Предупредување за фалсификуван хлорохин! На 9 април 2020 година, Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека производите слични на хлорохин, како Niruquine или Samquine циркулираат во повеќе земји од Западна Африка во разни пакувања. Со пандемијата Ковид-19 и прикажувањето на видеа од страна на контроверзниот француски виролог Дидие Раулт, се дојде до експлозија во трговијата. Тој тврди дека хлорохинот е ефикасен во борбата против вирусот и покрај тоа што нема научни студии за тоа. Кон крајот на пролетта, заплената на повеќе кутии доведе до мислењето дека пакувањата со тромбоцити се пристигнати од Азија, но исто така дел и од локалните тајни лабаратории. Ниту еден од овие лекови не добил маркетиншко овластување. Темата е уште позагрижувачка за СЗО бидејќи повеќе од сто илјади деца годишно умираат во Африка поради користење на фалсификуваните лекови.
На континент со површина од 30 милиони километни квадратни (три пати поголем од Европа), е потешко да се дојде до продажните места со што се комплицира пристапот до лекови и лесно може да има недостиг. Апчињата, таблетите и сирупите може да поминат и илјадници километри, низ пристаништа и аеродроми, пред да стигнат до пациентите. Згора на тоа, во 2014 година во Африка имало само 0,9 фармацевти, подготвувачи и соработници на 10 000 жители, во споредба со 4,3 на светско ниво и само 2,6 лекари на 10 000 жители, во споредба со 14,1 во светот. Овој континент е најмалку фаворизиран на земјината топка. Во овој контекст, бројот на неовластени аптеки кои нудат секаков вид производи во обична амбалажа се размножуваат, особено во Западна Африка. Во отсуство на лекари што препишуваат лекарства, се охрабрува самолекувањето, со што дополнително се промовира трговијата на производите. Сите категории молекули се во прашање: лекови против болки, антималарици, антибиотици, антимикотици (antifongiques-габи). Во есента 2019 година, властите на Уганда запленија кутии со назнака „Владини донации за Уганда, не се за продажба“, кои содржеа лекови купени од државата по големопродажни цени, а потоа ги пренасочуваа и продаваа по повисоки цени за приватните претпријатија. Се наоѓаат и фалсификувани лекови, обично увезени од Азија. Шверцерите лесно можат да превезуваат нелегални супстанци низ земјите ослабени од војната против Боко Харам, како што се Нигерија и Камерун.
Претседателите на Того, Конго-Бразавил, Уганда, Нигер, Сенегал, Гана и Гамбија, соочени со здравствен ризик и поплаки од професионалци во овој сектор, во јануари 2020 година во Ломе, се собраа да се координираат во борбата против оваа трговија. Но, дали договорот што го потпишаа ќе биде преточен во акција? Од нивна страна, лабораториите се мобилизираат за да се детектираат измами и да се создадат јавни службеници. Француската компанија Санофи во 2008 година, во Тур, ја создаде централната лабораторија за фалсификувани анализи, која ги проучува случаите со дефекти од целиот свет. Фајзер, чија вијагра честопати е фалсификувана, им обезбедува на царинските службеници техники за откривање фалсификати, па дури и кога тие се сокриени во законски пратки. „На некој начин имаме колекција на добри практики која ни овозможува видливо да ги детектираме – преку пакувањето или преку потрошниот материјал – на сред легален товар“, објаснува г. Џозеф Кпуми, виш службеник на камерунските царини.
Сепак, „овие во голем дел се вистински лекови кои циркулираат на паралелни пазари“, објаснува антропологот Карин Бакерс, одговорен истрачувач на проектот за телемедицина, Глобалмед, од Институтот за истражување за развој и од универзитетот Париз Декарт. Сојузот на применета научна фармакологија, чијшто познат Ефералган може да се најде на сите полици кај недозволени трговици, го потврдува следното: „Ова се главно вистински лекови кои се само пренасочени од официјалниот канал за локална дистрибуција“, рече Франсоа Дупле, нивен претседател. „Никогаш не сме имале извештаи за фалсификувани производи поврзани со Ефералган.“ Од друга страна, феноменот на фалсификувани супстанции во лажна доза постои за други производи. Тоа е забележано со примерот на Трамадол во Камерун, аналгетик од втора класа кој во моментов ја разгорува кризата со зависност од опоиди во Централна Африка. Пандемијата со Ковид-19 ги влоши пренасочувањата и го разоткри локалното потпроизводство на лекови. „Привремените рестрикции од индискиот извоз на хидроксихлорохин и зголемената побарувачка на хлорокин во светот ја истакнаа зависноста на земјите од Западна Африка од надворешни актери, со што се стимулира регионалното производство на овој лек“ , објаснува истражувачот Антонин Тисерон.
Африка со сите вклучени патологии, е дом на 25% од болните во светот. Помеѓу 70 и 90% од своите лекови ги увезува од Азија, за да ги задоволи своите огромни потреби, за разлика од многу други земји кои им посветуваат до 80% од своите здравствени трошоци. Само Јужноафриканската Република и Мароко имаат фармацевтска индустрија која покрива од 70 до 80% од локалната побарувачка. Здравствениот предизвик се удвојува како комерцијален проблем, додека зголемувањето на незаразни болести како што се: рак, дијабетес, кардиоваскуларни заболувања – ги изоструваат апетитите на мултинационалните компании. Континентот сè уште претставува само 3% од светскиот пазар кој се очекува да оствари 1,4 трилиони долари во 2021 година.
Само 375 производители го делат континенталниот пазар, од кои мнозинството се со седиште во териториите на Магреб и Египет. На југот на Сахара се работи за производители со странски лиценци или компании кои вршат мали операции, како што се пакувањето на увезени и препакувани производи за локалниот пазар. Азиските компании го одземаат лавовскиот дел од овој пазар, со „цела низа на универзални лекови, индиски, кинески или пакистански, кои се непознати на друго место освен во Африка“, потенцира во Абиџан г. Жан Марк Буше, претседател на Здружението на производители на фармацевски производи во франкофонска субсахарска Африка. Меѓународните дефинирани стандарди од СЗО, таму не секогаш се почитуваат, додава тој, повикувајќи се на „повеќе од сомнителни практики кои имаат корист од слабите регулативи“.
Државите каде се зборува француски и оние држави каде зборуваат англиски не се во ист кош. Во првите, бруталната девалвација на западноафриканскиот франк (-50%), на 12 јануари 1994 година, силно го погоди секторот кој увезува 90% од своите плати од земји со силни валути. И со тоа остави милиони Африканци без здравствено осигурување. „Трговците на големо престанаа да ги снабдуваат аптеките чекајќи промена на цената одобрена од страна на владата“, се сеќава г. Проспер Хијаг, претседател на камерунскит ред на фармацевти. По три неделни преговарања, конечно добија зголемување на продажната цена од 64%. Тоа беше драма. Пристигате во аптека и дознавате дека лекот кој до вчера чинеше 100 франци, денес вреди скоро 200 франци. Во тој момент, започнавме да бараме помалку скапи решенија, особено за универзалните производи.“ Во Западна Африка тие беа испратени од Европа, поточно од Брисел. „Но, Белгија веќе ги произведуваше во Индија. Малку по малку, индиските производители почнаа да се интересираат за африканските земји во кои се зборува француски јазик, одговарајќи на повиците за тендери “, рече г. Хијаг.
Во земјите каде се зборува англиски јазик им е подобро : Нигерија, Кенија и Јужна Африка располагаат со десетици производствени единици за нивните локални пазари, а понекогаш и за извоз на копно. Источниот и јужниот дел на Африка се дури и пионери во големото производство. Всушност во триесетите и четириесетите години на минатиот век, Велика Британија како тогашна колонијална сила, им ги беше воспоставила на овие држави како и во Зимбабве, задните бази на своите фармацевтски производители.
Подоцна во периодот помеѓу 1990-2000 година, пандемијата со СИДА го поттикна развојот на локалната индустрија. Во тој период, Јужна Африка сакаше да дозволи паралелен увоз на лекови од земјите каде што се продаваат поевтино и каде што се ширеа генерички третмани. Во тоа време лиценците за антиретровируси ги имаа американскиот Bristol-Myers Squibb, британскиот GlaxoSmithKline и германскиот Boehringer Ingelheim. Поддржани од околу триесетина најголеми фармацевтски компании, тие ја тужат Преторија за прекршување на правилата за интелектуална сопственост пред Телото за решавање на спорови на Светската трговска организација (СТО). Притисокот што го вршеа здруженијата на заболени и одлуката на индиската компанија Cipla да тргува со антиретровирусни лекови по ниски цени, во септември 2000 година, заврши со надминување на отпорот на „ Big Pharma “, која ги напушти судските процеси и ги остави генеричките лекови сами на себе да ги развиваат.
Сепак, правилата на СТО им даваат за право на најмалку развиените земји во Африка да се ослободат од фармацевтските лиценци до 2033 година, со неколку исклучоци од Договорот за аспекти на трговијата кои се поврзани со правата на интелектуална сопственст (Adpic) – „флексибилноста на ADPIC“ – ги отвори прекршоците за другите држави. Во 2003 година, јужноафриканскиот генерички Аспен, основан во 1850 година, доби право да произведува генерички верзии на антиретровирусни лекови. „Цената на овие терапии не надминува повеќе од 100 долари годишно“, објаснува г. Нил Брадфорд, директор на Cipla Quality Chemical Industries во Кампала (Уганда). Ова претставува огромна промена во споредба со времето кога секој пациент требаше да плати 16.000 долари за да се лекува.“ Самата влада на Кампала беше таа што и понуди на индиската Cipla да основа фабрика во Уганда за директно производство на антиретровирусни лекови во партнерство со локалната компанија Quality Chemicals Limited. Сега компанијата обезбедува третман на 700.000 лица заболени од ХИВ, од 1,2 милиони во земјата.
Африканската индустрија се развива главно преку партнерства со индиските компании: Sun Pharma-Ranbaxy во Нигерија, Cadila во Етиопија или Cipla во Уганда. Водени од динамичноста на југот, западниот дел од континентот го презеде овој тренд. Најпрво, извозникот на генеричи производи од својата фабрика во Бангалор, Strides Pharma Science Limited создаде во партнерство со локалните претприемачи, единици за дистрибуција и пакување во Боцвана и Намбија, пред да ги продаде своите акции на друга индиска компанија – Africure во 2017 година. Потоа, ја отворија својата прва африканска фабрика за генерички лекови во Камерун следната година, проследена со друга во Брегот на Слоновата Коска. Наредно планираат да се сместат во Буркина Фасо, Етиопија и Зимбабве.
Индустриите кои се чисто локални се многу малку. На пример, Pharmivoire Nouvelle, лабораторија од Брегот на Слоновата Коска, остана единствениот производител на инјекции за масовни раствори во франкофонскиот дел на западна Африка, кога пожарот во 2018 година го прекина неговото проширување. Во 2003 година, фармацевтката Жизел Етаме во Камерун ја основа лабораторијата Genemark, која произведува генерички лекови, сирупи и таблети. Овие нови производители се сметаат за подобро опремени, сертифицирани или во фаза да бидат сертифицирани од СЗО ; тие играат сè поголема улога во појавата на регионалните пазари.
Актерите од овој сектор зависат од индиските добавувачи за активните состојки или од Кина за ситните хемикалии. Трошоците за набавки ги прават производите неконкурентни во споредба со вонконтиненталниот увоз на готови лекови. Покрај тоа, новите генерики не би биле профитабилни без масовните нарачки направени во контекст на повиците за тендери, започнати од страна на најголемите хуманитарни здравствени организации кои се појавија во 2000-тите години : Гави, Алијансата за вакцини, создадена од Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс како дел од јавно приватно партнерство или Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, создаден од поранешниот генерален секретар на Обединетите нации Кофи Анан, чијшто наменет буџет достигна 2 милијарди долари во 2019 година. Овие организации бараат следствено усогласување со стандардите на СЗО. Меѓутоа, земајќи ги во предвид трошоците, само неколку производства успеваат во субсахарската индустрија. „Како фабриката, така и самите производи треба да бидат сертифицирани од СЗО, вели г. Брадфорд. Сепак, многу производители во Африка произведуваат само еден или два производи; што е недоволно за да ги направат потребните инвестиции.”
Отсега па натаму, мултинационалните компании кои ги имаат правата на оригиналните не-генерички лекови (спецификации на бренд) бараат да коегзистираат со генериките кои се практикуваат на континентот. „Тие сфаќаат дека е бескорисно да се борат за спроведување на нивните патенти во земји каде, во секој случај профитот е мал: Африка претставува многу мал процент од вкупниот пазар, објаснува г. Денис Брун. , советник на претседателот на Cipla. Покрај тоа, таму тие се принудени да наплатуваат по ниски цени. Подобро е да се побара мирен соживот со генерички лекови, особено на овие пазари каде иновациите се ретки, за разлика од западните држави каде што се прават маргините.“ Преку нивните корпоративни фондации, тие соработуваат со локалните здруженија за подобрување на пристапот на населението до здравството.
Сепак, мултинационалните компании не го напуштаат пазарот. Тие имаат барање да плаќаат за обемот на продажба на производи што сами можат да ги произведат во доволни количини: ова е случај на швајцарскиот Новартис преку својата филијала Сандоз, на американскиот Фајзер, во процес на спојување со неговиот сонародник Милан, или францускиот Сервиер, благодарение на неговата филијала Биогаран, во Западна Африка. Од друга страна, кинескиот гигант Fosun Pharma се надева дека ќе добие сертификација од СЗО за својата идна фабрика за генерички лекови од 75 милиони долари во Брегот на Слоновата Коска. Патентите за третман на незаразни болести остануваат во рацете на мултинационалните компании, кои се дистрибуираат во мали количини на генерички производи. Со експерти и големи ресурси, тие ја следат еволуцијата на законите за интелектуална сопственост. Целта ќе биде да се успори појавата на вистинска локална фармацевтска индустрија со напаѓање и ограничувачки клаузули на системот на доброволни лиценци со кои се овластува генеричкото производство на лекови под патент. Имајќи го ова предвид, во 2014-2015 година, американскиот гигант Gilead лиценцираше единаесет индиски генерики за дистрибуција на третманот со хепатитис Ц во околу 100 држави.
Владите на Јужна Африка и Нигерија се единствените кои им нудат на локалните производители поволен даночен режим. Во Кенија, здруженијата на пациенти бараат вакви стимулации, како и оданочување на увезените лекови. Во моментов, земјата произведува само 28% од својата потрошувачка. „Имам чувство дека продажбите не се поволни за развој на националната индустрија поради недостигот на транспарентност на афричките држави и влијанието на странските производители кои не сакаат да го изгубат пазарот “, изјавува во Најроби г. Алан Малече, претставник на кениското здружение Kelin, кое ги брани правата на пациентите со сида и туберкулоза.
На подемот на фармацевтскиот пазар, Африка произведува достапни третмани за одредени заразни болести како што е сидата. Сега мора да обезбеди производство на доволни количини и да одговори на предизвикот на неинфективните патологии. Странските компании немаат намера да го пропуштат овој брзорастечки пазар. Во Кампала, индиската Cipla се подготвува да изгради фабрика која ќе биде исклучиво посветена на лекувањето на рак.
Преведено од: Павлина Димовска
Сите права се задржани. Преземањето на содржината е забрането без претходна писмена согласност од редакцијата на Le Monde Diplomatique – Македонско издание.
Фусноти:
« Alerte produit médical n° 4/2020 », OMS, Женева, 9 април 2020 година.
« Alerte produit médical n° 4/2020 », OMS, 9 април 2020 година.
« Statistiques sanitaires mondiales », OMS, 2014 година.
Прочитајте го додатокот « La santé pour tous, un défi planétaire », Le Monde diplomatique, јули 2019 година.
« Amendment in export policy of hydroxychloroquine », Gouvernement indien, Њу Делхи, 18 јуни 2020 година.
Antonin Tisseron, « Circulation et commercialisation de chloroquine en Afrique de l’Ouest : une géopolitique du médicament à la lumière du Covid-19 », Institut français des relations internationales, Париз, 3 јули 2020 година.
« Le médicament en Afrique : répondre aux enjeux d’accessibilité et de qualité », Société de promotion et de participation pour la coopération économique (Proparco), декември 2017 година, www.proparco.fr
« Global Monitoring Report on Financial Protection in Health 2019 », OMS – Banque mondiale, Женева – Вашингтон, 2019 година.
Прочитајте Frédéric Le Marcis, « Les maladies du Nord migrent en Afrique, Le Monde diplomatique, март 2017 година.
« Le médicament en Afrique », Proparco, op. cit.
Michael Conway, Tania Holt, Adam Sabow et Irene Yuan Sun, « Should Sub-sahara Africa make its own drugs ? », McKinsey et Company, 10 јануари 2019 година, www.mckinsey.com
« Bonnes pratiques de fabrication des produits pharmaceutiques : grands principes », OMS, 2014 година, www.who.int
Прочитајте Philippe Rivière, « Après Pretoria, quelle politique contre le sida ? », La valise diplomatique, 20 април 2001 година, www.monde-diplomatique.fr
Angola, Bénin, Burkina Faso, Burundi, Djibouti, Érythrée, Éthiopie, Gambie, Guinée, Guinée-Bissau, Lesotho, Liberia, Madagascar, Malawi, Mali, Mauritanie, Mozambique, Niger, Ouganda, République centrafricaine, République démocratique du Congo, Tanzanie, Rwanda, Sénégal, Sierra Leone, Somalie, Soudan, Soudan du Sud, Tchad, Togo, Zambie (Source : Conférence des Nations unies pour le commerce et le développement).
« Why Kenyan manufacturers are walking a tightrope », Business Daily, Наироби, 28 октомври 2018 година
Assefa Yibeltal, Peter S. Hill et Owain D. Williams, « Access to hepatite C virus treatment : lessons from implementation of strategies of increasing access to antiretroviral treatment », International Journal of Infectious Diseases, vol. 70, Aarhus (Данска), мај 2018 година.