понеделник, 14 Окт 2024 / 0:13:52
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Противник можеби понепријатен отколку што и замислува Кремлин

Алексеј Навални, пророк во својата земја?

Жртва на обид за труење, рускиот опозиционер Алексеј Навални сега е ставен зад решетки. Додека повикуваат на негово ослободување, западните влади се подготвуваат да усвојат нови санкции. Иако Кремлин нема намера да попушти пред меѓународниот притисок, кој го опишува како мешање во внатрешните работи, сепак ги следи последиците од аферата внатре во земјата

Од Елен Ришар


Фото: Liza Pooor / Unsplash

„Херојската борба на Навални не се разликува од онаа на Ганди, Кинг, Мандела и Хавел.” Усогласен со западниот печат, поранешниот американски амбасадор во Русија, Мајкл Мекфол, не избегнува да акцентира кога зборува за антикорупционерот кој го предизвикува рускиот претседател Владимир Путин1. По своето лекување во Германија откако преживеа обид за труење во авион во Сибир во август минатата година, Алексеј Навални одби да оди во дефинитивно прогонство. По враќањето на руската територија во јануари о.г., тој доби, како што се и очекуваше, затворска казна од две години и осум месеци. Ова наметнува почит. Сепак, неговиот случај предизвика голема возбуда од која политичките опозиционери често и немаат некоја корист.

По веста за неговото апсење, западните влади побараа „итно ослободување“ на рускиот опозиционер и агитираа со заканата од одмазда. Во Конгресот на САД, широката коалиција на демократи и републиканци ја искористи ситуацијата како изговор за да побара зајакнување на санкциите веќе усвоени уште во 2019 г. против компаниите вклучени во изградбата на гасоводот „Северен поток 2“, што треба да донесе руски гас до самата Германија. Таквата одлука би го задоволила Европскиот парламент, кој, во јануари о.г., со големо мнозинство, изгласа резолуција каде се повикува „Унијата веднаш да спречи завршување“ на гасоводот – спротивно на советот на Берлин, но во согласност со желбите на Полска и Балтичките држави.

Од своја страна пак, Навални ги зголеми контактите во странство. Опозиционерот би сакал Европската унија да го засили и да го пренасочи пакетот на поединечните санкции усвоен на 15 октомври минатата година против шест високи руски функционери, осомничени дека биле вклучени во неговото труење, вклучувајќи го и заменик-директорот на кабинетот на рускиот претседател, Сергеј Кириенко. Посакуваната цел: да се воведат одмазднички мерки против Кремлин и да бидат насочени кон имотот на олигарсите блиски на руската власт, а кој се наоѓа во Европа и САД. Неговиот тим му испрати на американскиот претседател список од триесет и пет лица кои „извршиле изборно местење преку национална политика, крадење народни пари, и труење“. Покрај истакнатите личности – како што се владиниот портпарол, градоначалникот на Москва и тројца министри, вклучувајќи го и рускиот премиер, листата вклучува бизнисмени блиски до рускиот претседател Путин или синови на високи руски функционери осомничени дека служеле како параван за проневера на јавни средства.

Вашингтон можеше да го слушне неговиот апел. Од 2012 г., со т.н. Закон Магнитски, и се дозволува на владата на САД да наметне санкции против коруптивни акти насекаде во светот. Европската комисија спроведе кампања минатата есен во корист на донесување еден свој „Закон Навални“ според американскиот модел. Соочен со колебање на одредени земји-членки, Брисел се реши на компромис: новиот режим на санкции усвоен на 7 декември минатата година, а кој сè уште не е активиран, го задржува принципот на едногласност и е ограничен на тесното подрачје на кршење на човековите права како такви. „Се надеваме дека овој нов режим може во иднина да се прошири и на акти на корупција“, подвлече литванскиот министер за надворешни работи Линас Линкевичиус.

Дали политичкиот статус на Навални во неговата земја го оправдува овој меѓународен зголемен интерес? Во секој случај, тука се работи за мислењето на Вашингтон, кој го мрази режимот на Путин, а што се обвинува дека ги дестабилизира западните демократии. Во 2018 г., во американското списание за надворешна политика Форин аферс, Џозеф Бајден ја претстави Русија како земја заробена во канџите на „една кабала од поранешни разузнавачи и олигарси“. „Без гушење на граѓанското општество, сакаше да поверува, славниот аплауз и рејтингот на популарноста на височините што го уживаат [руските лидери] може бргу да отстапи место на бура од врева и свирежи (…). Режимот на Путин има слика на непобедливост што ја маскира кревкоста на поддршката на која може да смета, особено кај образованата урбана младина.“2

И покрај неговата микроскопска публика во Русија, поранешниот светски шаховски шампион Гари Каспаров веќе долго време ужива во аурата на „противник број еден“  на рускиот претседател Путин. Но, сепак, Навални станува поверодостоен кандидат за една ваква титула. Кој сè уште се сеќава дека овој поранешен блогер парадираше во Москва на чело на десетици млади луѓе кои извикуваа „Русија на Русите“ и „Престанете да го храните Кавказ“? Тогаш, да одиме во 2007 г., кога овој образован адвокат е лидер на десничарската партија Народ. Три години покасно, и по заобиколен пат преку Универзитетот Јејл во Њу Хејвен, САД, ја иницира веб-страницата за истраги против корупција Роспил. Со тоа што осудата на противправно стекнати работи ќе ја направи сржта на својата активност, го напушта теренот на вирулентниот национализам и ја привлекува симпатијата на западниот печат, без никогаш да се одрекне од своите ксенофобични ангажмани како такви3. Потоа почнуваат дури и да го нарекуваат „рускиот Џулијан Асанж“4. Дозволено му е да се кандидира за општинските избори во Москва во 2013 г., кога освојува 27% од гласовите, а што претставува извонреден резултат во рускиот контекст. Но, иако не му беше дозволено да ја регистрира својата кандидатура за руските претседателски избори во 2018 г., неговата кампања сепак мобилизира двесте илјади волонтери и скоро сто комитети за поддршка низ целата земја5.

Исфрлен од политичката арена низ вратата, Навални се обидува да се врати во истата, сега низ прозорецот. Во 2018 г., направи апел за „паметно гласање“: ги замоли своите приврзаници да ги дадат своите гласови на кандидатите од парламентарните опозициски партии кои се најдобро подготвени да ја победат партијата на Путин, Единствена Русија. Целта: да се еродира доминацијата на владејачката партија со употреба на легални формации како тројански коњ. Комунистичката партија на Руската Федерација (КПРФ) и националистите на Либерално-демократската партија на Русија (ЛДПР) се главните корисници на ова  стратегија. Во 2019 и 2020 г., неколку кандидати на опозицијата се пробиваат, благодарение на засилувањето со „интелигентните“ гласови, во Москва, Санкт Петербург и во неколку провинциски градови како Тамбов (16 избрани од 18 вкупно), Томск (17 од 27) или Новосибирск (14 од 50). Оваа кампања му овозможува на Навални да ја надомести својата релативна политичка маргинализација.

Всушност, апелот за демонстрации, што беше инициран од опозиционерот по неговото апсење, и објавувањето на неговиот истражувачки филм Палатата на Путин – дека повеќе од 25% од возрасните Руси ќе го гледале6 – добија  одредено ехо. Скоро 100.000 луѓе излегоа на улиците на 23 јануари о.г. Обемот на мобилизацијата беше сличен со оној во одредени денови од времето на движењето во 2011-2012 г. против фалсификувањето на тогашните избори. Но сето ова, и покрај зголемената репресија – превентивни апсења, забрани за демонстрации, масовни апсења на лице место проследени со полициски притвор – без да се заборави и ужасниот поларен студ.

Како и да е, Навални сепак не претставува некоја сериозна закана за режимот на Путин. Бидејќи сега е во затвор, не е невообичаено да го споредуваат дури и со Нелсон Мандела, еден од најпознатите политички затвореници во историјата – на пример на Би-Би-Си и во британскиот весник Гардијан, на 17 јануари о.г. Но, позицијата на Навални се разликува од онаа на поранешниот лидер на Африканскиот национален конгрес, кој можеше да се потпре на една организација со стотици илјади членови и огромна популарност во неговата земја. Самите протести од минатиот јануари, беа млако прифатени од Русите: само 22% од анкетираните имаат поволно мислење, далеку од оние 80% со кои француските „жолти елеци“ може да се пофалат, на пример, на почетокот на своето движење7. Сепак, нивниот број се намали од вториот викенд на протестот, бидејќи се интензивираше судскиот прогон против најистакнатите активисти. Од крајот на летото, според Центарот Левада, познат по независноста на своите анкети, популарноста на опозиционерот стагнира на 20%, далеку зад 64% со поволно мислење за рускиот претседател8.

Но, спасот нема да дојде од дипломатијата. Москва се чини дека се навикнува на санкции и го толкува секој притисок од странство за ослободување на опозиционерот како форма на мешање во своите внатрешни работи. Путин јасно го изјави ова за време на посетата на Москва од страна на шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, со протерување на три полски, шведски и германски дипломати. Притеснет, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дури и се закани дека ќе ги прекине дипломатските односи со Европската унија, „доколку санкциите создадат ризици за нашата економија со удари врз одредени сектори, вклучително и во чувствителни сфери“.

Иако Москва ја покажува својата самоувереност, барем две работи го загрижуваат Кремлин. Прво, социолошкиот профил на демонстрантите. Додека, од 2014 г., приходот на населението опаѓа скоро секоја година и инфлацијата на цените на храната скокна во 2020 г. (+70% за шеќер, +24% за сончогледово масло9), присуството на улица на „пост-индустрискиот урбан пролетаријат“10 и на деградираните дипломирани студенти ја комплицира репликата на Кремлин. Многу луѓе учествуваа во протестите за прв пат. Уапсен на крајот на јануари за време на митинг, Алексеј Гаскаров, синдикален активист близок до Навални, ни се довери дека ја дели својата ќелија со градежен работник, поправач на климатизери и вработен во продавница. „Еден имаше кредит што повеќе не можеше да го отплаќа; другиот беше многу лут затоа што не беше во состојба да плати за лекување на неговата мајка тешко болна од рак… Социјалните мотивации претставуваат очигледна димензија на протестот.“ Во 2018 година, веќе непопуларната реформа на пензиите ја зголеми уште повеќе недовербата кај населението кон властите11.

Друга причина за загриженост за Кремлин: колатералните ефекти од аферата Навални врз парламентарната опозиција која се смета за лојална кон него12. Водачот на ЛДПР, Владимир Жириновски, напаѓа на ТВ-екраните дека Навални е „купен“ од страна на Американците, додека Сергеј Фургал, поранешен гувернер на регионот Хабаровск од истата партија, беше избран во 2018 г. благодарение на „паметните гласови“. Како што растеше неговата популарност, тој се најде зад решетки, што предизвика невидени протести минатото лето.

Поделбите дури и се почувствителни во рамките на КПРФ, најголемата опозициска сила во земјата (42 пратеника од 450 во Федерална дума), кои Кремлин никогаш не успеал да ги контролира целосно. Додека партискиот генерален секретар Генадиј Зјуганов го нарекуваше Навални странски агент, неколку комунистички пратеници се придружија на демонстрациите. Еден од нив, популарниот Николај Бондаренко, од Самара, кој има 1,28 милиони претплатници на својот канал на „Јутјуб“, дури и беше уапсен за неколку часа. Случајот не треба да остане тука, бидејќи пратеникот треба да се кандидира за парламентарните избори следниот септември во истата изборна единица со Вјачеслав Володин, претседател на Федералната дума. Забраната, во февруари о.г. – официјално од здравствени причини, на традиционалните собири на комунистите кои го одбележуваат падот на царскиот режим, придонесе на радикализирање на левото крило на КПРФ, загрижено за растечките ограничувања на политичкиот живот и на употребата на социјалните мрежи. Комунистичкиот пратеник Валери Рачкин веќе повика на непочитување на упатствата дадени од Кремлин.

Затворањето на Навални почна да ја нарушува руската политичка игра. Владата на ова реагира со криминализирање на опозицијата која е „надвор од системот“ и утре, можеби, со прогон на најбурните елементи на легалната опозиција. Иако Путин има намера да остане на власт дури до 2036 година, како што е дозволено со новиот Устав, одобрен минатото лето со сенародно гласање, не е јасно дали репресијата ќе биде доволна.

 

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

  1. Michael McFaul, « A Russian dissident is fighting for his life. Where is the US ? », The Washington Post, 21.08.2020.

2. Joseph R. Biden, Jr. & Michael Carpenter, « How to stand up to the Kremlin », Foreign Affairs, vol. 97, бр. 1, Њујорк, јануари-февруари 2018.

3. Marlene Laruelle, Russian Nationalism : Imaginaries, Doctrines, and Political Battlefields, Routledge, Њујорк, 2019.

4. Marie Jégo, « La Russie a son WikiLeaks à elle », Le Monde, 10.12.2010.

5. Веб-страница на кампањата, https://2018.navalny.com

6. « The film “Palace for Putin” », Centre Levada, 08.02.2021., www.levada.ru

7. Forbes,  08.02.2021

8. « Putin’s approval rating », Centre Levada, јануари 2021., www.levada.ru

9. Alain Barluet, « Russie : Vladimir Poutine face à l’envolée des prix alimentaires », Le Figaro, Париз, 17.12.2020.

10. Alexander Baunov, « The new face of Russian protest », Carnegie Moscow Centre, 25.01.2021., www.carnegie.ru

11. Lire Karine Clément, « Le visage antisocial de Vladimir Poutine», Le Monde diplomatique, ноември 2018.

12. Arnaud Dubien, « Quelques réflexions sur la situation politique en Russie », Observatoire franco-russe, 26.01.2021., https://fr.obsfr.ru

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW