Селиф1, работник во фабрика дојден од Бангладеш, е еден од многуте работници мигранти со кои разговарав за условите на принудна и тешка работа во Малезија во последните неколку години. За време на оброк во еден ресторан во индустриската периферија на Куала Лумпур кон крајот на 2019 г., ми се довери дека „сите кои ги познавам овде платиле огромни суми на агенти-посредници за да добијат работа во текот на годините“, а потоа дури им биле одземени и пасошите за да се осигура да не ги напушат своите малезиски работодавачи.
Селиф тука веќе работи една деценија за еден од најголемите производители на гумени ракавици во Малезија, кој има свои големи клиенти во европскиот и американскиот здравствен сектор. Сепак, оваа појава на должничко ропство е ендемична во сите извозни индустрии во Малезија, особено во индустријата на електроника и на облека. Во 2018 г., Малезија успеала да извезе микроелектроника во вредност од дури 44,8 милијарди долари и облека во вредност од 4,2 милијарди долари; а во 2019 г., како најголем производител на гумени ракавици во светот, успеала да снабди дури 63% од глобалната побарувачка (300 милијарди ракавици)2.
Мигрантите сочинуваат 20-30% од работната сила на Малезија, според Светската трговска организација (СТО). Оваа странска работна сила вклучува дојденци од Непал, Бангладеш, Бурма и многу други земји, за кои малезиските плати нудат можност за подобро обезбедување на оние кои ги оставиле дома, иако по цена на долги години далеку од своите семејства. Во 2018 г., сумата на дознаки од Малезија кон странство беше над 10 милијарди долари3.
Многу други странски работници кои беа присутни во ресторанот имаат слични приказни како онаа на Селиф и, како него, јадеа брзо, нервозни да се вратат во своето преноќиште пред локалниот полицискиот час. Рекоа дека ако доцнат или останат надвор без дозвола, може и да бидат казнети дури со половина од основната месечна плата. Селиф додава: „Казните и суспензиите се вообичаена работа тука“. Ми рекоа дека еден млад работник неодамна задремал на своето работно место и веднаш бил суспендиран; за новодојденците, работа од 12 часа на ден цел месец, без слободен ден, претставува брутална промена од нивниот претходен живот.
„Не можам повеќе да го издржам ова“
Мигрантите честопати земаат големи позајмици, со превисоки каматни стапки, за да може да плаќаат агенти за вработување за работни места во Малезија. Работниците од Бангладеш, кои ги интервјуирав, платиле дури помеѓу 4150 и 4830 долари на агенти за вработување во нивната матична земја. Со минимална плата од 270 долари (1100 малезиски рингити) месечно во 2019 г., а поголемиот дел заработуваат до 450 долари месечно со прекувремена работа, ќе бидат потребни години за да се вратат таквите позајмици. Интервјуирани работници од Непал велат дека им платиле на агентите од 1230 до 1400 долари.
Многумина сакаат да работат прекувремено, легално или не, за да избегаат од стапицата на долговите. Другите би сакале да заминат, но немаат храброст. Асад ми вели: „Не можам повеќе да го издржам ова. Ако можам, би одел дома, иако тоа значи губење пари и уште повеќе долгови. Но, не можам: ми го одзедоа пасошот и се плашам да не ме фатат и тепаат“.
Урмила Була, специјален известувач на ООН за современи форми на ропство за периодот од 2014 до 2020 г., вели: „Присилната работа претставува вистински ризик за печалбарите од посиромашните региони на светот, кои имаат значителни долгови за да платат да добијат работа во странство, а многу пати пропратено и со лажни ветувања од локалните агенти за вработување во странство. Понатаму, ваквите печалбари стануваат плен и зависни од странските работодавци, кои знаат дека овие работници платиле хонорари во вредност од месеци или години од својата плата“.
Западните фирми ја користат евтината работна сила во Малезија преку т.н. офшоринг. Иако многу мултинационални компании забрануваат принудна работа во кодексот на однесување на своите добавувачи и кооперанти, сепак оваа форма на труд продолжува да цвета во глобалните синџири на снабдување.
Клиенти на производителите на ракавици од Малезија, што ги истражував, вклучуваат фирми рангирани во еминентното деловно списание Форчун 500 како што се: Мекесон (16-та по големина компанија во светот според прометот), Овенс енд Мајнор (25-та), Хенри Шејн (66-та) и Медлајн Индастриз. Мекесон, Хенри Шејн и Медлајн велат дека очекуваат нивните добавувачи да ги почитуваат сите релевантни обврски, но не коментираат за реалните услови за работа на своите малезиски кооперанти. Нивните акционери вклучуваат и компании специјализирани за управување со големи средства како што се БлекРок, Стејт Стрит Глобал Адвајзерс (ССГА) и Венгард Груп. Венгард Груп тврди дека „ги следи портфолијата на компаниите во врска со кршење на човековите права“ и постојано соработува со нив за управување со синџирот на снабдување. БлекРок не одговори, и покрај својата декларирана посветеност на одржливи инвестиции. Ниту пак ССГА.
Нема коментар за присилна работа
Вакво немање на транспарентност и посветеност воопшто не изненадува: ревизиите на странски добавувачи во најголем дел им се доверени на приватни ревизорски фирми, кои јавно не ги објавуваат своите ревизорски наоди. Според извори од индустријата, кои инсистираат да останат анонимни, фирми како што се Интертек, Андерајтерс Лабораториз (АЛ) од САД и СГС од Швајцарија, сите мултинационални компании со вредност од повеќе милиони долари, ги проверуваат работните условите на производителите на ракавици во Малезија. Никој не ги коментираше доказите за присилна работа што ги открив. Експерти вклучени во социјални ревизии изјавија дека не е тајна работниците да имаат огромни долгови за да плаќаат надоместоци за своето вработување, но и дека ревизорите не гледаат на ова како убедлив доказ за ропство.
Самите ревизии се нарачани и ги плаќаат мултинационалните компании. Во 2019 г., невладината организација Кампањата за чиста облека, објави своја анализа на 200 неуспешни ревизии, а еден од нејзините автори, Бен Ванпеперстраете, изјави: „Доказите јасно покажуваат дека парадигмата за социјална ревизија не успеала да ги заштити работниците. Наместо тоа, таа го штити угледот на брендовите и нивните деловни модели, истовремено застанувајќи на патот кон поефикасни модели“4.
Она што корпоративната општествена одговорност (КОО) од страна на некои од најголемите светски мултинационални компании и инвеститори не успева да го направи, понекогаш се постигнува со мали групи од граѓанско општество и изложеност на медиуми. Во 2019 г., имаше три зделки, без преседан, за компензација за експлоатирани работници во Југоисточна Азија, по повеќемесечна истрага и притисок од Транспарентем (1,8 милиони долари за 2500 работници мигранти во индустријата за облека во Малезија, за надоместоци за своето вработување)5, Воч Електроникс (10 милиони долари за 10000 работници мигранти во електронската индустрија во Тајланд)6 и Конзорциумот за работнички права (4,5 милиони долари за 2000 работници во индустријата за облека во Индонезија)7.
Во Малезија, значителна промена се случи на 01.10.2019 г., кога Царината и Службата за пограничната заштита на САД донесоа необична одлука за забрана за увоз на гумени ракавици од малезискиот производител ВРП Азија Пацифик, поради загриженост за принудна работа. Забраната ја потресе индустријата за ракавици. Министерот за човечки ресурси на Малезија вети нови мерки за заштита на работа, според Законот за работни односи8, и предупреди дека повеќе компании може да се соочат со забрани доколку не ја елиминираат присилната работа како таква. Ваквото нешто и се случи во јули 2020 г., кога САД забранија увоз од малезиски подружници на најголемиот светски производител Топ Глав.
Принудени да ги враќаат надоместоците
Ефектите беа непосредни и од невидени размери. Три недели подоцна, компанијата Топ Глав објави дека ќе врати околу 12 милиони долари за надоместоци за вработување на економски мигранти, надевајќи се дека САД ќе ја укинат забраната за увоз. Харталега тогаш откри дека ќе им надомести на работниците скоро 10 милиони долари. Компанијата Супермакс соопшти дека започнала процес за пресметување на исплатата на компензациите. Топ Глав подоцна речиси ја зголеми тројно компензацијата на околу 34 милиони долари, додека Косан Рабер Индастриз објави исплата од над 12 милиони долари на своите странски работници. Другите големи производители на ракавици го прават истото за да ги избегнат забраните на САД. Забраната за ВРП Азија Пацифик беше укината во март 2020 г., откако компанијата се обврза да исплати отштета од околу 5,4 милиони долари на 1600 странски работници.
Се верува дека процесите на отштета ќе траат со месеци или дури со години и треба внимателно да се следат, бидејќи ова може да ги принуди странските работници да прифаќаат лоши услови за работа од страв да не ги загубат компензациите доколку се откажат. Ниту еден странски бренд не е пријавен како финансиски придонесува за надомест на штета, иако имал корист од експлоатацијата со години.
ЕУ не ги казнува големите мултинационални групи, иако има трговски инструменти за блокирање на привилегираниот пристап на други земји до нејзиниот внатрешен пазар, доколку тие не ги исполнуваат критериумите за човекови права. Хајди Хаутала, потпретседател на парламентот на ЕУ, вели: „ЕУ мора да биде во можност да го запре увозот на производи или услуги кои инволвираат модерно ропство и екстремна експлоатација на најранливите, како што се мигрантите. Европската комисијата се чини дека не сака да го следи американскиот модел на забрана за увоз, но… ЕУ најави задолжително законодавство за должно внимание кон човековите права за компаниите“. Во април 2020 г., комесарот за правда на ЕУ, Дидие Рејндерс, изјави дека ваквото законодавство ќе биде воведено во 2021 г., по примерот на францускиот закон за должност на компаниите за претпазливост, донесен во 2017 година, но кој не се применува толку често колку што треба, поради недостаток на механизми за мониторинг.
На национално ниво, законодавството, со кое се бара од компаниите да спречуваат кршење на човековите права во прекуграничните синџири на снабдување, се повеќе се усвојува, иако процесот се одвива бавно. Законите за должност на компаниите за претпазливост се подготвуваат во Германија и Холандија, а во очекување се предлози или кампањи за донесување на такви закони уште во 13 други европски земји. Сепак, ќе бидат потребни робусни механизми за спроведување и набљудување за да се овозможи санкционирање на компаниите кои нарачуваат производи од малезиски и други производители каде се користи локална присилна работа. Законодавството може да вклучува и компензација за жртвите.
Ова е стапот, но владите имаат и недоволно искористен морков: јавните набавки, на кои во просек отпаѓа дури 12% од БДП во земјите на ОЕЦД. Нивната куповна моќ треба да им даде на владите потпора да ги принудат компаниите да обезбедат соодветни услови за работа низ целиот синџир на снабдување, но списокот на индикатори за принудна работа, поврзан со добавувачи на ракавици за здравствените сектори во САД, Велика Британија, Шведска и Данска, сугерира дека списокот не се користи.
Во Шведска, регионалните власти воспоставија заеднички кодекс на однесување и клаузули за договор за одржлива јавна набавка. Постапно, во 2019 г., властите спровеле и објавиле сеопфатни ревизии на три големи малезиски производители на ракавици за еднократна употреба, идентификувајќи многу ризици од принудна работа. Ревизиите биле повторени и во јуни 2020 г. Ема Левау од регионалната власт во Остерготланд истакна дека „решавањето на ризиците поврзани со работниците мигранти и должничкото ропство претставува долгорочна обврска“.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
- Сите имиња на анкетираните работници се променети за да се заштити нивниот идентитет.
- „Top supplier Malaysia sees no quick end to shortages in $8 billion gloves industry“, Ројтерс, 04.06.2020.
- Isaku Endo, José de Luna-Martínez & Dieter de Smet, „Three things to know about migrant workers and remittances in Malaysia“, World Bank Blogs, 01.06.2017., blogs.worldbank.org/.
- „Fig Leaf for Fashion: how social auditing protects brands and fails workers“, Clean Clothes Campaign, Амстердам, 2019 г.
- Steven Greenhouse, „NGO’s softly-softly tactics tackle labor abuses at Malaysia factories“, The Guardian, Лондон, 22.06.2019.
- Nanchanok Wongsamuth, „Thai electronics firm compensates exploited workers in rare award“, Ројтерс, 11.12.2019.
- „Largest sum ever: WRC recovers 4.5 million dollars in unpaid severance“, Worker Rights Consortium, Вашингтон, САД, 04.12.2019.
- Види во: Jason Thomas, „Stop forced labor or Malaysia may face sanctions, warns Kula“, Free Malaysia Today, Petaling Jaya, 07.01.2020.