Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Вашингтон и Пекинг си играат со оган

Од обновувањето на дипломатските односи со Народна Република Кина (НРК) во 1978 година, под владата на Џејмс Картер (1977-1981), американските лидери секогаш се придржувале (барем јавно) кон принципот на „единствена Кина“, при што Тајван и континентот претставуваат единствена земја, иако не мора да зависат од еден политички субјект. Ова е сумирано во познатата формула усвоена малку подоцна: “Еден Кина, два системи”.


Од Мајкл Т. Клер*
*Професор на Колеџот Хемпшир, Амхерст, Масачусетс, САД. Автор на книгата All Hell Breaking Loose: The Pentagon's Perspective on Climate Change, Metropolitan Books, Њујорк, 2019.


Фото: pexels/pixabay

Долго пред авионот на претседателот на Долниот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, да слета во Тајван на 2 август, односите меѓу Кина и САД дефинитивно веќе беа во надолна спирала. Американскиот претседател Џозеф Бајден и неговата влада работеа на изградба на мрежа на непријателски сојузи за опколување на Кина, додека Пекинг ги зголемуваше агресивните воени маневри во Источното и Јужното Кинеско Море. Сепак, нивните билатерални односи не се влошија до тој степен – што би немало било каков дијалог на високо ниво за климатските промени или други витални прашања. Како доказ, претседателите Бајден и Кси Џинпинг разговараа за овие теми за време на нивната средба преку видеоконференција на 28 јули 2022 година.

Всушност, посетата на Пелоси создаде нов јаз во односите меѓу двете сили, бришејќи ја секоја перспектива за соработка. Останува само засиленото воено ривалство.

Од обновувањето на дипломатските односи со Народна Република Кина (НРК) во 1978 година, под владата на Џејмс Картер (1977-1981), американските лидери секогаш се придржувале (барем јавно) кон принципот на „единствена Кина“, при што Тајван и континентот претставуваат единствена земја, иако не мора да зависат од еден политички субјект. Ова е сумирано во познатата формула усвоена малку подоцна: “Еден Кина, два системи”. Во исто време, со Законот за односи со Тајван (ТРА) усвоен од Конгресот во 1979 година, од САД се бара да достават одбранбено оружје на Тајпеј според неговите потреби и да го разгледаат секој обид на Кина да го промени статусот на островот со сила, како прашање на „екстремна загриженост“ – фраза позната по својата „стратешка двосмисленост“, бидејќи не е јасно дали Вашингтон ќе интервенира или не.

Комбинирани, овие две принципа досега помогнаа да се обезбеди форма на стабилност: со сугерирање на постоење на внатрешна врска помеѓу Тајван и континентот, принципот на „една Кина“ го одвраќа Пекинг од каков било избрзан обид за заземање на островот; од своја страна, „стратешката нејасност“ ги остава Тајванците, како и Кинезите во несигурност во врска со американскиот одговор во случај на прогласување независност од страна на првите или планови за инвазија од страна на вторите. Ова е доволно за да ги одврати сите од преземање каква било непромислена иницијатива.[i]

Иако американските водачи сè уште инсистираат на придржување кон овие два принципа, во последниве месеци највисоките претставници на владата и Конгресот оставија впечаток дека се оддалечиле од нив, во корист на политиката која сугерира постоење на две држави „Кина од една страна, и Тајван од друга страна“ (One China, One Taiwan) и во корист на поголема „стратешка јасност“. Самиот претседател  Бајден придонесе за ова: на прашањето на Си-Ен-Ен дали Вашингтон ќе го брани Тајван во случај на кинески напад, тој јасно одговори. „Ние имаме обврска да го сториме тоа“, изјави тој,[ii] иако ова не е официјалната линија на САД.

Претседателот и други високи лидери, исто така, предложија промена на политиката, сакајќи да ги натераат своите сојузници во регионот – Австралија, Јапонија и Јужна Кореја – да се обврзат да им помагаат на американските сили, доколку тие бидат вклучени во војна против Кина. Покрај тоа, Конгресот го охрабри овој процес со двопартиска поддршка за голема испорака на оружје во Тајван, со организирање на бројни посети на делегации на високо ниво и со планирање на измена на ТРА од 1979 година за да се стави крај на „стратешката нејаснотија“, која ќе биде заменета со цврста обврска да му се помогне на островот да се одбрани во случај на кинески напад од копно.[iii]

Кина ги набљудува овие случувања со зголемена вознемиреност. За нејзините лидери – а особено за Кси, кој се кандидира за трет петгодишен мандат како прв секретар на Комунистичката партија и претседател на НР Кина – повторното обединување на Тајван со копното стана крајната цел на владината политика, sine qua non за национална „преродба“.[iv] „Кинескиот народ, повеќе од 1,4 милијарди силен, е решен одлучно да го поддржи кинескиот суверенитет и територијален интегритет“, му изјави решително на Бајден за време на нивните разговори на 28 јули о.г., според кинеското соопштение. „Никој не може да се спротивстави на волјата на народот, а кога некој си игра со оган – на крајот и ќе изгори“.[v]

Пелоси беше свесна за сето ова кога го посети Тајван. Совршено знаеше дека нејзината посета може да доведе само до влошување на ситуацијата. Претставници на Пентагон и на Белата куќа ја предупредија дека тоа ќе го предизвика гневот на кинеските лидери и на некој начин ќе предизвика и жестока реакција од нивна страна. Таа сепак избра да замине во Тајпеј – притоа внимавајќи да привлече што е можно поголемо меѓународно внимание со тоа што ќе предизвика сомнежи за самата нејзината посета. Не може, а да не се помисли дека патувањето го направила со цврста намера да го испровоцира и забрза процесот на наклонетост на американската политика кон доктрината „Кина од една страна, Тајван од друга страна“, со сите ризици што тоа ги носи.

Ако тоа била нејзината намера, тогаш нејзината работа била во голема мера успешна. И покрај напорите на претставниците на Белата куќа да ги уверат нивните кинески колеги за поделба на власта во политичкиот систем на САД, на Пекинг му беше тешко да поверува дека Пелоси, како претседател на Долниот дом на САД, се претставува само себеси  – а не и американската администрација. Во очите на кинеските лидери, оваа посета е само кулминација на заедничката кампања на Конгресот и Белата куќа за отфрлање на принципот Една Кина, т.е. прв чекор кон формалното признавање на Тајван како посебна и независна држава. Администрацијата на Бајден се обиде да ја спаси ситуацијата инсистирајќи на тоа дека „не се случила промена“ во нејзината политика, но овие изјави се чини дека не убедуваат никого.

На 10 август, само една недела по патувањето на спомнатата Пелоси, Канцеларијата за информации на Државниот совет [Владата] на НРК, објави нова бела книга за „Тајванското прашање“, потврдувајќи ја решеноста на Пекинг да постигне повторно обединување на островот со мирољубиви средства, не исклучувајќи ја и употребата на воени средства за да се скрши каков било отпор од страна на тајванските сили за независност или нивните странски поддржувачи: „Ние сме подготвени да создадеме широк простор [за соработка] со цел да се постигне мирно обединување, но нема да отстапиме ни сантиметар земја за сецесионистички активности, каква и да е нивната форма“, се вели во документот. „Тајванското прашање останува внатрешна работа која се однесува на фундаменталните интереси на Кина […], нема да се толерира никакво надворешно мешање.“[vi]

Официјалните изјави беа придружени со низа воени и дипломатски операции, со цел да покажат дека лидерите на НРК ја намалиле својата толеранција за „надворешно мешање“ како она на спомнатата Пелоси. Тие го подигнаа нивото на подготвеност на НРК за можна блокада на Тајван, па дури и за инвазија на островот, доколку Тајван оди понатаму на патот кон независноста. Преземени се неколку мерки за загриженост, како одраз на оваа нова позиција:

  • На 4 август, Народноослободителната армија (ПЛА) на НРК, истрела 11 балистички ракети ДФ-15 во водите на источен, северо-источен и југоисточен Тајван, сугерирајќи ја својата намера да организира блокада на островот во случај на нова криза или конфликт. Пет од нив слетаа во ексклузивната економска зона на Јапонија, што покажува дека секоја војна околу Тајван може брзо да се прошири на јапонскиот архипелаг, кој е дом на многу американски воени бази.[vii]
  • На 6 август, претставниците на кинеската влада соопштија, дека дијалогот меѓу водачите на ПЛА и оние на војската на САД со цел да се спречи каква било ненамерна конфронтација меѓу нивните поморски и воздушни сили – е прекинат. Дискусиите за такви витални прашања како што се климатските промени и глобалното здравје – исто така, се суспендирани.[viii]
  • На 7 август, неколку кинески државни медиуми објавија дека ПЛА сега ќе спроведува „редовни“ воени вежби источно од централната линија на Тајванскиот теснец (тајванска страна), додека кинеските сили досега главно ги спроведуваа своите маневри западно од оваа линија (кинеска страна). Ова е доволно за да се зголеми психолошкиот притисок на островот, а во исто време да се даде можност да се извршат симулации на инвазија од копното.

Сите овие мерки се означени како „неодговорни“ и „провокативни“ од страна на САД. „Не смееме да ја држиме во заложништво соработката во врска со прашањата на глобалната загриженост во име на разликите помеѓу нашите две земји“, изјави државниот секретар на САД, Антони Блинкен, на прес-конференцијата во Манила, на 6 август. „Другите [земји] со право очекуваат од нас да продолжиме да работиме на прашања кои влијаат на животот и егзистенцијата на нивните народи, како и на нашите.“[ix]

За жал, коментарите на Блинкен содржат многу вистина. Но, би било погрешно да се смета Кина единствено одговорна за застојот во односите меѓу двете земји. Самиот државен секретар го помина поголемиот дел од минатата година создавајќи сојузи за да се обиде да го спречи подемот на Кина и поставувајќи ултиматуми до кинеските лидери за широк спектар на внатрешни прашања, како што е прогонот на Ујгурите во Ксинџијанг или политичките репресии во Хонгконг – ултиматуми пред кои тие не можеа да попуштат. Мора да се признае, Блинкен исто така повика на поголема соработка за климатските промени, но секогаш како втор чекор. Од кинеска гледна точка, Вашингтон е тој кој ги држи во заложништво – дискусиите за прашањата кои се клучни за планетата.

Дали не е време да се стави крај на оваа мала игра на обвинување на другата страна за ситуацијата – и да се обноват прагматичните дискусии за мерките за намалување на ризикот од насилен конфликт? САД треба да се обврзат да не дозволат нивните воени бродови да транзитираат низ Тајванскиот теснец, а Пекинг да не ја преминува средната линија на теснецот со своите воени сили. Ако е невозможно да се вратиме на периодот пред посетата на Пелоси на Тајван, тогаш мора да се направи сè, за да се спречи оваа нова конфигурација да дегенерира во вооружен конфликт.

 

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[i] Види: Michael J. Green and Bonnie S. Glaser, “What is the US ‘one China’ policy, and why does it matter? Center for Strategic and International Studies,  Washington DC, 13.01.2017.

[ii] John Ruwitch, “Would the US defend Taiwan if China invades? Biden said yes. But it is complicated,” National public radio (NPR), Washington, 28.10.2021, https://www.npr.org

[iii] Види: Olivier Knox, “Senate looks to update and deepen US-Taiwan relationship,” Washington Post, 01.08.2022.

[iv] Види: Tanguy Lepesant, « Taïwan, pièce manquante du ”rêve chinois” », Le Monde diplomatique,  X/2021.

[v] “President Xi Jinping speaks with US President Joe Biden on the phone”, Ministry of Foreign Affairs of the PRC, Beijing, 29.07.2022.

[vi] “The Taiwan question and China’s reunification in the new era,” State Council Information Office, Beijing, VIII/2022.

[vii] Sam LaGrone and Heather Mongilio, “11 Chinese ballistic missiles fired near Taiwan,” US Naval Institute News, Annapolis, USA, 04.08.2022.

[viii] Vincent Ni, “China halts US cooperation on range of issues after Pelosi’s Taiwan visit”, The Guardian, London, 06.08.2022.

[ix] “Blinken: China should not hold global concerns ‘hostage'”, Associated Press (AP), 06.08.2022.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW