниве години се фокусира на она што американските стратези го нарекуваат „операции со повеќе домени“ (МДО), концепт што нивните француски колеги го приспособија на операциите кои се „мултимедијални и на повеќе полиња“ (М2МЦ). Според оваа доктрина, на традиционалните средини (копно, море, воздух) би им биле додадени и други оперативни средини: вселенскиот простор, сајбер-просторот, како и две средини (или полиња), електромагнетната средина и полето на перцепции (што авторот на овие редови го оквалификува, уште пред неколку години, како семантички слој на сајбер-просторот).[iii]
Сепак, војната во Украина покажува повеќе или помалку активни операции – и на овие четири нови средини и полиња. Сателитската поддршка е очигледна, особено за разузнавањето, но и за телекомуникациите: таа е исто така една од суштинските поддршки што Американците и Европејците ѝ ја даваат на Украина; тоа е исто така една од областите каде што Русите очигледно не покажаа големи способности. Кибернетичката средина е изненадувачки помалку експлоатирана отколку во претходните конфликти, особено ако се потсетиме на руските дејствија за време на блиц војната во Грузија во 2008 година или на американските масовни операции во либиската воена кампања. Од друга страна, електромагнетната средина е широко користена, иако малку набљудувачи јасно ја забележале бидејќи нејзината невидливост добива помалку внимание. Сепак, радарите и брановите од кој било опсег не престанале да работат, без разлика дали во откривањето или контрамерките на браново блокирање или интрузија.
Највидливата новина на оваа војна беше интензивната употреба на беспилотни летала, т.н. дронови, со различна големина и потекло (турски Бајкар што веќе го видовме за време на војната меѓу Азербејџан и Ерменија, но и иранскиот Каман 22, сега директно испорачан во Русија), со многу функции (извидување, борбени дронови или дури како „камикази“). Така, повеќе од 4.600 воени дронови се уништени од почетокот на војната и речиси 500 секој месец.[iv]
Сето ова ја наполни третата димензија на водење хипер-модерна војна со уште повеќе елементи: авиони, хеликоптери, убиствени дронови, артилериски гранати чиј дострел се очекува да биде уште поголем, со можна испорака на Украина на американски лебдечки наведувани бомби ГСЛБД, кои можат прецизно да достигнат цел и до 120 км. Бојното поле стана екстремно опасно, на сите височини. Заштитата сега бара покривање, поради што урбаните зони се користат како тврдини. Урбаните борби затоа се крајно деструктивни бидејќи единствениот начин да се исфрли непријателот е методично да се уништат зградите каде што тој се засолнува.
Дури и ако војната во Украина покаже копнена доминација, поморската средина не е изоставена. И овде се работеше за развој на настани со лансирање проектили од копно (како што е украинскиот напад врз рускиот крстосувач Москва во април 2022 година), поморски или подморнички дронови, акции на морското дно (како што е минирањето на гасоводот Северен тек 2, чии сторители сè уште не се идентификувани), како и упади на командоси, особено украински (внатре на руска територија, а можеби и против мостот Керч). И во оваа средина, зголемувањето на оружјето за агресија поттикнува развој на одбранбени контрамерки.
Слично, и медиумскиот и информативниот простор претрпува длабоки и амбивалентни промени. Од една страна, социјалните мрежи и каналите за континуирани вести во живо создаваат постојан, често поларизиран медиумски метеж, така засилувајќи го класичниот феномен на воената пропаганда. Истовремено, попозитивно, мноштвото јавни дигитални вектори овозможува анализа на отворени извори. Така, набљудувачот има необработени информации што овозможуваат прецизно да ги следи фронтовите, загубите, душевната состојба и расположението на војниците и населението или да ги провери погрешните тврдења. Оваа транспарентност има последици врз операциите: затоа е тешко, со оглед на современите средства, да се подготват тактички изненадувања – бидејќи непријателот, благодарение на своите средства (електронско војување, дронови, сателити, човечко разузнавање во однос на противникот, следење на социјалните мрежи), исто така, има прилично јасна слика за она што се случува. Ова во голема мера го ублажува маневарот и веројатно придонесува за воената линеарност на фронтовите што е забележана на глобално ниво од вториот месец на конфликтот, и покрај неколкуте пробиви забележани овде-онде.
Фронтот е глобално стабилен веќе неколку месеци и веројатно е дека оваа ситуација ќе продолжи – дури и ако јануарските операции покажат одреден руски напредок. И покрај новите големи количества на материјал и луѓе кои секојдневно се упатуваат на фронтот, се чини дека ничија победа не е јасно видлива, на крајот на јануари 2023 година. По уште една смртоносна конфронтација, веројатно напролет, војната потоа би можела да премине во фаза на „замрзнат конфликт“, сличен на оној меѓу Русија и Украина – помеѓу 2015 и 2022 година.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] Damien Lefauconnier, « En Irak et en Syrie, les civils sont les premières victimes des bombardements », Le Monde diplomatique, III/2022.
[ii] Joseph Henrotin, « Les opérations terrestres en Ukraine : la guerre conventionnelle parfaite ? », Stratégique, Paris, n° 129, 2022.
[iii] François-Bernard Huyghe, Olivier Kempf, Nicolas Mazzucchi, Gagner les Cyberconflits. Au-delà du technique, Economica, Paris, 2015.
[iv] Сведоштво на офицер, кој побара да остане анонимен.